логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 gjurgjovden2020 1

„Како пролет ни засветли - светлото Господово и божествено воскресение, од земната кон небесната Пасха преведувајќи нѐ. Со неа, пак, ни сјае светлозарниот спомен на сеславниот маченик Георгија, што светло го извршуваме, за да се удостоиме за божествената благодат од Спасителот Христа“ (светилен на Утрена на св. вмч. Георгиј).


gjurgjovden2020 3

 gjurgjovden2020 4

На 06.05.2020 година, денот кога го прославуваме споменот на славниот великомаченик, победоносец и чудотворец Георгиј, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноналаствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Ѓорѓи Блажевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
gjurgjovden2020 6


 gjurgjovden2020 7

Митрополит Тимотеј

gjurgjovden2020 8


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


„Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!" (Мт. 5, 7)


Каква голема награда им ветува нашиот Спасител Господ Исус Христос на милостивите? За каква света добродетел зборува Спасителот во овие зборови? Тоа е добродетелта на љубовта и милосрдието во целокупната своја убавина и смисла. Токму таа добродетел е олицетворена во ликот и делото на светителот што денеска го прославуваме, а за кого во тропарот пееме: „Како ослободител на затворениците и заштитник на сиромашните". Вака денеска пееме за свети великомаченик Георгиј Победоносец.


Добродетелта на милосрдието е повисока од сите останати. Кој ја исполнува заповедта Христова за љубовта и милосрдието, тој го исполнува целиот христијански закон. Тоа не е наше човечко мудрување и расудување. Тоа е учење на словото Божјо. Свети апостол Павле вели: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи" (1 Кор. 13, 1 и 3). Колку чудесни плодови ни донесува оваа света и најголема добродетел ветени од нашиот Господ Исус Христос!


Во текот на целиот наш живот ние се обраќаме на Господа Христа и молиме и просиме да бидат простени нашите гревови. Ние сакаме да ги искупиме нашите престапи за кои се каеме. За нив словото Божјо ни укажува дека треба да ги искупиме преку добри постапки, согласно со зборовите на пророкот Исаија: „Научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовици... гревовите ваши и да се како бакам – како снег ќе ги побелам" (Ис. 1, 17-18). Правењето на добри дела, на љубов и милосрдие ќе биде за прослава и на Бога, а и за спасение за нас, бидејќи се вели: „Кој богато сее, богато и ќе жнее" (2 Кор. 9, 6).

Кој од нас не би сакал за време на деновите на жалост, болест и искушенија, Господ да биде милостив кон нас, со Неговата благост и љубов, како небесен родител? Ваквото размислување нѐ води кон патот на милосрдието. Нашиот Отец и Господ во Кого ние веруваме се нарекува и татко на сираци и бедни. Со што ние може да заслужиме благослов од нашиот небесен Отец, освен преку Неговото милосрдие кон нашето смирено плачење и помагање на сите оние што имаат потреба од нас како и од нашето сострадание, утеха и помош? Оној кој го понижува и омаловажува страдалникот и не пројавува сострадање кон таквиот, тој го затвора срцето пред својот брат. Истовремено, тој го ожалостува и својот небесен Отец, и Господа Христа, како што и Самиот Господ ни кажува во Евангелието. Кога таквиот и би застанал на молитва и би просел милост од Бога, нему Господ нема да му даде, бидејќи самиот не покажал милост. Ако човек е жесток и неговото срце нема сострадање, кога ќе се најде во состојба да побара милост и помош од Господа за себе, од Господа ќе му биде одговорено со зборовите: „судот ќе биде безмилосен спрема оној, кој не покажал милост" (Јк. 2, 13).


Ако Господ на луѓето на земјата им допушта разни искушенија, страдања и болести, тоа не е само за да се провери нивната верност и преданост на Бога и верата, туку и за да се пробуди љубовта и милосрдието во нас кон нашите ближни.


Ние денеска го прославуваме светиот великомаченик Георгиј. Овој млад војсководец ја покажал токму таа невидена љубов и самопожртвуваност, за да им помогне на браќата христијани и да им ги скрати маките и страдањата од римските императори и гонители на верата Христова. Тој не ја жртвувал само својата блескава војничка карира, туку ја жртвувал и својата младост и своето богатство и сѐ што овој живот дава на еден млад човек. Тој смело и храбро излегол во заштита на христијаните и за тоа претрпел најстрашни мачења, жртвувајќи го на крај и животот за верата Христова. Амин.

gjurgjovden2020 9

gjurgjovden2020 10

gjurgjovden2020 12

gjurgjovden2020 13

gjurgjovden2020 15

Св. вмч. Георгиј - Ѓурѓовден
храм „Свети вмч. Георгиј", Охрид
06.05.2020 год.

 http://www.dke.org.mk/index.php/3271-2020-05-06-10-12-16

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie