логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 3.angeli.so.truba


Христоликиот (авто)портрет на Доменикос Теотокопулос Ел Греко

 „Една капка од солзите во неговите слики да капне во пеколот, тој веднаш ќе се претвори во рај“. Емил Сјоран

Сончево пролетно утро е во Толедо, 1611 година. Mлад уметник оди да посети еден сликар – мајстор во неговото ателје, во една камена куќа на повисокиот дел од градот. Кипарисите и леандрите мирисаат, а во воздухот летаат цветови од блиските овоштарници. Во ателјето со високи ѕидови и огромни прозорци во готски стил, светлината не може да продре внатре. Можеби заради спуштените тешки, бордо завеси, но и заради обоеното стакло. Влегува гостинот низ тешката дрвена порта и го прашува домаќинот :
– Маестро, зар не сакаш да влезе светлината од овој сончев ден во твоите темни соби? Отвори ги прозорците или излези надвор со мене, на прошетка. Надвор е торжествен ден!
– Не! – му одговорил одречно сликарот и продолжил трескавично да слика едно поголемо парче ленено платно, оптегнато на дрвен рам, закачено на еден од повисоките ѕидови.
– Не... Ако јас со оваа визија и светлина која ја носам во себе, го пуштам и сонцето од надвор во моето ателје, јас... јас ќе изгорам.
Сликарот во ателјето се викал Доменикос Теотокопулос Ел Греко. Во моментот на посетата ја сликал композицијата „Визијата на апостол Јован“ или „Отворање на петтиот печат“ од Откровението на Новиот Завет.

3.angeli.so.truba
 
Јованово Откровение 1608 - 1612 год. масло на платно


Што значи тоа „светлината од надвор ми пречи да ја проектирам врз платното, светлината од внатре“ ? Дали надворешниот свет му пречи на внатрешниот , надворешното сонце на внатрешното сонце? „Излези надвор! Надвор е светлината“! – го повика наивно младиот сликар. Замислете кога во темна просторија го гледате омилениот филм и некој ненадејно ги пушти светилките во салата. Или кога со склопени очи ја гледате квечерината од затемнета соба, а некој го пушти рефлекторот. Прекин на молитва. Каков светлосен болскот била визијата на уметникот, па се исплашил да не изгори од спојот на двете светлини?! Зошто не можел да го издржи мешањето на двете светлини? Правам споредба со тесните отвори – транзени во нашите манастири и тенките зраци кои пробиваат низ нив, осветлувајќи од фреските толку колку што е потребно да се натопат човечките очи со смисла. „Затоа што сликите се само налик на она кое е насликано во нив“ вели Свети Јован Дамаскин.
Ел Греко е можеби единствениот претставник на фигуративното сликарство кој создаде толку убедлива бестелесна симфонија од движењата на човечките тела. Тој од телесниот свет, ги пресели во Вечност. За разлика од уметноста на Микеланџело Буонароти, во која и покрај боженствената визија во фреските „Создавањето на светот“ и „Страшниот суд“, тој во ниту еден момент не заборави дека е сликар, скулптор, анатомски прецизен научник на телото. Неговите тела се плот, мускули и грч. Голи, испотени тела, материјализирани од боговите и титаните на античкиот свет го прогонуваат сликарството на Микеланџело. Химна на мускулите! Луѓе како полубогови. Фигурите на Ел Греко се исто така во драматични движења, под огромните драперии се насетува и анатомијата на телата. Занаетот и реализацијата, цртежот и перспективата, се совршено беспрекорни. Но тука плотта е веќе преобразена. Пропорциите во неговата уметност се надземни! Анатомијата е надтелесна. Овие фигури со драперии се тешки затоа што се натопени во небо. Небата се вселени во човечките фигури и тие личат на откинати сложувалки од облаците. Друга е перспективата на неговата уметност. Различна и поинаква од природата и логиката на фигуративното сликарство! Телата во сликите на Ел Греко се всушност пејзажи. Единствениот негов пејзаж без присуство на човечката фигура „Бурата над Толедо“ има едно такво небо. Фигурите на Ел Греко се преобразени. Тие горат како свеќи. Тие сите согоруваат како свеќи со остар пламен. Границите меѓу пејзажот и фигурата се растопени. Во неговите „Распетија“ доминира небото. Небото раздвижено од ветрот. Се’ е во движење и ништо не е фиксирано за тлото, секој миг се чека да се откорнат од земјата.  Земјата е маргинализирана до степен на исчезнување. Небото надоаѓа, се спушта за да ја проголта површината. Тоа се навидим ноќни сцени, ноќни пејзажи, а всушност тоа е денот во кој ненадејно се стемнува. Движењето на дрвото во бура, огнот, облаците кои се движат по ритамот на ветрот, сето тоа наликува на драматичното треперење на фигурите во неговите слики. Светот е во исчекување на Судниот ден во сликите на Ел Греко. На пример, во некои претстави на апостолите, ако ги одземете деталите како лицата, дланките со свитоци и книги, черепи и крстови, личи дека гледате процепи во небото низ кое беснее бура. Кога замислувам светител, јас веднаш помислувам на сликите на Ел Греко. Но, темните длабоки, сини неба и изворот на овие издолжени фигури кои како кипариси се вишнеат во воздухот, лежи во средновековната православна естетика (аскетика).

3.angeli.so.truba
 
„Сретение“ 1610 год. масло на платно


Доменикос Теотокопулос, подоцна наречен Ел Греко, или Гркот, е роден во Крит 1541 година. Со сликарство започнува рано, во духот на византиската традиција на живописање црковни икони и фрески. Немирниот медитерански дух, но и една несреќна случка со нападот од пирати врз островот, во кој страда и неговата фамилија, го прогонува од домот. Во потрага по други светови и предизвици, со брод се преселува во Венеција, каде се среќава со школата на Тицијан и неговите современици, сликари, архитекти и поети. Целосен пресврт во естетскиот начин на поимање на ликовната уметност доживува во работилницата на мајсторот Тицијан. Таму се запознава со ремек делата на доцната ренесанса. И самиот под влијание на Тицијан го пробива византискиот канон и неговата палета се преобразува. Оди во Рим. Се соочува со уметноста на Рафаело и Микеланџело. Се бори да го задржи својот уметнички идентитет под притисокот на фреските во Систинската капела. Непрестано цртајќи според големите мајстори, претходници, го умножува и продлабочува ликовниот талент. Но, таму го губи духовниот простор. Немирниот дух го носи понатаму, во Шпанија, во средновековниот град Толедо. Таму, во тивкиот град, на триесет и шест годишна возраст, ќе ја започне големата духовна битка со темнината, со античката човекоцентричност, со материјализмот на западната ликовна традиција. Макотрпеливиот творечки и надземен подвиг ќе формира чудесна синтеза од светот на византиското ликовно искуство и постренесансната европска естетика. Неговото оригинално творештво ќе направи пробив и низ барокната епоха, но никогаш, на ниеден начин со својот автентичен израз нема да робува на стилот на времето. Повлечен од светот и осамен во своето ателје, како во пештера, со постојани визии и мистични доживувања, ќе го слика животот на Господ Исус Христос, мачеништвото на апостолите, евангелистите, монасите и духовните подвизи на светителот Фрањо од Асизи до крајот на својот живот.

3.angeli.so.truba
 
Една од раните икони на Ел Греко „Св. Апостол Лука“. Околу 1565 год.


Големите уметници не се расфрлаат со емоции во светот, во чести случаи тие се навидум суви, недостапни, непријатни во стварноста. Навидум не чувствуваат. Не се лесно прифатливи во светот на дипломатијата и ласкањето. Тешко ги изразуваат своите душевни аспекти. Неснаодливи се во општеството. По природа се потонати во тихување, молчаливи и повлечени. Сé  се складира во нивната уметност, сé се филтрира во светлината и боите. Нивното постоење ферментира во дело. Творечкиот пат, по природа е аскетски поход . Зад сите творечки дела што секојдневно ги гледаме по интернет галериите и музеите и им се восхитуваме, стои по еден долг и мачен свет на изолација и борба со себеси и светот, падови и искушенија. Борба со неискупени страсти (страданија) и свесност за гревот.  Андреј Тарковски не случајно животот на сликарот и преподобен Андреј Рубљов го подели на два дела. Црно – бел, всушност, е најдолгиот дел од житието и малиот краток дел во боја, каде го прикажа творештвото на живописецот.


Во современиот свет, најчесто, тие брчки и лузни се прикриени со кловновска пудра или резервен идентитет. Глумење величина. А готовите дела што ги гледаме? Тие се само одблесок, најкратка секвенца од долгиот пат на спознанието, мигновен процеп низ пукнатините на себепреобразувањето. Како молња, што само за кратко го осветлува мрачниот простор. Оттаму тоа стравување од надворешната светлина. (Еден друг сликар сликајќи ги житните полиња под усвитеното медитеранско сонце, изгоре од молскавичниот спој на двете светлини.)
Таков бил светот во кој живеел Ел Греко - суров и полн со ужаси (впрочем, како и секое време во историјата што е откинато од Вечноста.) Кладите со грешници гореле секојдневно и тие биле постојана забава за публиката и „верниците“, а Инквизиторот - постојано сомничав за исправноста и безгрешноста на луѓето. Темната инквизиторска Шпанија наликувала на сликите од апокалипсата. Кладите не можеле да го загреат студот на изгубените души кои смрзнуваат. Се додавал огрев кој уште повеќе го подгрева пеколот, не прочистувајќи го гревот. Ел Греко ќе го наслика инквизиторот, и преку тоа студено, самоуверено лице ќе ја прикаже епохата во која живеел, времиња на судови и жртви. Многу покасно Фјодор М. Достоевски ќе напише голема студија, расказ, сведоштво за тој трагичен период од човечката историја во делот од книгата „Браќата Карамазови“ – Големиот инквизитор. Темата е безвременска, и денеска актуелна. Размена на леб и дух, продажба на слободата за сигурност. „Стандарт“ со јазикот на денешното време. Забава и лудории во замена за мир и смисла на животот. Сликите на Ел Греко биле под постојан надзор, а неговиот живот под сенката на инквизиторскиот суд. Голем дел од неговите дела стоеле под клучот на црковните цензори, кои не биле сосема сигурни во уметничките блиц визии со кои авторот ги сликал Распетијата, солзите на свети Петар и света Марија Магдалена, Откровенијата на апостол Јован и сцените со Христос како го чисти храмот од среброљупците. Не случајно по смртта, неговото творештво ќе падне во заборав цели триста години.
Ги видов неговите дела. Сега, замислувам како го посетувам неговото ателје. Не како турист, туку како негов гостин. Влегувам во големата работилница – ќелија. По ѕидовите, на закачените платна, шуштат крилјата на ангелите, се протегаат фигури на апостолите и монасите во молитва, преобразувајќи ги телата и плотта. Св. Фрањо од Асизи плаче пред виденијата во пештерата. На едно платно Св. Јован Крстител и Евангелистот Јован разговараат, а до нив стои јагнето Божјо. Сликите се врамени во тешки рамки, но не постои рамка која ќе ги зароби овие величенствени претстави! Каква торжествена симфонија на колоритот! Си мислам, ако е тоа сликарството, тогаш колку вреди уметноста на нашето време?! Бојата, духот и формата се слеале со Божја промисла во сликите на Критскиот уметник. Тие станале едно! Неверојатна преобразба на пигментите натопени во сликарскиот медиум! А се започнало со една икона во детството, на која е прикажан Св. Евангелист Лука како го слика ликот на Мајката Божја.

3.angeli.so.truba


Мириса на терпентин и ленено масло. Сакам да го прашам нешто, една скриена тага која ми тежи долго време. Можеме ли да откриеме што е тоа што не прави несреќни во денешниот свет, покрај толку рецепти за среќа и исполнување на животот! Дали тој ќе ме разбере што мислам? Несигурен сум во себе, затоа ќе го прашам:
Колку свеќи ти требаат да ја осветлиш оваа висока студена и темна работилница?! Колку ти треба да ја стоплиш? Ете денес кај нас , сé е светло, ноќите блескаат од светла, рефлектори и екрани, смартфоните светат, даваат одговори на секое прашање, а сепак не можеме ништо да видиме и дознаеме. Денеска нас нé изеде темнината. Не’ проголтува како црна сенка. Назираме форми со подадени раце, како слепите.
- Светлината е силна колку што се вашите срца чисти, а вашите очи гледаат онолку колку што се влажни од љубов по Боженствената милост. Вие не верувате во чуда, затоа што не верувате во себе, а самите сте најголемото чудо. Еден голем философ и мистик ми кажа „Без тебе и Бог ќе биде осамен“. Кога ќе разберете дека вашите очи, вашиот поглед, тоа што воопшто го гледате Универзумот е едно големо чудо, тогаш ќе ја видите и светлината. Солзите се чудо! Солзите од радост и тага се чудо! Прочистените очи гледаат низ сите времиња. Понекогаш една свеќа ми е потребна да го осветлам целиот простор, затоа што една свеќа може да ја осветли и Вселената.
-Го гледам големиот мајстор и не ми се верува дека мене ми се обраќа. Нас повеќе ништо не ни се верува, ние мислиме дека веќе сé знаеме, дека сé е откриено и покриено, запишано и насликано, сé е формулирано во големите откритија на човекот! И нема ништо ново под сонцето... Дланките му се премачкани со боја. На дрвениот стол стои едно суво парче леб и маслинки. Уметникот кога е во ателјето, стои. Заборава да излезе од него, долго...тој стоејќи патува низ времињата и тука сите простори стануваат едно. Времето минато и времето идно се содржани во времето сегашно. Мајсторот продолжи со некоја чудна тага, како да му пукна нешто во гласот. Лицето му е покриено од сенката на штафелајот.
-Големиот инквизитор ми порача портрет. Сака да ме искушува, сака да види дали начинот на кој ги сликам светците е само манир. Сака да ми докаже дека е тоа само научена вештина од детството, дека ќе го насликам како апостол. За мене се мисли дека сум манирист. Но јас ќе му го докажам спротивното. Ќе го насликам како Понтиј Пилат кој седи на престолот и мисли дека има моќ некого да осуди или да ослободи. Во дланките стиснати на престолот, ќе ја покажам неговата неограничена желба за власт. Неговата невозможност да љуби. Љубовта е откажување од власта, од поседување, затоа ги насликав апостолите сиромашни. Може ли некој кој самиот не е слободен да ослободи друг? Може ли згрчена рака да прими милост? Под Распетието кое го сликам целиот живот, нема никој, само сенката на градот, сенката на градот во кој живеам. Се назира како Ерусалим во далечината, веќе потопен од големото невреме кое надоаѓа, од големото небо кое ќе потопи сé. Но и кога би имало некој, под крстот, тоа не е веќе значајно. Погледот на Исус Христос е далеку, далеку во процепот на небото, неговите раце се раширени, во бескрајна прегратка со Божјата вселена. Кога бев момче, го насликав Евангелистот Лука како ја слика иконата на Мајката Божја. А сега, ете и јас ќе се насликам себеси како Евангелистот Лука, ако смеам, со четката во рака и ќе викнам  -„Остани со нас, зашто денот заминува и наскоро ќе се стемни!“. (Апостол Лука). Тоа ќе биде мојот автопортрет на себеспознанието, и на себепотврдувањето, не на суетата.
-После последната реченица ми се причини како да залипа од солзи. Се загледувам во редот слики потпрени по должината на мермерното цокле. Некои од нив не се досликани. Некои штотуку почнати, но зарем постои нешто кое е завршено на овој свет? Во секоја фаза, во секој слој неговите слики стануваат се подлабоки и подлабоки... како океан! Индигото во небата ми личи на нешто што не постои на овој свет, а сепак ми е познато. Како сеќавање од некој друг свет, друг живот во кој сме биле и ние. Како целиот свет да е само спомен на нешто поголемо, нешто побитно кое се случило во самата суштина на нашето битисување. Но, автопортретот стои врамен и завршен во аголот на ателјето. Од темнината светат насолзените очи на Марија Магдалена во кои се огледува целата Вечност. Дланките на Апостол Петар треперат од каење и молитви, но на нив е врзан клучот од Царството Небесно. Ете ја Света Вероника како ја држи ризата на која е втиснат Христовиот лик со трнливиот венец. Ете го и Св. Фрањо Асишки во пештерата, со череп во раката. Целиот е во солзи. Зад него се шири чудесен пејзаж. Иако е сликар на човекот, Ел Греко е најголемиот сликар на природата. Зад фигурите како ореоли се шират најубавите пејзажи! Погледот сам ми оди накај градината на Гетсиманија каде што спијат апостолите, додека Христос разговара со ангелот. Потоа им се обраќа: „Душата ми е длабоко нажалена, дури до смрт. Останете овде и бдејте со мене. Зарем не можевте ниту еден час да бдеете со мене“?

3.angeli.so.truba


Како се собрала толку светлина во толку мал простор?! Кога сте во затворен и изолиран простор, во ќелија, пештера, ателје, темна просторија, доаѓа или ѓаволот со сите негови искушенија или Бог. Нема друго. Таква е осаменоста на големите души. Кај отец Сергеј (Л.Н.Толстој) во пештерата постојано доаѓаше ѓаволот и му повторуваше секое утро: „Кој ќе слушне за тебе, дали воопшто и си постоел, дали воопшто и си бил роден“.
Но, ателјето на Ел Греко е посетено од Бог, во неговото срце се вселила светлината на Рајот. Од секоја слика извира таа рајска светлина како од некој отворен прозорец свртен кон Исток. Тоа е живот кој минува во секојдневен разговор со светците. Ликовите на портретите станале Христолик печат. Како оној од ризата на Вероника.
Го прашувам: „Толку ли е големо небото над твојата куќа? Нашите неба се скратуваат, ние си правиме вештачки неба и нашиот простор станува се потесен. Илјадници вавилонски кули се градат“...Се насмеа кога спомнав Вавилонски.
-Небото е релјефно, тоа е постојано во движење. Дури и во најтивкото небо можете да го насетите рајот. А во најдлабокото темно - индиго небо, го гледате крајот на светот. Така ја открив тајната на Петтиот печат од Откровението на Евангелистот Јован. Јас го замислив крајот како Тишина, како бескрајно небо без тежина. Најголемите нешта немаат тежина. Човекот ги гради оние Вавилонски згради заради страв. Стравот од чисто небо и стравот од осаменост. Затоа вие се плашите од тишината. А кој стравува од тишината, тој е бескрајно осамен.
- Но, зошто те заборавија тебе и твојата уметност толку долго?
- Ако ме заборавила историјата тоа не значи дека не сум запишан во меморијата на Вечноста. Доволно е еден човек да ги види моите слики. Тој човек се сите луѓе! А Бог се сеќава на сите. Се ќе биде запаметено..
-Кога полека се затемни надвор и ноќта го потопи со темно – модри сенки просторот, сликарот ги запали сите свеќи. Повеќе не му сметаше светлината од сонцето. Но, од платната распространети низ високата работилница, светеше она сонце за кое нема залези и изгреви. Она сонце од Едемската градина. Светлината беше сконцентрирана како есенција во тие платна, но не и заробена во нив. Таа се шири кон надвор во невидливи зраци. Восокот течеше од месинговите свеќници и капеше по подот. Една свеќа догоруваше под ликот на неговиот автопортрет. Се прашувам дали би седнал повторно како во детството, да наслика дрвена икона во византиски стил? Се насмеа со очите и ме гледаше како да знае за што размислувам.


- Иконата не е тоа што мислиш ти. Таа нема форма, димензии, нема правила и техники. Иконата е вечна потрага по лицето! Лицето кое не умира. Таа е вечнеење. Средба. Лакирање на есенцијата. Иконата е лице на светител. Но иконата е и лице на преобразен човек. Секој живописец се слика самиот себе, затоа што уметноста е огледало. Пигментите се преобразуваат во Лик, како што грозјето се преобразува во вино. Иконата е ореол на твојата смисла и причина. Таа е мирис на маслинките покрај мирното море и бескрајното повторување на брановите. Таа е сеќавање на еден ден од детството, залез со пурпурно небо, есен со златна прашина...немам повеќе време, инаку можам да ти објаснам се’…
- Излегувам од ателјето, збунет од ова неповрзано зборување. Сликите ми беа кристално јасни, но зборовите нејасни. Толку ли е ниска перспективата од која гледаме? Не знам дали е ова стварност или фантазија. Дали успеав да го разберам стариот мајстор, или некој внатрешен глас, само ми го повторуваше она за кое постојано размислувам. Дали е тоа сон? И во која сегашност сум јас? А што ако е сé сон? Навистина ли големиот мајстор ми се обрати преку сликите?!
Ја ставив репродукцијата од неговиот последен автопортрет до една икона, во моето ателје. Брчките на челото како бранови од немирно море, го измеруваат пространството и длабочината на неговиот живот. Рамењата се подвиткани од тежината на невидливиот крст. Костимот е само маска на една епоха. Неговиот лик станал Христолик. Тие тажни длабоки очи вечно ќе ме гледаат. Ќе ме потсетуваат на една далечна средба. Рајот е средба со блиската душа која сакаме да ја помниме.


Затоа и ги запишав овие зборови, за да не ги заборавам.

3.angeli.so.truba

 Распетие Христово (масло на платно 1605 година)

 

3.angeli.so.truba

Последниот автопортрет на Ел Греко 1600 година. Масло на платно

3.angeli.so.truba

 Автопортрет (како Св. Апостол Лука) 1595 год. масло на платно

 

 

Автор на есејот:

Никола Пијанманов- февруари 2020

 

За авторот:


Роден во Струмица 1981 год. Средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности завршил во Скопје. Неколку години работел во ателјето на професорот Владимир Георгиевски. Реализирал осум самостојни изложби и повеќе групни, во земјата и во странство. Автор е на неколку монументални јавни дела и сценографии за театар.

Член е на ДЛУМ. Неговите дела се дел од приватни колекции во целиот свет. Пишува рецензии и есеи за уметностa во списанијата „Премин“ и „Зенит“ како и осврти и критики за ликовната уметност. Уметнички координатор е во Здружението за култура Транзен, преку кое реализира бројни проекти од културата. Живее и работи како самостоен уметник во Р. Македонија.

 

 30ти декември 2020 лето Господово

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Февруари 20, 2021
„МАКЕДОНИСИМО“ ЈА ДОЛОВУВА СУШТИНАТА НА МУЗИКАТА – АЛБУМОТ НА ТРПЧЕСКИ СО ОДЛИЧНИ РЕЦЕНЗИИ ВО САД

„МАКЕДОНИСИМО“ ЈА ДОЛОВУВА СУШТИНАТА НА МУЗИКАТА – АЛБУМОТ НА ТРПЧЕСКИ СО ОДЛИЧНИ РЕЦЕНЗИИ ВО САД

„Народната музика во неговата родна Македонија е преполна со ритмичка виталност и модална убавина. За Трпчески и многу други Македонци, таа е дел од секојдневниот живот и така е уште од детството. За ‘Македонисимо’, тој групирал песни и танци во шест…
Февруари 09, 2021
3.angeli.so.truba

Прашањето на идентитетот во фокусот на канадските и македонските уметници

Во Чифте амам, во Национална галерија, од 10 до 26 февруари ќе се одржи изложбата FLUX IDENTITY, на која динамичен дијалог на тема идентитет и неговата разновидност водат уметници од Канада и од Македонија. Автор на проектот и куратор е Светлана Младенов од…

ЈЕЛЕНА ЈОВАНОВА ПЕРИЌ – РАНЛИВОСТА Е ХРАБРОСТ

Јан 06, 2021 Ставови 361
ЈЕЛЕНА ЈОВАНОВА ПЕРИЌ – РАНЛИВОСТА Е ХРАБРОСТ
Горда сум на секој проект и позади секој еден стојам непоколебливо. Нормално, некои од…

Кога некој ќе се потруди да те изгуби- ти потруди се да не те најде повеќе

Јан 05, 2021 Ставови 405
3.angeli.so.truba
Исто така секој момент можете да научите и некое друго сценарио и да сфатите, дека…

ПИЈАНМАНОВ: Уметноста е една од последните сили кои можат да го спасат човештвото

Дек 30, 2020 Интервју 479
3.angeli.so.truba
Прогласувањето национални паркови и зелени заштитни зони во југоисточна Македонија е исто…

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Блудниот син (28.02.2021)

Митрополит Струмички Наум: Блудниот син (28.02.2021)

Далечна земја е „место“ на неисполнувањето на Божјата волја, пројавено како непослушание кон духовниот отец и предвремено духовно самораководење, поради што Божјата благодат постепено се оддалечува од нас.Непослушноста носи со...

† БЕСЕДА ОД МИТР. ТИМОТЕЈ ПО ПОВОД ПРАЗНИКОТ НА СВ. СВЕШТ-МЧ. ХАРАЛАМПИЈ

† БЕСЕДА ОД МИТР. ТИМОТЕЈ ПО ПОВОД ПРАЗНИКОТ НА СВ. СВЕШТ-МЧ. ХАРАЛАМПИЈ

Ние луѓето живееме помеѓу спротивставеноста на денот и ноќта, помеѓу светлината и темнината. Многу поголеми од тоа се спротивностите помеѓу доброто и злото, помеѓу љубовта и омразата, гревот и добродетелта....

Јован Пачемски: Недела на митарот и фарисејот (21.02.2021)

Јован Пачемски: Недела на митарот и фарисејот (21.02.2021)

Во самиот почеток од прочитаната свангелска приказна, нашиот Спасител Господ Исус ХРИСТОС ни покажува на кого ја наменил оваа парабола. Таа е упатена кон сите оние кои во себе се...

Митрополит Струмички Наум: Почетната благодат на митарот (20.02.2021 16:58)

Митрополит Струмички Наум: Почетната благодат на митарот (20.02.2021 16:58)

Главната карактеристика, која го оформува профилот на луѓе каков што е фарисејот, е користењето на знаењето што останува по доволното чистење на енергијата на умот за судење и осудување на...

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Каква умилна слика ни претставува Сретението Господово! Старецот Симеон во раце Го држи Младенецот, спроти него – праведниот Јосиф и Пресветата Дева Богородица; во близина – пророчицата Ана, постничка и...

Митрополит Струмички Наум: Закхеј (13.02.2021)

Митрополит Струмички Наум: Закхеј (13.02.2021)

   Колкумина се навистина подготвени да се откажат од своето славољубие, од својата лажна слава; и колкумина се подготвени да изгледаат бедно или да служат за потсмев заради Господ Христос, и...

Митрополит Струмички Наум: Гноми, т.е. мислење (03.02.2021)

Митрополит Струмички Наум: Гноми, т.е. мислење (03.02.2021)

Гноми постои и е поврзана со создадената ипостас, односно со човечката личност. Со овој термин се означува слободната падната волја на создадената ипостас – која, колебајќи се помеѓу доброто и...

Митрополит Струмички Наум: Дејствување сега и овде (30.01.2021 17:13)

Митрополит Струмички Наум: Дејствување сега и овде (30.01.2021 17:13)

Сѐ нешто чекаме да се случи, па да преземеме некакви конкретни чекори кон подобрување на нашиот духовен живот. На пример, подобри услови за молитва.Или, чекаме работите во нашиот живот да...

о. Сашко Николовски: Недела по Богојавление

о. Сашко Николовски: Недела по Богојавление

За денот и часот на второто Христово доаѓање нe се знае, така ни вели Светото писмо, но со сигурност знаеме дека тоа ќе биде кога повторно во светот ќе царува...

« »