логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Optinski.starci.jpg

Глава 7


РАСКАЗИ ЗА ПРОЗОРЛИВОСТА, СТРОГОСТА И НЕЖНОСТА НА СТАРЕЦОТ ЛЕОНИД

а) Расказ на монахот С.

Монах С, ученик на отец Леонид, а подоцна брат на Тихоновото свето братство, раскажува за себеси дека, откако слушал во своето село многу убави нешта за отец Леонид, посакал да отиде во Оптина и да го види тој многу прославуван баќушка и дури да остане да живее во братството, ако го примаат. Нашол другар од истото село и тргнале. Неговиот другарот бил прост и малку писмен човек, но се гордеел многу со тоа дека умеел да чита. По патот идниот монах С. го прашал својот сопатник, што мисли - дали отец Леонид ќе ги посоветува да дојдат во манастирот или не? Гордото момче одговорило:

- Зошто ми е неговиот совет? - Јас сум писмен!
Пристигнале. Се виделе со отец Леонид и поминале неколку денови во светото братство. На крајот, монашки настроеното момче го запрашало старецот, дали ќе ги благослови да останат во манастирот или не.
- Ти остани - одговорил отец Леонид - а, на својот другар кажи му да се врати село. Јас не го советувам да оди во манастир.

Налутено од тоа, гордото селанче почнало да негодува против старецот:
- Што старец е ова? Јас и тебе, братко, те советувам да не го слушаш!
Но, благочестивото момче останало во манастирот. Другар му пак, се вратил во своето село. Не обраќајќи внимание на старечкиот совет и тој отишол во манастир. Таму поживеал извесно време. Но, страстите почнале силно да војуваат против него, а немало кој да му помогне во таа страшна борба. Тогаш, тој преминал во друг манастир. Но, неговите страсти патувале со него и не му давале мир. Тој и оттука избегал, се вратил во светот и се оженил. До таму го довела неговата глупава гордост: „Што е старецот? Јас самиот сум писмен!"

„Јас пак, - продолжува да раскажува за себеси благочестивиот младич - од почеток секој ден одев кај старецот, му говорев за моите лоши мисли и страсти, но наскоро ја загубив таа будност над својата душа. Почнав со тоа што зедов да ги кријам од старецот, според мене, најнебитните помисли. Потоа, ја изгубив својата вера во старецот и усрдноста да живеам во светото братство. Се почесто почнав да мислам за селскиот живот и за женидба. На крајот, дојдов кај старецот со лицемерна преданост и го замолив да ми дозволи за „кратко" време да отидам до својот дом. Но, мојата неискреност не можев да ја кријам од проникливиот старец. Насмевнувајќи се и заканувајќи ми се со прст, тој ми рече:

- Внимавај, братко! Ме лажеш ли?
- Не, баќушка, јас сакам само да се видам со брат ми и веднаш ќе се вратам.
На крајот старецот рече:
- Оди со Бога! Но, тука ќе се вратиш трчајќи, штом не сакаш сега да останеш доброволно.
Јас излегов со радост од Оптинската пустина, сметајќи веќе да не се враќам тука. Толку многу ми беше дотежнало самопринудувањето да ја спасувам својата душа (спореди Мт. 11, 12). Но, се случи обратното на мојата замисла, точно според претскажувањето на старецот.
Дојдов јас на село и почнав да се занимавам со селските работи...
Во тоа време, во нашето село се загуби коњот на еден селанец. Последниот почна да се сомнева во еден свој соселанец, познат како коњокрадец и не се лажеше во својата несигурна претпоставка. Но, немаше јавни знаци. Коњот беше препродаван од еден човек на друг, така што не можеше ништо да му се направи на виновникот.

Еднаш оштетениот селанец се враќаше пијан од друго село, каде што беше отишол на некој празник. Неочекувано, на крајот од шумата тој наиде на крадецот на својот коњ и пламнат од гнев, се нафрли врз него нанесувајќи му жесток ќотек и убивајќи го несреќникот.

Таа ноќ мене ми беше редот да ги пасам коњите во полето. Следниот ден, селаните ја известија полицијата, дека еден наш соселанец лежи на патот убиен, а не се знае од кого. Полицаецот дојде. Започнаа сослушувањата, кој каде бил во тоа време. Една жена ме посочи, дека јас таа ноќ ги пасев коњите во полето. Ме подложија на испитување. Јас постојано говорев едно и исто; дека ништо не знам. Нашите селани инсистираа пред полицаецот да бидам затворен и подложен на гладување. Ме затворија во подрумот и цели три дена не ми даваа ни да јадам, ни да пијам. Колку се покајав во тие три деноноќија, што не го послушав советот на видовитиот старец! Со целото свое срце Му се молев на Бога да ме избави од таа беда по молитвите на старецот, кого го бев излажал! И Господ ме избави... Ме оставија мене и почнаа да испитуваат други... Се откри виновникот!... Радосен што сум слободен, веднаш се упатив кон Оптинската пустина. Штом ме виде, отец Леонид се насмевна полн со љубов, ме благослови и рече:
- Е, пристигна ли? Како беше „гостувањето?" Раскажи!

Јас му раскажав се на баќушката - и замислете си да не живеам веќе во манастирот и каква голема несреќа ме снајде за мојата непослушност. Од тој момент, јас веќе се плашев да ја скријам од старецот дури и најмалата своја небогоугодна помисла...
Откако поживеав извесно време во манастирот, старецот почна и самиот да ме испраќа во моето село.
- Ајде - ми велеше - отиди дома на малку време и пак врати се!

Мене не ми се одеше, затоа го молев баќушката да не ме испраќа. Но, старецот инсистираше задолжително да одам. Кога отидов, го затеков брат ми умопомрачен од прекумерно пиење вино. Селаните, следниот ден по моето пристигнување се подготвуваа да испратат човек до манастирот да ме извести, дека треба да си дојдам и да ги преземам стопанските работи наместо брат ми. Каква болка беше тоа за мене! Јас не сакав да останам во светот. Не знаев што да правам. Најпосле, решив да отпатувам со брат ми до манастирот на свети Митрофан Вороњешки. Нашите селани не се спротивставија на тоа. Ние отидовме во Вороњеж и направивме Молебен пред моштите на Божјиот угодник. Брат ми се почувствува подобро. Следниот ден повторно порачавме Молебен. По Молебенот способноста за расудување на брат ми потполно се поврати. Јас го доведов дома сосема здрав. Сите беа восхитени од таа промена. Јас пак, се восхитував на прозорливоста на баќушката, како тој однапред ги беше предвидел и претскажал и двете мои патувања до моето родно место!

По сето ова, јас го оставив брат ми да живее во светот, а самиот побрзав да се вратам при својот старец - сега со вера и синовска преданост.
Кога живеев во манастирот забележував дека понекогаш ме напаѓаше болка, тага, и дека жестоко ме зафаќаа небогоугодни мисли. Одам кај баќушката да се утешам. Само што ќе го пречекорам прагот на неговата ќелија, се исчезнува и чувствувам во срцето тишина и радост. Баќушката прашува: „Зошто си дошол?" - Јас пак, не знам што да му кажам. Баќушката ме помазува со елејот од кандилото, ме благословува и јас си одам од неговата ќелија со срдечна радост и душевен мир."

б)  Расказ на послушникот Алексеј Иванов Василев

„Јас еднаш почувствував во себе студенило и префинет душевен немир и си размислував; тоа можеби е последица од мојата расеаност и самобендисаност. Ете, веќе три дена не сум бил кај старецот, не сум ги проверувал своите постапки и не сум ги откривал помислите. Една мисла ми велеше, дека нема зошто да одам кај него, бидејќи во минатото не сум сторил ништо спротивно на мојата совест. А друга мисла ме убедуваше да отидам и да добијам од него барем благослов, кој може да ме поткрепи против стрелите на ѓаволот. Покорувајќи се на таа замисла, јас се присилив да отидам кај својот наставник. Кога влегов во неговата ќелија, тој беше зафатен со своите гости. Кога ме виде да влегувам, тој ме запраша:
- Што ти е потребно?
Јас се приближив до него на колена и реков, дека дојдов да ги испросам неговиот благослов и свети молитви. Кога ме благослови, рече:
- Ти благодарам!
Потоа, почна да ме распрашува како го поминувам своето време и се занимавам ли со цртање на икони - послушание што ми беше наложено од игуменот. Јас одговорив:
- Се занимавам, баќушка, по Вашите свети молитви. Откако малку молчеше, старецот рече:
- Добро! Но, слушнав дека црташ и портрети.
Тие зборови ме доведоа до крајна збрка, бидејќи минатата вечер го цртав самоиницијативно и без благослов портретот на еден брат. Како неискусен послушник, не се сетив да помолам за прошка, а за свое извинување реков:
- Јас, просто, на шега си го дозволив тоа.
Старецот со поглед ги опфати гостите и неколку пати повтори: „Ти, просто, на шега си си го дозволил тоа." Потоа, ја зграпчи мојата глава и свртувајќи ми го лицето кон посетителите, рече:
- Ете, господа, овој човек е на 30 години и повеќе, веќе има голема брада, додека бил на светска служба управувал со илјадници луѓе. А, тука во манастирот дошол да се пошегува. Каква ќе биде ползата од таков човек?!
И, откако воздивна, рече:
- Е, брат Алексеј, за да бидеш понатаму посериозен, направи неколку поклони!
Додека ги правев, тој ми наредуваше да ги произнесувам по него овие зборови: „Јас сум горд човек и треба да се смирам." По ова, весело и ласкаво ме благослови и рече:
- А сега, моја рожбо, ќе имаш мир. Оди си со Бога!...
Еден ден, јас посакав да го дознаам учењето за различните молитви, чиишто степени можат да се видат во „Добротољубие." Особена желба пројавував да ги прочитам главите од свети Калист. Но, се сомневав, дали старецот ќе ми дозволи да ги читам, бидејќи уште бев незрел за такво нешто. Затоа, јас почнав да го молам за таа книга пред многуте негови посетители, сметајќи дека поради зафатеноста со разни угледни лица, тој нема да ме распрашува подробно што сакам да читам.
Но, против моите очекувања, баќушката го прекина својот разговор со гостите и со изострено внимание започна да ме прашува зошто ми е „Добротољубие" и кои места од него сакам да ги читам. Кога му одговорив на ова, тој строго ме изгледа и рече:
- Како се осмелуваш да се фаќаш за такви високи предмети? Ти не треба да го читаш свети Калист! За тебе е пополезно да го чистиш шталското ѓубре!... Ако не се смириш, ти ќе загинеш!
За тоа време, јас стоев пред него на колена како удрен од гром. По ова, старецот ми рече:
- Дај ги тука образите!
И откако неколкупати ме удри лесно по нив, ми рече:
- Оди си со Бога!"

в) Од записите на јеромонах А. Б.

Една жена туѓинка постојано се вртеше околу отец Леонид во Тихоновата пустина, која тој често ја посетуваше и со тоа поведение таа беше омразена од сите. Нејзините ласкави зборови, земни поклони и разни гримаси ми изгледаа како комедија и лага. Јас се осмелив да споделам со баќушката дека не само јас, но и сите наши браќа чувствуваат досада од неа, дека според нејзините сопствени зборови, од секој манастир ја гонеле и дека никој духовник не можел да ја поднесува...
- Вистина ли кажуваш? - запраша отец Леонид.
- Да, од неа самата слушнав за ова.
- Но, ако и јас ја изгонам, каде ќе отиде таа? И таа има душа. А, човечката душа во своите длабочини крие многу добро. Само треба да го пронајдеш!"

* * *

Еден ден, кај отец Леонид дошол на исповед некој господин од градот Вјазма. По исповедта старецот му дал благослов да пристапи кон светата Причест, но под услов тој тврдо да реши да го поправи својот живот. Гостинот ветил дека ќе го стори тоа.
- Ако не го исполниш своето ветување, не доаѓај веќе кај мене! - рекол строго старецот.
Следната година, вјаземскиот господин пак пристигнал во Оптина. Кога се приближил до ќелијата на отец Леонид, старецот го видел преку прозорецот и го запрел, откако му извикал:
- Стој! Стој! Го исполни ли своето ветување?
- Баќушка, простете...
- Не си го исполнил? - Тогаш, враќај се назад и веќе не доаѓај кај мене!
Гостинот бил принуден да си отиде, без да се удостои дури и со благослов од старецот.
И до ден денес, по 30 години од смртта на отец Леонид, во Вјазма и во Смоленската губернија се памети овој случај, кој на многумина им вдахнал спасителен страв и кој потсетил, дека оние што сакаат да се ползуваат од духовните поуки на старците, треба, не само да им задаваат прашања, туку и да го исполнуваат она што тие ќе го кажат.

* * *

Еден учен архимандрит дошол во Оптина за да го види отец Леонид. Гостинот бил опкружен со многу внимание. Но, старецот заради него не ја прекинал својата работа со простиот народ и со разните свои гости, меѓу кои имало болни, туѓинци, мирјани кои искрено се кајат, монахињи и монаси.
За да може архимандритот послободно да поразговара со старецот устроиле така, на ручекот подготвен за гостинот да присуствува и отец Леонид. Баќушката, кој, никако не ги сакал официјалните трпези, оти тие со својата суета му причинувале само мака, требало да се покори од послушание. Ручекот започнал. Царувало молчење. Архимандритот го нарушил молчењето со зборовите:
- Кажи ни, старче, нешто полезно!
Старецот Леонид се поднамуртил и одвратил решително:
- Се што беше полезно, го истурив пред жените и сега ништо не останало!
Архимандритот се вцрвил, зашто почувствувал индиректна забелешка за својот живот, поминат меѓу разни жени, негови поклонички... И така, старецот му кажал нешто полезно.

* * *

Еднаш пристигнал во Оптина еден учен духовник, ректор на богословија. Му предложиле да поразговара со отец Леонид. А тој одговорил:
- Што ќе зборувам со еден неук маж?
Но сепак, отишол кај старецот. Штом влегол во неговата ќелија, отец Леонид дословно ги повторил неговите зборови:
- Што ќе зборуваш со мене, неукиот маж?
При овој неформален пречек ректорот се смирил и разговарал со старецот цели два часа со голема пријатност. Потоа се произнесол за него вака:
- Што претставува нашата ученост? Неговата ученост е од неговите дела и е благодатна.

* * *

Еднаш кога околу отец Леонид клечеа оптинските послушници, еден од нив занимавајќи се со своите мисли, почнал да размислува дека некој монах, како многу вешт во стопанските работи, би бил добар за игумен. Само што го помислил тоа, старецот го удрил силно по образот со зборовите:
- Не се мешај во тоа што не ти е работа! Ти не го познаваш тој човек!
Навистина, односниот монах се покажал непогоден за игумен. Не поминало многу време, тој ја напуштил Оптинската пустина, сменил многу манастири, но не станал игумен...

* * *

Оптинскиот јеромонах Арсениј раскажува: „Една година по моето доаѓање во Оптинската пустина, кај мене се појави силна желба да се преселам на Атон. Таа своја желба, во почетокот јас ја споделив со отец Макариј. Тој ми рече:
- Живеј во скитот на атонски начин! Тогаш скитот за тебе ќе биде Атон!
Јас не бев задоволен од тој одговор и отидов при старецот Леонид, молејќи го да ме благослови да отидам на Атон. А, тој почна да ме кара и да тропа со нозете.
- Каде - рече - сакаш да отидеш, таков безделник? Неопитен послушник, кој уште не се утврдил во монашкиот живот, а веќе мисли да отиде на Атон! Веќе да не си помислил за такво нешто!
Јас си заминав од кај старецот, но желбата да отидам на Атон не ме оставаше. Следниот пат кога бев кај него почнав, и тоа уште поупорно, да го молам да ме ослободи од Оптина. Старецот повторно го повиши тонот но, откако ја забележа мојата непопустливост, веднаш се доближи до мене, ме прегрна со двете раце и ме притисна на своите гради.
- Арсењушка - започна да ми говори тој со нежна татковска љубов - Што правиш? Ете, ти ќе заминеш во туѓа земја, а твојот старец тука ќе умре без тебе. Како ќе преживееш тогаш, кога ќе дознаеш?!
Јас заплакав, паднав пред неговите нозе, го замолив да ми прости за мојата лекомислена молба и останав да живеам во Оптина. Една година потоа, отец Леонид почина."

Г) Други раскази

Симон И., жител на градот Козелск, бил еден од најверните ученици на отец Леонид. Тој самиот за себе го раскажува следново: „Во триесеттите години, како и сега, се занимавав со грнчарство. Со жена ми живеевме во сопствен дом. Немавме коњ, но имавме добра кочија. Јас ги наредував грнците во таа кочија, замолував некој пријател да ме услужи со својот коњ и ја носев стоката на пазар. Така се прехранувавме.
Во тоа време, кај нас живееше еден војник од Полска, кој потоа не напушти и го загуби разумот. Еден ден, во погоден момент за него, влегол во нашиот двор и ги украл тркалата од кочијата. Јас ја раскажав на баќушката Леонид својата болка, му реков дека знам кој е крадецот и дека не можам да си ги најдам тркалата.

- Остави, Симонушка, не барај ги своите тркала! - одврати баќушката. - Бог те казнил за тоа. Ти поднеси ја Божјата казна и тогаш преку мала болка ќе се избавиш од поголеми несреќи. Ако пак, не сакаш да го истрпиш тоа мало искушение, ќе бидеш казнет повеќе!
Јас го исполнив советот на старецот и како што претскажа тој, тоа и се случи.

По малку време истиот Полјак пак се провре во нашиот двор и изнесе од амбарот цела вреќа со брашно, го стави на рамо и посака да помине со него преку зеленчуковата градина. А, од градината отспротива се зададе жена ми.
- Каде го носиш тоа? - го прашува таа. А, тој ја фрли вреќата и избега.

Наскоро потоа имаше и друг ист случај. Ние чувавме крава. Решивме да ја продадеме. Најдовме купувач, се договоривме и добивме капар. Но, купувачот, кој знае зошто, неколку дни не се јави да си ја земе кравата. Најпосле ја одведе. Истата ноќ се проврел крадец во нашиот двор, ја скршил бравата каде што беше кравата но, таа не беше веќе таму. Така Господ и овој пат по молитвите на старецот не избави од несреќа.
Многу години подоцна имавме и трет ист случај. Завршуваше Страстната седмица. Настапуваше празникот Велигден. Не знам зошто, но ми дојде на ум сите повредни работи од куќата да ги пренесам при мојата сестра, која ми беше сосетка. Така и направив. Штом настапи првиот ден на празникот, јас го заклучив својот дом и отидов на полуноќната Велигденска служба. Јас, секогаш сум чувствувал голема радост од таа служба. Но овој пат, самиот не знам зошто, во својата душа почувствував некакво непријатно неспокојство. Се враќам од црква и што ќе видам?! Прозорците - извадени, а вратата - отворена! „Недобар човек влегувал тука!" - си реков. И навистина, се покажа дека е така. Но, бидејќи, се што беше вредно го бев пренесол кај сестра ми, тој си отишол, речиси без ништо.
Така, трипати над мене се исполни претскажувањето на баќушката, дека, ако ја поднесам малата Божја казна, Бог повеќе нема да ме казнува."

* * *

Новодојден брат навредил еден стар монах. Двајцата отишле да му се пожалат на отец Леонид. За сите било јасно дека послушникот бил виновен. Но, така не пресудил старецот. Тој со строг тон му рекол на постариот монах, со цел да го смири: „Не се срамиш ли да се споредуваш со новодојдениот? Тој тукушто е дојден од светот. Косата уште не му порасната. На него човек не може да се лути, ако каже нешто навредливо. А ти, колку години живееш во манастирот и пак не си се научил да внимаваш на себеси и да трпиш!"

Така, тие си заминале. Послушникот се радувал, сметајќи се за оправдан. Но, набргу кога дошол кај отец Леонид, старецот го фатил за раката и му рекол: „Што правиш ти, брате? Тукушто си дошол од светот, косата уште не ти е порасната, а ти веќе ги навредуваш старите монаси!"

Неочекуваниот укор силно дејствувал на братот и тој посакал прошка. „Бог да ти прости!" - рекол старецот - само, отсега понатаму биди внимателен, поправи го своето поведение. Инаку, лошо те чека!" -Така старецот случајот со навредата го претворил во лекција по смирение и за двајцата.

* * *

Кај старецот довеле една бесна (демоноопседната) селанка, која за време на нападите говорела туѓи јазици. На ова сведок бил Павел Тамбовцев, кој знаел туѓи јазици. Отец Леонид прочитал над неа трипати заколнувачки молитви, ја помазал со елеј од незгасливото кандило пред иконата на Божјата Мајка и и дал да голтне од тој елеј. Третиот пат ја довеле во сосема пристоен изглед. Кога Тамбовцев ја замолил да поговори на туѓи јазици, како што правела пред тоа, таа одговорила: „Како можам јас да говорам на туѓи јазици?! Јас и руски едвај говорам и насила се движам..."

* * *

Едно семејство, уништено од многу несреќи, пристигнало во Оптина за духовна помош. Оптинскиот јеромонах Гаврил намислил да им помогне со некаков, таканаречен, херувимски темјан: „Ти си чудак! Како тука ќе помогне херувимскиот темјан? Каде што има Божји гнев, таму Бог не ги штеди и Своите светости! Тука се потребни две работи: искрено покајание за гревовите, поради кои е испратен Божјиот гнев, и целосно поправање!"

* * *

Монах Н. раскажува: „Првите месеци по моето доаѓање во светото братство јас имав голема ревност кон монашките подвизи. Често се случуваше по Утрената другите да отидат да се одморат, а јас пак, во тоа време ќе се зафатев со нешто во врска со моето послушание. Дури потоа, изморен, ќе си легнев за краток одмор, опфатен од мислата да не се успијам и да не станам за почетокот на раната Литургија. Одеднаш, некој ме буди! Станувам, гледам - нема никого. На другиот ден истото се повторува; штом ќе заѕвонат за Литургија, некаков глас како да чита молитва. Сето ова јас му го објаснив на старецот.
- Ти, што мислиш? - ме запраша тој. - Кој те буди?
- Си мислам, баќушка, дали е ангел?
- Со рогови! - возврати старецот - Да видиме што ќе биде понатаму.
Следниот ден, никој не ме разбуди и јас ја преспав службата. И на вториот и на третиот ден пак се успав. Така, бевме изобличени и двајцата; и непознатиот будител и јас наивниот ревнител."

д) Расказ на монахињата О.

„Уште од најрана возраст јас горев од желба да живеам во манастир. Кога станав 12-годишна (1837 г.), ја замолив мајка ми да ме остави во женскиот манастир во Киев, каде што, потоа, се откажавме. Таа не се согласи, а ми вети, дека кога ќе станам 15-годишна, ќе ме одведе во Борисовската обител. Меѓутоа, по ова, таа почина. А, татко ми не сакаше да ме пушти во манастир, додека не наполнам 35 години. Јас бев многу натажена. Во 1840 г., кога веќе ја бев поминала 15-та година, почнав многу да се тревожам, за мојата судбина да не биде решено против мојата желба и затоа бев намислила да избегам тајно од родителскиот дом. Но, една моја тетка, која многу сочувствуваше со мене, го наговори татко ми да заминам за Оптинската пустина кај баќушката Леонид и на него да препуштам да ја реши мојата судбина. Татко ми се согласи.

Кога се јавивме кај отец Леонид, тој, без да не познава, сите не нарече по име и рече дека одамна не очекувал. При таков невообичаен пречек ние бевме така зачудени, та не знаевме што да му одговориме. Потоа, тој нареди да влегуваме во неговата ќелија еден по еден. И на секого од нас тој ни ја откриваше сегашноста, минатото и иднината. Мене кај него ме пуштија последна. Очекувајќи ја таа минута, кога требаше да се јавам пред старецот, јас почувствував голем страв но, на крајот излегов од неговата ќелија спокојна и со голема духовна утеха. Тој ми даде благослов веднаш да заминам во Борисовската пустина, а заради неговите молитви татко ми веќе не ме запираше, но и пари ми даде за моето устројување. Кога некои го запрашаа старецот, како ќе живеам без средства, тој одврати:

- Таа ќе живее подобро од најдобро ситуираните!
Зборовите на баќушката буквално се исполнија.
Во 1841 г. татко ми ме доведе во Борисовската света обител, каде што и до денес живеам и искуствено во се ја гледав и ја гледам Божјата Промисла за мене по молитвите на старецот."

* * *

Во 1839 г. една девојка од дворјанско потекло дошла кај отец Леонид да моли благослов за стапување во манастир. Тој и рекол:
- Почекај уште една година и потоа посети не!
Таа се вратила дома со голема тага, зашто ќе треба да чека толку долго време. Притоа, се плашела во текот на таа година нешто да не и попречи да стане монахиња. Дома таа многу тажела и плачела. Очигледно старецот сакал да ја испита цврстината на нејзината намера, како и да ја натера да се приврзе уште повеќе кон монаштвото. За тоа време, таа двапати го сонувала старецот како и дава парче леб, првиот пат без сол, а вториот пат со сол, при што и рекол:
- Не тажи! Јас ти навестив дека ќе бидеш во манастир. Но, пред тоа посети ме!
Кога поминала годината, девојката заминала за Оптина. Штом го видела отец Леонид, уште пред да успее да му каже нешто, тој и рекол:
- Е, што? Ти жалеше и плачеше, нели? Но, јас ти дадов корка леб, а ти го изеде. Сега биди спокојна!
Уште истиот ден таа добила благослов да стапи во манастир.
Додека девојката била кај старецот, во неговата ќелија била воведена една бесна жена, водена од шестмина. Штом го видела отец Леонид, таа паднала пред него и заврескала со сета сила:
- Ете, овој побелениот ќе ме изгони! Јас бев во Киев, во Москва, во Воронеж, но никој не ме изгони. А, дури сега ќе излезам!
Старецот прочитал над неа заколнувачка молитва и ја помазал со елеј од кандилото на Божјата Мајка. Во почетокот, кога ја туркале кон старецот, таа стравотно се спротивставувала, му ја настапила ногата и долго го газела, така што палецот му помодрел и долго потоа го болел. По молитвите, бесната се успокоила и сама тргнала спокојно. Бог ја излекувал преку старецот. Секоја година потоа, таа доаѓала во Оптина веќе сосема здрава. По смртта на отец Леонид таа со вера земала земја од неговиот гроб за други болни и тие од тоа добивале полза.

* * *

Еднаш дошла при отец Леонид неговата родена сестра. Тој ја примил исто како другите посетители и и дал таква парична помош, каква што давал на сите кои имале потреба. По тој повод, старецот на некои им објаснил дека, ако монахот даде на својот роднина нешто повеќе отколку на туѓите, со тоа ќе покаже дека уште не се ослободил од оковите на телесното роднинство и дека не ги сака сите луѓе еднакво, туку меѓу нив прави разлика.

* * *

Еднаш во Оптина пристигнал еден земјопоседник и откако го видел старецот опкружен од многу народ, си помислил: „Зошто луѓето за него велат, дека е необичен човек?! И тој е како сите останати. Ништо необично не се гледа кај него."

Но, кога старецот го примил и му ги открил сите мисли и суетни животни планови кои го интересирале за време на патувањето кон Оптина и особено кога при исповедта му спомнал за еден негов одамна заборавен грев, земјопоседникот побожно го признал старецот за необичен човек.

Мнозина се советувале со отец Леонид и за своите вообичаени работи. Кој со вера ги примал неговите совети, го чувствувал Божјиот благослов во своите дела. Особено многу од верните се ценело мислењето на старецот во врска со венчавањето на младите луѓе. И чудно! - сите забележувале дека браковите за кои старецот го давал својот благослов се покажувале среќни. А оние, кои се склучувале против благословот на старецот, излегувале неуспешни.

Во таа животна област отец Леонид ја пројавувал како својата прозорливост, така и својот здрав разум и трезвена мисла. Тој не ги одобрувал слепите краткотрајни воодушевувања, туку советувал да се земаат во предвид сите околности - и благопријатните и неблагопријатните, пред да се склучи бракот. Така на пример, тој сугерирал да се обраќа внимание на тоа - дали младоженецот и невестата се здрави, дали има од што да се прехрануваат, дали и младоженецот и невестата се од ист сталеж. На сиромашните семејства тој не им советувал да се осватуваат со богати луѓе. На крајот, ги советувал и младите и нивните родители да се молат на Бога и да слушаат што ќе им шепне нивното срце. Ако во однос на склучувањето на дадениот брак младоженецот и невестата, а и нивните родители, чувствувале душевен мир, старецот советувал да се решат на таков брак. И обратно, ако имало сомнежи, колебања и неспокојство, отец Леонид говорел дека тоа не е добар знак и советувал да не се склучува избрзано таквиот брак и да се побара подобар младоженец (или невеста).

Еднаш кај отец Леонид дошол еден сиромав човек и му објаснил, дека има тројца кандидати за неговата ќерка: еден занаетчија, втор - фабрички работник, а третиот - имотен селанец. Тој го запрашал старецот; на кого да ја даде својата ќерка? Отец Леонид посоветувал: „- На имотниот селанец. Таа таму ќе има прехрана."

Советот се покажал многу полезен. Следната година била гладна. Таткото дошол да му заблагодари на старецот, затоа што ги вразумил како да постапат. За време на гладот, зетот ги хранел, додека занаетчијата и работникот за малку не умреле од глад.

 

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (1)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (2)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (3)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (4)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (5)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (6)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (7)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (8)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (9)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (10)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (11)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (12)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (13)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (14)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (15)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (16)

 Optinski.starci.jpg

Издавач: ЃаконијА  2004

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…
Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 4031
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 3416
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 3248
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Воведение на Пресвета Богородица (03.12.2022)

Митрополит Струмички Наум: Воведение на Пресвета Богородица (03.12.2022)

    Некаде во своите дела светиот Старец Јосиф Исихаст вели: „Ако не ја достигнеш благодатта Божја во најголема мера, не сметај се себеси за потполн човек“. Си велам, само потполн...

о. Горан Стојчевски: Дар на светот, икона на човекот, учителка на послушанието, педагог на служењето, првиот исихаст, родителка на вечниот живот, божествен цвет на сè создадено

о. Горан Стојчевски: Дар на светот, икона на човекот, учителка на послушанието, педагог на служењето, првиот исихаст, родителка на вечниот живот, божествен цвет на сè создадено

 Таа единствена тихувателка и патоводителка низ исихијата, нè приведува во заедницата од која се откинавме, а еве повторно ни е дадена можност, не само да се вратиме, туку да црпиме...

Митрополит Струмички Наум: СВЕТИ ГРИГОРИЈ ПАЛАМА (26.11.2022 )

Митрополит Струмички Наум: СВЕТИ ГРИГОРИЈ ПАЛАМА (26.11.2022 )

Во Црквата не постои надворешен, т.е. научен критериум за познавање на Вистината – Христос, туку постои внатрешен, аскетско-исихастички (молитвен) критериум, преку кој лично и опитно Го познаваме Христос Вистинскиот Бог.Кога...

Сашко Николовски: СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ 13/26 ноември

Сашко Николовски: СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ 13/26 ноември

Животот на Златоуст бил тежок и бурен. Тоа е живот на подвижник и маченик. Меѓутоа, Златоуст не се подвизувал во својата келија, ниту пак во пустина, туку сред животната таштина,...

Св. Григориј Палама - „Господи, просвети ја мојата темнина„ (Собрани беседи)

Св. Григориј Палама - „Господи, просвети ја мојата темнина„ (Собрани беседи)

Градот војува сам со себе, завојувал сам со себе, се гази од своите сопствени нозе, се руши од своите сопствени раце, одекнува од своите сопствени извици. Она што е кај...

Поминувајте го времето на своето живеење со стравот ( I Пет. 1,17)

Поминувајте го времето на своето живеење со стравот ( I Пет. 1,17)

 Ова се зборови на големиот апостол Петар, зборови кои имаат двојна потврда: небесно вдахновение и сопствено искуство. По небесното вдахновение простиот рибар Петар, стана учител на народот, столб на верата,...

Игумен Фотиј Беровски: Извадоци од  беседа

Игумен Фотиј Беровски: Извадоци од беседа

        "Секогаш го дефинираме односот кон другите и односот кон себе...Каде и кога? Постојано, почнувајќи овде во Црквата а потоа и во своите домови. Секогаш кога зборуваме  на  оваа тема зборуваме...

Митрополит Струмички Наум : Како да ја зачуваме Божјата благодат во нас

Митрополит Струмички Наум : Како да ја зачуваме Божјата благодат во нас

За денешното евангелско четиво (види: Лука 8, 41–56) битно е да се запамети следново:Како што крвта е потребна за животот на телото, така и благодатта Божја е потребна за вистинскиот...

БEСEДА за пoзивoт на ситe христијани да бидат свeти

БEСEДА за пoзивoт на ситe христијани да бидат свeти

Акo вo пoслeднитe врeмиња свeтитe пoстаналe исклучoк, вo oниe први врeмиња, нeсвeтитe билe исклучoк.Свeтитe билe правилo. Всушнoст, нe трeба да сe чудимe штo апoстoлoт ги нарeкува ситe крстeни души вo...

« »