логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 

Излезе од печат втората книга од едицијата Манастирски води - Лебедот, сведоштва за духовниот живот преточена во поезија од сестринството на Слепченскиот Претеченски манастир  под псевдоним Кипријан Слепченски.


Рецензија за оваа книга напишаа академик Катица Ќулавкова и проф. д-р. Владимир Мартиновски.

Информации за продажба на книгата „Манастирски води - Лебедот“

може да ги добиете на сајтот на манастирот и преку:

Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или тел. 078 384 867

во Струмица:  тел. 075 490 655
во Скопје: тел.  070 276 721

 

 

Поезија чиста, лесна и убава како пердув од лебед

Може ли некој да биде рамнодушен при средба со лебед?
Тешко е да се замисли срце што не го менува ритамот,
што не се раскрилува во близина на лебедовата кроткост, смиреност, прозрачност.

Поетската книга Лебедот е драгоцена и ретка книга, бидејќи смирено и неусилено  го менува нашиот мисловен и емотивен пулс. Книга што лебедовски кротко ни отвора нови духовни хоризонти.     

Една од најголемите уметнички предизвици на духовната поезија е како да се говори за духовните искуства, кои тешко се доловуваат со помош на речта: кога се говори премалку се ризикува да не се пренесе вистинското чувство, а кога се глаголи премногу – да се има чувство дека се сквернави и се поедноставува сакралното искуство. Затоа, не нѐ изненадува што во оваа прекрасна ризница духовна поезија настаната од перата на жителите на манастирот „Свети Атанасиј Велики“ во Журче ги среќаваме следниве стихови: Како да доловиш / а без да објасниш. Имено, надоврзувајќи се на бисерите на христијанската духовна поезија, монашката уметничка интуиција настојува (и успева) во поезијата да навестува и да доловува, без да се впушта во непотребни објаснувања.  

Ослободена од замките на допадливоста и од невидливото бреме на авторската суета, оваа поезија е полесна од пердув на лебед, но за неа би можело да се каже токму тоа што е кажано за моќта на сакралната уметност на иконата: Само таа мана нема, / не е нечија смена, / поглед за оној кој се надева, / благодат преку неа се налева. Прекрасната поетска дефиниција за иконата, понудена токму во песната „Икона“, (Проста простота, / едноставна едноставност, / љубов со убост - / потсетник на Вечност), како да ја доловува и суштината на поезијата поместена меѓу кориците на оваа книга: поетскиот глас е топол, скромен, едноставен, прост (во убавата смисла на зборот) и човечен, поклонички настроен кон „љубовта со убоста“.


Инвокациските стихови (Зборувај место мене, / твори постојано од Себе), ни откриваат дека оваа поезија едновремено го опева и Изворот на своето постоење: Близок, / за Таков те знам / и така Име Ти изговарам, / срамежливо, испрекинато, / дрзок да не бидам. Испеани со молитвен тон, овие современи псалми се всушност химни за вечната Љубов: Докажа – Твојата љубов / не чека нашата да се потполни, / туку од искона – до крај на веков / со Неа сакаш срцето да ни се наполни. Ползувајќи инвентивни и мошне сликовити споредби, аналогии и метафори, секоја нова песна од оваа книга нѐ враќа кон изворот: Човек не може сам – да разбереме, / водата не тече без својот извор. Оттука, повеќе од очигледно е дека оваа поезија е длабоко дијалогична и полифонична: поетските гласови настојуваат да најдат решенија за човековата осаменост и отуѓеност во голем број песни, потсетувајќи дека Слични едни на други ќе бидеме / кога по ист Пат ќе одиме.

Соочувајќи нѐ со тешкотиите, премрежињата и стапиците на Патот, овие песни сосема природно впловуваат во водите на молитвената надеж: подигни волја падната / до престолот на верата („Погледни ангеле“), или, О, дену мој,  / кој почнуваш со будење, / упати ме на Оној / кој во секој час за мене е каење, / будење и осознавање. („Разбуди се“), или, Не постои зло околу нас, / освен ако сами не го создадеме, / сѐ е случка на нашиот раст, / во дивови да пораснеме. („Потврда“). Поетските слики од оваа книга нѐ постсетуваат колку е драгоцено секое човечко духовно патување и воздигнување, засведочено преку поезијата: Ќе ги паметиш ли небо моите зборови, / ќе ги впиеш ли небо моите мисли, / ги слушна ли свету моите воздишки, / ги понесе ли ветру моите чекори?

Патот има смисла ако духовно го менува и го облагородува патникот. Затоа, песните од Лебедот во себе имаат една силна философска (т.е. мудрољубива) нишка; речиси во секоја песна наидуваме на рефлексивни проблесоци, афористични и гномични стихови, кои можат да се издвојат и како самостојни мисли и согледби, како, на пример: Ноќта не се препознава себеси / додека не го види денот, или, кога главата е преоптоварена / низ неа виорат секакви ветришта. Напомнувајќи дека Небесната Татковина / е извор на нашата топлина, оваа поезија блика со својата топлина и светлина, (дури и во темнина – / внатрешност со Тебе е осветлена), како и со својата храброст и непоколебливост: Не, не се откажувам / сѐ додека здив не испуштам, / на Твои полиња ќе работам / ваков, никаков, таму ќе Те чекам. / Духу на Вистината…

Токму затоа, в раце држиме книга која никако не може да нѐ остави рамнодушни.

Книга возбудлива, незаборавна и драгоцена како средба со лебед.

проф. д-р Владимир Мартиновски

 

 

Патешествија на душата

Поетската книга на Кипријан Слепченски, Манастирски води/ Лебедот (библиотека ’Небесни цветови’) во издание на манастирот„Свети Атанасиј Велики“ од Журче, Демир Хисар (2017), е втора збирка која ќе биде објавена оваа 2017 година, под ист главен наслов Манастирски води. Претходната, објавена под истиот псевдоним Кипријан Слепченски, е составена на сличен начин, со песни кои се поврзани во една тематска и духовна целина преку стожерниот циклус „Духот на Вистината“ (во седум продолженија). Така, овие две книги „Манастирски води“ градат еден продолжителен тек, еден континуитет и една целина која востановува сопствен, особен и необичен идентитет: авторство за коешто не може да се тврди колку е колективно, колку е индивидуално, поетски свет кој се декларира како фокусиран врз сакралното, наместо профаното, стилско-реторички израз кој ја негува библиско-православната македонска говорна матрица, а жанровски како најблизок до медитативната поезија со комбиниран призвук/интонација на молитва, воспевање, химничност, благословување, откровение, завештание, исповед, лирска епистула и внатрешен дијалог. На ваквиот карактер на поезијата на Манастирски води укажува и поетот и универзитетски професор д-р Владимир Мартиновски, во својот вдахновен предговор кон првиот том.

Втората книга Манастирски води/ Лебедот е показателна не само за самата себе, туку и за една особена поетика која се востановува(ше) последниве две децении во современата македонска поезија. Таа ’нова’ поетика е обележана од присуството на сакралниот Ерос, односно од копнежот по божественото. Тој копнеж станува начело на чувствување и набљудување на светот. Тој свет не е повеќе исклучиво ни предимно овоземен, туку отворен/чувствителен спрема надземниот. Надземниот свет е имагинарен но видлив за внатрешното око, тој е идеализиран, но и доживеан како исчекор од профаната стварност.

Значи, станува збор за една книга која го опева копнежот по божественото и се оградува од ефемерниот свет и нему својствениот, динамичен поглед на свет.  

Во книгата на Кипријан Слепченски се чувствува стремеж, поезијата ’да доловува без да објаснува’ (стих од песната „Нешто“), макар што понекогаш не може да се ослободи од искушението на објаснувањето. Сепак, тоа (објаснувањето) е во сенка на ’доловувањето’ слики и состојби на душата и на умот. Ова е поезија на евокации на присутното и отсутното во сегашноста. Не се работи за сеќавања на минатото и на неповратното, туку – многу повеќе – за медитативни повикувања на отсутното присуство или на присутната отсутност на божественото око, милост, ум, реч, утеха...

Таквите евокации во песната се изведуваат со силна страст, иако не секогаш со врвна професионалност, што не го намалува шармот на песните („Незавршеност во совршеност“). Тие се испеани и изречени врз едноставни мотиви, но суптилно и во склад со менталната и духовната доминанта на поетиката на којашто и’ припаѓаат – христијанската, православната („Небесната татковина е извор на нашата топлина“).Тие ја избегнуваат клишираноста на споредбите и на метафорите со помош на личната интонација и асоцијативност. И најобичните теми стануваат необични кога им се пристапува од необичен, посебен агол, на нетипичен начин, па и со „автентична црковна терминологија“ (како што се истакнува во импресумот на книгата).

Така пристапува Кипријан Слепченски, и кога ги опева птиците, гулабите и лебедите, кога го доловува идентитетот на црниот лебед и го претвора во алегорија на монаштвото (црниот лебед „себе не може да се види“, тој има„укотвени очи“); и кога ја опева ѕвездата, онаа ѕвезда која„далечното го прави блиско“ и со тоа се претвора во синоним на ’Ѕвездата од Витлеем’;- и кога евоцира слики на птиците кои не се селат на југ, на коишто „небото им е подарено“и кои ќе согорат на височините во коишто се огледуваат („Птици кои не одат на југ“). Оваа книга им е посветена токму на таквите „небесни птици“ кои „се надеваат на промена“ од духовен, а не просторен вид. Таквите птици копнеат по вечност, а „вечноста не знае за време“(„Не поминува“). Таквите птици упатени и загледани во Небото, ги опеваат „патешествијата на душата“, тивки и неотповикливи.
Меѓу тие поетско-психички патешествија ќе ги спомнеме оние од песните „Разбуди се“, „Зајдисонце“ и „Низ решеткастиот прозорец“.Песната „Разбуди се“го евоцира мотивот на премин од незнаење кон знаење, но овој пат будењето се збиднува на божјиот пат, во облик на монаштво и како копнеж по будноста, по свесното постоење, како повик на просветленоста, како опевање на Светлината.Во песната „Зајдисонце“: Секогаш ги спростираше зраците / од едниот до другиот крај / кога гледавме и кога не гледавме / ни доловуваше рај“.Во песната „Низ решеткастиот прозорец“,субјектот - наместо прозорец кон светот - го отвора покровот над својата глава, како најдобар начин да излезе од теснецот на профаната стварност и да се спаси од затворот на тривијалноста. Завршната песна, „Духот“, го евоцира кружниот тек на патешествието, односно психопоетскиот разговор со Духот (на вистината):


„Еден со друг
преку дурбин се гледаме,
наместо напред, само во круг (...)
Духу на вистината“

 


Книгата Манастирски води е, инаку, поделена на неколку циклуси:„Великиот извор“, „Звукот на вечноста“, „Лебедот“, „Ѕвонлив плач“, „Нашето траење“, „Нема време“, „О, Боже мој“, „Со нас е Бог“. Во составот на оваа книга се истакнува песната „Духот на вистината“, која ги врамува сите циклуси (поетските кругови) и се повторува со ист наслов-рефрен, развивајќи се во 11 продолженија (макар што почнува со третата помисла, не со првата!), како поема, обединувајќи ги одделните песни во една целина. На тој начин, песната рефрен создава од одделните песни една над-структура, една целина препознаена како Книга со концепција.
Поради тоа, книгата Манастирски водина Кипријан Слепченски има свој особен идентитет, распнат меѓу верско-монашкиот ум на православното христијанство и личниот опит, опитот на личното искушение. Таквиот поетски идентитет, верувам, ќе биде препознаен во читателски кругови со сроден духовен интерес, а можеби и пошироко.


Академик Катица ЌУЛАВКОВА

Скопје, ноември 2017

26.02.2018 лето Господово

ПП

 

Друго:

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Мај 10, 2020
3.angeli.so.truba

Емануел Рембер: Читањето е убава мрзеливост и вистински лек

-Чудно е тоа што изолацијата ја доживувам како миг во кој сè е замрзнато. Секако дека сè уште пишувам дневник. Но, во суштина малку пишувам. По неколку реченици на врвот од изолацијата. Ме обзема некое нерасположение. Оваа нова состојба ме води кон некоја…
Април 29, 2020
3.angeli.so.truba

„Ако има волја има и начин“ – Џорџ Бернард Шо

Бидете секогаш чисти. Бидејќи вие сте прозорот низ кој го гледате светот. Демократијата е процес кој ни гарантира дека никој нема да владее подобро од тоа што заслужуваме. Кога човек сака да убие тигар, тоа се нарекува спорт. Кога тигар сака да убие човек,…

Вангел Наумовски уметник кого Салвадор Дали го нарече „сликар од бајките“

Апр 06, 2020 Ликовна уметност 329
3.angeli.so.truba
Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски (22. 3. 1924, Охрид – 13. 6.2006, Охрид),…

Мала Историја на Христијанството и на Светот

Јан 12, 2020 Друго од култура 792
Mudreci.pustina1
Св Јован Крстител е дете на Првосвештеникот Захарије и Елисавета. Захарие веднаш беше…

Скопје и Истанбул се среќаваат во јазикот, литературата, историјата

Ное 24, 2019 Литература 1032
7.Vselenski.sobor
– Градовите ја имаат функцијата на поврзување луѓе, вери и народи, како и нивните…

Беседи

Митрополит Струмички Наум:  Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020)

Теологија без умно-срдечна молитва е повеќе технологија, т.е. умешност, односно техника на составување и вообликување на мислата и на зборот, отколку богословие, отколку Божјо слово; повеќе знаење што произлегува од...

 Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Во духовната пустина на овој суетен свет, на ова место на нашето исконско туѓинување, огромна е човечката жед за љубов. Дури и се навикнуваме да живееме без внимание кон себе...

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме...

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот; затоа што Христос е...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

« »