логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


Jerotej.Vlahos.jpg
 

Личноста на Митрополитот Јеротеј Влахос преку неговото дело
„ЗА БОЛЕСТА И ЛЕЧЕЊЕТО НА ДУШАТА во православното Предание“

Дека не е важно што читаме, туку и како го читаме, ми се потврди повторно додека ги читав делата на Митрополитот Јеротеј Влахос. Се потсетив и на зборовите на еден грчки Епископ, кој откако бил испратен во мисија, го преведувал Светото Писмо на јазикот на домородното население и изјавил дека дури тогаш „видел“ што пишува во него, иако веќе 25 години бил владика. Слично на ова искуство, и јас ги слушам многу пати поимите: молитва, подвиг, светост, обожување и други клучни поими за животот на христијанинот, но секогаш се одбиваат од мојата внатрешност, како поими кои му припаѓаат на некое друго време, на некои други луѓе кои биле посебно издвоени од мнозинството. Така си ја создавам дистанцата од тој „свет“ која ми претставува своевидно алиби за отсуството на личен подвиг. Но, за делата на Митрополитот Влахос едно е сигурно: од овие поими ќе избегаме само ако ја затвориме книгата. Целиот опус на овој владика со огромен пастирски опит е проткаен со овие поими, кои се од суштинско и егзистенцијално значење за секоја личност. Тој нè ни ги „продава“ како теологија споредните, често политички прашања, туку нè упатува на срцевината на духовниот живот, аскетскиот модус на битисување, кој за него е единствената вистинска теологија. Малку да расчепкаме низ неговата биографија, ќе ни се открие изворот на неговиот фокус. Во младешките денови, првите контури на неговата личност ги отцртуваат средбите со светогорските монаси од кои ја усвојува љубовта кон најгласните афирматори на подвижничкиот живот: Свети Максим Исповедник, Свети Григориј Палама, отците од Добротољубието, но и средбите со сите христијани во чии срца го препознал копнежот за Христа. Овие искуства, по неговите зборови, го доведуваат до заклучок дека православието е духовно-терапевтски метод кој го лечи човекот, односно ја исцелува личноста.

Оваа „θεωρία“ е посебно присутна во делото „За болеста и лечењето на душата во православното Предание“, чија структура е во форма на разговор помеѓу пастирот и неколкумина боготрагатели. Иако ова дело е напишано во амбиент на големо влијание на западот во Грција, неговата содржина ниту е временски, ниту просторно детерминирана. Напротив, тие околности уште поизразено ги живеат сите православни христијани денес. Согледувајќи ја огромната концентрација на пуритански, фарисејски морализам во влијанието на западот, на истото му ја припишува улогата на креатор на атеистичкиот менталитет кој зема голем замав. Разговорите на владиката со верниците во оваа книга, ни откриваат современ богослов кој го истакнува автентичното Предание на Црквата, наспроти конформизмот на шпекулативниот пристап на протестантските и католички учители.

Но, отуѓеноста од ова Предание нè прави и нас да бидеме само номинално православни христијани. Лишено од аскетското искуство на Црквата, нашето сведоштво станува збир на лични мислења и ставови. Од друга страна, патот на Преданието Митрополитот Јеротеј ни го покажува преку актуелизирање  на прекрасни теолошки синоними. Така, тој става знак за равенство помеѓу поимите Црква, Православие, Евхаристија, лечење (исцелување). Потоа, повикувајќи се на Свети Григориј Богослов, повлекува паралела меѓу поимите богослов, боговидец и подвижник, или како што самиот вели: „Богословието е плод на духовното лекување на човекот, но и пат по кој стигнуваме до лекување и богопознание“.  Аналогно на ова следи сублиматот дека севкупното Предание на Црквата е аскетско. Штом тоa е аскетско (подвижничко), значи дека не е статично, фиксирано. Напротив, ни се открива целата динамичност на Преданието. А да се учествува во Преданието, неизбежно подразбира да се живее светотаински. Значи нема противречност меѓу живеењето светотаински и живеењето аскетски, туку како што вели Митрополитот, синтезата на овие два темелни елементи го претставува вистинскиот пат кон исцелување на душата односно преобразување на нејзините природни енергии и потенцијали.   

Токму тој пат, чии слоеви постепено се откриваат низ разговорите во оваа книга, тој го нарекува духовно-терапевтски метод. Појдовната точка во ова „раслојување“ се трите степени на духовен живот: очистување, просветлување и обожување. Во нив тој препознава и темел на догматите (за кои на предавањата по аскетика слушаме дека не се неподвижни антиквитети присутни за да го заробат човекот). Следствено, оние кои ги формулирале богооткриените вистини, биле оние кои го изоделе патот на овој метод и го достигнале врвот на христијанскиот живот, обожувањето. Акцентирајќи ја врската меѓу овој метод, догматите и големите Отци на Црквата, тој се всидрува во Преданието на Православната Црква и се заштитува од можноста да биде етикетиран како промотор на новотарии.

Да видиме сега што се лечи со овој метод. Што е тоа што боледува и од што боледува? Духовниот живот подразбира лекување на битието на човекот, односно умот како негова срцевина. Во умот е жариштето на болеста и оттука таа се шири низ целото битие. Зошто умот боледува? Умот е окото на душата и со него го гледаме Бога, слично како што телесното око го гледа целото создание Божјо. Болеста на „духовното око“ ја прекинува врската со Бога, ослепува за Бога и целиот човек наместо богоцентрично станува автоцентрично односно смртно битие. Смртно е оти умира кога не е во можност да го исполни својот потенцијал, кој е уподобување на Бога.  Оваа состојба е наследството од првородниот грев, чии последици се: 1) расипување на умот и негово неприродно делување, 2) поистоветување на умот со разумот, што води до обоготворување на разумот, 3) потчинување на умот на страсти, анксиозноста и влијанијата на околината. Вистинска темница! Затоа Влахос тука ги спомнува Христовите зборови: „Ако светлината која што во вас е темнина, каква ли е темнината!“ (Мт. 6:23). Значи, причина на темницата која за последица го има самоуништувањето е парадоксално – самодоволноста. Производ на таа самодоволност се погубните гордост и високоумие, а во одрекувањето од нив Влахос го лоцира почетокот на исцелувањето. Одрекувањето пак започнува со преумувањето, односно покајанието кое овој духовник сликовито го претставува како пат од автоцентричен монолог кон дијалог со Бога.

Според ова, на едниот крај на патот го имаме болниот човек (дури и несвесен за својата состојбата), самоизолиран од заедницата со Бога, затемнет, возгордеан, кој си измислува виртуелни светови преку индивидуалистички проекции, потхранети со помисли, фантазии и останатиот корпус на неброени „инструменти“ кои ги има на располагање болната душа. Понатаму, во средината на тој пат е човекот кој бивајќи свесен за својот мрак, своето промашување, својата болесност, почнува борба со страстите преку усвојување на православно-аскетскиот метод на Црквата. Тука се истакнува појавата на подвигот! И, на другиот крај кој нема крај е духовно здравиот човек кој стои цврсто со нозете на земја (со умот во Бога) и независно од околностите и ја живее совршената радост од заедничарењето со Троичниот Бог. Тоа е излечениот, светиот, обожен човек! Тука би го спомнале важното потсетување на Влахос дека светоста не е моралистичка и индивидуалистичка категорија, туку онтолошка која се пројавува единствено низ заедницата со Христа Бога. Ова значи дека сме свети само кога учествуваме во светоста на Единствениот Свет, Единствениот Господ Исус Христос, како што велиме во одговорот на Светата Евхаристија. Но, како што рековме погоре, ништо во постоењето на човекот не е статично или конечно или неменливо, па така и светоста не подразбира крај на подвигот и борбата. Како најдобар пример за ова авторот ни ја посочува личноста на Светиот Апостол Петар, кој иако ја виде божествената, несоздадена светлина на гората Тавор, при Христовите страдања се одрече три пати од Спасителот, но и повторно ја воспостави тогаш прекинатата заедница со Христа со своето преумување и остана камен на кој е изградена Црквата.

Гледајќи ги нештата вака поставени, ни се разјаснува зошто за терапевтскиот метод, односно аскетското богословие, владиката го употребува зборот наука. Тој тргнува од етимолошкото значење на грчкиот збор „επιστημη“ кој е изведен од глаголот „επισταμαι“ кој значи „знам добро“. Од ова следи дека Црквата како чувар на Преданието и на аскетскиот метод на лечење на човекот, „знае“ кој е и каков е патот на лечење на личноста и патот на богопознанието. Ова според зборовите на Влахос го прави Православието наука над науките, оти нема поголемо „знаење“ од тоа да се познае Бог.

Одговарајќи на прашањето на еден од учесниците во разговорот за тоа каде е тука верата, владиката веднаш открива уште еден слој во лечењето на душата преку аскетскиот метод. Тоа се улогите на три фактори на овој пат: верата, свесноста за болеста и присуството на терапевт, односно духовник, пастир.

Најпрво тој ја направи нужната дистанца од голата вера на протестантите и нејзините плодови и шпекулативната вера која исходи од интелектуалистичкиот пристап кон Откровението. Понатаму ни објаснува дека верата која ја исповеда Црквата Христова, е неопходна и во почетокот на лечењето а претставува и плод на лечењето. Прво како едноставна, разумска вера, која ја буди љубовта кон Бога, а на крај како резултат на осветувањето и на богопознанието, на вистинската „θεωρία“. Првата ни помага да го поминеме првиот степен во духовниот живот, втората произлегува од врвот на духовниот живот. А, значењето на цврстата вера во Христа нашиот Бог се гледа во големите Отци кои имајќи ја токму таа вера ја спасиле Црквата од налетите на многуте ереси, се разбира во содејство на Светиот Дух Господ. Според сето ова нема спротивност меѓу „двете“ вери, туку органска поврзаност.

За свесноста за сопственото духовно боледување рековме и погоре дека е неопходна за човекот да тргне по патот на лекувањето на душата. Стануваме свесни за нашата состојба кога ќе ги видиме страстите натрупани врз душата, а во тоа ни помага Самиот Бог со благодатта која се пројавува како разбудувачка светлина која ги открива сите промашувања во нашето постоење.

Свесноста пак, на личноста на Митрополитот Јеротеј за улогата и одговорноста која ја има како пастир на Црквата Христова, ја гледаме во неговото актуелизирање на улогата на свештеникот како терапевт, односно духовен лекар на личностите нему од Бога дадени. Земајќи го Свети Григориј Богослов како пример на пастир кој прво себе се излечил пред да ги лечи луѓето и со употреба на духовни паралели тој нè воведува во ова прашање. Уште Свети Григориј делото на Божествениот Домострој го нарекува терапија, а Христа-Терапевт, а свештениците служители и соработници во терапијата.  Оттука, владиката подвлекува дека свештениците не се дилери на карти за рајот, туку вистински лекари на народот Божји, психагози. Понатаму, зборува и за значењето на поимот духовен отец, за кој повикувајќи се на Апостолот Павле (Гал. 4:19) вели дека означува вистинско духовно раѓање и растење на духовните деца се додека тој (духовниот отец) не ги доведе до Христа. Колку убаво расветлување на службата на свештеникот. За жал, многу често токму тој му го загорчува слаткиот вкус на православниот духовен живот на христијанинот. Но, богатството на Преданието е толкаво што секоја духовна криза и недостаток на опит може да се надомести, само ако собереме сила да погледнеме и да ги послушаме вистинските „теоретичари“ на Бог-Троица.

Разговорите во оваа книга го допираат и прашањето за разликата меѓу духовникот и психологот, односно православниот аскетски метод и психологијата. Притоа ја имаат предвид опасноста од неможност на прв поглед тие да се разграничат заради употребата на слични и исти термини. Сепак, и во различните конфесии среќаваме слична терминологија, иако не сите го водат човекот по ист пат и на исто место. Во овој контекст, мора да се каже фактот дека психологијата бивајќи антропоцентрична и најчесто лекувајќи ги само симптомите а не и причините за болеста на душата сака да го доведе човекот до состојба на вештачки мир. Православно-аскетскиот метод на Црквата Христова го води човекот кон обожување и кон полнотата на животот преку заедницата со Живиот Бог. Дури и кога психологот ги бара причините за болеста, тој тоа го прави во ходниците на минатото, во траумите и инхибициите. Наспроти него духовникот знаејќи ја суштината на духовната темница,  со помош на благодатта Божја, го води човекот кон преумување, совладување на страстите и кон будење на есхатолошката свест која е неопходна за да се надмине стравот од неможноста да се излезе  од себе и да се раскинат оковите на смртта.

Постепено, овој современ отец, Епископ на Нафпактос, низ разговорот со неколкумина христијани нè доведува до она што тој го нарекува „светиња на светињите“ на православниот аскетски метод. Тоа се трите степени на духовен живот: очистувањето, просветлувањето и обожувањето, за кои повторно нè упатува на учењето на големите Отци-борци на Црквата, во случајов Свети Никита Ститат и Свети Максим Исповедник, иако се неброени примерите во кои Отците зборуваат за ова клучно прашање. Од нивните сведоштва, втемелени во Преданието, тој го дава следното резиме на овие три степени: степенот на очистување е почетен и тесно поврзан со покајанието, одрекувањето од „стариот“ човек и облекување на новиот човек со обновителната енергија на Светиот Дух и низ подвигот на собирање на разумот и умот преку молитва и пост; вториот степен се одликува со присуство на поголеми плодови како што се разликувањето на причини од последици и на божественото од човечкото, како и со дарот на непрестана молитва и базично богопознание; степенот на обожување пак, е состојба на духовно совршените, мистагозите и теоретичарите на Црквата, вистинските Богослови кои живеат во постојано умно тихување, исихастите.

На ова место владиката Јеротеј ни ги претставува и двете фази кои и` претходат на  совршената исихија, а тоа се одвојувањето на умот од разумот и будноста. Одвојувањето на умот од разумот претпоставува стивнување на после падот страшно активниот и обоготворен разум и откривање на вистинскиот ум кој рековме дека е око на душата. Духовната будност ја означува подготвеноста на умот да ја отфрли секоја искушувачка помисла од пред вратите на срцето, со што
се отклонуваат предусловите за паѓање во грев и срцето цврсто се држи до непрестајната молитва: „Господи Исусе Христе Сине Божји помилуј ме грешниот“, примајќи ја благодатта Божја.

Исихазмот пак, е самото јадро на православното богословие, а исихијата е аскетски метод за очистување на срцето и восредоточување на умот исклучиво на името на нашиот Господ Христос. Тоа е престојување во Бога и отворање на умните сетила за откровението и богопознанието, како пат до обожување на човекот. Една од клучните забелешки на владиката Јеротеј, а во контекст на прашањето на еден од учесниците во разговорот, зошто луѓето одат надвор од градовите во потрага по мир, е дека нашето време е изразито анти-исихастичко. Денешниот човек е обземен од лажниот активизам, наспроти највозвишениот активизам на исихастите. Наместо од радост во радост човекот оди од очај во поголем очај, кој предизвикува сериозни психолошки проблеми. Ова е време на нови стравови од осаменост и, парадоксално, од безизлез, иако на секој чекор му се нуди некаков избор. Ова јасно зборува за виртуелноста во која длабоко стапнува човекот, а која му се провлекува речиси неприметно.

По одговор на оваа состојба Влахос нè упатува кон неговиот миленик, истакнатиот претставник на аскетскиот метод на обожување Свети Григориј Палама, кој пак самиот се повикува и го потенцира исихастичкото сведоштво на нашата Владичица, Пресвета Богородица. Не случајно Свети Григориј поаѓа од Богородица кога зборува за исихијата. Тој во беседата на Воведение за Неа вели дека востановила и пренела на сите нас пракса повозвишена од секое видение. Таа изградила нов, необјаснив пат до рајот наречен умно тихување. Заради ова Таа е миленичка на монасите кои спознале дека преку Неа може да го добијат дарот на умното тихување. Православното монаштво е исклучително тесно поврзано со Божјата Мајка. Тоа најлесно го гледаме во нејзината светогорска градина, а и воопшто, таму каде што монаштвото не постои како категорија, како на пример во протестантските заедници, таму не постои ниту однос, ниту вера, ниту љубов кон Богородица.

Можеби затоа спасот од прозападното забегување кон „моралистички“ и „апстрактен“ христијански живот Влахос, меѓу другото, го лоцира во отрезнувачкото присуство на автентични монаси – подражаватели и промотори на православниот духовно-терапевтски односно аскетски метод.

За колкав предизвик станува збор кога се пишува и размислува за Митрополитот Јеротеј Влахос се гледа од богатството, длабочината и ширината на неговата мисла која за свој извор ги има несогледливите предели на православното Предание. Без сомнение, ова негово дело нуди освежувачки и истовремено изворно православен поглед кон начинот на кој треба да го изодиме патот до целта. Враќајќи го во фокусот фактот дека човекот по падот е болен и треба да се исцели, тој со право ја повлекува паралелата помеѓу православниот духовен живот и православниот духовно-терапевтски, односно аскетски метод.

Автор: Марко Драговиќ

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5858
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6663
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6468
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5653
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Најново од духовност

Православен календар

 

28/04/2024 - недела

Велигденски пости; (пост на риба)

Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници; Светите апостоли Аристарх, Пуд и Трофим; Светиот маченик Сава Готски; Светите маченички Василиса и Анастасија;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Христови маченички Агапија, Хионија и Ирина 16 април / 29 април 2024

Тропар на светите Христови маченички Агапија, Хионија и Ирина 16 април / 29 април 2024

Девственички свети маченички,поучени за воскресение во живот веченод истоименитоста со благодат преисполнета – светата Анастасија,заштитени со молитвите на Христовиот пастир,

Тропар на влегување  на Господ Исус Христос во Ерусалим Цветници 2024

Тропар на влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим Цветници 2024

глас 1Христе Боже,  за да  нé увериш во општото воскресение, пред Твоето страдање  го воскресна Лазара од мртвите. Затоа и...

Тропар на светиот Мартин Исповедник папа Римски 14 април / 27 април 2024

Тропар на светиот Мартин Исповедник папа Римски 14 април / 27 април 2024

Исповедниче на вистинската вера која спасува,Мартине свети мачениче,прими од нас пофалба и благодарност.Од Бога со благодатна вистина исполнет,на патот исповеднички...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная