логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Галијана Марковска, победничката на конкурсот за најдобра дебитантска прозна книга на книгоиздателството „Темплум“, е измислено име на монахињата Макрина, игуманија на беровскиот манастир „Свети Архангел Михаил“. Таа е монахиња веќе 12 години - прво во струмичкиот манастир „Велјуса“, а последниве 8 години во беровскиот манастир, кој се обидува да го возобнови, реставрира и заживее.
Ракописот „Полигони“ - победник на конкурсот, чии резултати беа објавени на истекот на минатата година, е рефлексивна проза во 79 записи, која го изразува шарениот светоглед на авторката, вели жирито на „Темплум“.

- Учествував бидејќи ми беше предизвик и се пријавив под псевдоним бидејќи не очекував дека ќе победам - вели игуманијата Макрина.
Во очекување нејзиното литерарно првенче да се појави во едицијата „Новите“, овој предбожиќен разговор за „Време“ ги открива богатството и силата на нејзината мисла.

 Честитки за наградата. Што претставува пишувањето за монахиња?
- Па, за монахиња што на пример има дарба за фрескопис, архитектура или за месење најубави кифлички на светот, пишувањето не значи ништо особено, исто како што, да речеме, за мене, која не сум музикална, пеењето е тешка физичка работа. Да се обидеме некако поинаку да го конципираме прашањето. Човечкиот мозок има потреба од генерализација на нештата затоа што сака светот да го види убаво построен, во редици, бројки, во шеми. Така настануваат стереотипи. А бидејќи, се надевам ќе се согласите, стереотипите се една мртва и јалова работа, добро е тие да се разбиваат.
За мене пишувањето е љубов.

 Објавувавте пред монашкиот живот во списанието „Маргина“ под своето световното име (Будимка Поповска). Дали е пишувањето, можеби, некаква носталгија по световниот живот, далечна комуникација со него?
- Не е носталгија, туку е жив однос, плод на една неминлива релација, пријателство... Нешто што ми се случува сега и овде... Кога ќе речете световен живот, вие, претпоставувам, мислите на живот во светот? Манастирите не се на друга планета, тие се уште се во овој свет, така што кога ќе речете свет, вие поскоро мислите на начинот на кој пулсира срцето на човекот, одошто на некакви вонредни услови за живеење.

 За книгата „Полигони“ жирито вели дека го изразува Вашиот шарен светоглед. Нам, пак, вовлечени во забревтаново секојдневие ни се чини дека животот во манастир е едноличен. Како Вашиот креативен порив ги помирува овие две крајности на разбирањето на животот?
- Животот е во срцето. Ова срце треба да биде смирено, задоволно, среќно, да изобилува со љубов. Треба да го наслушнуваме пулсот на срцето и во секој миг од животот да сме подготвени да одговориме на единственото важно прашање - ме сакаш ли?, без разлика кој го поставува. Од аспект на оваа восредоточеност, битно е да го следиме патот на срцето, без оглед на брзината со која ќе го правиме тоа... Некој е роден да биде тигар, некој желка, некој е толку бавен што не може ни да се роди, некој толку брз што исчезнува пред другите да го забележат...

 Пред Божиќ сме. Како се празнува празникот на Христовото раѓање во манастир?
- Ова е празник на радоста. Денес се роди Некој што ја победи смртта, Некој што го смени правецот на забревтаната локомотива на човековата историја, преполна со војни и страдање. Цената на оваа промена не е мала: саможртвена љубов до себезаборавање.

 Денот на Христовото раѓање, најголемата радост за христијанските верници, впрочем како и другите религиозни празници, неретко има доста манифестно празнување. Дали е модерното празнување на Божиќ доследно на оригиналната изворна традиција во однос на овој празник?
- Повторно ќе кажам, она што е битно е да го следиме гласот на срцето. Манифестациите и масовните прослави секако дека си имаат свое место во културата на една земја или народ, но тие не се суштината на христијанството. Христос не може да се поистовети со адет, обичај, па ни со култура. Но, може со светите тајни на Црквата, и тоа пред се литургијата, евхаристијата, исповедта и др. Поради тоа начинот на славење е ист, на кое и да е место на светов, па и пошироко: љубов за сите и за се, особено тогаш кога е невозможно... Затоа што токму љубовта на Христос ги надминува границите на можното и тоа е тајната на верата, којашто им е недостапна на оние што не сакаат да бидат како деца и да веруваат во чуда.

 Каква е симболиката на Божиќ за духовниот живот на верниците?
- Раѓање на љубовта.

 Како гледате на божиќното празнување кај атеистите? Дали е тоа можеби ден за повторното раѓање на вербата кон се што е добро, позитивно, чесно и убаво во ова снеубавено време?
- Во практиката не постојат атеисти. Атеизмот е повеќе една измислена ситуација заснована на невозможна претпоставка, слична на Ничеовата дека Бог е мртов. Номиналните верници, чиишто срца се закоравиле во рамнодушност и апатија, се повеќе атеисти од оние што се храбри јавно да се бунтуваат против стереотипите на стадото и секакви видови масовна хистерија. Многу важно, ако не и најважно, во целава приказна е да не осудуваме, да бидеме како деца, да не го гледаме злото во другиот. Само во себеси, тоа е единственото место за кое сме авторизирани.

 Последниве години е повеќе од видливо новото откривање на религијата меѓу луѓето. Каде, според Вас, може да се лоцираат причините за ваквата појава? Во просторот меѓу личната разнебитеност што секој, на овој или на оној начин, ја чувствува во ова скудно време, од една страна, и потребата за припаѓање и верба, од друга?
- Кога ќе го видите човештвото во перспектива на вечноста, онака како што е создадено од Бог, кој сигурно имал некаква стратегија кога го креирал, без разлика дали го имал предвид ваквиот тек на настаните предизвикани од падот или не, тешко е да се генерализира на тој начин и да се изведуваат општи заклучоци, макар и од историолошки аспект... Се се сведува на бројки и статистички пресметки. Така повторно сме во стапица да правиме црно-бели анализи, а тоа не води никаде. Масовноста или количеството на нешто не зборува ништо за квалитетот. Не треба да судиме врз основа на она што го гледаме, туку врз основа на вистината.

 Каква промена бележите кај себеси по повлекувањето во манастир?
- Ова е интересно прашање, бидејќи и самата често се фаќам дека си помислувам дали ова ќе ми се случеше да не бев во манастир. Значи, не постои одговор. Бидејќи не знаеме каква би била другата варијанта, освен во мислите, а тоа е повеќе домен на научна фантастика отколку парче реалност. Човечката мисла е доста ограничена, ако не е во комбинација со божествената. Инаку, практично одговорот на ова прашање би бил дека изминативе десет-дванаесет години, колку што живеам во манастир, ми биле период на зреење. Тоа е еден чудесен период на идолоуривачки тајфун, една трескавична потрага по несоздадената благодат, постојано одење по жица.

 Наскоро Вашата прозна книга ќе се појави во книжарниците. Што ви значи паричниот дел од наградата? Што ќе сторите со него?
- Не знам, парите најверојатно ќе ги раздадам на сиромаси, а наградата што тие ја симболизираат ќе морам да ја поделам со сите што ги љубам, а списокот е поприличен, во слава на Господ.

 Каква е Вашата божиќна порака?
- Не само божиќна, многу едноставна, простувајте и сакајте како да ви е денес последниот (или првиот) ден во животот...

Јасна Франговска

 

Извор: весник „Време“

Посети:{moshits}

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1107
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1046
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…