логоFacebookTwitterYouTubeeMail


 Dorotea.sv.Teodot.jpg

ВЕЗИЛКА

 Надвор од градината е друг свет, заблудена историја којашто не знае дека низ песокот на Јудеја, кренат од ветрот, истекуваат последните мигови. Една млада жена седи во градината и чита.
 Секој збор е важен. Мечтата јасно се огледува во приказната, како што срцето се огледува во очите. Не е раскажано затоа што е вистина, туку е вистина затоа што е раскажано.
 Неа, чедната, ја занесе четивото, па не гледа дека веќе ништо не е како порано. Вчера куќата беше скромна, на стар дрводелец; оградата ниска, од груби штици; земјата посна, насадена со малку зеленчук и со по некоја скржава овошка. Но денес, денес на сето тоа му е дадено свечено, раскошно руво: ловор во замена на трње, слава - во замена на срам.
 Наместо коров со наежавено трње и голи грмушки - грмушки на ловор, модрозелен факел со миризливи пламенчиња листови. Гори, а не согорува - без сив чад што пече очи, без сив пепел што валка раце - во проѕирен облак на свежа миризба.
 Крај фонтаната - кристално дрво со гранки од млазови вода и пупки од капки. А малку подалеку - ќилим од детелина, наместо согорено бодликаво трње.
 Читателката како де не е тука, туку е во книгата: облечена е поубаво од која било невеста, а уште не ја знае причината. Фустанот и е од свила, пурпурна, вешто сошиена со една единствена нишка - токму онаа којашто ја обликува нејзината става.
 Патеката е златна и тесна како лента, се одмотува од нејзините стапала - минува покрај фонтаната, па низ тревникот, кривулесто води меѓу музичките инструменти подготвени за свеченоста - и го дели бујното зеленило што мирува, како да е нацртано.
 Прстенот е со три навои: незабележливо ѝ се слизнува низ домалиот прст, како да ѝ е преширок, момински; потоа застанува, зашто сепак е по мера, како веренички; па венчалниот се стегнува и нежно се врежува.
 Таа има двајца мажи, а ниеден од нив не се состанал со нејзиното тело. Еден е Јосиф, на другиот не Му го знае името; оној е смерен, овој е свет. Не насетувајќи дека е сакана и од смртниот и од бесмртниот, чека да биде избрана, спокојно, прибрано.
 Главата благо наведната, вратот целосно изложен на светлината. Рацете, рамењата и грбот заземаат положба како при везење.
 На другиот крај од градината, завиткан во златеста покривка од сонцето, тврдиот плод на калинка пулсира како стисната тупаница - па се распрснува. Во расшиената пукнатина од мазната кора се отвора око од рубин.
 Надвор е ветер кој развиорува  и раскинува, а тука, околу неа, како да нема воздух. Топлиот проѕирен восок се прелева преку звуците, исцелува.
 Бледозелените пупки ја впиваат меката светлина, се хранат. Небесата од чист горски кристал - длабоки како ширум раскрилен прозорец - го заземаат сиот простор, немаат каде.
 Единствените лисја што се движат се бели, од книгата.
 Наоколу животни, мали и големи, крвожедни и питоми - само што не се гледаат. Кртот е во земјата. Пеперутката е во трендафилот. Гулабот сиот е во светлината којашто блика од дното на небото, сличен на крупна ѕвезда, деница. Еднорогот е во приказната што таа ја чита. А Тигар е река на крајот од светот.
 Таму, надвор од градината, се лелее волчица со две младенчиња. Долгата низа пукотници од знамето натопено со крв не допира ниту до портата, пресушува.
 Тука, стивнатоста ја маѓепсала градината во таен ѕверилник. Дури ни големиот паун никој не го гледа - сите очи се вперени во неговата опашка. И јагнето е тука, на сеуште несигрни нозе, ѝ се сокрило зад грбот. Змијата е во тревата - неразлична од неа како што отров не се разликува од лек. Свилената буба е во чаура којашто како брош го краси фустанот.
 Животните себеси се препознаваат во нејзините чувства - зашто и чувствата се невидливи, нивното присуство трепери затскриено со совршена мимикрија. Пеперутката е трепет, но еднорогот е љубов. Кртот е болка, но јагнето е утеха.
 Кога би можела да ги види, како што тие гледаат во неа, таа би знаела дека се подготвени да ја следат. Но таа нема намера никаде да оди, седи.
 Единствени зеници што се движат се црни, нејзини.

ГЛАСНИК

 Некој ѝ приоѓа, а не е ниту маж, ниту брат, ниту Цезаров центурион. Војник е, а нема ни чин, ни возраст, ни пол. Некој заборавил да го обои. Кога етерот би имал боја, тоа би била проѕирнобела, боја на крин.
 Во неговата уста нема вкус - донесува чисти зборови. Од телото му исчезнала сенката, а од прстите допирот, како што исчезнало времето од сончевите часовници на Рим.
 Животните не го забележуваат, но инстинктот им вели дека е тука.
 Не гледа во незнајникот, го следи четивото - така гледа подобро, како на дланка. Во почетокот, го препознава етеричниот кâд, јасно исполнет со облик и со постојаност, како да е опиплив.
 Никогаш порано не се виделе, а се познаваат. Напишано е дека ќе се сретнат. Левата рака на посетителот се разлистува - нуди бел цвет како подарок. Десницата без листови се продолжува во рачка од меч, а милоста во сечило.
 Гулабот нурка кон него од днотот на небото, растејќи, му застанува на рамото. Како намерно да ја заклонува осветлената глава на незнајникот. Му позајмува крилја. Врвовите од пердувите го милуваат широкиот грб, пишуваат по мирната вода. Секој збор е важен.
 Не нарушувајќи ја тишината, воден со златна лента, незнајникот пристигнува пред везилката којашто чита. Не го носат крилја, туку тој нив ги носи, како свој единствен товар. Неговиот јарем е благ, бремето негово е лесно.
 Лебди над земјата во висина на нејзните очи, близок, неизбежен. Таа го подигна погледот од четивото. Посетителот кимна со главата, ги собра крилјата, го допре со стапалата цврстото злато пред нејзиниот скут.
 Клекнува, со колената потонува во сјајот како во мед. Го предава мечот и цветот. Останувајќи без раце, вели:
- Девице, во тебе е дете.
 Во градината повторно завладеа тишина: солзи од проѕирен восок излегуваат од заднината, се прелеваат преку живиот призор кој под погледот повторно зараснува, без лузна, запрен во слика.
 Дланката се одвојува од кориците на книгата и сега е положена на стомакот. Дланката слуша две срца: благовест. Двојни отчукувања, ускладени, почнаа да го одбројуваат времето. Зрно песок што истекува, некогаш мерка за историјата, сега е мерка на безначајност.
 Она што порано не можело да биде, по неговте зборови - е. Сега се троица. Градината раѓа сладок плод. Зборовите не опишуваат што се случило - настанот е жив одраз на тие зборови.
 Како на венчавка: зборови, постари од вистината, не се опис на маж и жена, туку тие двајца се слика и прилика на тие зборови. Прстенот се слеал со прстот, ја добил бојата на телото, а телото ја добило постојаноста на најплеменит ков.
 Најсветото се зачнува единствено со збор. Се преку зборот станало, и без зборот ништо не станало што станало. Зборовите нас нѐ изговараат, јасно, а не ние нив, нагаѓајќи.
 Марија, зашто така се вика, престана да чита - спознавајќи се себеси и плодот на својата утроба, одговара:
- Нека ми биде според твојот збор.
 Нејзината долга дланка ја остава книгата на страна и се спушта. Рацете се вкрстуваат во безгрешното крило од пурпур: спасоносен знак, како штит и поздрав.
 Ангелот, крилесто торзо, ја отпоздрави, ги бакна скрстените раце и замина од неа, полна со благодат. Со неа остана Бог.
 
 
(Сретен Угричиќ, Бог на јазикот и други раскази)

 

Подготви: д-р Драган Михајловиќ



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Мај 10, 2020
3.angeli.so.truba

Емануел Рембер: Читањето е убава мрзеливост и вистински лек

-Чудно е тоа што изолацијата ја доживувам како миг во кој сè е замрзнато. Секако дека сè уште пишувам дневник. Но, во суштина малку пишувам. По неколку реченици на врвот од изолацијата. Ме обзема некое нерасположение. Оваа нова состојба ме води кон некоја…
Април 29, 2020
3.angeli.so.truba

„Ако има волја има и начин“ – Џорџ Бернард Шо

Бидете секогаш чисти. Бидејќи вие сте прозорот низ кој го гледате светот. Демократијата е процес кој ни гарантира дека никој нема да владее подобро од тоа што заслужуваме. Кога човек сака да убие тигар, тоа се нарекува спорт. Кога тигар сака да убие човек,…

Вангел Наумовски уметник кого Салвадор Дали го нарече „сликар од бајките“

Апр 06, 2020 Ликовна уметност 213
3.angeli.so.truba
Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски (22. 3. 1924, Охрид – 13. 6.2006, Охрид),…

Мала Историја на Христијанството и на Светот

Јан 12, 2020 Друго од култура 655
Mudreci.pustina1
Св Јован Крстител е дете на Првосвештеникот Захарије и Елисавета. Захарие веднаш беше…

Скопје и Истанбул се среќаваат во јазикот, литературата, историјата

Ное 24, 2019 Литература 867
7.Vselenski.sobor
– Градовите ја имаат функцијата на поврзување луѓе, вери и народи, како и нивните…

Беседи

Храмот е срце

Храмот е срце

До тој Ден, којшто ние сме собрани данеска да го празнуваме. До денот, во којшто светлото Сонце на Правдата дошло да го осветли овој свет и да изгрее од гробот...

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Но, бидејќи над вистинската вера, низ вековите, незабележливо се наталожиле и одомаќиниле уште неколку темнини, денес, оној што ќе поверува, ќе треба да се пробие и низ овие темнини; а...

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Откако ја стекнува нејзината доверба, Богочовекот Христос ѝ ја покажува и вистинската вера: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате...

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

Телото ја прима онаа храна, која во суштина е еднаква со телото. Телото е од земјата и храната за телото е од земјата. Затоа телото во овој свет се чувствува...

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

Слoвoтo Бoжјo e какo oган на кoјштo сe радува правeдникoт прeмрзнат вo студeнилoтo на oвoј свeт; и слoвoтo Бoжјo e какo oган кoј гo изгoрува нeправeдникoт, кoгo oвoј матeријалeн свeт...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Да го фрлиме фенерот на Диоген, да се откажаме од потрагата по човек во темнината на овој свет и во сеопштата расчовеченост. Таа потрага за нас заврши во оној миг...

„Мрзливитe рацe брзo ги врабoтува ѓавoлoт а врeднитe - ангeлoт“

„Мрзливитe рацe брзo ги врабoтува ѓавoлoт а врeднитe - ангeлoт“

Вo oвoј свeт на нeпрeстајнo движeњe и нeпрeстајни прoмeни, чoвeкoт, сакал или нe, мoра да бидe врабoтeн, билo сo дoбрo, билo сo злo дeлувањe. Мрзливиoт чoвeк, всушнoст, нe e врабoтeн:...

Митрополит Струмички Наум: Депресија и надеж од православен аспект (09.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Депресија и надеж од православен аспект (09.05.2020)

    Остатокот од времето поминато надвор од молитва, на оние кои немаат непрестајна умно-срдечна молитва, Црквата им го покрива со послушанието. Оние кои го чистат своето срце од страстите, го...

Митрополит Американско- канадски г.Методиј: ПРИРОДНИТЕ СТИХИИ И ПОСЛУШАНИЕТО

Митрополит Американско- канадски г.Методиј: ПРИРОДНИТЕ СТИХИИ И ПОСЛУШАНИЕТО

Стравот Божји ни дава сила и смелост пред Бога и во Бога. Со  истата таа сила апостолите, бестрашно и со цврста вера чекореа по  разбрануваното море  на  овој  свет и...

« »