логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Животопис на оптинскиот старец јеромонах Макариј

 Optinski.starci.jpg

Глава 1

СВЕТЛАТА ЗОРА ВО ДУХОВНИОТ ЖИВОТ НА СТАРЕЦОТ МАКАРИЈ

По првиот Оптински старец Леонид, втор по ред бил неговиот срдечен пријател, собрат и соподвижник во Господа, отец јеросхимонах Макариј. Тие двајца, силно љубени Божји угодници, биле, колку еднородни (исти) по дух, толку различни по карактер. Леонид бил човек од народот, мошне груб, весел, без особено образование и во духовната област поседувал една практична мудрост. А, Макариј произлегувал од благородно семејство, бил мек по карактер, замислен, и се одликувал со богато естетско чувство и со склоност кон умствените работи и кон созерцание.


За Божјото свето дело сите видови на карактери можат да бидат еднакво полезни: и пламенитиот св. апостол Петар, и кроткиот св. апостол Јован, и бурниот св. апостол Павле, и сите други. Старецот Леонид повеќе ги задоволувал селаните, а отец Макариј им се допаѓал на образованите. Но, пред Бога и двајцата стоеле на еднаква висина по своето смирение и верна служба на народот.


Отец Макариј се родил на 20 ноември 1788 г. во село Железники, недалеку од градот Калуга и уште поблизу до Лаврентиевиот манастир, чиишто камбани се слушале во селото. Татко му Николај произлегувал од благородно дворјанско семејство. Прадедо му бил строг монах и испосник. Дедо му и баба му биле, исто така, многу благочестиви христијани. Мајка му Елисавета починала од туберкулоза мошне млада во почетокот на 1797 г. Старецот Макариј, крстен со името Михаил, тогаш бил едвај 9-годишен. Тој имал тројца браќа и една сестра.


Мајката особено го сакала Михаила и велела: „Срцето ми чувствува, дека од тоа дете ќе произлезе нешто необично!" И навистина, тој пројавувал особени квалитети - бил тивок, кроток, молчалив, не учествувал во игрите на своите браќа и врсници и секогаш барал да биде околу мајка си, како да ја претчувствувал блиската разделба со неа. Здравјето му било крепко и тој од рана возраст започнал да страда од несоница.
Откако мајка му починала, 9-годишниот Михаил бил запишан за ученик во приходското училиште во градот Карачов. Потоа, го продолжил своето учење под раководството на еден добар, благороден и благочестив учител.
Кога наполнил 14 години, бил назначен за сметководител (во 1802 г.) и ја исполнувал својата должност со ретка усрдност, точност и акутност. За својата добра работа тој бил скоро унапреден и преместен во градот Курск. Таму еден од старите чиновници многу го засакал и му дал стан во својот сопствен дом. Михаил Николаевич го исползувал своето слободно време за читање на духовни книги и за свирење на виолина. Така, тој, поминал 3 години. Во 1806 г. починал татко му. Секој од браќата тргнал по својот пат, а на Михаил му оставиле да управува со татковиот имот - село Штепјатино. Со тоа Михаил безропотно се согласил. На него, сосема не му било до имотот, бидејќи светските работи никако не го привлекувале. Тајна желба му била да се осами на својот имот и таму да се предаде на саканите работи: музика и читање на духовни книги.


Двете години поминати на селскиот имот, ја покажале неговата незаинтересираност за земните работи. Стопанството му тргнало назад, зашто за неговото напредување бил нужен строг надзор над селаните. А тие пројавувале немарност. Поради својата добрина Михаил Николаевич не можел и не сакал да го следи востановениот ред на сурова строгост.


Еднаш, кога селаните виделе, дека никој не ја следи нивната работа на имотот, испокрале големо количество елда (зрно од кое се прави вкусна каша). Михаил ги повикал при себеси и долго ги убедувал и вразумувал со зборови од Божественото Писмо „А ние - раскажува неговата братучетка Пелагија Тихоновна, очевидец на настанот - скришум му се смеевме. Но, за наше зачудување и срам, убедувањето заврши со тоа, што виновниците паднаа на колена, чистосрдечно ја признаа својата вина и им беше простено!"


Соседите брзо дознаа за добрината на младиот земјопоседник и почнаа да сакаат од него да им услужува било со разни земјоделски алати, било со семиња. Тој секогаш штедро давал што му барале и никому не откажувал. Роднините му се спротивставувале на тоа. А тој одговарал: „Бог ме зачувал! Како можам да кажам, дека немам, кога имам?... Потоа додал: „Јас самиот се испитав и гледам, дека не сум стопанин."
Браќата се обидувале да го оженат, но ништо не излегувало. Божјата волја била тој да тргне по друг пкт, повисок пат, за кој, јавно имал призвание (талент). Набожност, благочестие, целомудрие, кротост и морална чистота, биле карактеристичните црти на тој необичен млад човек. Таков се пројавувал тој уште во зората на својот духовен живот. Таков си останал засекогаш. Независно од јавната склоност на Михаил Николаевич кон монаштвото, неговите браќа продолжувале да бараат соодветна за него другарка во животот. Најпосле, се запреле на една комшиска девојка, која се одликувала со скромност и добродетелност. Му ја посочиле. Михаил, не навикнат да противречи, кротко запрашал:
- За неа ли велите да се оженам?
Браќата му се зарадувале, примајќи ја од него искажаната недоумица како согласност и побрзале, без негово знаење, да отидат при родителите на девојката. Меѓутоа, тие се покажале сосема неподготвени за таквиот предлог и изненадени одговориле:
- Благодариме за честа. Но, не можеме да го решиме прашањето толку брзо. Треба да размислиме, да се запознаеме поодблизу...
Откако слушнал за тој неуспех на своите усрдни браќа, Михаил Николаевич отишол при сестра си и со радост и рекол:
- Слава на Бога, дека соседите се решиле да помислат. Нека си помислат! Јас не можев направо да откажам. Пројавив послушание кон своите браќа. Но, оттука па натаму никој не може да ме убедува!
Не многу потоа, Михаил Николаевич отишол на Коренскиот панаѓур, откаде си купил многу книги со духовна содржина, и откако се вратил во својот дом, потонал во читање и чувствувал необична наслада од таа духовна храна за својата душа. Одвреме навреме одел во дрводелската работилница, каде што работел до изнемоштеност, сакајќи, на тој начин, да го подучи своето младо тело да се покорува на духот.
Во 1810 г., на 6 октомври, веќе 22-годишен, тој направил поклоничко патување до блискиот манастир, познат како „Богородична Плоштанска пустина", и веќе не се вратил в куќи. На своите блиски им пишувал, дека останува засекогаш во манастирот, а имотот го остава на своите браќа, без да сака нешто за себеси. Манастирскиот живот го пленил. Отпосле, тој самиот кажувал, дека, откако дошол во Плоштанската пустина, не знаел каде се наоѓа: на земјата или на небото, а монасите му се виделе како Божји Ангели.


Братството броело 50 лица. Тие повеќе се занимавале со надворешни подвизи: одење во црквата, пост, извршување на молитвено правило и исполнување на дадените послушанија. На внатрешниот, скриениот подвиг, речиси, не се обрнувало внимание. Немало старци, немало духовни раководители, на кои монасите можеле да им ги откриваат своите помисли, а се знае, дека залогот за монашкото духовно напредување е пазењето на совеста преку откривање на своите помисли и дела пред старецот, на чие што раководство секој млад монах треба да се предаде целосно. Младиот послушник го вложил сиот свој напор во изучување на службите и Богослужбениот устав. Подоцна, тој станал голем познавач на црковното пеење и на црковно-богослужбениот ред.


Во Плоштанскиот манастир имало изобилна храна, но немало таму такви продукти и предмети, кои се придобиваат со пари. Браќата крајно имале потреба од чаршави, облека и обувки. Надвор од храмот тие носеле сосема стари раса, кои личеле на крпа до крпа, а наместо обувки обувале селски опинци.


Но тоа, не го одвраќало младиот ревнител на духовниот живот. Покрај незгодите тој покажал голема ревност кон монашкото звање и не обраќал никакво внимание на своето слабо здравје. Како што железото се превива во рацете на ковачот, така и тој се предал како послушник во рацете на духовникот на св. братство, каков што бил во тоа време отец Јован. Суров кон себеси и кон другите, овој монах по начинот на својот подвижнички живот потсетувал на некои од древните отшелници. Необично големата физичка сила, тој ја употребувал за непрестаен труд. Се одликувал со смел карактер. Со него Михаил ги поминал првите шест години од својот престој во Плоштанската пустина.


Простиот по срце старец го сакал поверениот послушник. Откако го видел неговото тивко однесување и покорно послушание, тој се зафатил усрдно да го учи на монашки живот, на манастирскиот ред и на црковен устав. Михаил прифаќал се. Со тоа, Божјата Промисла го подготвувала младиот послушник за иден наставник и учител на монасите. Набрзо Михаил добил расофорно пострижение со името Мелхиседек. На него, како на образован му било поверено писмоводството во братството.


Но постигнатото не го задоволувало. При очевидни успеси во послушанието и во надворешните подвизи, тој чувствувал, дека тоа не е се во монашкиот живот. Секој млад монах има свои борби, на кои не бил туѓ и тој. Како попросветен од другите, тој остро чувствувал дека му е потребен таков духовен раководител, кој поседува дар на благодатна расудливост и да го насочува непогрешно по патот на спасението.
На 7 март 1815 година тој примил мантијно пострижение и бил наречен Макариј во чест на преподобен Макариј Египетски, а по неколку дена следело неговото ракополагање за јероѓакон. Во истата 1815 година во Плоштанското братство дошол еден од најревносните ученици на познатиот старец Пајсиј Величковски - схимонах Атанасиј, кој се одликувал со висок духовен живот и со старечка расудливост. Заветната желба на Макариј се остварила. Во лицето на новодојдениот тој го открил многу бараниот опитен старец, кому можел Да му ја повери својата душа. Веднаш влегол во духовно општење со него, а по две години со благословот на игуменот, се преселил да живее со него во неговата ќелија, каде што му служел како најверен прислужник до неговата смрт - 1825 година. Отец Макариј го сакал и високо го ценел својот старец. А, имало и зошто. Схимонах Атанасиј водел богоугоден живот и бил исполнет со љубов кон ближните и со длабока смиреност. Неговиот личен пример, кроткоста, детското незлобие и простота поучувале без зборови, а неговите зборови, кога имало потреба од нив, го поучувале младиот подвижник и го утешувале во време на тешкотии.


Уште кога живеел при старецот Пајсиј Величковски, отец Атанасиј се занимавал со правење на драгоцени извадоци од разни светоотечки книги. Тој насобрал многу мудрости зајмолитаата, смирението, трпението, послушанието, љубовта и други христијански добродетели и се трудел да ги всадува во својот живот. Тој поседувал и "точни преписи од сите писмени трудови на својот свет старец, каде што се опфатени следните автори: св. Исаак Сирин, преподобен Макариј Велики, св. Јован Лествичник, св. Варсануфиј, св. Таласиј, св. Симеон Нов Богослов, св. Максим Исповедник, св. Теодор Студит, св. Григориј Синаит, св. Григориј Палама и други.
Со благословот на отец Атанасиј, неговиот нов љубопитен ученик Макариј со голема ревност започнал да ги изучува делата на тие свети Отци и со нивните прекрасни поуки да ја задоволува својата духовна жед за вистинска молитва, за правилна борба со страстите и за благодатно Богоопштење. Сето ова било промислително во две насоки: 1) усвојувањето на светоотечките мудрости и поуки со време му помогнале на отец Макариј благодатно да ги поучува монасите по патот на духовниот живот, кога по Божји избор самиот тој станал старец и духовен раководител на мнозина, и 2) придобивањето на точни преписи од споменатите светоотечки дела го олеснило нивното издавање од отец Макариј, кога тој подоцна се преселил во Оптинската пустина и таму постанал духовен старец.


Во 1817 година, на 27 мај, отец Макариј бил ракоположен за јеромонах. Здравјето му било слабо. Го мачела несоница. Но тој продолжувал да се занимава со манастирското писмоводство, давал ценети совети, се трудел онолку колку што силите му дозволувале, помагал во црквата со пеење и читање и совесно ги исполнувал поставените послушанија.


Во 1817 година отец Макариј презел, со благослов на началството, поклоничко патување до Киево-Печерската лавра, придружен од јероѓакон Паладиј. Пеш, со стап во рака, облечен во најбедни облеки како туѓинец, тој отишол во Киев, каде поминал десет дена и се сретнал со намесникот на Лаврата, праведниот архимандрит Антониј (подоцна познат архиепископ Воронежски и Задонски), кој го восхитил со својата благодатна љубезност. Откако отслужил Литургија во Далечните пештери, збогатен со духовни доживувања, отец Макариј тргнал да се врати. На враќање, неговиот сопатник отец Паладиј и тој се запреле во Глинското св. братство. Тука отец Макариј не само што се запознал, но и влегол во духовно општење со јероѓакон Самуил, ученик на познатиот игумен на тоа братство отец Филарет Глински. Отец Самуил се занимавал со вежбање во духовната молитва, во која го раководел неговиот старец. Цели три години отец Макариј разговарал со отец Самуил за внатрешната примена во духовниот живот. Но, како што подоцна самиот отец Макариј кажувал, тој уште не бил способен за таква молитва. Се знае, дека дури и неговиот старец отец Атанасиј немал дозвола од својот старец отец Пајсиј да се допира до тоа високо молитвено делување и затоа ја извршувал само усната Исусова молитва. Поучен од сето ова, отец Макариј отпосле им го препорачувал на сите монаси смирението, кое е мајка на духовните дарби, и ги советувал да се занимаваат не со внатрешна молитва, која е за малкумина, туку со очистување на душата од сите небогоугодни желби, откако преку усрдна активна молитва се борат со своите страсти и гревовни мисли. „Тој пат е бавен, но сигурен" - велел тој.


Во 1824 год. Отец Макариј отишол во Ростов, каде се поклонил на моштите на св. Димитриј Ростовски Чудотворец. За време на тоа свое патување, тој, за прв пат го посетил Оптинското св. братство и на него во близина новоизградениот пустински скит „Св. Јован Претеча", без да се сомнева, дека по извесно време тој ќе дојде да се подвизува токму на тоа место, дека ќе стане еден од познатите Оптински старци и ќе го подигне на голема висина тоа братство како раководител на човечките души.


Во 1826 година, отец Макариј бил назначен за помошник на игуменот на Плоштанското св. братство, а следната година по волјата на месниот архијереј станал духовник (исповедник) на Севскиот Троицки Девически манастир, без да го напушта своето место во Плоштанскиот манастир. Тоа назначување поставило почеток на нов период од мона-шката дејност на отец Макариј. До крајот на својот живот тој бил духовен раководител на другите. Од тоа време започнува и неговата богата духовна кореспонденција, која се завршила со неговата смрт. Без да се стреми до таква висока чест - да биде духовен раководител и наставник, отец Макариј согледал, дека не човек, туку Божјата Промисла му го поставила тоа тешко послушание. Со таа убеденост ги надминал многуте тешкотии, поврзани со тоа одговорно служење. Оттука, па натаму, старецот ја имал задачата да работи со човечките души и да ги лекува. Тоа, тој го вршел со големо искуство и трпение, со мудра снисходливост и непоколеблива цврстина. Сведоштва за ова се неговите писма.


Годината 1828, била многу важна за отец Макариј, зашто тогаш, од Александро-Свирскиот манастир во Плоштанското братство дошол прекрасниот старец јеросхимонах Леонид со неколку свои ученици. Тука тој поминал околу половина година, по што, отишол на постојано местожителство во новоизградената Оптинска пустина.


Многу чувствителната душа на отец Макариј веднаш ја почувствувала духовната благопријатност, што зрачела од јеромонах Леонид и се прилепила кон него. Започнало живо духовно општење. Зближувањето со таков опитен наставник, со таков зацврстен во искушенијата водач на монасите, одиграло важна улога во понатамошниот живот на отец Макариј. Како старец, кој се судрил со туѓите духовни проблеми, тој имал потреба од жив пример на опитен духовник, надарен со духовна расудливост. Таков, тој открил во лицето на старецот Леонид.


Од своја страна и отец Леонид се радувал, дека нашол таков даровит и добро подготвен монах и го сметал за свој соподвижник, помошник и духовен брат. Отстапувајќи само пред неговото длабоко смирение и тврдо постојанство, тој се согласил да го нарекува возљубен во Господа син и ученик.


Откако отец Леонид се установил во Оптинската пустина, отец Макариј продолжил духовно да општи со него, испраќајќи му често писма од Плоштанскиот манастир.


Во меѓувреме тој усрдно продолжувал да му помага на својот игумен во управувањето на Плоштанското братство, откако исполнувал и некои послушанија дадени од епархискиот архиереј и дури отишол со него во Петербург. По патот за таму тој наминал во Оптинската пустина за да добие совет и благослов од старецот Леонид. Таа кратка средба го ободрила и силно зарадувала. Од Петербург тој им пишувал на отец Леонид и браќата: „Макар што Бог ме удостои за кратко време да бидам при вас и да ве видам, но јас го примам тоа како неискажлива Божја милост кон мене... и се молам, и за понатаму да бидам не само времено, туку секогаш со вас, и со вашите молитви и поуки да го устројувам својот живот!"


Бог ја исполнил силната желба на таа чиста душа што се стреми кон спасение. На враќање од Петербург за Плоштанското св. братство, отец Макариј повторно се видел со старецот Леонид и го испросил неговиот благослов, како и согласноста на Оптинскиот игумен отец Мојсеј - да биде примен во скитот при Оптинската пустина. Дал молба и се вратил во Плоштанскиот манастир, очекувајќи да се пројави Божјата волја. Цела година чекал и на крајот, на 14 јануари 1834 година го добил доделениот указ за своето преместување во Оптинската пустина.

 

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (1)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (2)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (3)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (4)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (5)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (6)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (7)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (8)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (9)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (10)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (11)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (12)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (13)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (14)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (15)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (16)

 

 Optinski.starci.jpg

Издавач: ЃаконијА  2004

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 3197
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 3036
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…