логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 Image may contain: 1 person, beard and close-up

"Љубовта меѓу мене и тебе е проста како песна" - Рабиндранат Тагоре
Рацете ни се превиткуваат, очите ни се впиваат: така започнува историјата на нашите срца.
Мартовска ноќ е, месечината свети, ветерот донесува сладок мирис од хена, мојата свиралка лежи на земјата запоставена, а твојот цветен венец е недовршен.
Љубовта оваа меѓу мене и тебе е проста како песна.
Твојот превез со боја на шафран ми ги опива очите.
Венецот јасминов што го исплете за мене ми го исполнува срцето со треперење како благодарам.
Тоа е игра на наддавање и одрекување, откривање и повторно скривање, малку осмев и сосема малку срамежливост и понекогаш помалку слатка бесцелна расправа.
Љубовта оваа меѓу мене и тебе е проста како песна.
Никакви тајни надвор од денешницата, никакви бори околу неможното, никакви сенки за љубезноста, никакви допири во длабините на темнината.
Љубовта оваа меѓу тебе и мене е проста како песна.
Не скитаме ние вон зборовите во вечно молчење, не ги креваме рацете свои во празнина кон нештата надвор од надежта.
Задоволни сме од она што го даваме и она што го добиваме.
Не ја исцедивме и последната капка на радост, за од неа да правиме вино за нашите страдања.
Љубовта оваа меѓу тебе и мене проста е како песна.

Промовирана книгата „Македонски јазик: идентитет континуитет – доискажување“ од Трајко СтаматоскиКнигата „Македонски јазик: идентитет континуитет – доискажување“ од Трајко Стаматоски денеска беше промовирана во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Претседателот на МАНУ, Таки Фити во обраќањето рече дека Стаматоски бил во првата генерација дипломирани студенти по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Скопје во 1950 година, бил долгогодишен директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и има огромна заслуга за развојот на македонскиот јазик, афирмацијата и континуитетот на македонскиот литературен јазик.

– Првата константа која може да се забележи и во работниот век на Стаматоски, меѓутоа и во неговиот научен опус, тоа е неговата огромна посветеност на афирмација и дооформување на македонскиот литературен јазик, на борбата за зачувување на неговиот идентитет и перманентните напори за натамошен развој на македонскиот јазик, посочи Фити.

Во неговиот научен опус, нагласи, можат да се нотираат околу 500 научни и стручни трудови: монографии, статии, реферати, симпозиуми и бројни прилози. Додаде дека посебно внимание заслужуваат неговите 16 монографии кои се комплетно посветени на македонскиот литературен јазик.
Промоторотпроф. д-р Димитар Пандев рече дека книгата на Стаматоски ја отвора историската перспектива по која македонската филологија, преку доминантна културолошка нишка вгнездена во македонството, го пресоздава тој мозаик во македонска јазична слика на светот и го извишува македонскиот јазик во својата изворна и стамена препознатливост на својата територија и во својот засведочен духовен простор, ја открива парадигмата личности кои го издигнале македонскиот јазик на рамниште на литературен од времето на Партениј Зографски, преку Мисирков и неговите претходници, до времето на Блаже Конески и неговите ученици.

– Книгата на Стаматоски е сведоштво за развојот на македонската филологија. Во неа има искористен простор за многу личности и дела стожерно градени во македонската државност. И предци и современици, додаде Пандев.

Авторот Стаматоски рече „ние сите сме континуитет, ние ниту почнуваме ниту завршуваме, ние само сме дел од тој континуитет и затоа мојот наслов на книгата е таков каков што е“.
– Има некоја симболика што го избравме овој ден за промоција на оваа моја книга. На денешен ден се навршуваат 95 години од раѓањето на великанот на македонската национална мисла, не само лингвистичка, Блаже Конески, додаде Стаматоски.

 

Извор: http://a1on.mk/wordpress/archives/682649

Македонскиот концептуален уметник, поет и граѓански активист Митко Гогов стана почесен конзул на „Песничка Република“ – Србија, проект кој има за цел да биде мост помеѓу поетите од Европа и светот.
Новоформираната „Песничка Република“ ги доби своите први граѓани - 120 поети, кои на 26 и 27 ноември 2016 година учествуваа на истиот настан во Банатскиот културен центар во Ново Милошево. Основач на „Песничка Република“ е поетот Радован Влаховиќ, а за претседател е назначен поетот Симон Грабовац. Исто така беа назначени и амбасадори и почесни конзули - поети од неколку странски земји.Меѓу почесните конзули и амбасадори се најдоа поети од Германија, Америка, Шведска, Словенија, Хрватска, Чешка, Швајцарија, Аустрија, Русија, БиХ, Канада, Словачка, Холандија, Италија, Франција, Австралија итн.
„Песничка Република“ издаде и пасоши и посебно државјанство. Сите поети се запишани во книгата на државјани на оваа поетска република.
„Песничка Република“, како и целокупното работење на Центарот за култура во Банатскиот културен центар, во својата цел и мисија го има зајакнувањето на контактите меѓу авторите и ја поддржува и промовира идејата за децентрализација и деметрополизација на културните настани.„Песничка Република“ која е организирана од Банатскиот културен центар е дел од активностите на проектот на општина Нови Бечеј - "Град во Фокус" - врз основа на одлука на Министерството за култура и информации на Владата на Република Србија.

Годинешен добитник на наградата „Бели мугри“ за најдобра необјавена поетска збирка од автор до 35 години е авторот на ракописот „Сиво сјаат вселените“, поетот и писател Стефан Марковски.


Младиот Марковски е автор на книги од различни жанрови и области, добитник е на признанија за своето творештво во земјава и странство и е постдипломец на Факултетот за драмски уметности.


Годинава ја објави својата трета поетска збирка со наслов In Nomine, во издание на „Македонска Реч“.
Тој е осмиот по ред добитник на ова признание што го доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје.
Промоцијата на поетската збирка е закажана за 22 декември во склоп на традиционалната манифестација „Денови“ организирана од Домот на културата која го чествува раѓањето на големиот македонски поет и интелектуалец Кочо Рацин.

Марк Твен

 

Минатата недела, Боб Дилан стана првиот текстописец од Западот што ја доби Нобеловата награда за литература, бидејќи „го создаде новиот поетски израз во рамки на големата американска музичка традиција“, со што им се придружи на прочуените имиња на Бертранд Расел, Винстон Черчил и Ернест Хемингвеј како лауреат. Долги години пред да се случи одликувањето, многумина типуваа дека е следниот добитник, а сега веќе неговите стихови и официјално се прогласени за уметност од страна на авторитетната комисија од областа на литературата.

Но, прашањето е како некој може да се стекне со ова признание?

Зад секоја Нобелова награда стои организација задолжена за доделување на признанието, конкретно за литература одговорна е Шведската академија. Секоја година, Академијата испраќа барања за номинации до илјадници поединци. Меѓу нив спаѓаат поранешни добитници, членови на академијата, професори по литература од целиот свет и водачи на здруженија на писатели. Сите номинации од стотици се сведуваат на пет имиња во рок од два месеца, а потоа се посветуваат неколку месеци во дискутирање на заслугите на финалистите. Победник може да биде личност која претходно барем еднаш била финалист.Боб Дилан претходно се стекнал со правото да биде избран, а наградата ја добил зашто бил оценет како најдобар избор во однос на останатите финалисти. Сепак, јавноста оваа одлука ја смета за контроверзна. Францускиот писател, Пјер Асолин, прокоментирал дека одликувањето на Дилан значи презир кон писателите. Шкотскиот автор, Ирвин Велш, пак, смета дека доделувањето е избор на сенилни хипици.  

       
Наградата за литература одамна е засенета од контроверзии. Вкусовите на водството на комисијата не ги сметале за достојни за наградата богатите опуси на големите автори како што се Лав Толстој и Марк Твен. Секоја од Нобеловите награди е спорна, најчесто доделена на личности кои помалку ги заслужуваат во споредба со други, но се чини дека Нобеловата за литература предничи во своите „пропусти“.Инаку, Жан Пол Сартр одби да ја прими оваа награда со изговор дека принципиелно не прифаќал никакви награди. Борис Пастернак, авторот на Доктор Живаго, беше принуден од страна на Советската влада да ја одбие наградата. Критериумите за наградата не предвидуваат постхумно одликување, па затоа авторите како Франц Кафка не се земале предвид.
Боб Дилан е првиот Американец кој по две децении ја добил Нобеловата награда за литература и воопшто вториот текстописец Нобеловец.   
 
Објавено на 22.10.2016
Подготвил: Б.Б.

Извор: http://www.fakulteti.mk/news/16-10-22/kako_se_dobiva_nobelovata_nagrada_za_literatura.aspx

promocija_na_knigi_640_-9

Проектот „Светско книжевно наследство“ е своевидно надоврзување на проектите „Ѕвезди на светската книжевност“ и „Делата на добитници на Нобеловата награда за литература“, едиции во чии што рамки се преведени голем дел на значајни остварувања од светската културна ризница ...Првите 53 наслови од новата едиција „Светско книжевно богатство“, во која се содржани 316 дела кои се наградени со најголемите светски книжевни признанија.Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека ова е едиција преку која уште еднаш, на дело, се потврдуваат заложбите на Владата и Министерството за подигање на нивото на општата култура во нашата средина и на граѓаните да им бидат понудени делата одраз на најдобрите европски и светски книжевни традиции.Проектот „Светско книжевно наследство“ е своевидно надоврзување на проектите „Ѕвезди на светската книжевност“ и „Делата на добитници на Нобеловата награда за литература“, едиции во чии што рамки се преведени голем дел на значајни остварувања од светската културна ризница.

promocija_na_knigi_640_-10

Направена е селекција на осум книжевни награди во светски рамки, и тоа: наградата „Букер“ која се доделува секоја година за најдобар оригинален роман објавен на англиски јазик во рамките на Обединетото Кралство, потоа „Руски Букер“ за најдобро дело напишано на руски јазик, „Пулицер“ која се доделува од страна на универзитетот Колумбија во САД за повеќе области, најпознатата француска книжевна награда „Гонкур“ за најдобро и најкреативно прозно дело на годината, наградата „Стрега“ за најдобро уметничко прозно дело од италијански автор, „Сервантес“ која се доделува за целокупното творештво на истакнати автори кои создаваат на шпански јазик, најзначајната награда за книжевност на германски јазик „Бихнер“, како и највисокото признание што се доделува на автори и на илустратори на книги за деца, наградата Ханс Кристијан Андерсен.

promocija_na_knigi_640_-2

Канческа Милевска истакна дека едицијата „Светско книжевно богатство“ опфаќа литературни дела од неколку жанрови и повеќе генерации на творци. Застапени се врвни дела од светската книжевност, романи, раскази, односно новели и детска книжевност кои ќе бидат преведени од најголемите јазици на западниот културен круг: англискиот, францускиот, рускиот, германскиот, шпанскиот и италијанскиот јазик. - Ова се бесценети изданија кои доживеале милионски тиражи и препечатувања, дела кои наишле на навистина позитивни критики кај стручната но, и кај читателската јавност ширум светот, рече министерката за култура.

promocija_na_knigi_640_-4

Најголемиот дел од извонредните книжевни творби кои денеска беа промовирани досега не се преведени на македонски јазик. Академикот Митко Маџунков истакна дека изборот на дела од оваа едиција е ограничен на книжевните жанрови роман и расказ. Во изборот учествувале Митко Маџунков, Петар Ширилов, Ратко Дуев, Луан Старова и Венко Андоновски. Сите 316 дела од оваа едиција планирано е да бидат објавени до крајот на 2017 година. Издавачи се Арс студио, Арс ламина, ТРИ и Конгресен сервисен центар.

promocija_na_knigi_640_-5

Маџунков се заблагодари до Владата на Република Македонија, за како што кажа, постојаната грижа во Македонија да се испечатат што повеќе книги, како највидлив доказ за нашиот духовен стремеж.  На промоцијата присуствуаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој за време на неговата премиерска функција поддржуваше проекти за промоција на книжевноста и предводи на дела од литературата и науката.

Promocija_na_knigi_640_-1

Оваа едиција, според него, ќе даде придонес во нашето преведено книжевно богатство на македонски јазик и придонес во натамошното усовршување на преведувачката фела за превод на врвни дела од книжевноста на македонски јазик.

promocija_na_knigi_640_-3

Извор: Министерство за култура на Р. македонија

 

 

 

 

Здружение „Контекст - Струмица“

100 Илјади поети за промена - Македонија
Светска унија на поети – делегација Македонија

Излезе електронската збирка поезија „Поплава“
Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство„Контекст – Струмица“, , преку глобалното движење „100 Илјади поети за промена“ Македонија во соработка со Scuola di poesia – Школа за поезија – Делегација Македонија,, ги повика сите поети од Македонија и пошироко да споделат своја поезија на тема „#ПОПЛАВА“.

Оваа е-збирка непофторливо наречена „Поплава“ по самата природна стихија која зафати голем дел од Скопје, опфаќа 60-на автори – поети кои освен што се вклучија во сите хуманитарни акции решија да ја поддржат и оваа иницијатива и да споделат дел од нивните стихови кои се создале како резултат на неколкудневната меланхолија, тага и жал кои се наметнаа како аманет од тоа што се случи.

Социјално ангажираната поезија како современа алатка е од исклучителна важност за подигањето на свеста кај граѓаните за сите (не)природни несреќи кои ни се случуваат. Со споделувањето стихови докажуваме дека можеме да си помогнеме меѓусебно, на едно повисоко и попродлабочено духовно и ментално ниво, но и да се потсетиме на тоа колку е животот важен и непредвидлив.

Многумина оваа природна катастрофа ја споредуваат со онаа која го удри Скопје 1963 година, односно земјотресот кој сруши(л) сѐ пред себе. Но како и земјотресот и оваа несреќа ќе биде врежана во меморијата на македонскиот народ како една од најголемите природни катастрофи кои го погодиле нашето подрачје.

Секојдневно сме сведоци на природни катастрофи кои погодуваат делови од светот. Секојдневно гледаме енормни листи на жртви од разноразни (не)природни сценарија кои нѐ окупираат, кои вродуваат страв во нас, несигурност, потреба да бидеме побслиску до најсаканите, да се обединиме и да си помогнеме.

Таква е и целта на оваа е-збирка „Поплава“. Обединување на поетите кои зборот го имаат како најсилна алатка за зближување, меѓусебната размена на мисли исполнети со сочувство, емоции силни како сонце по овој пороен дожд и љубов и разбирање.

Е-збирката поезија „Поплава“ е своевиден директен посматрач, антологиски одговор на пулсирањето на народот, документаристички приказ на (не)виденото и (не)слушнатото, поетска молитва за животите на настраданите, и во одредени граници утопистички вознес природата да не се однесува така кон човекот.   Оваа е-стихозбирка насловена #ПОПЛАВА ќе послужи како сеќавање и/ или лузна за едно време – невреме!

 

 

 

 
 
Ми недостасува она време
Кога луѓето еден крај друг со насмев минуваа
Како со години да се познавале
И многу лаф муабети меѓу нив поминале
Кога плочниците полни детски џагор беа
Без да се плашиме од лошите чичковци
За кои раскажувавме измислени приказни
Кога во ниедно време низ улици сме шетале
Со леснотија и мир во градите
Без да заобиколуваме темни ќошиња
Ми недостасува воздух
Оној порано кој го жед го голтавме
И слободата која во умовите ја имавме
Без грижа што ќе донесе новиот ден
И без тескоба од ноќта што доаѓа
Веројатно стареам
Барем баба ми така велеше
Дека штом почнува да ти фали минатото
Годините веќе те навјасале
Та си бараш утеха во нештата кои минале
И кои веќе нема да се вратат
Ех, ми недостасуваат луѓето
Оние кои повеќе ги нема
Кои заминале во некоја друга димензија
Кои веќе живи не се
А и оние кои патот далеку од мене ги однел
Та сега само буквите си ги гледаме, наместо очите
Ми недостасува мирот
Кој младоста со себе го носи
Иако од годините не се плашам
Ама некако ме разжалостуваат и осамена ме прават
Ми недостасува искреноста во муабетите
Без меркање под око и брза проценка
Кога беше сеедно кој од каде е
Дур има душа во себе, дур чоек е
И колку повеќе му се мислам
Толку повеќе сфаќам дека ми недостасува
Ох
Ми недостасуваат луѓе на кои сево ова им недостасува
Па да седнеме на чаша вино
Да се расприкажеме и поднапиеме
Да се смееме на минати случки
И да живееме нови, со секој изминат ден
Да пееме до зори и од следниот ден да сме ко што сме биле
Да се смешкаме на непознати по улици
Да ги поздравуваме и да посакуваме убав ден секому
Без лоша мисла во главите
И без товар на суетите
Да се родиме одново
Или да се вратиме назад
Па повторно да дишеме ко првпат да ни е
И поинаку да замирисаме
На чисто
На убо
На нов почеток
На себе

Ако на чоека немаш нешто убо да му кажиш
Молчи си пиле и не си ја погани устата
Оти чоек сам знај за шо арен не е
И не му треба твојот отров за да го дотепа
Кажи му ја убајната во него
Погали му ја со збор душата
Јазикот да ти биди ко да си го гушнал
Со милост во очите кажи му збор-два
Ама убај да се
Да бидат миризливи ко на доенче здивот
И чисти ко детска игра
Нека бидат невини ко млада невеста
И мудри ко стар чоек
Гали го чоек
Кажи му го убото во него
Оти некогаш оќоруваме
Некогаш, ете така низ животот ослепуваме
Та сами себе не можиме да се видиме
И троа лоши стануваме
Троа полни нетрпение и нервоза
Пиле
На таквите луѓа нешто убо да им кажиш
Оти подзаборајле
Та потсети ги на чоештината
Покажи им ја љубовта
Во твоите очи себе да се видат како во огледало
За да можат да се засакаат
За да можат глата да ја кренат
Над сите јадови да се исправат
И чекорот посигурен да им е
Да знаат оти сами не се
Оти уште некој љубов во срцето за нив има
И ќе видиш
Ех пиле, ќе видиш како ликот им се менви
Како ќе засветат
Како од милост и боја во образите ќе им се врати
И грбот како кроце им се исправа
Та смеата ѕвонлива им станува
Како од болест да оздравеле
А несреќата и тагата болест се
Зато
Ете зато треба чоек со чоек да се чува
И со убост да се гоштева
Со збор и рака подадена
Ама не за да турни и навреди
Туку да го избавиш чоек некогаш од сам себе
Како што некој некогаш и тебе од себе ќе те спаси
Гали ги луѓето
Гали и сакај ги
Оти векот тука на сите ни е краток
А часот дур да дојди, чоек биди
И памти ми ги зборојте
Молчи пиле, молчи и врви си по патот
само молчи и устата не погани ја
ако на чоек немаш ништо убо да му кажиш.

Ана Бунтеска

Во шахот како и во животот, ги приметуваме грешките дури тогаш кога другите се користат со нив.

Како што огинот не се гаси со огин, така и злото не се гаси со зло.

Дај му повеќе одмор на јазикот отколку на рацете.

Труди се да не мислиш за она што сметаш дека е лошо.

Молчењето често е најдобар одговор.

Жената е камен на сопнување за кариерата на мажот.

Причината на многу несреќи лежи во дното на винската чаша.

Дебелото дрво почнало од млада фиданка, деветоспратна зграда почнала од редење на цигли. Патувањето од илјада километри почнува со првиот чекор. Пазете на своите мисли, тие се почеток на некоја постапка.

Животната цел на секој поединец е напредување во доброто.

Л. Н. Толстој

Извор: http://www.fakulteti.mk/news/12-05-08/tolstoj_kako_shto_oginot_ne_se_gasi_so_ogin_taka_i_zloto_ne_se_gasi_so_zlo.aspx

 glagolica - jpg

На 24 мај  2016 година, Македонската Академија на Науките и Уметностите (МАНУ) и Бугарската академија на науките  го одбележаа денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј.

По повод свечениот собир посветен на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј  бише претставена уникатната  ГРАФИЧКА МАПА НА ГЛАГОЛИЦАТА изработена од академските сликари и графичари Фехим Хусковиќ и Трајче Блажевски. Мапата  ја отвори акад. Катица Ќулавкова.

glagolica

Мапата на македонската глаголица (34 линорези и графики во комбинирана техника на коишто се претставени 34 глаголички букви и буквени знаци, плус еден табеларен линорез).

„Настаната во „грчко-византиска културна средина“, глаголицата претставува мошне автентична и „сложена структура, како со оглед на нејзината семантичка страна богата со христијанска симболика, така и од палеографска и лингвистичка гледна точка“ (Петар Хр. Илиевски, 2006, 146).


glagolica - jpg

Глаголицата е свесно создадена со цел да ги означи графички посебните словенски гласови (ги има 14 диференцијални словенски гласови и графеми). Глаголицата е автохтон буквен знаковен систем кој содржи идеограми и пиктограми кои ја правеле податлива за сакралната комуникација и семиотика, за христијанската религија и теозофија, како и за мистичната мисла и метафизичкиот ум устремен кон нечујните и едвај чујните (неми) сфери. Устројството (семиозис) на глаголицата е синтеза од грами/графеми/идеограми, слова/букви, иконични знаци, нумерички буквеноцифрени величини, астролошки, теозофски, мистични симболи со извонредни естетски и етички одлики

12295261_10203638061831939_2850411991456004019_n
 

Проектот Македонската глаголица е инициран од Канцеларијата на потпретседателот на
Меѓународниот ПЕН – ПОЕТИКИ. Електронското издание на книгата Македонската глаголица веќе е објавена во  Разноликост како бесплатна е –книга. Кликнете ОВДЕ и збогатете ја вашата електронска библиотека.

 

 

 
Автор на фотографијата: Магдалена Делкова

http://diversity.org.mk/news/izlozbagrafichkata-mapa-na-glagolicata-mk/

DSC_0085

Антологиите опфаќаат седум книжевни родови (поезија, роман, расказ, драма, есеј, книжевна критика и литература за деца) и се објавени на француски, германски, шпански, руски, арапски и на кинески јазик. Во изборите се содржани дела од македонските преродбеници до современи автори ...

Министерството за култура денеска ги промовираше последните девет книги од проектот „Превод на антологии на македонската книжевност на шест странски јазици“ - сублимиран приказ на репрезентативен избор од најдоброто од македонските литературни дела кои интегрално беа објавени во едицијата „135 тома македонска книжевност“, а потоа во целост беа преведени и на англиски јазик.

Антологиите опфаќаат седум книжевни родови (поезија, роман, расказ, драма, есеј, книжевна критика и литература за деца) и се објавени на француски, германски, шпански, руски, арапски и на кинески јазик. Во изборите се содржани дела од македонските преродбеници до современи автори.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на претставувањето на завршената антологиска едиција на македонската книжевност истакна дека таа ги содржи сите жанрови и од сите генерации македонски творци. Вкупно се објавени 48 дела распоредени во седум антологии во осум тома (антологијата за роман е двотомна) и на 25 илјади страници опфаќаат над 200 македонски автори.

DSC_0053

- Целокупната антологиска едиција и сите 48 дела кои сведочат за развојните процеси на македонската литературна, културна и национална мисла ќе бидат доставени до светските библиотеки, до амбасадите на сите говорни подрачја опфатени со преводот на овие вредни изданија, а ќе бидат дел и од значајните претставувања на македонската книжевност на светските саеми и манифестации на кои ќе се претставува Република Македонија - рече Канческа-Милевска.

Промоторот Бранко Цветкоски, еден од седумтемина составувачи на оваа едиција, истакна дека е таа „чудесна шестјазична светска премиера на македонската литература“ која, како што рече, ќе ги пренесе на различните светски меридијани духот на македонското поднебје, дарбите на македонскиот идентитет и идентитетите на националните заедници во Македонија.
DSC_0030
 

- На светската академска и читателска публика им нудиме концепциски заокружен приказ на нашата книжевност, а со тоа достоинствено се спротивставуваме на опозитно поставените определби за „условно“ големите и мали книжевности, нагласувајќи го нашето длабоко уверување дека единствениот вредносен суд за книжевноста е, првенствено, естетскиот - рече Цветкоски.

DSC_0035

Покрај него, во составувањето на антологските избори од македонската литература учествуваа и Санде Стојчевски, Раде Силјан, Веле Смилевски, Јелена Лужина, Венко Андоновски и Иван Џепароски.

Проектот го реализираше Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од чие име се обрати Јовица Тасевски-Етернијан, член на стручната редакција од НУБ. Тој посочи дека преку антологиите преведени на шесте најраспространети светски јазици, како и преку претходно објавените преводи на англиски јазик на 135 книги од македонски автори, се овозможува широко претставување на врвните литературни остварувања на книжевниците од Македонија.

DSC_0011

- Светската јавност, односно голем број љубители, проследувачи и проучувачи на литературата, како и многу потенцијално заинтересирани издавачи од различни културни средини и од повеќе континенти, сега имаат увид во експресивното богатство и автентичните естетски вредности на македонската литература - рече Тасевски-Етернијан.

Минатата недела беше и последната промоција од големиот проект „Ѕвезди на светската книжевност“ со објавување на сите планирани 560 наслови во едицијата, реализиран од Владата на РМ и Министерството за култура.

Извор: МИнистерство за култура на РМ

Онлајн книжарницата КупиКнига.мк ја објави топ 20 листата на најпродавани книги во Македонија во  2015 година, на која  на  прво место е  книгата „Ако не постои утре“ од Гијом Мисо. Тој воедно е и најпродаваниот автор минатата година со четири дела во топ 20 листата, од кои на високото трето место е и неговата  книга  „Спаси ме“.

 


ВО ТАРТУ (ЕСТОНИЈА) ИНАУГУРИРАНА ИЗЛОЖБА ПОСВЕТЕНА НА АВТОРОТ НА ПРВАТА ДОКТОРСКА ДИСЕРТАЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ОД 1890 ГОДИНА



Bibliotheca Universitatis Tartuensis

Универзитетска библиотека во Тарту, Естонија

27. ноември 2015

 

Во Универзитетската библиотека во Тарту денеска беше отворена изложба посветена на првиот проучувач на македонскиот јазик Леонард Готхилф Мазинг, воедно и автор на првата докторска дисертација за македонскиот јазик одбранета во 1890 година на тогашниот Дерптски универзитет (денес Тарту) истовремено одбележуваќи и 170 години од неговото раѓање.

 
Изложбата е ретроспектива за неговиот живот и дело со фокус на 125. годишнината од издавањето на одбранетата докторска теза за засебноста на македонскиот јазик како и неговите сестрани истражувања за географијата, историјата и етнографијата на Македонија.

 
Иницијатор и автор на изложбата е Георги Гоце Дуртаноски кој оваа архивска граѓа ја истражуваше во последните две години во подготовка на оваа изложба посветена на двата јубилеи за Леонард Мазинг во Државниот архив на Естонија, Универзитетската библиотека, Естонскиот литературен музеј и архивата на Естонската евангелистичка црква.

 
Со инаугуративни говори изложбата ја отворија директорката на универзитетската библиотека г-ѓа Лиси Лембинен и македонскиот амбасадор Неговата екселенција г. Сашо Велјановски.

Госпоѓа Лембинен се задржа на важноста на јубилејот за Леонард Мазинг инициран од македонска страна во зацврстување на културните врски меѓу двете земји, додека македонскиот амбасадор Велјановски ја подвлече важноста на делото на Леонард Мазинг за меѓународно етаблирање на македонскиот јазик од крајот на 19 век.

По повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Естонија и Македонија и взаемната соработка на сите полиња амбасадорот Велјановски донираше и книги на македонски јазик како и специјално издание за македонските глаголски и кирилски ракописи.

 
Естонскиот дипломат г. Даниел Шер како претставник од Министерството за надворешни работи во своето излагање го заокружи пријателството на двете земји изразувајќи притоа целосна поддршка од естонска страна за интеграција на Македонија во Европската унија. Господинот Шер ја поздрави недвосмислената одлука на Македонија да отвори амбасада во Талин како единствено дипломатско претставништво во Балтикот.

Со свое присуство на отворањето даде и почесниот конзул на Македонија во Тарту г. Петер Роуз. Во негувањето на оваа нераскинлива врска меѓу Македонија и Естонија почесниот конзулат има посебно значење и симболика што се наоѓа токму во Тарту.

 
Импресивен беше говорот на проф. д-р Љубов Кисељова, директор на Колеџот за странски јазици и славистика во нејзиниот инаугуративен говор ги праша присутните:

„Кога ќе прашаме за Македонија на што асоцира името на таа земја?

На империјата на Александар Македонски! - одговори публиката.

За кој народ зборуваме?

За тој народ кој ја создаде најголемата и најславната империја во светот која потоа беше освоена и разграбана од Римската и Византиската империја како и окупациите кои потоа ќе следат: српската, грчката, бугарската ...„    

На младиот студент Леонард Мазинг кој дојде во Тарту да студира теологија не му било судено да стане свештеник по стапките на татка си, туку стана филолог и го препозна македонскиот јазик како посебен преку говорите на Македонците кои ги сретна во Лајпциг и во Петроград за подоцна да стане и одличен познавач и да го владее истиот. Преку личната кореспонденција и доживотно пријателство со големиот поддржувач на тезата за засебноста на македонскиот јазик Иван Александрович Бодуен де Куртене можеме да ја заклучиме дека Мазинг за својата докторска теза имаше голем број на истомисленици!„
 
Поздравен говор кон изложбата имаше и познатиот славист Александар Димитриевич Диличенко, поранешен професор по славистика на Универзитетот во Тарту, чии трудови и цитати за Мазинг беа исто така вклучени како дел од изложбата на авторот Дуртаноски.

Професорот Диличенко ја оцени изложбата како најголема чест што му се случила на Мазинг по неговата смрт.
 

Цитирајќи го светски познатиот славист Реџиналд де Бреј, авторот Дуртаноски рече:

„Како иронија на историјата, македонскиот народ чии претци му ја дадоа писменоста на сите славјански народи во втората половина на 9. век, остана последен чиј јазик им го признаа како засебен!„ Естонската престолнина на науката - Тарту е дел од поновата историја на Македонија и токму преку Мазинг културен мост кој ги поврзува двата народи со слични судбини од минатото„.

 
Од име на Светскиот македонски младински конгрес и македонската дијаспора на Универзитетската библиотека беше подарена плакета како благодарност за чување на дел од македонското културно-историско наследство и афирмација на македонскиот јазик токму преку делото на Мазинг чиј оригинал се чува токму овде. 

 Свечената дел заврши со разгледување на изложбата од сите присутни и научен осврт/дискусии за животот и делото на Леонард Мазинг. 

Изложбата ќе биде отворена до 22. декември 2015 година

 
ПРОМОВИРАНИ ПЛИК И ПОШТЕНСКА КАРТИЧКА СО ЛИКОТ НА ЛЕОНАРД МАЗИНГ

 
Светскиот македонски младински конгрес во Естонскиот поштенски музеј во Тарту истиот ден ги промовира и пушти во оптек поштенски плик и картичка со ликот на Леонард Мазинг и првата докторска дисертација за македонскиот јазик.

Издадениот лимитиран тираж картички и пликови беше испратен со датум 27. ноември до македонските организации во дијаспората и катедрите за македонски јазик на универзитетите ширум светот.
 
 
ЧОКОЛАДА СО ЛИКОТ НА МАЗИНГ КАКО ДЕЛ ОД ИЗЛОЖБАТА
 
По повод 170 години од раѓањето на Леонард Мазинг специјална серија на чоколади со ликот на Мазинг се најде како дел од изложбата во Тарту.

Најпознатата фабрика за чоколади „Лаима„ основана во 1870 година во Рига (Летонија) на почетокот го носела името „Македонија„ сѐ до 1925 година кога била преименувана во „Лаима„ - балтичка митолошка божица на честа и судбината. Серијата на чоколади беше послужена на време на свечениот коктел, а една чоколада е изложена како експонат.

 
Изложбата за Леонард Готхилф Мазинг беше иницирана, осмислена и реализирана од Георги Гоце Дуртаноски, предавач на Летонската христијанска академија (Рига) во соработка со:

Проф. д-р Љубов Кисељова, директор на Колеџот за странски јазици и славистика при Универзитетот во Тарту, Тања Шаховскаја, виш библиотекар од одделот за ретки книги и ракописи при Универзитетската библиотека во Тарту, Татјана Шор, архивар од Државниот архив на Естонија, Естонската евангелистичка црква, Амбасадата на Македонија во Талин, Почесниот конзулат на Македонија во Тарту, Светскиот македонски младински конгрес, Естонскиот литературен музеј и Естонскиот поштенски музеј.
 
ЛЕОНАРД Г. МАЗИНГ - БИОГРАФИЈА

 
Леонард Готхилф Мазинг бил роден на 21. ноември 1845 година во с. Мустјала, Естонија и потекнувал од црковна фамилија. Се школувал во Лајпциг, Гетинген и Тарту.

Бил доцент во Дерптскиот Универзитет (денес Тарту) на Катедрата за споредбена граматика на словенското наречје.

 
На 27. ноември 1890 година во Тарту ја одбранил докторската дисертација за засебноста на македонскиот јазик. Посебно внимание Мазинг обрнал на ќ/tj и џ/dj во македонскиот јазик што претставувал најатрактивен „проблем“ во славистиката.

 
Леонард Мазинг преку 45 години предавал во тогашниот Дерптски универзитет, каде што одржувал курсеви по споредбено – историски граматики на индоевропските јазици, споредбена граматика на словенските наречја, увод во славистика, филолошка и словенистичка литература, за црковнословенскиот јазик, јужнословенската дијалектика, источноевропските јазици итн.

Тука, секако, влегува и интересот за македонскиот јазик и неговата посебност.

 
Со докторската дисертација како и останатите свои дела Л. Г. Мазинг даде поттик за развој на македонистиката кон крајот на XIX век. Неговите дела ги привлекле и други автори на кој им била важна историјата на Кирило-методиевата писменост, култура и етнолигвистика,  додека политиката и пропагандата им била туѓа.

 
За Македонија/македонскиот јазик вели:

„Во денешниве услови кога Македонија не е независен политички субјект, за нас (лингвистите) важат нејзините етно-историски граници за дефиниција на јазикот!„ 1890

 
Починал на 4. април 1936 година во градот Тарту.

 
Линк до Универзитетската библиотека во Тарту за изложбата на естонски јазик кликни тука: 

http://www.utlib.ee/index.php?mod=ntx&cmd=sisu&e_id=162&id=354&e=1

 



 
File: DSC09245.JPG (2340Kbytes)


George Goce Durtanoski

 

Повеќе артикли...


Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Наука и Култура

Мај 18, 2019

Доделени наградите „Златен був“ на 9. Филозофски филмски фестивал

Рускиот филм „Ноќен разговор со џелат“/ Night Talk With a Hangman и режисерот Јаков Сивченко се добитници на „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм според жирито. Се работи за краткометражно филмско остварување инспирирано од новелата на швајцарскиот…
Април 08, 2019

Како може да им се помогне на оние кои размислуваат за самоубиство?

Според проценката на Светската Здравствена Организација во просек 1 милион луѓе умираат годишно како резултат на самоубиство. Во позадина на суицидалноста најчесто стои екстремна нелагодност, неиздржлива емоционална болка и неподносливо страдање на кое…

Светските научници и НАСА тврдат дека Македонија ја крие тајната за бесплатна енергија!

Мар 28, 2019 Друго од култура 504
Алшар е единственото наоѓалиште на талиум во светот. Tалиумот е цврст сив метал и е…

95 години од раѓањето на Вангел Наумовски – уметникот кој за Салвадор Дали беше „сликар од бајките“

Мар 24, 2019 Ликовна уметност 286
Со името на охридскиот сликар, кого Салвадор Дали воодушевено го нарече „сликар од…

Поезија од Стефан Марковски застапена во меѓународен поетски зборник во Италија

Мар 07, 2019 Литература 266
Поетското дело насловено Брзина на сонот (итал. Il ritmo di un sogno) од македонскиот…

Беседи

Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поради тоа, браќа, бидејќи нè очекува бесконечна мака, да се потрудиме преку подвиг да ја избегнеме, со милостина да го пречекаме бедниот и да го угостиме, примајќи го туѓинецот, гладниот...

 Викарен Епископ Јаков Стобиски: Недела на слепиот

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Недела на слепиот

Но, слепиот човек прогледал дури во оној миг кога станал послушен на Божјата заповед и ја прифатил Божјата промисла за себе, која била поинаква за него, ако ја споредиме со...

Стефчо Беќарски:✥  ШЕСТА НЕДЕЛА ПО ВЕЛИГДЕН ✥

Стефчо Беќарски:✥ ШЕСТА НЕДЕЛА ПО ВЕЛИГДЕН ✥

 Духовното гледање претставува гледање на вистината. Вистината се состои во сфаќање на фактот дека сите ние сме грешни. Духовниот поглед се избиструва кога човекот ќе биде способен да ги открива...

БEСEДА за свeтитe Бoжји луѓe

БEСEДА за свeтитe Бoжји луѓe

Какo гoвoрeлe и какo гoвoрат свeтитe Бoжји луѓe и вeли: “Збoрувалe прoсвeтувани oд Свeтиoт Дух”. Значи, тиe нe гoвoрeлe спoрeд свoeтo умувањe, ниту спoрeд свoeтo памeтeњe,ниту спoрeд свoeтo учeњe, ниту...

За силата на смртта и на крстoт Христoв

За силата на смртта и на крстoт Христoв

Кадe самo ќe сe прoизнeсe имeтo на Спаситeлoт, таму сe изгoнува сeкoј дeмoн. Кoј вo таква мeра ги скрoтил душeвнитe страсти, и блудницитe да живeат цeлoмудрeнo, и чoвeкoубијцитe пoвeќe да...

Митрополит Европски Пимен: “Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така?“

Митрополит Европски Пимен: “Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така?“

“Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да...

БEСEДА  за идoлoклoнствoтo какo прeљуба

БEСEДА за идoлoклoнствoтo какo прeљуба

Каква e таа прeљуба штo ја направил Израилoт и Јудeја (т.e. израилскиoт и јудeјскиoт нарoд) сo камeн и сo дрвo? Тoа e пoклoнeниeтo на идoлитe oд камeн и oд дрвo....

БEСEДА за Христoвoтo oсвeтлувањe

БEСEДА за Христoвoтo oсвeтлувањe

Христoс e пoтрeбeн и на пoчeтoкoт и на крајoт. Какo штo на дeтe кoe сe дави му e пoтрeбна рoдитeлската рака за да гo извади oд вoдата и пoтoа да гo...

Милан Ѓорѓевиќ: Томина недела

Милан Ѓорѓевиќ: Томина недела

Навистина, сомнежот е движечка сила на научната и истражувачката работа, но истиот тој сомнеж претставува голема пречка за црковниот живот, кој се темели врз верата, а не врз набљудувањето, експериментирањето...

« »