логоFacebookTwitterYouTubeeMail

  3.angeli.so.truba

За „Акатистот низ слово и фреска“ (Скопје: Менора, 2017) од Д-р Софија Грандаковска
... или како се пишува софистициран книжевен прирачник за анатомска анализа на деликатниот византиски литерарен организам ...

Елизабета Димитрова

   Византија, именка едноставна по звучност, практична за изговор и вообичаена за колоквијална употреба при означувањето на дел од историското минато на човештвото во секојдневниот говор на современиот, глобалистички свет. Позната на сите: на писателите и лингвистите—како референца за хеленскиот бекграунд на средновековната книжевност на православниот Исток, на археолозите и антрополозите—како ознака за раскошното богатство на медиевалните музејски збирки и антикваријати, на историчарите на уметноста—како упатница кон гламурозната ризница на културното наследство на медитеранската област, на историчарите—како неодминлива детерминанта во анализата на современите политички состојби, на ликовните уметници—како бесмртна инспирација за композицискиот асамблаж на нивните апстрактни творби, на обичните смртници—како асоцијација на таинствениот превез на едно време, кое за нив попримило облик на темна бариера кон разбирањето на средновековната епоха.


   Со целата сложеност на нејзината историска структура и со сите свои комплексни истражувачки хоризонти—историско-политички, социолошки, културни, творечки и естетски, Византија им се открива за сознанија на оние кои имаат доволно храброст да нурнат во „длабокото синило“ на нејзината научна проекција—интердисциплинарна и ризоматична, повеќестрана и мултидимензионална. Со оглед на повеќезначноста во толкувањето на уметничките творби од византиската епоха од аспект на нивната социјална и социо-културна конфигурација, како и од аспект на нивната социо-политичка и културолошко-естетска провиниенција, истражувањето на византиската уметност во сите нејзини креативни видови (книжевност, литургиска поезија, сликарство и сл.) бара познавање на целокупниот културен бекграунд којшто ги генерирал, т.е. на комплексот историски, социјални и творечки компоненти којшто ги продуцирал креативните продукти на византиската цивилизација. Оттука, малкумина се осмелуваат да „запливаат“ во длабокото византиско синило со амбиција на бестрашни авантуристи и со успех на истражувачки ветерани. Сепак, тоа ѝ појде од рака на Софија Грандаковска, авторката на „Неседалната химна низ слово и фреска“ (Скопје: Менора, 2017).


Софија Грандаковска, со таинствено јудео-македонско потекло, со извонредна и раскошна едукација и со енергија на њујоршки адвокат, кој решил да го одбрани светот, во постојано патешествие меѓу Ерусалим и Њујорк, Скопје и Тел Авив, Вашингтон и Белград, таа ја создава својата библиографија, држи предавања и врши истражувања, „балансира“ помеѓу еврејските студии и средновековната наука, помеѓу холокаустот и книжевната критика. Доктор по компаративна книжевност, поет и есеист, теоретичар и истражувач, индивидуален научник и тимски соработник, продуктивна по својот литерарен опус и провокативна во однос на темите и нивниот идеен контекст, Грандаковска е еден од најтрофејните експоненти на својата генерација, а секако и еден од најзначајните репрезенти на нашата држава во областа на културните студии на пoшироката европска територија. Автор на забележителен број научни трудови, истражувачки студии, поетски збирки и книги од различни стручни области, таа го даде својот драгоцен придонес во интердисциплинарното проучување на мноштво теми кои досегаат до мошне широки академски хоризонти: од Светиклиментовата епоха до геноцидот врз Евреите во Втората светска војна, од идентитетот на женското монаштво во средновековна Македонија до семиотичкиот код на современите книжевни и ликовни дела на посмодерното творештво, од фантазмогоричната димензија во делото на Хулио Кортасар до химнографско-церемонијалните литерарни созвучја на Богородичиниот акатист.     

    
   Богородичиниот акатист e длабоко девоционална поема, односно кантос, што во својата комплексна книжевно-религиозна конфигурација ја прославува и воздигнува вечната девица Марија како Теотокос (Божја мајка). Се пее во православните храмови во рамките на петочните служби за време на Великиот пост и претставува духовна подготовка за свечените Воскресни црковни церемонии. Атрибуиран на различни автори, во најголем дел, на разновидни авторитети од списокот на еминентните средновековни химнографи, Акатистот израснал во интегрален дел на религиозниот и еклесијастичкиот живот на православните верници и е една од литерарно најраскошните творби на византиската книжевна култура. Префинета во поетските созвучја на стиховите, деликатна во поливалентноста на религиозните илуминации и отмена во комплесноста на симболичните асоцијации, оваа ортодоксна химна е еден од етерните бенчмаркови на Византија. Токму од тие причини, нејзиното проучување може да им „лежи“ само на научници од сериозен ков, со длабока посветеност, со широка ерудиција и со поетски сензибилитет, каков што е профилот на Софија Грандаковска.  


   Книгата со наслов „Неседалната химна низ слово и фреска“ авторизирана од д-р  Софија Грандаковска, претставува сериозна, методолошки конзистентна, книжевно кохерентна, истражувачки доследна и стилски возбудлива студија за Богородичиниот акатист, еден од најпровокативните, истовремено и најкомплексни научни предизвици во сферата на византиските студии. Поаѓајќи од сложеноста на самата тема и служејќи се со мултидисциплинарниот истражувачки метод (утилизација на резултатите од повеќе хуманистички дисциплини во компаративен и дискурзивен сооднос со истите и со оние од општествената сфера), Грандаковска низ шесте поглавја ја дискутира, дебатира, апсолвира и интерпретира повеќезначната методика, етика, естетика и поетика  на неседалната химна во нејзиниот појмовен, историски, литерарен, теолошко-литургиски и визуелен контекст. Пластично и флуидно—веродостојно на нејзиниот авторски јазик, живописно и динамично—соодветно на нејзината истражувачка енергија, дисциплинирано и посветено—како и во нејзините претходни научни дела, Софија Грандаковска во „Неседалната химна низ слово и фреска“ го води читателот низ мистичните хоризонти на византиското химнографско творештво, откривајќи ја не само софистицираната вдахновеност на творците и треперливата разгореност на инспирацијата во делата на византиските мелопоети. Со прецизно ориентираниот методолошки ракурс, со живописната имагинација на мислата и со извонредно тактилниот приод кон наведената истражувачка проблематика, таа го разоткрива и раскошниот дијапазон на својата научна поетика.   

 
   Притоа, појдовните основи за елаборација на „Неседалната химна низ слово и фреска“ се структурирани во првото поглавје „Акатистот во контекст на византиската химнографија“, во кое авторката го воведува читателот во сложениот проблем на појавата и развојот на византиската химнографија низ идејата за Византија како историска еманација на ортодоксната културна матрица и нејзиното религиозно значење. Анализирајќи ја контекстуализацијата и официјализацијата на христијанскиот дискурс низ надлежнитете модели на религиозната комуникација со верниците (Новиот историски концепт и рановизантиската химнографија), укажувајќи на сите структурални компоненти во настанувањето на маријанскиот култ во контекст на теолошките дебати и контроверзи од најраните столетија на устоличувањето на православната црковна институција (Култот и историскиот концепт на овоплотувањето), вивисекцирајќи ги библиските текстови, патристичката литература и апокрифните списи во потрага по книжевните фундаменти на Богородичиното место и нејзината улога во христијанското учење (Од харизматично учителствување до книжевна мариологија) и понирајќи во структуралната матрица и стилскиот композит на химнографските состави (Новините во творењето на рановизантиската химнографија: компаративно-дескриптивен жанровски опис), Грандаковска ја гради сложената, многуслојна и интердисциплинарна книжевна платформа за своите истражувања на неседалната химна.


   Во второто поглавје „Акатистот како хипотетично дело“, Софија Грандаковска ѝ пристапува на неседалната химна од ракурсот на истражувач кој претпазливо и трпеливо трага по нејзината атрибуција, т.е. внимателно се ориентира и движи во процесот на разрешувањето на нејзината  „проблематична неатрибутивност“ со оглед на долгиот од на многумина историчари, литерати и проучувачи во насока на нејзината хронолошка и авторска детерминација. Во тој контекст, поаѓајќи од историските податоци за потврдената изведба на химнографските стихови поврзани со Богородичиниот култ и неговата улога во сотериолошкиот домострој (Акатистот и неговата најрана богослужба), упатувајќи на карактеристичните модели во литургиската пракса и времето на нивното настанување (Кондакарен систем на богослужење), анализирајќи ги аргументираните премиси за хронолошкиот оригинис на неседалната химна и можностите за авторска атрибуција на нејзините стихови на соодветни химнографски авторитети (Хипотезата за авторството и временастанувањето на Акатистот), впуштајќи се во сериозна структурална анализа на воведната строфа и нејзиниот книжевен бекграунд (Проимионот на Акатистот), вршејќи вистинска форензичка аутопсија на претпоставките за атрибуција на неседалната химна на еден од мелопоетските авторитети од VI век (Хипотезата за св. Роман Слаткопевец како автор на Акатистот) и поткрепувајќи го сето тоа со карактерот на литерарните состави од византискиот културен круг (Типолошкиот профил на авторот во Византија: изворите на житијната литература), Грандаковска ги моделира контурите на Акатистната химна, на нејзините мистични димензии, на нејзината префинета поетска силуета и на нејзиното софистицирано литерарно ткиво со енергичното мајсторство на Микеланџеловската скулпторска техника и со творечката предаденост на Леонардовскиот креативен манир.


   Повеќе Роденовско во својата „импресионистичка“ авторска експозиција, следното поглавје насловено „Акатистот како харизматична химна“ со подпоглавјата: Теолошко-политичкиот контекст на Акатистот, Монашкиот дискурс и неговото влијание врз Акатистот, Херменевтика на христолошката харизма и Акатистот како харизматична химна, Софија Грандаковска го елаборира идејниот бекраунд на Акатистот во интерпретацијата на неговата социо-историска, литерарна, теолошка и семиотичка содржина. Жестоките диспути кои ги одредиле карактерот и одлуките на екуменските собори, учењата на големите Кападокијци од IV столетие, развојот на монашката етика во рановизантискиот период, симболичката димензија на теолошките пораки вградена во догмата, субстанцијалните референци на верата вообличени во книжевните дела од мелопоетски формат и детерминантите на Богородичиниот култ како Теотокос, во ова поглавје само навидум претставуваат каледиоскоп на различни правци и перспективи во дефиницијата и толкувањето на неседалната химна. Вкрстувајќи ги фронталните линии на својата социо-културна, теолошко-семиотичка и книжевно-културолошка анализа, Софија Грандаковска допира до сржта на Акатистот во нејзиниот напор да пенетрира во неговата структурна логика, во спиритуалниот набој на стиховите, во генетичкиот код и во неговиот поетски рафинман.   


   Четвртото поглавје на книгата „Теотокологија на неседалната химна“, ги опфаќа анализите на нејзиниот теолошки супстрат (Теотоколошкиот дискурс на Акатистот) и на библиските референци кон создавањето на Богородичиниот култ, утилизиран во религиозната поетика на византиското творештво (Теотоколошкиот дискурс во Акатистот и старозаветните префигурации за Дева Марија), како и опсежна, вдахновена и живописна структурална интерпретација на неседалната химна т.е. на нејзините дваесет и четири строфи (дванаесет икоси и дванаесет кондаци). Притоа, литерарното сиже, динамиката на стиховите, семантиката на зборот и книжевните гестови, лексичките „досетки“, визуелните асоцијации, теолошката димензија, поетскиот композит, мелопоетската префинетост, тактот и ритмиката на раскажувачкиот или дијалошкиот модел, во анализата на Софија Грандаковска добиле улога на фундаментални смерници во нејзината извонредна ориентација во рамките на мултидисциплинарниот приод кон разрешувањето на проблематиката,  упатници кон темелната интерпретација на секоја одделна строфа, стих и возвик, име и епитет. Оттука, теотолошката анализа на Богородичиниот акатист во книгата „Неседалната химна низ слово и фреска“ го финализира конфигурирањето на поетскиот скелет на химнографскиот состав и им го открива на читателите, вешто обвиткувајќи го со деликатното ткиво на неговите тактилни елементи.


  Богородичиниот акатист во средновековната македонска книжевност“ е поглавје посветено на литерарните одлики на неседалната химна во активностите за негов превод и инклузија во делата на средновековната книжевност во Македонија. Притоа, Грандаковска укажува на културолошкото значење на преводните активности поврзани со вклучувањето на Акатистот во медиевалната литература (Трансмисијата на Богородичиниот акатист во средновековната македонска книжевност како културен чин), но и на аргументите за преведувачките потфати во Кирилометодиевскиот период од развојот на словенската книжевна куктура во ранословенската фаза и преводот на Акатистот. Понатаму, пристапувајќи му на словенскиот превод како на културолошка референца со исклучително творечко значење (Акатистот на словенски јазик како творечки чин), Грандаковска упатува на преводниот модел, кој и лингвистички и стилистички и тактички го следи оригиналниот потетски композит и претставува литерарно дело со прецизна метричка адаптација на оригиналниот книжевен примерок. Уште повеќе, таа ја образложува и лексичката симетрија на преводното дело поради која Акатистот влегол во состав на свечените литургиски церемонии изведувани на словенски јазик уште во почетокот на X столетие (Акатистот на словенски во состав на триодот: книжевно-историографски пристап). Истакнувајќи го значењето на преводната литература за процесот на словенизацијата на Балканот во текот на раниот среден век, Грандаковска вешто ја аргументира и својата теза за атрибуцијата на словенскиот превод на Акатистот на свети Климент, патронот и учител на македонските Словени. На крајот, ја екплицира и својата анализа на преводната структура на Акатистот преку примерокот на еден ракопис настанат во XIII век во рамки на Охридската книжевна школа (Илустрација на преводната постапка во Акатистот од Орбелскиот триод), со што упатува на вештиот преводен манир на словенските литерарни центри.

 

3.angeli.so.truba


   Последното поглавје „Визуелната семиотика на Акатистот во средновековниот живопис во Македонија“ според примерот на илустрираниот Акатист во црквата Свети Димитрија—Марков манастир, ја заокружува и финализира анализата на неседалната химна во сферата на нејзината ликовна проекција и ги експлицира симболичките димензии на нејзиното ликовно претставување, т.е. визуелизирањето на нејзиното текстуално сиже во сликаната декорација на храмот посветен на Свети Димитрија во Маркова Сушица (1376/7 година). Избирајќи го примерокот на изведениот Богородичен акатист во сликарството на споменатата црква, Грандаковска ја следи линијата на една пластична семиотичка опсервација, дополнувајќи ја на тој начин, сликата за веќе добро познатата иконографска структура на овој циклус, повеќекратно дискутирана во византолошката литература од постар и понов датум. Следејќи ја визуелната конфигурација на сцените во нивниот програмски аранжман изведен во храмот и селектирајќи библиографија соодветна на нејзините интереси и предизвици, Грандаковска ја манифестира својата вештина на искусен книжевен истражувач во деликатната сфера на „убавите уметности“ од средновековието. Движејќи се во насоката на стрелките од часовникот, како што прават и историчарите на уметноста, таа ги селектира и интерпретира композициските елементи во секоја одделна претстава на илустрираниот циклус од аспект на нивната семиотичка конфигурација во рамките на програмско-иконографскиот концепт на ликовната изведба. Трагајќи по инвентивни детали и „досетки“ кои зографите на Марковиот манастир ги вметнале во структуралното јадро на дваесет и четирите сцени со цел да ја еманираат деликатната поетска конструкција на химнографскиот текст, Грандаковска всушност ни ги открива креативните теолошко-литерарни „проблесоци“ на химнографските стихови во нивната визуелна илуминација. Низ трите подпоглавја на овој последен дел од „Неседалната химна низ слово и фреска“ (Интермедијалниот аспект во проучувањето на Акатистот, Семиотиката на латинизмот наспроти исихастичкиот дискурс и Визуелната семиотика на Акатистот во живописот на Марковиот манастир), Софија Грандаковска ја збогатува својата сериозна, продлабочена и вешто спроведена студија за историскиот контекст, религиозната референца и културното значење на Акатистот со семиотичко-херменевтичка анализа на нејзиното ликовно експлицирање.


    Византија, неодоливата историска кокета во политичкиот опортунизам на средновековна Европа, несовладливиот бастион на православието и етерната ознака на софистицираниот трепет на духовното творештво во книгата „Неседалната химна низ слово и фреска“ од Софија Грандаковска доби уште една вредна научна студија. Наменета за литерати и лингвисти, историчари и теолози, есеисти и публицисти, поети и артисти, поддржана од пријатели и продуцирана од филантропи, таа го носи читателот низ деликатните креативни хоризонти на средновековието, таинствено, возбудливо и мегапотентно по својот творечки капацитет. Инспиративна и живописна, вдахновена и убедлива,

3.angeli.so.truba

   „Неседалната химна низ слово и фреска“ на Софија Грандаковска,

самата по себе, е дел од префинетиот хабитус на фасцинантната византиска книжевна култура.

Кој може да го оспори тоа?

 

12ти август 2020 лето Господово

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Октомври 23, 2020
3.angeli.so.truba

Галебот Џонатан Ливингстон- Ричард Бах

После еден месец од враќањето се случува преседан. Еден галеб од Јатото бара да учи да лета. Така, Теренс Ловел станува осмиот ученик на Џонатан. А наредната ноќ им се придружува и Кирк Мејнард, галебот со дефектно лево крило, кој во крик и бодрен од Џонатан…
Октомври 21, 2020
TVITer8

По патот на Македонската историjа

„Ние за Гоце“, авторот Стефанов пишува дека „Гоце Делчев беше самостоен и назависен во борбата; не бараше туѓа поткрепа, не допушташе туѓо мешање од кое толку многу страда и губи македонското ослободително движење, искористувано за туѓи цели и задачи“.За…

“Богородичен Покров“ со филмови кои ја збогатуваат душата и носат силни пораки

Сеп 22, 2020 Филм, Театар 172
3.angeli.so.truba
“2020 година ќе се памети по неочекуваните предизвици и искушенија со кои мораше да се…

Информација за победниците на конкурсите за млад и зрел уметник

Авг 27, 2020 Ликовна уметност 199
TVITer21
Процесот на селекција се одвиваше по принцип на оценување на предложените апликации од…

Емануел Рембер: Читањето е убава мрзеливост и вистински лек

Мај 10, 2020 Интервју 720
3.angeli.so.truba
-Чудно е тоа што изолацијата ја доживувам како миг во кој сè е замрзнато. Секако дека сè…

Беседи

 Митрополит Струмички Наум: Куќа без темели (21.10.2020)

Митрополит Струмички Наум: Куќа без темели (21.10.2020)

   Така е кога човек има световно знаење, но нема духовно знаење. Тој може да има знаење и вештини од разни области како бизнис, економија, политика, што јас знам, градежништво,...

 Митрополит Струмички Наум: Секташко однесување во Црквата (17.10.2020)

Митрополит Струмички Наум: Секташко однесување во Црквата (17.10.2020)

 Богочовекот Исус Христос е единствената Глава на Црквата. Епископот на локалната Црква е икона Христова, седи на место Христово и претставува обличје Негово. Тој не е Самиот Христос, туку е...

Митрополит Струмички Наум: За самооправдувањето (11.10.2020)

Митрополит Струмички Наум: За самооправдувањето (11.10.2020)

Самооправдувањето е болест која е пораширена, понезабележлива и потешка од судењето и осудувањето. Самооправдувањето и осудувањето се две страни на една гревовна состојба – гордоста.Пораширена – затоа што, најчесто, дури...

  Јане Илиев: СЕДУМНАЕСЕТТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА

Јане Илиев: СЕДУМНАЕСЕТТА НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА

 Современиот човек брза по светските суети, бега од скромниот живот и во празните и лажни авантури бара да ја заборави душевната горчина, која му ја создава свеста за безбожните дела....

Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски: БЕСЕДА

Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски: БЕСЕДА

 Траат светиите, зашто е вечен Изворот на нивната светост! Зар ќе ја спомнувавме првопокрстената Лидија или Светите Ахилеј Лариски, Еразмо Охридски, Петанесетте Тивериополски свештеномаченици, рамно¬апостолните Кирил и Методиј и нивните...

Митрополит Струмички Наум:  За судењето и осудувањето на другите (03.10.2020)

Митрополит Струмички Наум: За судењето и осудувањето на другите (03.10.2020)

Да те прашам, човеку, зошто ти е помило да му судиш и да го осудуваш некого врз основа на озборување, кога веќе ти се достапни и познати неговите дела и...

СВЕТА СОФИЈА И НЕЈЗИНИТЕ ЌЕРКИ,МАЧЕНИЧКИТЕ ВЕРА, НАДЕЖ И ЉУБОВ

СВЕТА СОФИЈА И НЕЈЗИНИТЕ ЌЕРКИ,МАЧЕНИЧКИТЕ ВЕРА, НАДЕЖ И ЉУБОВ

Откако сите четири бестрашни маченички биле изведени пред царот, смирено и одлучно ја исповедале верата во Христа Господа и одбиле да принесат жртва пред идолската божица Артемида. Пред страдањата, Софија...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Ретроспектива (2005-2020): „Митрополит Струмички Наум - Го сведочиме ли Крстот Христов или само својот крст? (6)

Ретроспектива (2005-2020): „Митрополит Струмички Наум - Го сведочиме ли Крстот Христов или само својот крст? (6)

 Сите имаме свој крст, но прашањето е: дали нашето страдање Бог го прима како учество во Крстот Христов или тоа е само обично, очајно и бесмислено човечко страдање? Односно, дали...

« »