логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Поговор кон „Портретот на сликата“ од Софија Грандаковска (Галикул, 2010)


Елизабета Димитрова: „Портретот на сликата“ или дванаесет прозорци на новиот видик ’за духовното во уметноста’

На прагот од втората деценија на XXI век, ерата која во „Втората одисеја“ на Артур Кларк се дефинира како време што ги стопува откритијата и философијата во една голема хуманистичка игра на човештвото, трката по егзистенцијалните ресурси, инвазивниот технолошки прогрес на природознанието и непресушната креативност на мултимедијалните уметнички пер-форманси, наметнуваат нови истражувачки интереси и толкувања во сите сфери на човечкото делување. Продорот на постколонијалните социјални стремежи и новата поделба на светот на економски зони на интерес, исчекорот во бескрајот на моќните вирту-елни механизми на глобалната комуникациската стварност и судирот на модерната и постмодерната на ниво на антропо-културо-лошките интерпретации на современото творештво, се само некои од базичните одлики на комплексниот и хаотичен хронолошки калеидоскоп, којшто го нарекуваме наша епоха.

Во контекст на ваквите специфични гео-политички и технолошко-комерцијални рамки на модерниот свет, коишто се наметнуваат како егзистенцијалистички приоритети на целокупното живеење, хуманистичките дисциплини прераснаа во луксузна декорација на бордурата на преживувањето и станаа скап орнамент на маргините на суровата стварност. Како такви, тие ја изгубија „ренесансната димензија“ на отмени учители низ животните лавиринти на знаењето и се претворија во трендовски додаток на научно-популарните дебати во академските кругови и на ноќните седенки во клубовите на љубители на убавите уметности. Поради тоа, тие ја изгубија и својата основна функција - да го хранат човековиот дух со слаткиот нектар на сознанијата за него самиот, за неговата инспирација и имагинација, за творештвото и креативната егзалтација, за вечната потрага по убавото и благородното и за големината на уметничките потфати на целото човештво. Сепак, низ длабоките процепи на современите социјални кризи и економски рецесии, под пластовите на националистичките агонии и терористичките завери, хуманистичките истражувања на „избраните“ енту-зијасти продираат на површината на сурово разбрануваниот океан на глобалната политика, насочувајќи го вниманието кон мирното пристаниште на животните вредности. Така, над виорот на војните и вртлогот на социјалните катастрофи, уметничкото творештво и креативните манифестации, афирмативните движења и духовната атмосфера на човечките заедници ги оставаат своите безвременски траги на страниците на треперливо напишаните студии за улогата на човекот во непрегледниот универзум на постоењето. Меѓу нив, „Портретот на сликата“ од Софија Грандаковска заслужува посебно и исклучително место.

Книгата „Портретот на сликата“ од Софија Грандаковска, доктор по општа и компаративна книжевност и еден од најтрофејните млади автори и научници во Република Македонија, претставува вредна збирка од дванаесет научни есеи, објавени во еминентни стручни списанија за книжевни и лингвистички прашања во нашата земја и во повеќе светски културни центри или презентирани на научните собири посветени на книжевни, уметнички или културолошки теми. Таа обединува истражувања на дванаесет различни, но меѓусебно блиски теми, поврзани со интерпретацијата на книжевните феномени, со формите на ликовната изразност, со процесот на креативната манифестација на индивидуата во сферите на канонски зададените референци, со духовната екпресија на кни-жевните и визуелните творечки модели од средновековната и од современата епоха и со социо-културолошкото значење на сакралната уметничка практика за разбирањето на македонската ризница на културно наследство. Припаѓајќи на сферата на интердисциплинарните културолошки студии и третирајќи различни и провокативни аспекти во истражувањето на книжевните дела и рефлексијата на нивните структурални референци во разновидните сфери на визуелното творештво, дванаесетте есеја на Софија Грандаковска претставуваат живописен и возбудлив придонес кон развојот на семиотичките методи во проучувањето на уметничката креација. Воедно, тие претставуваат автентично и несекојдневно патешествие низ раскошните хоризонти на културната стратиграфија на Македонија, напластена низ вековите на творечкиот непрегор и огреана од жарот на богословите, поетите, фрескописците и иконописните мајстори.

Втемелени врз истражувачките напори на водечките светски теоретичари, како и врз сопствените долгогодишни проучувања на авторката, дванаесетте научни труда кои ја сочинуваат содржината на книгата „Портретот на сликата“, ги обединуваат хуманистичките сфери на: археологијата и нејзините помошни дисциплини, историјата на ликовните уметности, ликовната критика, книжевните жанрови, културно-историските анализи и студиите на средновековната црква и на современата духовна култура во една содржински богата, методолошки иновативна и стилски префинета синтеза на идеи, сознанија, книжевни слики и раскажувачка поетика. Притоа, пластичната експликација на содржината, живописниот авторски јазик и ненаметливоста во соопштувањето на истражувачките резултати, ја прави оваа книга вистинско интелектуално доживување и неодминлив предизвик за книжевните и ликовните теоретичари, за археолозите и историчарите, за етнолозите и културните антрополози, за пошироката читателска публика и за љубителите на кроткиот, но живописен збор, како и за сознанијата кои го откриваат интердисциплинарниот карактер на уметничката креација во нејзините разновидни и многубројни појавни форми. Низ дванаесетте научни есеи, форматирани како теоретски прозорци отворени кон светлината на новите истражувачки идеи, Софија Грандаковска, поет и врвен теоретичар на книжевноста, дидакт и угледен книжевен критичар, добар познавач на ликовната уметност и познат културолог, ни нуди внимателно конципиран и амбициозно селектиран избор на теми, мотиви, научни проблеми, истражувачки идеи и авторски интерпретации.

Првиот прозорец, „Анонимното творештво во движниот археолошки материјал на територијата на Македонија“ се отвора кон толкувањето на магиската функција на еден оловен амулет пронајден на просторот на средновековниот град Чрешче, преку продлабочената книжевна и структурална анализа на испишаниот профилактички текст. Откривајќи ги таинствените пораки на старословенските зборови посветени на мистичните димензии на заштитата и оздравувањето, авторката ја разоткрива традиционалната форма на молитвениот дискурс, втисната во ритуалната матрица на овој редок книжевно-епиграфски медиевален документ.

Вториот прозорец, „Визуелната семиотика на расказот: фрескосказ“ е насочен кон истражувањето на сложениот процес на интеракцијата во разновидните медиуми на уметничкото творештво. Анализирајќи ја визуелната расказност на библиските стихови и нивното значење за форматирањето на средновековните визуел-ни матрици, авторката ја одбрала раскошната композиција на Причестувањето на апостолите прикажана во олтарниот простор на цр-квата Св. Ѓорѓи во селото Старо Нагоричино за една своја сложена и сериозна семиотичка анализа. Дизајнот на сцената, нејзините структурални компоненти, оптичките параметри и самото визуелно естетско решение, во овој есеј на Софија Грандаковска прераснуваат во елементи на една книжевна приказна со многувидни симболични значења, инспирирана од суптилната дидактика на новозаветните стихови и раскажана со вештата сликарска четкичка на нагоричките мајстори.

Третиот прозорец, „Муњоз и Сампајо. Стрип. Кортасар (Единство омаѓосано од сопствената доволност)“ сведочи за интересот насочен кон истражувањето на западно-европските кре-ативни матрици и го анализира книжевното и ликовното низ поли-валентноста на книжевно-визуелниот израз на стрипот како уметничка форма. Навлегувајќи во сферите на една инвентивно дизајнирана визуелна приказна посветена на фантазмогоричната димензија во делото на Хулио Кортасар, Грандаковска ни го открива сво-ето познавање не само на латино-американската современа проза, туку и на различните видови на нејзиното ползување во создавањето на возбудливите форми на комерцијалната популарна култура.

Четвртиот прозорец, „Меморија и молитва“ ни ги открива суптилните семиотички нишки на молитвениот дискурс и на неговата антрополошка димензија преку четири репрезентативни примери од спектарот на современата македонска поезија. Од колосалната растрепереност на човековиот дух во потрагата по врвните доблести во ремек-делото „Молитва“ на Блаже Конески, преку поетската инвокација во стиховите на Катица Ќулавкова, низ старозаветниот мемориски молитвен елемент на Михаил Ренџов до софистицираниот молитвен восклик во поетскиот говор на Методиј Златанов, авторката на есејот внимателно ги спојува компонентите од експликативната анализа на книжевните форми на молитвата, доближувајќи ни ги космолошките димензии на овој најстар духовен монолог на човештвото.

Петтиот прозорец, „Слика, текст или говор“ го истражува божественото во уметникот и ја анализира уметничката димензија на божествените категории. Поаѓајќи од книжевната семиотика на библиските текстови и поминувајќи низ волшебниот свет на средновековните иконографски манифестации на библиската сотериологија, Грандаковска ни го отсликува сложениот дијалог меѓу зборот и сликата, базиран врз иконичните принципи на сакралниот контекст на визуелните експозиции.

Шестиот прозорец, „Народниот вез како глобален се-миотички знак“ ги открива сакралните структурални единици на традиционалниот македонски вез преку понирањето во семиотичките референци на монументалниот симболизам во „Везилка“ од Блаже Конески. Расплетувајќи ги компонентите на комплексната дијалошка структура („Два конца парај од срцето, драги, едниот црн е, а другиот црвен, едниот буди морничави траги, Другиот копнеж и светол и стрвен“) на една од најубавите песни на совре-меното македонско книжевно творештво, авторката го разоткрива и го вивисецира семиотичкиот нуклеус на вечната дихотомија на пос-тоењето и смртта.

Седмиот прозорец, „Библиските мотиви во македонската книжевност“ претставува есеј за карактерот и значењето на библиските мотиви и нивната креативна трансформација и утилизација низ формите на преводната средновековна литература, преку творбите од преродбенската епоха, сé до делата на современата македонска книжевна реч.

Осмиот прозорец, „Митокритичко читање на визуелниот имагинарен симболизам на Владимир Георгиевски“ е брилијантна семиотичка анализа на две творби од опусот на современиот македонски ликовен уметник, во која визуелните форми на композицис-ките решенија, структурата на естетскиот израз, симболичниот асамблаж на иконографските компоненти и сложената конфигура-ција на оптичките ефекти се стопени во есеистичка експресија, достојна, ако не и поголема од уметничкиот идиом на Георгиевски.

Деветтиот прозорец, „Карневалот во Струмица и неговата семиотика на универзалност“ е прозорецот на малата Софија во нејзиниот роден град, во нејзината детска соба и во нејзината горлива имагинација и љубопитност, со кои ни ја пренесува воодушевеноста од колективниот културен перформанс на нејзините сограѓани, сублимиран во традиционалната манифестација на ритмичко-мимичката карневалска свеченост. Анализирајќи ја протоколарната форма на карневалските активности преку истражувањето на архетипските одлики на настанот и понирајќи во митските димензии на неговата универзална референца, Грандаковска ни го доближува космичкиот модел на перформативните модели, кои лежат во фундаментите на карневалските ритуали од Струмичките улици.

Десетиот прозорец, „Триптих: Нови сознанија за истори-скиот континуитет и идентитет на женското монаштво во Македо-нија (XIV-XVIII век)“ ни ја доближува сакралната атмосфера на еден силен духовен центар на средновековна Македонија преку истражувањето на монашките привлегии на ктиторите во црквата Св. Константин и Елена во Охрид. Проучувајќи ја улогата на ктиторката Марија врз основа на зачуваните историски документи и визуелните докази за нејзините донаторски бенефиции, Софија Грандаковска го отвора и го анализира прашањето за идентитетскиот статус на женското монаштво во текот на неколку столетија на доцносред-новековната епоха.

Единаесеттиот прозорец, „Умножена книжевна приказна: библиски текст, нерешки мајстор, италијанска ренесанса и македонска современа поезија“ се отвора кон компаративната анализа на хуманистичките тенденции во разновидните медиуми на уметничкото творештво, преку семиотичкиот конфигуратив на древните текстуални предлошки, византискиот живопис, доцно-готичкото сликарство и модерната поетска испирација. Возвишената сен-тименталност на нерешкото Оплакување, сакралната величественост на Ѓотовото мајсторство во Капела Арена во Падова и сензибилниот поетски тоналитет на Михаил Ренџов, во овој есеј се сублимирани во приказна за космичката димензија на хуманизмот во некои од ремек-делата на светската уметничка продукција.

Дванаесеттиот прозорец, „Свештенството на жената - именител на духовното мајчинство“ претставува студија за еден од културните феномени на библиската и на современата историја, согледан низ призмата на неговото социјално, антрополошко и културолошко значење. Со внимателно проучување на дихотомната структурологија на старозаветните приказни за улогата на машкиот и женскиот принцип во приказната за создавањето, преку анализата на сотериолошката димензија на новозаветната дидактика до непосредниот истражувачки контакт со современото женско монаштво во Македонија, Софија Грандаковска во овој есеј се претставува како еден од најсериозните и најупатените академски авторитети за прашањето на „женската спиритуалност“.

Студиозниот пристап на авторката во елаборацијата на избраните истражувачки предизвици конфигурирани во една инвентивна збирка од дванаесет научни есеи, дванаесет прозорци кон иновативниот поглед на хуманистичките феномени и нивната интерпретација, создава од оваа книга сериозна студија за патиштата на уметничкото творештво, за инспирацијата од симболичните стихови на библиските епови, за ликовната естетика на средно-вековните творби и за деликатните процеси на креативната симбиоза помеѓу духовното и неговите манифестирачки облици. Од друга страна, пак, пикторескната експресија на темите и живиот, динамичен авторски приод кон експликацијата на многубројните мотиви и референци, зрачи со енергијата на еден суптилен книжевен стилски израз, богат во содржинските компоненти и воз-будлив во начинот на комуникацијата со читателите. Во таа смисла, анализата на епиграфските обележја и нивната интеракција со книжевно-жанровската референца на текстот испишан на археолошкиот наод од с. Чрешче, продлабоченото истражување на историскиот и социјалниот идентитет на женското монаштво во византиска Македонија, бравурозниот семиотички дискурс инспириран од колосалниот книжевно-естетски композит на сцената на Хрис-товото Оплакување и живописната дефиниција на книжевните феномени низ визуелниот контекст на претставата на Причестувањето на апостолите, се само некои од исклучителните квалитети на оваа книга, која мошне убедливо понира во сериозните сфери на научните експликации, не губејќи го притоа рафинираниот тона-литет на еден поетски суптилен авторски јазик.

Претставувајќи драгоцено издание за афирмацијата на современите принципи во проучувањето на културното и уметнич-кото наследство на човештвото, книгата „Портретот на сликата“ од Софија Грандаковска не е само збирка на трудови коишто сведочат за импресивните истражувачки интереси и способности на авторот, ниту возбудлив композит од дванаесет различни приказни за духовното и за уметноста. Ако, според Кандински, „секоја епоха на една цивилизација креира уметност која ѝ е својствена и неповторлива“, тогаш „Портретот на сликата“ е неповторлива студија за уметноста на христијанската цивилизација и за креативните вредности својствени на средновековната епоха. 
 
 


Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Наука и Култура

Август 18, 2019
чехов

Карактеристиките на вистински културен човек според Чехов

„Животот има свои услови. За еден човек да биде прифатен меѓу вистински образовани луѓе, тој мора да биде образован“, вели во едно писмо рускиот писател Антон Павлович Чехов кое му го испратил на неговиот помал брат, во кое му напишал и листа на услови што…
Јули 04, 2019

Рабиндранат Тагоре:„Погрешно го читаме светот и велиме дека нè залажува.“

Љубовта е еден од најзастапените и најуниверзалните мотиви во сите уметнички облици. Поезијата на Рабиндранат Тагоре, индиски книжевник, филозоф и драматург, е сплетена од стихови кои го докажуваат тоа.Творечкиот опус на овој книжевник го чинат 1000 поеми,…

Петтата сесија на Охридската школа на природното право

Јул 02, 2019 Научни трудови 191
Првата сесија од овој настан ја отвори акад. Владо Камбовски, раководител на Центарот за…

Доделени наградите „Златен був“ на 9. Филозофски филмски фестивал

Мај 18, 2019 Филм, Театар 286
Рускиот филм „Ноќен разговор со џелат“/ Night Talk With a Hangman и режисерот Јаков…

Како може да им се помогне на оние кои размислуваат за самоубиство?

Апр 08, 2019 Друго од култура 497
Според проценката на Светската Здравствена Организација во просек 1 милион луѓе умираат…

Беседи

Антониј, Митрополит Сурошки: Преображение

Антониј, Митрополит Сурошки: Преображение

Мојсеј влегол во тој облак и му било дозволено да разговара со Бога како пријател со пријател; му било дозволено да види како Бог поминува покрај него, сè уште без...

Митрополит Струмички Наум: Преображение, наше (18.08.2016)

Митрополит Струмички Наум: Преображение, наше (18.08.2016)

„Според православната црковна антропологија на Светите Отци, суштината на умот се наоѓа во срцето како духовен центар на човекот, а енергијата на умот преку  сетилата се расејува по светот. Насочувањето...

Свети Лука (Војно- Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно- Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Нашето одење во црква

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Нашето одење во црква

Ние можеме да се молиме за здравје и за сè друго што нам ни се чини дека е добро да бараме, но не смееме да очекуваме дека ако одиш во...

Митрополит Струмички Наум: ВО СТИЛОТ НА СВЕТИОТ ПРОРОК ИЛИЈА

Митрополит Струмички Наум: ВО СТИЛОТ НА СВЕТИОТ ПРОРОК ИЛИЈА

Сите сме жртви на суетата, помалку или повеќе. Забораваме дека гревот што го „препознаваме“ кај нашиот ближен, според Светите Отци, постои и во нас или е најчесто само наша проекција....

Митрополит Струмички Наум: „ВНАТРЕШЕН  и НАДВОРЕШЕН АВТОРИТЕТ“

Митрополит Струмички Наум: „ВНАТРЕШЕН и НАДВОРЕШЕН АВТОРИТЕТ“

Просто, сме станале верна копија на старозаветните Црква, храм и свештенство – во нивната изобличеност, со слични рестриктивни правила кон обичниот верник (сепак носител на царското свештенство) и со ист...

 Викарен Епископ Јаков Стобиски: За маченички етос

Викарен Епископ Јаков Стобиски: За маченички етос

Имаме можност да бидеме маченици Христови – во секоја минута, во секоја секунда од нашиот живот. Мачеништво е да се избориш со една лоша помисла, со помисла на завист, со...

Архимандрит Партениј Бигорски: Острастеноста – пат кон демоноопседнатост

Архимандрит Партениј Бигорски: Острастеноста – пат кон демоноопседнатост

Оваа состојба на демоноопседнатост не е некаков мит или обична приказна, или пак, средство за заплашување. Не, таа е реалност и постои. Колку и да се обидуваат некои да ја...

 Викарен Епископ Јаков Стобиски

Викарен Епископ Јаков Стобиски

Не плашете се да страдате, оти човекот што се плаши да страда и да се жртвува никогаш нема да му објави војна на ѓаволот и на гревот, нема никогаш да...

« »