логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 


Бог го удостоил Свети Нифонт со повеќе виденија во текот на својот земен живот. По тоа што го слушнал, светителот јасно ја сфатил смислата на видението за „Воскресението на мртвите“. Но, неговото познание се продлабочило со уште едно видение, кое Бог му го допуштил веднаш по првото.

Лево од себе здогледал една голема долина полна со луѓе – мажи, жени, деца, клирици и монаси. Една заводлива жена стоела во средината на долината. Била облечена во раскошна облека и украсена со секакви скапоцености. Околу неа имало најразлични богатства и богато поставени трпези, преполни со јадења и пиења.

Била многу убава, со крупни и прекрасни очи, но не се загледувала во никого посебно. Го гледала целото мноштво и на сите им велела:

– Ти ќе ме наследиш…

Така, многумина заведувала и ги привлекувала кон себе. Но, никогаш не го исполнувала ветеното. Секој што ќе ѝ се приближел го губел паметот и станувал нејзин слуга и роб. И додека се трудел, како да ѝ угоди и да ја задоволи, доаѓале војниците на некој голем цар, го убивале и го закопувале. Потоа, таа заведувала други, кои ги снаоѓала истата судбина.

Имало многумина кои не успевала да ги соблазни, кои разбирале колку се подмолни нејзините ветувања, па со презир плукале на сè што им нудела. Таквите, царските војници не ги допирале…

– Колку необично! – си помислил светителот.

Тогаш се свртел на другата страна и видел прекрасна и миризлива долина. Таму бил поставен чудесно украсен светол престол. На него седела некоја прекрасна жена, чиј блесок осветлувал сè. Носела чудесна облека, како исткаена од облаци. Била украсена со цвеќе кое насекаде разлевало небесен мирис. Мноштво момчиња во светли облеки го опкружувале престолот и ја славословеле жената.

Од едната долина кон престолот водела тесна патека. Оние од таму, кои ја презреле првата, минувале преку неа, оделе накај другата жена и смирено и со почит ја поздравувале. Таа им давала светли облеки, ги овенчувала со венци и ги испраќала во царските градини.

Кога светителот се повратил од видението, Бог таинствено го просветлил за значението…

Заводливата жена бил овој привремен живот, кој им ветува на сите богатство и наслада. Така ги покорува сите, ги зауздува и ги одвраќа од Бога. Потоа доаѓа смртта, ги наоѓа неподготвени, умираат и заминуваат со телата во земјата, а со душите во духовна темнина…

Другата жена е вечниот живот. Кај неа одат праведните, кои во овој живот се труделе да одат по Бога, следејќи го Неговиот пат. Смртта за нив е премин во вечно блаженство, во Царството Божјо.

Светиот горко плачел и топло Го молел Бога да му ги прости сите прегрешенија и да го прими при Себе. Се плашел од смртта, но секако не од оваа. Се плашел од вечната смрт, се плашел да биде вечно одвоен Бога, од лицето Негово!

 

Извор; Бигорски манастир

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie