логоFacebookTwitterYouTubeeMail

За време на Светата Литургија, на Канонот на Евхаристија, свештеникот ја чита следнава молитва:

    Зашто Ти си Бог неискажлив, несфатлив, невидлив, недостижен, Кој отсекогаш постоиш и си ист, Ти и Единородниот Твој Син и Светиот Твој Дух. Ти од небитие во битие си нè привел и нас, паднатите, пак си нè подигнал и не си престанал да правиш сè, додека нè си не вознел на небото и си ни го дарувал Твоето идно царство.

Троичниот Бог не е апстрактен Бог, не е некаква виша сила, како што велат некои кои сакаат Бог да биде некаква виша сила. Знаете ли зошто сакаат да биде виша сила? За да прават што си сакаат, затоа што еден таков бог, кој е виша сила, не може да има личен однос со човекот и таа виша сила не го занима човека. Таа е нешто таму далеку, зад облаците, бог кој си ја гледа неговата работа, а ние нашата. Додека, пак, нашиот Бог, вистинскиот и жив Бог, е Личност, Битие, Бог на Црквата, на Евангелието, Света Троица.

Он влегува во директен контакт со човекот, во лично општење, Кој од небитие нè привел кон битие, нè оживотворил и кога паднавме, пак нè воздигна и не престана да прави сè, додека не нè подигна на небото и ни го подари Своето идно царство. Тој ни ги дарува идните блага уште сега, не ги остава за после смртта.

…и не си престанал да правиш сè…

Бог не престанал да прави сè за нас и кога велиме сè, имаме предвид сè што се однесува на Бога. Со други зборови, замислете си го следново: ние, луѓето, кои имаме ограничени сили, понекогаш велиме: „Ќе направам сè за тебе!“ Ти ветувам дека ќе направам сè за да ти помогнам, за да те натерам да се чувствуваш добро! Колку, пак, повеќе Бог прави сè за нас – тоа е недостижно со умот, недостижен израз на Божјите дејствија. И не си престанал да правиш сè, додека не си нѐ вознел на небото. Многу луѓе велат дека Црквата треба да излезе меѓу луѓето и свештениците да ги пронаоѓаат луѓето. Сепак, забораваме нешто: Бог дојде во овој свет, ама после тоа ги возведе луѓето на небото, не остана во овој свет. Како што пееме на Рождеството Христово: Христос е на земјата, издигнете се! Не вели: Христос е на земјата, дојде на земјата, за да водиме убав живот. Он не дојде за да го направи овој свет добар, убав, среќен, за да ни ги реши земните и световни  проблеми. Не, Христос дојде во овој свет и нè приведе во Царството Небесно. Он ни го покажа начинот како да ги ползуваме сите тешкотии од овој свет заради Царството Божјо, кое е наша трајна состојба. Денес ние страдаме, тагуваме, се вознемируваме, се задушуваме, под стрес сме, правиме многу работи и повеќето од нас постојано се оплакуваме, роптаме, паѓаме во малодушност, се прашуваме зошто се случува едно, зошто се случува друго, во мојот живот има само маки, не видов бел ден, еден не ме сака, друг не ме сфаќа. Така велиме. Гледаме многу луѓе чиј живот се превртува во многу премрежиња. Тоа нè задушува и така нашето срце и битие е потонато во мрак, во темнина, којашто е душевна темнина, која не нè остава да се израдуваме. Ако сакаме да најдеме виновник за тоа, ќе речеме дека виновно е едно или друго нешто, но мислам дека основната причина е тоа што не сме разбрале која е целта на нашиот земен живот. Не сме разбрале дека немаме цел да градиме нешто вечно во овој свет. Како што вели Свети Василиј Велики: „Ти си патник, а не жител“. Ти минуваш низ овој свет, патник си, не си постојано во него. Како еден човек на поминување, кој оди во друг град, останува таму еден месец, вели: „Е, ќе потрпам додека потрае овој месец“. Тој не започнува да се кара со кметот, со локалниот управител, да бара да го поправат градот и да дига врева. Откако отишол по конкретна работа, за тоа време се обидува да ја заврши и вели: „Дојдов во овој град, на пример, да купам некои конкретни работи“. Ти му велиш: „Види, дете мое: не обрнувај внимание ако патиштата не се убави, ако канализацијата не е добра и копаат цел ден по улиците. Ти гледај да појдеш во продавниците во кои сакаш да ги купиш работите од кои имаш потреба, да ја свршиш работата во условите кои ги имаш во тој град, да завршиш, да тргнеш и да си одиш дома. Не се грижи какви проблеми има градот, ти само поминуваш низ него, гостин си во него“. Истото се случува и со нас, кога ќе го разбереме она што Светиот Апостол го вели: овде немаме постојан град, туку го очекуваме идниот (Евр. 13,14). Немаме постојан град на земјата, туку идниот го бараме: вечното Царство Божјо. Тогаш ќе станеме способни да покажеме големо трпение во сите наши тешкотии и да имаме великодушност, да не се вознемируваме, да се издигаме над облаците на разнообразните искушенија и премрежија во нашиот живот.


Затоа, доколку се анализираме секој пат себе си кога нè задушуваат проблемите на секојдневието, ќе разбереме дека патиме од тоа што забораваме дека нашиот град е на друго место, а не во овој свет. Ние дојдовме овде да ги искористиме околностите за идниот свет. Ако сме умни трговци кои прават добри зделки, тогаш, колку повеќе тешкотии сме имале во овој свет, толку позадоволни ќе бидеме, ќе Му благодариме на Бога и ќе молиме Бог да ни даде трпение, затоа што ќе разбереме дека овдешните таги се откуп за Царството Божјо. Христос не престана да прави сè како Бог, додека не нѐ издигна на небото. Он нè издигна од овдешните работи на небото. Затоа во Светата Литургија нашата душа треба да ја вкуси таа небесна состојба, затоа пееме: да одложиме сега секаква животна грижа – оставете ги сите грижи! Во овој момент, на Литургијата, стоиме пред Света Троица, ги изобразувме Херувимите и Серафимите, Ѝ ја пееме Трисветата песна на Света Троица и затоа да оставиме сè друго, не вреди да се занимаваме со него, стоиме пред Бога, се издигаме над овдешните работи. Тоа е голема тајна и голем спасителен појас.

Околу нас гледаме луѓе кои се задавени и задушени од секојдневните проблеми, кои плачат, рикаат, очајуваат, животот им е таков, како да се врзани за едно тркало кое се движи во мракот и не можат да излезат оттаму. И велат: „Ама зошто, отче?“ И навистина, ако гледаме на нештата со нашиот разум и нас ќе нѐ опфати очај и ќе речеме: „Ама што се случи со овој човек, та сето ли зло падна врз него? Навистина ли е така?“ И доколку посакаме одговор од Бога и прашаме: „Боже мој, која е причината овој човек да се движи во мрак? Која е причината нашиот живот да тоне во мрак?“ – тогаш во срцето свое ќе го слушнеме гласот Божји, кој ќе ни рече: „Затоа што не Го сакате вистински Бога“. Ако Го сакавме вистински, тогаш ќе разберевме дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата која треба да се открие кон нас (Рим. 8,18). Ако гледаме кон идната слава, тогаш зошто да се задушуваме во овдешните страданија? Се разбира, добриот Бог знае дека сме луѓе; и јас кој ви ги зборувам овие работи, исто многупати се давам во ситници. Некој може да рече: „Отче, убаво зборуваш, но ти немаш ниту проблеми, ниту деца, ниту тешкотии… Што не е во ред со тебе? Ех, да ти ги имам грижите!“ Е, ама секој човек носи свој крст, еден човек носи крст кој тежи пет грама и вели: „Никој нема крст како мојот!“ Крстот на друг човек може да тежи 50 тони и Бог му дава трпение и тој го носи. Се сеќавам, кога бев на Света Гора, исповедав најмалку 6-7 луѓе на ден и си велев: „Пресвета Богородице! Денес се изморив!“ Дојдов во Кипар, сега исповедам 70 луѓе на ден и си велам: „Што се 70 луѓе? Никаков проблем!“ Тогаш Бог ми даваше трпение за седум луѓе, сега ми дава за седумдесет. Бог му дава сила на секој човек кој го носи својот крст.

Ако имаме надеж во Бога, тогаш сите сегашни проблеми се смалуваат, како кога некој држи лупа. Од едната страна лупата го смалува она што го гледаме, а од другата страна го зголемува. Понекогаш искушувачот делува вака: го преувеличува малиот проблем, за да нè задуши. Или, пак, ја вртиш лупата и проблемот се смалува, или го гледаш во неговите реални размери. Мислам дека Божјата благодат ги смалува проблемите. На пример, доаѓа еден човек и вели: „Отче, се оженив, но немам деца!“ Тој чувствува дека животот му е црн затоа што нема деца. Му велиш: „Види, навистина, тоа е проблем. Но сфати дека не е тоа основниот проблем. Разбери дека не е тоа целта на овој свет, туку друга – Царството Божјо. Ако кажеш: ‘Заради Царството Божјо ќе го истрпам ова искушение, нека биде благословено’ – ќе добиеш утеха!“ Или нешто друго – некаква болест, разделба, тешкотија, тежок сопруг, тешка сопруга, тешки деца, тешкотии. Ако ги видиме сите овие работи со лупата, или поскоро низ призмата на вечноста, на Царството Божјо и разбереме дека тоа се појави од овој свет, а нашиот живот е на друго место и ние сме повикани од Бога за на друго место – тогаш добиваме утеха. Ние очајуваме кога нашиот копнеж, грижа, ум, срце, се прилепени кон сегашните работи. Ако се прилепиле за сегашните работи, тешко нам! Како што вели еден Светец: „Оној кој ги сака светските почести, не може да ги избегне причините за тагата“. Во даден момент ќе се разочараш, ќе се најдеш во многу тешка состојба, затоа што си апсолутизирал нешто релативно. Сегашниот свет е релативен, сè е релативно, само Царството Божјо е апсолутно.

(Продолжува)

Извор: https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/tragedijata-na-sovremeniot-chovek-prv-del/



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1107
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1046
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…