Извлекување од длабочината на тагата

Животот е постојана борба, колку однадвор и да изгледа дека не е така. А борбата не може да се добие без жртва и страдања – волни или неволни. Неволните страдања, пак, повлекуваат со себе соодветни чувства, најчесто на страв, тага, очај и слично, но и болка – кај неподготвените за истите. Страдањата можат да бидат и телесни и душевни; и може – едните да ги предизвикуваат другите.
Ситуација со која често се сретнува духовниот отец е: како од длабочината на душевните страдања, да го издигне човекот што страда - до рационалното ниво на размислување, но, и како од тоа ниво да го издигне до духовниот, надрационалниот начин на делување. Исто како, кога сакајќи да извлечеме нагоре некоја потешка ортома, не ја врзуваме истата со најтенкиот конец – оти ќе се скине при првото повлекување и нема да успееме, туку за најтенкиот конец прво врзуваме подебел, па друг подебел и сѐ така додека, на крај, не ја заврземе и извлечеме безбедно и дебелата ортома.
Духовен отец со опит, многу добро знае колку е тешка и сложена задачата, на пример, да извлечеме некого од голема тага. Таман сме го извлекле човекот на ниво од рационалното, некоја следна мисла и сеќавање веќе го вратиле назад во длабочината на тагата; така што, во ваков случај не е доволно само интелектуално и психолошко умеење и знаење, туку и духовно – од страна на духовниот отец.
Тоа значи дека, духовниот отец, не може да се потпре само на своите световни знаења, туку мора да поседува и слово со сила, слово кое на оној што страда го допира до срцето, му носи и светлина и сила и мелем на раните, а доколку има и послушание - од страна на страдалникот, и исцеление. А слово со сила може да има само оној духовен отец кој допрел до своето срце, односно, чија енергија на умот соединета со својата суштина ја следи молитвата на своето внатрешно слово и сите негови вложени сили, во тој подвиг – заедно со словото, биваат преобразени од несоздадената Божја благодат на Крштението која се наоѓа во срцето.
На пример, кога некој ненадејно трагично ќе загуби некој свој ближен, прво на рационално ниво треба да му ја вратиме надежта и верата во потребата од неговото постоење за останатите ближни, потоа треба да му ја освестиме можноста за реална помош од која има потреба оној што починал, за, на крај, со своето слово во сила, да успее духовно да ги поврзе телесно разделените со несреќата и да му даде смисла на страдањето – која ќе одекнува и во вечноста.
Најтешко е за духовниот отец кога ќе се соочи со духовно неподготвени лица што страдаат. Како, сега, на човек од почеток сѐ да му објаснуваш кога никој него во животот не го подготвувал за страдањата што секако ќе настапат. Затоа велам, вежбајте се сите во „методот на петте контролни точки“ преку кој единствено се надминува секое искушение – од мало до големо: сѐ што ни се случува – колку и да изгледа лошо, го прифаќаме како Божји дар; Му благодариме на Бог за истото; се сметаме себеси виновни за сѐ; не покажуваме никому низ што поминуваме – освен што му кажуваме на духовниот отец; и продолжуваме со молитвата – како градење на лична заедница со Бог, а не како избавување од искушението.
Паѓањето во преголема тага и очајание, не е љубов кон оној ближен што сме го изгубиле, туку своевидно изневерување – од перспектива на Царството Небесно. Начинот на нашиот живот – после загубата, требаше да биде таков, што ние, преку него, да го надокнадиме она што на нашиот ближен му недостасува за полн, радосен, престој во Царството Небесно и да ја обезбеди нашата повторна заедница после Воскресението.
Пресвета Богородице, спаси нас!
Митрополит Струмички г. Наум
2026



























