логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Свети Никола е сеуште целосна црква со истиот изглед како и секогаш, освен тоа што сега е потопена. Имало периоди кога црквата била целосно под вода, но почнала да се издигнува со сушите на почетокот на 21 век. Ништо чудно некогаш повторно во црквата да се палат свеќи и да се оди на молитва.

203293.b.jpg

Во градот Торонто се одржува најголемиот во историјата на Канада неделен штрајк на родителите.Сè започна минатата година кога за премиер на Канадската провинција Онтарио беше избрана Кетлин Вин – хомосексуалка. Таа практично веднаш објави дека од септември 2015 год., во основните училишта (таму учат деца од 4 – 13 годишна возраст) ќе биде воведена новата програма за сексуално воспитание, пишува „КП“.

ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ДАРКО БАШЕСКИ, ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ

    Во дилема сум како да го започнам ова писмо.
Невкусно ми е да му се обратам со „драг“ некому што воопшто не ми е драг.
Смешно ми е да му кажам „почитуван“ на човек кого никој жив во нашата бранша не го почитува.
Респектот кон институцијата на чие чело, за жал, е поставен овој човек, ме обврзува да се задржам во рамките на формалната комуникација – но респектот кон професијата ме спречува да му персирам на нејзиниот гробар.
    Затоа ќе почнам со неговото презиме, кое поради пакоста што на многумина им ја правеше ќе го паметиме и еден убав ден кога повеќе нема да го спомнуваме.

    Башески!
    Ти се обраќам да те информирам дека, во својство на сценарист и режисер, го стопирам играниот филмски проект „Аферата Мис Стон“.
    Претпоставувам дека се сеќаваш: станува збор за истиот оној проект што заедно со македонскиот продуцент Роберт Насков и американската продуцентка Санмин Парк го најавивме минатата есен на прес-конференција во Битола. Требаше тоа да биде првата американско-македонска копродукција, изведена од американско-балканска филмска екипа, во која заедно со познати холивудски имиња рамноправно ќе учествуваа и наши актери...
    Знаеш за што зборувам, така? За истиот оној проект за кој Агенцијата за филм одобри средства уште пред две години, но – благодарение на тебе – до ден денешен не започна со нивна исплата. И не само тоа, туку во тие две години направи сè што беше во твоја моќ (од нечинење на она за што си поставен и платен, преку смислување и измислување на разни бирократски пречки, па сè до јавно озборување, нескриено саботирање и отворена опструкција на потпишувањето на потребната документација) за тој проект никогаш да не биде снимен.

    Е па еве, да ти честитам. Успеа во тоа! Сè додека ти си директор на Агенцијата за филм на Република Македонија, јас одбивам во таа земја да се занимавам со филм.
    Не, не станува збор за личен каприц - бидејќи јас не сум единствената мета на твојата подлост. Тоа дека ти, Башески, во изминатите шест години во кои раководиш со Агенцијата за филм на РМ (или поранешен Филмски фонд на РМ) си страсно посветен на попречувањето на авторите што не ти се симпатични (а во таа група спаѓаме речиси сите ние што нешто значиме и вредиме во филмската уметност и занает во Македонија), тоа одамна веќе не е никаква тајна во домашните професионални кругови. И некако сите ние сме се труделе твојата малициозност (комбинирана со твојата врвна некомпетентност, плитко образование и крајно ограничена интелигенција) да ја победиме со вложување дополнителна енергија, време и нерви, тешејќи се дека, на крајот на приказната, делата што ги создаваме ќе траат вечно – за разлика од тебе и твоето кабадахиско владеење со македонскиот филм.
    Јас тој вишок енергија, време и нерви сè уште ги имам. Арно ама, имам и образ. И заради тој образ повеќе не можам да црвенеам од срам пред моите американски партнери, понесени од ентузијазмот дека ќе ја впишат егзотичната земја Македонија на филмската мапа на светот – додека ти истовремено ги оцрнуваш пред Управниот одбор на Агенцијата! Мака ми е повеќе да се резилам не само пред продуцентите, туку и пред нивните приватни инвеститори, кастинг-директорите со кои соработуваат, реномираните актери што ги контактираа и сите оние холивудски талент-агенти, менаџери и дистрибутери што тие, преку својата мрежа на контакти, ги замолија за соработка за овој наш филм. Една цела чета угледни имиња веќе со месеци ги лажам дека зад мене стојат мојата фиљан-фиљан земја Македонија и нејзините државни институции. Стојат, тикви! Ме изеде туѓиот срам. Твојот срам, Башевски – кога таквите како тебе барем би знаеле за срам.

А богами и мој срам: се срамам што, од пуста носталгија и љубов кон професијата, во Македонија довлекувам меѓународно реномирани имиња и мои искрени пријатели, за да ти овозможам тебе на клоци да ги набркаш од таму, небаре Македонија и македонската кинематографија се твој пашалак, а не моја татковина. Но еве, ако ми е за утеха, ти се колнам дека таква грешка повеќе нема да ми се повтори! Распостели си се сам во своето газдинство во кое повеќе никој нема да ти дојде да ти пречи. Биди си раат, мене повеќе ништо нема да ми должиш.
Но мислам дека ѝ должиш нешто на јавноста со чии пари газдуваш. Ако ништо друго, ѝ должиш одговори на низа прашања за кои веќе подолго време се зборува, ама никако некој јавно да ти ги постави.
Да речеме:
-    Зошто на повеќето домашни продуценти Агенцијата за филм им поставува речиси неостварливи услови за соработка и потоа спроведува инквизициски мерки на контрола, кога кон еден мал број други (јавно познати како твои пајдаши) им прогледува низ прсти за евидентни кршења на базичните регулативи?
-    Зошто официјално не е дозволено финансирање филмови што немаат копродуцентска поддршка, а сведоци сме дека такви филмови наголемо се финансираат – под услов нивните автори да се од твојот табор?
-    Како тоа, од морето филмови што Агенцијата за филм пријавува дека ги финансира на годишно ниво, на прсти се бројат филмовите што домашната публика има можност да ги види? Каде ти се овие другиве? Во некоја пералница за алишта?
-    Зошто на филмските маркети на кои, со пари на даночните обврзници, државата те испраќа да ги промовираш македонските филмови, пред странските продуценти и дистрибутери (а тука го вклучувам и мојот американски агент за продажба, кој, на мое неверување, ми ја даде оваа информација) фрлаш дрвја и камења по македонските филмаџии што тие филмови ги направиле?
-    Поради каква парична злоупотреба „Еуроимаж“ ја запре финансиската поддршка за дистрибуција на европски филмови во нашата земја и на подолг период ја исклучи Македонија од оваа програма? Белки знаеш нешто за ова, во твое време ги снема тие пари.
-    Зошто договорите за финансирање што ги изработува твојата правна служба се составени не за да привлечат, туку за да ги набркаат потенцијалните приватни инвеститори?
-    Зошто странските експерти (чии имиња и авторитет ти се добро познати) од кои беше побарано стручно мислење, истите тие договори ги оценија како „правно неиздржани и невалидни“?
-    Зошто истите тие експерти твојот октроиран Закон за филмска дејност го оценија како погубен за македонската кинематографија?
-    Зошто на вработените на Агенцијата за филм им нареди по секоја цена да најдат некој законски пропуст во продуцирањето на мојот филм „Трето полувреме“, за да имаш алиби да го запреш неговото финансирање?
-    Зошто раководните лица на банката што великодушно го спонзорираше тој филм ги убедуваше во иднина да не ги помагаат македонските филмови и продуценти?
-    Зошто на првиот конкурс на кој беше пријавен го одби филмот „Ослободување на Скопје“ на Раде Шербеџија, а потоа стори сè што можеше за овој докажан пријател на Македонија да се откаже од понатамошни обиди да го реализира својот проект?
-    Зошто „3хФх“, единствената светски реномирана компанија за филмска постпродукција од Македонија (која има учествувано во изработката на десетици холивудски мегахитови), со најуличарски манири ја шиканираше – иако без нивната помош филмот „До балчак“, за чии загуби и неисплатени хонорари ти си директно одговорен, ни до ден-денес немаше да биде завршен?
-    Зошто Лабина Митевска, според мислењето на многумина најдобриот директор на меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, ненадејно се откажа од понатамошното водење на оваа угледна манифестација?
-    Зошто Милчо Манчевски, колега што не треба посебно да го претставувам, порача дека нема намера да режира во Македонија сè додека ти си на функција?
-    Зошто во текот на твојот мандат сè повеќе домашни автори, продуценти и филмски работници се откажуваат од својата филмска професија и бараат алтернатива во снимањето реклами и музички спотови?
-    Зошто Македонија, држава во која денес многу се вложува во филмската продукција, во меѓународните филмски кругови има репутација на територија што треба да се избегнува?
-    Зошто од Агенцијата за филм, институција создадена за да им помага на филмските работници и на македонската филмска уметност, ти создаде непријател на филмаџиите и крвник на уметноста?
Ова е само дел од прашањата што ми паѓаат на ум. Се надевам дека новинарите на кои им го испраќам ова писмо ќе бидат професионално љубопитни, па ќе истражуваат понатаму. Филмскиот дел од чаршијата веќе со години шушка дека во гранапот што си го запоседнал има разни домашни ракотворби на кои, по словото на законот, долго не им застарува рокот на траење... Којзнае што ли сè ќе исплива на површина кога ќе се забранува некогаш бистрата вода, која ти ја претвори во мочуриште?


Не, Башески, немој да ме сфатиш погрешно. Ниту ти се заканувам, ниту пак имам намера да бијам битка со тебе. Напротив, јавно ти признавам дека ти си победникот. Се предавам и се повлекувам, во ред? Го повлекувам мојот проект, а со него и самиот неотповикливо се повлекувам од македонската филмска сцена – сè додека тебе не те снема од неа! Македонската кинематографија, во која ти речиси до вчера беше никој и ништо, денес си ѝ газда, а утре ќе ѝ бидеш и егзекутор – во таа и таква македонска кинематографија јас одбивам да бидам дел.
Уживај во неа, Башески.
Уживај без нас – уметниците што некогаш ја сакавме.
Уживај.
Дур можеш.

Со желба за трајно недогледање,

Дарко Митревски, режисер



Лос Анџелес, 16 април, 2015 год.

=====================

 

Отворено писмо до Дарко Митревски, режисер


Јас воопшто не сум во дилема како да го започнам ова писмо! Јас како морален, чесен, непристрасен и одговорен човек како и човек раководител на институцијата Агенција за филм на Република Македонија согласно деловната етиката на однесување ќе ви се обратам на следниов начин:

Почитуван Дарко Митревски, режисер
Вашето испратено отворено писмо е писмо кое е исполнето со гнев и лутина која што јас искрејно како човек и раководител на институцијата не можам воопшто да ја поврзам со она кое што вие го напоменувате во истото.
Пред да започнам со одговор на сите ваши прашања, би сакал да го истакнам следново: Институцијата заради која вие говорите дека  ви црвенеат образите пред американските партнери е институција која во изминатите години изгради угледно реноме на домашно, меѓународно и регионално ниво. Филмскиот фонд, односно Агенцијата за филм на Република Македонија согласно воспоставените мерки, механизми, дадени поддршки како и применети практики кои се доближуваат до европските, веќе е издвоена на интернационално ниво како институција која од година во година се повеќе го зголемува своето препознавање и делување на меѓународниот пазар како и вооедно се вбројува како институција атрактивна за копродукции. Пред две години нашата институција беше издвоена во дваесетте најпрогресивни филмски фондови на првиот светски собир на филмските фондови каде се разменуваа врвните искуства на ваквите институции. Со законот за филмската дејност направени се чекори за уште поголем развој на филмската дејност, во кој точно е дека има пропишано увид во Наменско и Законско трошење на средствата, контрола и извештаи кои ги има во сите земји. Се прашувам зошто на дел од филмските работици не им се допаѓа оваа регулатива! Можеби затоа што сметате дека може да ги трошите државните средства без никому да дадете отчет. Во оваа држава и во оваа влада ова е еден од најзначајните постулати е отчет на институциите, отчет кон граѓаните на оваа држава.
Неблагодарно е јас самиот за себе да говорам за моето делување, како дирактор! За да си дадете самиот себе си одговор доволно е само да направите пресек на препознатливоста на македонската кинематографија на меѓународно ниво, посетеноста на фестивали, создадена мрежа на контакти, а да не говориме и за обемноста на производството, која неможе ни да се спореди со минатото... Да бројките ќе ве изненадат и можеби нема да ви се допаднат, зошто групата која вие ја застапувате и која се крие позади вашето отворено писмо, не е единствената која може да создава, не е единствената која како во претходниот систем имаше привилегија да биде корисник на буџетски средства.
Да, убаво живеевте многу години, но системот, за оној кој говорите дека е погубен е поставен врз принципи. Кои принципи? Да тие вам и на вашата група која континуирано ја тера во заблуда македонската јавност, не ви се познати. Но, еве Јас, човекот кој според вас треба да се срами, со големи букви ќе ви ги наведам со цел да бидат запамтени и врежани во вашиот уметнички ум: ЧЕСНОСТ, НЕПРИСТРАСНОСТ, ТРАНСПАРЕНТНОСТ, ЕТИЧНОСТ, ОДГОВОРНОСТ, ПРИНЦИПИЕЛНОСТ ....


Пред се треба да имате во предвид дека Агенцијата за филм ги финансира сите филмови како и вашиот со средства од буџетот на Република Македонија и притоа мора да се почитуваат законските прописи. Со цел појаснување на тековите поврзани со вашиот проект, ви ја пишувам ви хронологијата на последните процедури за финансирање на вашиот филм.
-    Филмскиот проект “Аферата Мис Стон” е одобрен со поддршка од 30 милиони денари на 7.02.2013 година.


-    Агенцијата за филм на 10.10.2014 потпиша анекс на пред-договорот за финансирање на филмот со кој се доделени дополнителни два милиони евра за вашиот филм.  После тоа продуцентот на вашите филмови Роберт Насков  на 6 март 2015 доставува финален буџет за потпишување на договор, на кој Агенцијата за филм на 16 март упатува прашања за образложување поголемите промени во буџетот за да бидат презентирани на Управниот одбор.  На тоа продуцентот на 18 март на емаил одговара дека нема да образложува и да ги коментира забелешките на Агенцијата.
-    По разгледување на предметот на Управниот одбор, на 26 март 2015 година до продуцентот е упатен допис со кој се укажува на законските прописи кои треба да бидат исполнети од страна на продуцентот.
-    Продуцентот доставува одговор на 8 април со кој доставува нова документација и единствен целосен буџет на филмот, кој ќе биде разгледан на првата наредна седница на Управниот одбор на Агенцијата за филм.
Филмот е одобрен пред повеќе од две години и од пред месец и половина ги доставувате финалниот буџет и документи, а агенцијата за филм бара само да се спроведат законските процедури.  Токму поради ова не гледам која е целта на ова отворено писмо освен да се направи медиумски притисок со вам познати цели.
За она за кое ме прашувате дали знам за што говорите, за прес конференцијата со Вашата американска продуцентка и продуцентот Роберт Насков, кога го најавивте снимањето на филмот „Аферата Мис  Стон’’, да добро се сеќавам! Најавивте американски копродуценти MaxMedia (www.maxmedia.org) кои ќе вложат околу 2 милиони евра и тоа стои и во вашата документација.
Претпоставувам и вие се сеќавате дека на една иста таква прес конференција во  2010  година на ИФФК „Браќа Манаки’’ кога со претставници на Американско-шпанската продуцентска куќа Fish Corb помпезно ја најавивте меѓународната копродукција со „реномираните’’ продуценти кои ќе вложеле 2,5 милиони долари во филмот “Трето полувреме”,  која за жал никогаш не се случи. По овој настан, копродуцентите без никакво објаснувања исчезнаа и не беа дел од овој проект. Зошто тогаш не најавивте прес конференција? Е кога останавте без овие продуценти тогаш се обративте повторно до нашата иституција со која и тогаш раководеше за вас неморалниот, срамниот, непочитуван, нереспектиран, малициозен, некомпетентен, плитко образован и ниско интелегентен директор, односно ЈАС.  Среќна околност е обезбедување на чешки копродуценти кои инвестираа 117.000 евра, а и Филмскиот фонд одобри уште дополнителни 300.000 евра за да вашиот филм биде достојно завршен и презентиран.

Може повторно да ме обвините дека имам нешто лично против вас, но читајќи ги последните дописи, евидентно веќе не се спомнува повеќе Американската продуцентска куќа MaxMedia (www.maxmedia.org), туку само копродуцент кој според буџетот партиципира со 1.050.900 Евра.

Би сакал да беше поинаку, но начинот на кој вие сакате да работите и живеете е ваш избор. Зарем мислите вашето сегашно однесување е морално!?
Се прашувам како можете да наведувате дека ЈАС „газдувам’’ со државни пари кога во оваа државна институција има тела со чија помош и експертиза се донесуваат објективни одлуки за доделување на финансиски средства за производство на филмови. Очигледно не сте го прочитале или пак неправилно сте го протолкувале оној закон за кои говорите вие и вашите поданици дека е „погубен’’.
Одговорно жалам за вашата одлука за повлекување на филмскиот проект „Аферата Мис Стон’’. Одговорно тврдам дека овој проект како проект од национален интерес секогаш имал поддршка од Агенцијата за филм на РМ. Јас ниту за овој, ниту пак за друг проект кој е составен дел од Програмата како директор на Агенцијата не сум заземал негативен став. Мојата одговорност и должност согласно законската регулатива е да се грижам за материјално- финансиско работење и за законитоста и економично работење на институцијата.

Почитуван Дарко Митревски, дозволете ми да ви образложам дека една копродукција за да биде правно официјална потребно е да има договор за копродукција. За една замја да биде копродуцент потребно е да вложи минимум 10% од вкупниот буџет на филмскиот проект, кое се докажува согласно соодветно доставената документација согласно правните и сметководствените регулативи во нашата земја.
Зар Вие и Вашата група поданици, мислите дека е доволна само една прес конференција, дали една институција во државава може да дозволи такво нешто без соодветна документација согласно правниот систем?!
 Ви напоменувам дека Вашите лични ставови и убедувања кои се одднесуваат на лица кон кои како што опишувате јас ги попречувам во работата не можам да ги толкувам како заеднички, бидејќи писмото е потпишано само од ваша страна.

Дозволете да ви одговорам на вашите конкретни прашања доставени во отвореното писмо:
-    Согласно материјалниот закон и правната регулатива точно се утврдени условите за доставување на доказ за воспоставување на копродукција која потребно е да биде официјална. Материјалниот закон како и сите законски и подзаконски акти еднакво вашат за сите граѓани на РМ засегнати со истиот
-    Официјално е дозволено финансирање на национални филмови. Во овој случај Агенцијата за филм може да учествува во финансирањето на проектот до најмногу 70% од вкупниот буџет, додека другите средства продуцентот се обврзува да ги обезбеди од други извори од земјата во кои мора да биде вклучено и сопственото учество на продуцентот кое е утврдено во материјалниот закон.
-    Согласно статистичките податоци на Агенцијата во период од 2008-2014 год. се реализирани вкупно 86 филмски проекти од кои 28 долгометражни играни филмови (13 мнозински и 15 малцински филмови), 27 документарни филмови, 24 кратки играни филмови и 7 краткометражни анимирани филмови. Сите овие филмови имале премиера во Република Македонија, а дел од нив се дистрибуирани во киносалите низ Република Македонија каде Агенцијата за филм обезбеди опрема за прикажување на истите. Сите овие филмови имале учество на 754 фестивали и освоиле 131 награда.
Бидејќи вие сте морален човек неправедно е да ги омаловажувате изработените филмови на вашите колеги. За сите успеси на филмовите, како и за вашиот филм, податоците се објавени на нашата веб страна.
-    На меѓународните филмски маркети и фестивали секогаш филмовите се презентираат и промовираат на достојно ниво како што наликува на оваа институција. Преку каталози, прикажувања на маркетот  и други промотивни материјали кои продуцентот ги доставил до Агенцијата.

-    Договорите за финансирање на проектите за производство се изработуваат согласно материјалниот закон и другите акти според кои работи Агенцијата.
На крај повторно изразувам жалење за вашиот пристап и лично толкување на одлуките донесени од Агенцијата за филм , жалење за речникот во кој намерно или ненамерно вметнувате несоодветна терминологија за обраќање најпрво кон ваш колега, а потоа и кон директор кој раководи со институција која е единствена во нашата земја за поддршка на филмската дејност. Искрено жалам бидејќи со цел создавање на забуна кај македонската публика го напоменувате случајот од Еуроимаж кој веќе преку сите надлежни институции е докажан и точно е определено зошто европскиот фонд направи прекин на финансирањето. Ве потсетам дека прекинот не се случи поради преставникот во Еуроимаж од Република Македонија. Доколку ја знаете структурата и начинот на работење на најголемиот европски фонд ќе знаете дека одлучувањето за проектите се врши преку гласање на преставниците од сите земји членки, додека по доделување на проектите договорите се склучуваат помеѓу Еуроимаж и правните лица корисници на средства.
Искрено се надевам дека вашиот вишок енергија, време и нерви кои велите дека сеуште ги имате ќе ги искористите во насока на изнаоѓање на конструктивно решение и начин за реализација на филмскиот проект.
Почитуван Дарко, и покрај сите искажани зборови, навреди и лаги, јас лично како и сите вработени во Агенцијата за филм и понатаму стоиме на располагање за реализација на вашиот филм исто како и за сите останати, доследно, професионално и законски.


Дарко Башески, в.д. директор на Агенција за филм на Република Македонија

 

17.04.2015 god.

 

 

Последната реликвија на Македонија



За многумина Галичник е жариште на македонската преродба, татковина на Мијаците, зографите и на копаничарите, окото на Кузман Капидан, родно место на „Тешкото“, место каде што може да мислите само на уметност и на ништо друго, мијачки Мачу Пикчу...

„Ако Македонија е библиска земја, тогаш Галичник е нејзината последна реликвија“, напиша македонскиот поет Петре М. Андреевски. За Галичник е кажано и напишано многу – од многубројни патописци, новинари, уметници, писатели кои го посетиле ова надалеку прочуено село од западна Македонија. За многумина од нив Галичник е жариште на македонската преродба, татковина на Мијаците, зографите и на копаничарите, окото на Кузман Капидан, родно место на „Тешкото“, место каде што може да мислите само на уметност и на ништо друго, мијачки Мачу Пикчу…

Но, кога ќе ги прашате галичани зошто е Галичник толку посебен, одеднаш занемуваат. Не знаат од каде да почнат да раскажуваат.

- Малку се зборовите за да ви опишам зошто е посебен Галичник. Тој треба да се види, да се доживее, да се почувствува неговата посебност. Тоа не се опишува со зборови. Тоа е село на печалбари и на сточари, село од кое потекнуваат големи луѓе, кои подоцна дадоа значаен придонес во македонското општество – лекари, инженери, уметници, научници. Вредни и работливи луѓе – вели гордо една галичанка.

На 110 километри од главниот град на Македонија, во срцето на живописниот национален парк „Маврово“ се наоѓа Галичник. До селото се стигнува со автомобил по асфалтен пат преку Маврово или, пак, пеш за оние што се планинари – преку долината на реката Радика и селото Јанче движејќи се по стрмната планинска патека.

Галичник е најпосетуван налето кога старите галичани доаѓаат и ги отвораат портите на куќите и тука бегаат од скопските горештини. Најчесто баби и дедовци со внуци го минуваат летото во Галичник. Не е за изненадување кога децата ќе се вратат во Скопје здебелени за неколку килограми и заруменети во обравчињата. Тогаш слободно може да им ја проверите и крвта. Црвените крвни зрнца сигурно им се на највисоката горна граница. Чистиот планински воздух и пријатната клима ги отвораат апетитот и желбата за јадење, а градите се полнат со кислород.

Со оглед на тоа дека Галичник се наоѓа на 1.611 метри надморска височина, нека не ве изненадува фактот што и за Велигден патот до таму може да биде непрооден. Авторот на овој текст е сведок дека патот може да биде затрупан со снег и во април, но на влезот во Галичник ве пречекува сонце и раззеленети дрвја.



Баба Гаца

Галина Кутреска, позната како баба Гаца, беше единствениот жител што не го напуштил Галичник. Селото, според официјалните податоци, во 80-тите години на минатиот век имало само еден жител – баба Гаца. Во 1948 година, по Втората светска војна, Галичник имал 906 жители, во 1961 година броел 644 жители, а како што одминувале години, бројот се намалувал.

Баба Гаца е почината во 2009 година, а постарите, но и младите, ја викале „царицата“. Никогаш не се омажила, не родила свои деца, но за селото и за куќите во него се грижела како за свои чеда. Целиот век го минала во Галичник и тука е ѝ погребана. Никогаш не сакала медиумски да се експонира. Тие што ја познавале велат дека човек како неа не се раѓа. Немала пензија, живеела од овците што ги чувала, но нивното млеко и волна никогаш не ги продавала, туку ги користела само за да се прехрани. Преку лето помагала во локалните продавнички.



Црквата „Света Петка“ од 16 век

Петровден или 12 јули е празникот што се слави во Галичник. Затоа и било логично да се изгради централната црква „Св. Петар и Павле“ во која секоја година се одржува венчавката на двојката што ќе се пријави за традиционалната Галичка свадба. „Св. Петар и Павле“ се наоѓа над чешмата „Упија“, но подолу, по патот, се наоѓа уште една црква, „Света Петка“, која сега е обновена. Со донација на бизнисмените Владимир Ралев и Трифун Костовски, малата црква во Долно маало го продолжува својот живот.

Во 2007 година повторно беа изградени, во нешто зголемени димензии, камените ѕидови на црквата за која се смета дека потекнува од 14 век, а е обновена во 16 век во поголема црква. Денес е вистинска гордост на галичани. Внатре се зачувани автентичниот камен под на црквата со шеснаесеткраката розета и старите икони, кои се внесени во новиот иконостас.

Црквата долго време била сосема напуштена поради лошата состојба на објектот. По иницијатива на ентузијасти од селото и со помош на донатори, сега е обновена камбанаријата, а дворот е уреден. Вниманието веднаш го привлекува шестнаесеткраката розета во централното подрачје на камениот под. Под бакарниот сад што се користи за црковни ритуали, во центарот на розетата се забележуваат, изрезбани во каменот, стрелка, триаголник и полумесечина. Многумина веруваат дека тоа се масонски симболи. Приказните за потеклото на овие симболи засега се раскажуваат само како преданија.

Во дворот на црквата „Света Петка“ се смета дека е погребан и игуменот Арсениј од манастирот „Свети Јован Бигорски“. Тој податок сѐ уште не е потврден. Арсениј потекнувал од Галичник, а неговото име се врзува со изградбата на црквата. Вообичаено е црквените достоинственици да бидат погребани во црквите што сами ги граделе.

Архитектурата на Галичник надалеку е позната

Неимарите – градителите и архитектите од Галичник – им подарија драгоцени архитектонски објекти и структури на Македонија и на светот. Галичката архитектура не се одликува со монументалност и со сјај, напротив, таа е скромна и искрена. Галичник како да е изграден во еден единствен миг и претставува пример за синтеза на архитектурата и на пејзажот. Оваа архитектура е типичен пример за биоархитектура бидејќи градителите користеле природни градежни материјали.

Ѕидарите и каменорезбарите од Галичник работеле на палатите во Версај, на мостовите во Будимпешта, на катедралата „Свети Стефан“, на големите хотели што гледаат кон Неаполскиот Залив, на кралските палати во Белград и во Букурешт, на мормонскиот храм во Јута, на Емпаер стејт билдинг на Менхетн…

Во минатото Галичник бил населба со 700 куќи и со 5.000 жители. Денешната панорама потсетува на сите раселени населби, но малиот број сочувани куќи уште зрачат со енергија која ќе ја почувствувате само и единствено ако го посетите Галичник.

  

Луѓето во Галичник први правеле кашкавал во Европа

 

 Димензиите на бајракот со коњаници се 130 см на 73 см. Над коњаниците на латинско писмо, со сини избледени букви, пишува „Усура фамиглиа“ (семејно знаме). Според податоците, потомците на ова семејство од Галичник живеат во Австралија. И оттаму сакаат да ја дознаат целата приказна за знамето што со векови е во нивниот род.

 

 Крстатиот бајрак - знамето на сите Мијаци . До овие времиња се откриени и зачувани само четири древни македонски (мијачки) бајраци. Два се чуваат во Музејот на Македонија, третиот е т.н. мијачки Крстат бајрак, кој и ден-денеска се развива низ селата Галичник, Тресонче, Лазарополе, Гари, Росоки и другите села во Дебарско.

 

 

 
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 98. број на неделникот „Република“, 18.07.2014)

превземено од Macedonia : a True Endless Story

Преземено од: Весна Стојаноска

Студентка од Престон се обидува да собере пари за бездомникот, кој пред неколку дена и' ги понудил последните 3 фунти од џебот за да плати за такси. За неколку дена собрала 14.000 фунти.


оминик Харисон Бенце (22) од Престон, враќајќи се со такси од град, во моментот кога требала да се качи во такси, забележала дека ја изгубила кредитна картичка. Кога милостивиот бездомник Роби забележал што се случувало, веднаш и’ ги понудил последните 3 фунти.

Доминик одбилa да ги земе парите, но одлучила да формира фонд „Помош за Роби", за да му се оддолжи за гестот кој и’ го стоплил срцето.

За кратко време, собрани се скоро 14.000 фунти. Веб-страницата станала толку популарна, што поради зголемениот број на трансакции во неколку наврати не била достапна.



- Инсистираше да ги земам пари за такси за да можам безбедно да пристигнам дома, се сеќава Доминик на средбата со Роби.

- Иако одбив да ги земам парите, многу ме трогна неговиот гест. Веднаш се обидов на Фејсбук да најдам некој кој знае повеќе за него. Дознав дека не сум единствената на која и’ помогнал, вели Доминик.

Според неа, таа стапила во контакт со неколку луѓе на кои Роби им ги вратил паричниците, помагал на луѓе кои залутале, дури и и’ понудил шал на некоја девојка кога ја видел како се тресе на студот.

- Бездомник станал пред седум месеци, но не по своја вина. Не може да најде работа бидејќи нема постојано место на живеење, објаснува студентката.



Потребни и’ биле четири дена за да го пронајде.

- За малку ќе се откажев од намерата, но сега не само што сакам да му дадам пари, желба ми е да поминам неколку дена на улица заедно со него, за да го почувствувам тој живот.

Главната цел на донацијата е средствата кои ќе бидат собрани од добрите луѓе да му ги даде на Роби за да може да остави депозит за стан, а со тоа да има постојана адреса, која ќе му отвори можност за наоѓање на работа.

Извор: Idividi

 



Навистина секое добро со добро се враќа!

Повеќе артикли...


Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Мај 10, 2020
3.angeli.so.truba

Емануел Рембер: Читањето е убава мрзеливост и вистински лек

-Чудно е тоа што изолацијата ја доживувам како миг во кој сè е замрзнато. Секако дека сè уште пишувам дневник. Но, во суштина малку пишувам. По неколку реченици на врвот од изолацијата. Ме обзема некое нерасположение. Оваа нова состојба ме води кон некоја…
Април 29, 2020
3.angeli.so.truba

„Ако има волја има и начин“ – Џорџ Бернард Шо

Бидете секогаш чисти. Бидејќи вие сте прозорот низ кој го гледате светот. Демократијата е процес кој ни гарантира дека никој нема да владее подобро од тоа што заслужуваме. Кога човек сака да убие тигар, тоа се нарекува спорт. Кога тигар сака да убие човек,…

Вангел Наумовски уметник кого Салвадор Дали го нарече „сликар од бајките“

Апр 06, 2020 Ликовна уметност 331
3.angeli.so.truba
Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски (22. 3. 1924, Охрид – 13. 6.2006, Охрид),…

Мала Историја на Христијанството и на Светот

Јан 12, 2020 Друго од култура 792
Mudreci.pustina1
Св Јован Крстител е дете на Првосвештеникот Захарије и Елисавета. Захарие веднаш беше…

Скопје и Истанбул се среќаваат во јазикот, литературата, историјата

Ное 24, 2019 Литература 1034
7.Vselenski.sobor
– Градовите ја имаат функцијата на поврзување луѓе, вери и народи, како и нивните…

Беседи

Митрополит Струмички Наум:  Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020)

Теологија без умно-срдечна молитва е повеќе технологија, т.е. умешност, односно техника на составување и вообликување на мислата и на зборот, отколку богословие, отколку Божјо слово; повеќе знаење што произлегува од...

 Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Во духовната пустина на овој суетен свет, на ова место на нашето исконско туѓинување, огромна е човечката жед за љубов. Дури и се навикнуваме да живееме без внимание кон себе...

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме...

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот; затоа што Христос е...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

« »