Литургијата што денес најчесто ја служиме ја составил Цариградскиот Патријарх свети Јован Златоуст – кој се упокоил негде 407 година, како скратена варијанта на текстот од Литургијата составена од свети Василиј Велики. Значи, веќе и тој крател; што според некои денешни „верници“ никогаш не би бил прогласен за светител.
Црковната химна „Јединородниј Сине и Слове Божји“ влезена е во Литургијата во 6. век. Тоа е историски сигурно, но прашањето на нејзиниот автор не е во потполност решено. Некои сметаат дека царот Јустинијан ја вовел во 535 година (можно и 536), додека пак, други за нејзин автор го сметаат Севир Антиохиски. Така, само таа химна е веќе додаток на оригиналот, и тоа неполни 130 години од упокојувањето на свети Јован, а да не зборуваме што сѐ е додавано во следните 1490 години оттогаш и дотогаш. Тоа може да се утврди само со споредба на оригиналот напишан од свети Јован со денешните печатени изданија, иако за тоа треба и познавање на грчкиот јазик.
Пред дваесетина години, манастирот Симонопетра – од Света Гора, отпечати издание на Литургијата на свети Јован Златоуст, кое јас го купив, и бидејќи го читам и разбирам грчкиот јазик, забележав дека во самата книга оригиналот на Литургијата беше запишан со нормални букви, додека пак, додатоците што ние денес ги читаме или пееме беа напишани со помали букви за да се разликува што е оригинал, а што е додадено отпосле. Значи, ние и денес не служиме точно според оригиналот од свети Јован Златоуст, туку со многу додатоци кои некои во напад на „побожност“ си ги додале.
Така што, кога денес ќе се појави некој учен-недоучен верник и ќе напише на социјалните мрежи дека ништо не треба да се менува од тоа што го напишал свети Јован Златоуст, гледаш дека стварно човечкото незнаење, но и глупавост, немаат граница.
Душо изгубена, тебе ти е веќе сменето, не само Литургијата, туку сѐ; и од твоето поимање што е вистина до самата вистина има голема разлика. Но, позагрижувачко од сѐ, нешто што покажува голем степен на демоноопседнатост, е сигурноста во вашиот настап, на твојот и на тебе сличните, и тоа кога коментирате на нешто напишано од човек со 40 години монашки живот, со 30 години епископска служба, со возобновено монаштво, со 27 напишани книги, со 2 доктората, со 26 научни трудови и со што ти уште не.
Оставете простор, бре луѓе, дека нешто не знаете, дека за нешто не сте информирани, дека нешто можеби не е така како што вие си мислите – и тоа ви говорам за обични човечки работи, а да не зборуваме дека немате просветленост на умот, која произлегува од дарот на умно-срдечната молитва.
Отвореноста кон фактот дека не знаеме сè и дека е убаво нешто ново и вистинито да научиме е основна карактеристика на секој нормален човек. Дури и јас, со сите професорски и учителски титули и надвор и во Црквата, до ден-денес се консултирам и не мислам дека сѐ знам; и сакам некој нормално да ми укаже на нешто што смета дека е поинаку.
Така, како што веќе напишав: ниту почетокот, ниту крајот на начинот на служењето на Светата Литургија се и ќе бидат исти со денешниот – ниту некој Собор ја прогласил за догма, од проста причина што на крајот, како и на почетокот, ќе има прогон на Црквата и никој не ќе може јавно и долго да служи Литургија, ниту да се облекува во одежди и митри, ниту да благословува со свеќи и да слуша многулетствија, ниту да се бијат камбани, ниту да се слуша прегласно пеење, а сѐ ќе биде скришно, тивко и кратко.
Но, луѓето нека се спокојни, никој нема намера нешто да крати или додава во Литургијата; како сме си служеле досега така ќе си служиме и до прогонот; потоа никој ништо нема да нѐ прашува – условите ќе диктираат како ќе се служи.
Само да ве потсетам дека Литургијата и на почетокот била Тајна Вечера, а не јавен доручек. Инаку, и денес има неколку вида Литургија што се служат, а до првите неколку века, додека не се унифицирало сѐ – како што направил свети Јован Златоуст, речиси секој Епископ си служел некоја своја Литургија, но тогаш никому ништо не му сметало, оти христијаните имале љубов меѓу себе, а денес – не.
Митрополит Струмички Наум
24.05.2025 г.