логоFacebookTwitterYouTubeeMail

14. Праведните и грешниците; богатите и сиромасите.

1. Мудра жена си ја уредува куќата, а глупавата ја урива со рацете свои.
2. Кој оди по прав пат, се плаши од Господа; на кого патиштата му се криви, тој не мисли за Него.
3. Во устата на безбожникот се камшикот на гордоста; а мудрите ги запазува нивната уста.
4. Каде што нема волови, јаслите се празни; а од силата на воловите има изобилно жито.
5. Верен сведок не лаже, а лажливиот сведок шири многу лаги.
6. Развратникот бара мудрост, и не ја наоѓа; а разумниот до знаењето лесно доаѓа.
7. Бегај од безумен човек, кај кого не забележуваш разумна уста.
8. Мудроста на разумниот е да го знае патот свој, а безумноста на безрасудните е заблуда.
9. Домовите на беззакониците треба да се чистат, а домовите на праведните се чисти и пријатни.
10. Срцето ја знае тагата на душата своја, и туѓ не се меша во радоста негова.
11. Куќите на беззакониците ќе се сотрат, а живеалиштата на праведните ќе опстојат.
12. Има патишта, кои на човека му изгледаат прави, но крајот нивни води до дното на пеколот.
13. И при смеа понекогаш срцето боли, а по радоста настаува тага.
14. Човек со развратно срце ќе се насити од своите патишта, но добриот – си оди по правите.
15. Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори.
16. Мудриот бега од злото, а неразумниот се надева во себе и со беззаконици се дружи.
17. Избувливиот човек не слуша совет, а пакосниот е омразен.
18. Безумните се исполнуваат со злоба, а благоразумните се украсуваат со венец.
19. Лошите ќе се приклонат пред добрите, а нечесните – служат пред вратите на праведникот.
20. Сиромавиот го мразат дури и неговите блиски, а богатиот има многу пријатели.
21. Греши оној што го презира сиромавиот, а блажен е оној што е милосрден кон сиромасите.
22. Нели се заблудуваат оние, што кројат зло? Не знаат милост и верност, кои вршат зло; но милост и верност има кај оние што мислат добро.
23. Од секој труд има изобилен плод, а празните зборови и негрижата водат кон скудност.
24. Венец на мудрите е богатството нивно, а животот на безумните е само зло.
25. Верен сведок души спасува, а лажливиот лаги измислува.
26. Во стравот пред Господа има голема надеж, и на чедата Свои Он им е прибежиште.
27. Стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта.
28. Во многуброен народ е величието на царот, а кога нема народ – пропаст е за господарот.
29. Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости.
30. Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските.
31. Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда.
32. За своето зло нечесниот ќе биде отфрлен, а праведниот и при смртта ќе има надеж.
33. Мудроста почива во срцето на разумниот, а во срцето на безумниот не се јавува.
34. Правдата подига народ, а беззаконието ги срамоти племињата.
35. На царот мил му е разумниот слуга, а се разгневува против оној, кој го посрамува.
15. Мудри поуки.

1. Гневот и разумни погубува. Кроткиот одговор гневот го ублажува, а навредлив збор јарост предизвикува.
2. На мудрите јазикот добри знаења искажува, а на безумните устата глупост им објавува.
3. Очите Господови се на секое место: тие ги гледаат лошите и добрите.
4. Кроток јазик е дрво на животот, кој го запазува – ќе се исполни со дух.
5. Безумниот се подбива со татковата поука; а кој слуша изобличувања, благоразумен е. Во многу правда име голема сила, а нечесните ќе бидат искоренети од земјата.
6. Во куќата на праведникот – обилни ризници, а имотот на нечесниот – пропаѓа.
7. Устите на мудрите знаење сеат, но срцето на безумните не постапува така.
8. Жртвата на нечесните е одвратност пред Господа, а одговорите на праведните Му се благоугодни.
9. На нечесниот патот е одвратност пред Господа, а кој ја бара правдата, Он го сака него.
10. Казната на добриот сите ја гледаат, а кој го мрази изобличувањето – срамно завршува.
11. Пеколот и пропаста се откриени пред Господа, а како ли нема да бидат – срцата на синовите човечки?
12. Развратникот не ги сака оние, што го прекоруваат, тој не разговара со мудрите.
13. Весело срце го прави лицето весело, а при срдечна жалост – тоа е натажено.
14. На разумен срцето бара знаење, а устите на безумните со зло се хранат.
15. На измамник сите дни му се тажни; а на кого срцето му е весело, во него секогаш има гозба.
16. Подобро малку, но со страв Господов, отколку голема ризница, и со неа немир.
17. Подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза.
18. Избувлив човек расправии крева, а трпеливиот расправии смирува. Трпеливиот караници смирува, а нечесниот ги разгорува.
19. Патот на мрзливиот е послан со трње, а патот на праведниот е чист.
20. Мудар син го радува татка си, а безумниот – ја ожесточува мајка си.
21. На малоумниот безумни му се патеките, а разумен човек оди по правиот пат.
22. Без советување намерите се расутраат, а при многу советници тие успеваат.
23. Безумниот не слуша добар совет, а и не советува она што е добро за сите.
24. Мудриот размислува за патот на животот, за да се отстрани од патот што води во пеколот и да се спаси.
25. Господ ќе го сотре домот на гордите, а меѓата на вдовицата ќе ја зајакне.
26. Помислите на лошите се одвратни пред Господа, а зборовите на непорочните Му се угодни.
27. Лакомиот ќе го растури својот дом, а оној, кој мрази подароци, ќе живее; со милостиња и чесност гревовите се чистат, а стравот од Господа запазува од гревот.
28. Срцето на праведниот се поучува од верата, а устата на нечесните исфрла зло. Пријатни се пред Господа патиштата на праведните; преку нив и непријателите стануваат пријатели.
29. Господ е далеку од нечесните, но ја слуша молитвата на праведните.
30. Светол поглед срце радува, добра вест коски храни.
31. Кој го слуша учењето на животот, меѓу мудри ќе живее.
32. Кој ја отфрла поуката, ја мрази душата своја; а кој слуша изобличување, тој ја сака душата своја.
33. Стравот Господов учи на мудрост, а пред славата оди смиреноста.
16. Господ и човечките патишта; мудроста е извор на животот; за подмолните луѓе.

1. Човекот размислува во срцето свое, но одговорот на јазикот е од Господа.
2. Сите дела на смирениот му изгледаат дека се исправни, но Господ ги мери душите.
3. Предај ги делата свои на Господа, и твоите намери ќе се исполнат.
4. Господ направи сè со определена цел, и за нечесниот – злочест ден.
5. Секој горделив по срце е одвратност пред Господа: можеш да потврдиш, дека тој нема да остане неказнет. Почетокот на добриот пат е – да се врши правда; тоа е поугодно пред Бога, отколку да се принесуваат жртви. Кој Го бара Господа, ќе најде знаење со правда; оние што навистина Го бараат, ќе најдат мир.
6. Со милосрдност и правда грев се исчистува, и со страв Господов зло се отстранува.
7. Кој го бара Господа – тој добива разумност и праведност.
8. Кој што бара правда – тој ќе добие спокој.
9. Сите дела Господови се добри, а нечесниот – лош ден го очекува.
10. Во устата на царот има вдахновено слово; неговата уста не смее да греши на суд.
11. Точните мерила и тасовите се од Господа; од него се и сите точни мерки.
12. Незаконско дела е одвратно за царевите, зашто со правда престолот се зајкнува.
13. Спреведлива уста на царот му е пријатна, и Господ го сака оној, што ја кажува вистината.
14. Царевиот гнев е гласник на смртта; но мудар човек ќе го смилостиви царот.
15. Во светлиот поглед на царот има живот, и неговото благоволение е облак со задоцнет дожд.
16. Да се здобиеш со мудрост е многу подобро, отколку со злато, и да се здобиеш со разум е повеќе за предпочитување отколку одбрано сребро.
17. Патот на праведните е отстранување од злото: патиштата на праведните водат кон долг живот; кои примаат поука – добрини ќе видат, а кои примаат прекори – помудри ќе бидат; кој ги пази своите патишта – душата своја ќе ја запази; кој го сака животот свој – тој внимава што зборува.
18. Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање – надуеноста.
19. Подобро е да се смируваш во духот со кротки, отколку да делиш грабеж со горделиви.
20. Кој ја води разумно работата своја, добро ќе најде, и кој се надева на Господа, блажен е.
21. Мудрите по срце, разумни ќе ги наречат, и слаткиот збор го зголемува знаењето.
22. Разумот за оние, што го имаат, е извор на животот, а ученоста на безумниот е зло.
23. Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар, разумнот се пројавува и во устата негова.
24. Пријатни зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити.
25. Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта.
26. Кој се труди, се труди за себеси, зашто кон тоа устата го упатува; подмолниот во својата уста ја носи својата пропаст.
27. Лукав човек зло на себеси прави, во устата своја – оган разгорува.
28. Подмолен човек сее раздор, и клеветник пријатели разделува.
29. Насилник човек го мами својот ближен и го води кон лош пат;
30. замижува со очите, за да измисли подмолност: прекасувајќи си ги усните, извршува зло; тој е оган од злоба.
31. Староста е венец на славата, таа води по патот на правдата.
32. Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себеси, подобар е и од завојувачот на градови.
33. Жреб се фрла во скут, но сè што решава тој, од Господа е.
17. Устата на праведниците и беззакониците; мудроста во животот.

1. Подобро сув залак и со него мир, отколку куќа полна со заклан добиток, но во раздор.
2. Разумен слуга господари над развратник и со браќата ќе го подели наследството.
3. Топилницата е за сребро, печката – за злато, а срцата Господ ги испитува.
4. Лош човек се вслушува во беззакона уста; праведникот лажлива уста не слуша.
5. Кој се подбива со сиромав, Создателот Му го навредува; кој се радува на зло, нема да остане неказнет, а милосрдниот ќе биде помилуван.
6. Синовите на синовите се венец на старите, а слава за децата се родителите ниви. Во верникот има огромно богатство, а во неверниот нема ни пара.
7. На безумен умен збор не му прилега, уште повеќе на големец – лажлива уста.
8. Дарот е скапоцен камен во очите на оној што го има: каде и да се сврти ќе успее.
9. Кој ги покрива престапите, бара љубов, а кој одново напомнува за нив, оддалечува дури и пријател.
10. Врз разумниот посилно дејствува прекорот, безумниот – и кога го бијат не чувствува.
11. Будалиот бара само зло, затоа жесток ангел ќе биде испратен против него.
12. Подобро човек на сретне мечка, чии мечиња се грабнати, отколку безумен во неговото безумство.
13. Кој враќа зло за добро, злото нема да ја напушти куќата негова.
14. Почеток на караницата е како кога водна брана се отвара: отстапи од караницата пред да се разгори.
15. Кој оправдува нечесен и кој обвинува праведен – и обајцата се одвратност пред Господа.
16. Што ќе му се пари во рацете на безумен? За да купи мудрост, но тој нема разум. Кој си прави висока куќа, бара да се сотре, а кој се остранува од учењето, запаѓа во беда.
17. Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја.
18. Малоумен човек дава рака и се залага за ближниот свој.
19. Кој сака караници, го сака гревот, и кој високо ја издига вратата своја, бара да падне.
20. Подмолно срце нема да најде добро, и лукав јазик ќе западне во беда.
21. За таткото на безумен нема радост, а разумниот син ја весели својата мајка.
22. Веселото срце е како лек благотворно, а паднатиот дух коски суши.
23. Не се прави патиштата на нечесните што земаат подароци; нечесните го искривуваат патот на правосудието.
24. Мудроста е пред лицето на разумниот, а очите на безумниот се на крајот од земјата.
25. Безумен син е мака за таткото и огорчување за мајката.
26. Не е добро да го казнуваш правиот, ниту кнезовите да го бијат оној што исправно работи.
27. Разумниот е воздржан во зборовите свои, трпеливиот е подобар од оној што бара знаење.
28. И безумниот кога молчи за мудар го сметаат, и кој ја затвара устата своја – за разумен го сметаат.
18. Зборовите на разумниот и на глупавиот.

1. Тврдоглавиот се управува според своите желби и станува против сè што е умно.
2. Безумниот не сака знаење; него глупоста го води.
3. Со доаѓањето на нечесниот доаѓа и презирот, а со прекорот – доаѓа и срамот
4. Зборовите на човечката уста се длабоки води; тоа е река од изворот на животот.
5. Не е добдро да бидеше лицемерен кон нечесниот, за да го собориш праведниот во судот.
6. Устата на безумниот води кон кавга, а зборовите негови предизвикуваат смрт.
7. Јазикот на безумниот е погибел за него, а усните негови се стапица за душата негова.
8. Сравот го соборува мрзливиот, а мажите со души слични на жени ќе гладуваат.
9. Зборовите на клеветникот се како слатки, и тие вегуваат внатре во утробата.
10. Немарниот во работата своја е брат на расипникот.
11. Името на Господа е цврста кула: ако во неа побегне праведник, во безопасност е.
12. Имотот на богат човек е како силен град и во мислите му е како висока ограда.
13. Пред паѓање срцето на човекот се возгордува, а смиреноста оди пред славата.
14. Кој дава одговор пред да ислуша, безумен е, тоа е срам за него.
15. Духот на човекот го поткрепува во немоќ, а скршен дух – кој може да поткрепи?
16. Срцето на разумнитот се здобива со знаење, и увото на мудрите бара знаење.
17. Подарокот, што го дава човекот, му отвора пат и до големците го доведува.
18. Првиот по тужбата си е прав, но доаѓа противникот негов и го порекнува.
19. Жребот прекинува расправии и решава спор меѓу силните.
20. Кога брат, братот свој го помага, тоа е силен град, а тој е како силна тврдина.
21. Од плодот на устата на човекот се полни стомакот негов; од плодовите на устата своја тој се наситува.
22. Смртта и животот му се потчинети на јазикот, и оние што го владеат, ќе вкусат од плодовите негови.
23. Кој нашол добра жена, нашол добро и добил благодат од Господа. Кој избркува добра жена, го брка доброто, а кој поддржува прељубница, безумен е и нечесен.
24. Сиромавиот говори со молба, а богатиот одговара остро.
25. Кој сака да има пријатели, и сам треба да биде дружељубив; зашто има пријатели поприврзани од брат.
19. За богатството и сиромаштијата; за советот и поуката.

1. Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку богат со лажлива уста, притоа и глупав.
2. Не ѝ е добро на душата без знаење; а кој брза со нозете, се сопнува.
3. Глупоста на човекот му го искривува патот негов, а срцето негово негодува против Господа.
4. Богатството собира многу пријатели, а сиромавиот го напушта и пријателот негов.
5. Лажниот сведок нема да остане неказнет, и кој говори лага, нема да се спаси.
6. Мнозина им се умилкуваат на големците, и секој му е пријател на човекот, кој дава подароци.
7. Сиромавиот го мразат сите негови браќа, а уште повеќе се оддалечуваат од него пријателите: трчка по нив, за да проговори – но нив ги нема.
8. Кој се здобива со разум, ја сака душата своја; кој ја пази мудроста, наоѓа добро.
9. Лажниот сведок нема да остане неказнет, а кој говори лага ќе загине.
10. На безумниот не му прилега раскош, уште помалку на слуга – да господари над кнезови.
11. Благоразумноста го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде снисходлив кон грешките.
12. Гневот на царот е како лавовско рикање, а љубовта негова – како роса по трева.
13. Безумен син е пропаст за татка си, и жена кавгаџика е како незапирлива капка од стреа.
14. Куќата и имотот се наследуваат од родителите, а разумна жена е дар од Господа.
15. Мрзливоста тоне во сон, е немарна душа трпи глад.
16. Кој пази запоевд, ја запазува душата своја, а кој не се грижи за своите патишта, ќе загине.
17. Кој прави добро на сиромав, заем Му дава на Господа, и Он ќе му плати за неговата добрина.
18. Казни го сина си, додека има надеж, и не се возбудувај од викањето негово.
19. Гневниот нека трпи казна, зашто ако го пожалиш, ќе треба да го казниш уште повеќе.
20. Слушај го, синко, советот на таткото твој, за да станеш потоа мудар.
21. Во срцето на човекот има многу мисли, но се извршува само определената од Господа.
22. Радост за човека е неговата милостиња; сиромавиот е подобар праведник од лажливиот богаташ.
23. Стравот Господен води кон живот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде.
24. Мрзливиот ја крие раката во пазувата своја и не сака да ја подигне до устата своја.
25. Ако го казниш оној што се потсмева, и простиот ќе стане разумен; и ако му укажеш на разумниот, тој ќе ја разбере поуката.
26. Кој го упропастува татка си и ја набркува мајка си, син е бесрамен и нечесен.
27. Немој, синко, да слушаш совети што те отстрануваат од зборовите на разумни.
28. Лукавиот сведок се потсмева со судот, и устата на беззакониците голта неправда.
29. Готови се судовите за невоздржливи, и ударите за телото на безумните.
20. Непорочноста и праведникот; неправедно наследство.

1. Виното е потсмевка, ракијата – бунтовник; и секој, кој им е потчинет, не е разумен.
2. Заплашувањето од царот е како лавовско рикање: кој го дразни, греши против себеси.
3. Чест е за човекот да се воздржи од кавга; а секој неразумен се вплеткува во неа.
4. Мрзливиот од укори не се срамува, не се срамува ни оној, кој позајмува жито за време на жетва.
5. Помислите во срцето на човекот се длабоки води, но разумен човек ги исцрпува.
6. Мнозина го фалат човекот за милосрдноста негова, но кој наоѓа вистински човек?
7. Праведникот оди по својата непорочност: блажени се децата негови по него.
8. Кога цар праведен седи на престол, нему не му се противи никакво зло.
9. Кој може да каже: „Го очистив срцето свое, чист сум од гревот свој?”
10. Нееднакви терзии, нееднаква мерка, – и едното и другото се одвратност пред Господа.
11. Дури и дете може да се познае по работите негови: чисто ли ќе биде и правилно ли ќе биде поведението негово?
12. Уво, кое слуша, и око, кое гледа, – и едното и другото Господ го создал.
13. Не љуби да спиеш, за да не осиромашиш; држи ги отворени очите свои, и ќе јадеш леб до наситување.
14. „Лошо е, лошо е,” вели купувачот, а кога ќе одмине, тогаш се фали.
15. Има злато и многу скапоцени камења, но разумната уста е поскапоцена од сè.
16. Земи ја облеката негова, бидејќи се заложил за туѓ човек; и за туѓинка земи залог од него.
17. Леб, спечален со неправда, му се засладува на човека; но подоцна – устата негова со песок се наполнува.
18. намерите добиваат цврстина преку советување: и по советувањето водат војна.
19. Кој оди да оговара, открива тајна, и кој широко ја отвора устата своја, со него не се здружувај.
20. Кој зборува лошо за татка си и мајка си, зениците на очите негови ќе згаснат среде длабока темнина.
21. Наследство, што се добива уште во почетокот, набрзина, нема да биде благословено отпосле.
22. Не вели: „Ќе му се одмаздам на непријателот”, туку остави на Господа, Он ќе ти помогне.
23. Двојни мерки се одвратност пред Господа; и неточни мерки не се добри пред Господа.
24. Стапките на човекот се определуваат од Господа; тогаш, како човекот може да го дознае патот свој?
25. Стапица е за човекот набрзина да вети жртва, а по жртвата да се кае.
26. Мудар цар ги распознава нечесните и го свртува врз нив тркалото.
27. Господово светло е човечкиот дух, кој ги испитува сите длабочини на срцето.
28. Милоста и вистината го запазуваат царот, и со милост тој го одржува престолот свој.
29. Слава за младите е нивната сила, а украс за старците – е нивната бела коса.
30. Раните од борбата се лек против злото, исто така и ударите, што стигнуваат до внатрешноста на утробата.
21. Ризниците на мудрите и ризниците на нечесните.

1. Срцето на царот е во раката на Господа, како водните потоци: Он го насочува, каде што ќе посака.
2. Сите патишта на човекот се прави пред очите негови; но Господ ги мери срцата.
3. Да ја пазиш правдата и правосудието Му е поугодно на Господа, отколку крвта од жртвите.
4. Горделивите очи и надуеното срце се светило на грешник, а тоа е грев.
5. Мислите на трудољубивите се стремат кон изобилие, а секој што пребрзува трпи немаштија.
6. Богатство добиено со лажлив јазик е суета, која брзо одминува кај оние што ја бараат смртта.
7. Насилството на нечесните ќе се струполи врз нив, зашто се откажале да го прават она што е добро.
8. Крив е патот на развратниот човек; а на чистиот постапките му се прави.
9. Подобро е да живееш во агол под покривот, отколку во заедничка куќа, а со жена кавгаџика.
10. Душата на нечесниот сака зло: во неговите очи нема да најде милост ни пријателот негов.
11. Кога го казнуваат подбивачот, простиот станува мудар; и кога мудриот го вразумуваат, тој се здобива со знаење.
12. Праведниот го набљудува срцето на нечесниот: гледа како нечесните паѓаат во грев.
13. Кој ги покрива ушите свои пред пискотот на сиромавиот за да не го слуша, и тој самиот ќе пишти, – и нема да го чујат.
14. Таен подарок го стивнува гневот, а дар под рака – и жестоката јарост.
15. Да го пази правосудието е радост за праведникот и страв за оние, што вршат зло.
16. Човек кој скршнал од патот на разумнот, ќе се насели во собранието на мртвите.
17. Кој сака веселби, ќе осиромаши, а кој сака вино и мрс, нема да се збогати.
18. Нечесниот ќе биде откуп за праведниот, и лукавиот – за простодушниот.
19. Подобро да живееш во пуста земја, отколку со жена лута и кавгаџика.
20. Скапоцени добра и елеј има во куќата на мудриот, а безумниот човек ги растура.
21. Кој ја пази правдата и милоста, ќе најде живот, правда и слава.
22. Мудриот влегува во градот на силните и ја соборува силата, на која се надевале нечесните.
23. Кој ја чува устата своја и јазикот свој, ја чува душата своја од зло.
24. На дрскиот силник – името му е потсмевач – дејствува со прекумерна дрскост.
25. Гладот мрзливиот го убива, зашто рацете негови откажуваат да работат.
26. тој секој ден гладува, а праведниот дава и не му е жал.
27. Жртвата на нечесните е одвратност пред Господа, зашто ја принесуваат со лукавство.
28. Лажниот сведок ќе загине, а човек, кој говори она што знае, ќе говори секогаш.
29. Нечесниот човек има дрско лице, а праведниот право оди по патот свој.
30. Нема мудрост, нема разум, нема совет – против Господа.
31. Коњот го подготвуваат за денот на битката, но победата е од Господа.
22. Вредноста на доброто име и на мудрите зборови.

1. Подобро е добро име, отколку големо богатство, и подобро е добра слава, отколку сребро и злато.
2. Богатиот и сиромавиот се среќаваат еден со друг; и едниот и другиот ги создал Господ.
3. Умниот го гледа злото и се клони; а безумните одат напред и се казнуваат.
4. Плодови на мудроста се: стравот Господен, богатството, славата и животот.
5. По патот на подмолниот – трње и стапици: кој ја пази душата своја, ќе бега од нив.
6. Поучи го момчето го почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари.
7. Богатиот господари над сиромавиот, и должникот станува роб на заемодавецот.
8. Кој сее неправда, ќе пожнее зло, и прачката на гневот негов ќе го удри него самиот,
9. Господ го сака човекот, што доброволно дава, и ќе го пополни недостигот не делата негови.
10. Милосрдниот ќе биде благословен, што им дава на бедните од лебот свој. Кој дава подароци, печали победа и чест, и дури овладува со душите на оние, што ги добиваат.
11. Истерај го подбивачот, и раздорот ќе изчезне, ќе престанат кавгата и навредите.
12. Господ љуби чисто срце, Нему Му се пријатни оние, што одат по прави патишта; со устата своја управува царот над народот свој.
13. Очите на Господа го чуваат знаењето, а зборовите на престапникот Он ги презира.
14. Мрзливиот вели: „Лав на улицата! На патот има разбојници!”
15. Устите на законопрестапниците се длабока бездна: на кого Господ ќе се разгневи, тој ќе падне во неа. Пред лошите се појавува лош пат, но тие продолжуваат да одат по него,
16. Безумието на детето му е приврзано за срцето, но прачката ќе го отстрани далеку од него.
17. Кој ограбува сиромав, за да го умножи богатството свое, и кој му дава на богатиот, – ќе осиромаши.
18. Наклони го увото и слушај ги зборовите на мудрите, и сврти го срцето кон моите зборови, за да разбереш дека се добри.
19. Зашто ќе се радуваш, ако ги пазиш во срцето свое, и ако ти бидат исто така во устата твоја.
20. За да биде твојата надеж во Господа, јас ти го покажувам патот твој.
21. А ти сега запиши ги трипати, советите и поуките во срцето свое; јас те поучив на зборовите вистински и добри, ти одговарам, точно на сите твои прашања.
22. Не ограбувај сиромав, зашто тој е сиромав, и не притеснувај страдалник при портите, –
23. оти Господ ќе се застапи за нив, и ќе ја истргне душата на грабачите нивни.
24. Не дружи со гневлив и не оди со човек жесток,
25. за да не се навикнеш на нивни патишта и да не навлечеш стапица на душата своја.
26. Не биди од оние, што даваат рака и се заложуваат за туѓи долгови:
27. ако нема со што да платиш, зошто да ти ја земат постелата под тебе?
28. Не преместувај стари меѓи, кои твоите татковци ги поставиле.
29. Си видел ли вешт и искусен човек во својата работа? Тој ќе стои пред цареви, нема да стои пред прости.
23. За вкусни јадења; мудри совети кон синот свој.

1. Кога ќе седнеш да јадеш со силен, гледај добро што има пред тебе,
2. и постави ограда на грлото свое, ако си лаком.
3. Не се занесувај од вкусните гозби негови: тие се примамлива храна.
4. Ако си сиромав, не настојувај да трупаш богатство; бегај од таквите мисли.
5. Ќе ги устремиш очите кон него, о – веќе го нема: тоа ќе си направи крилја и како орел ќе летне кон небото.
6. Не јади леб кај завидлив човек и не се занесувај од вкусните гозби негови;
7. зашто какви му се мислите во душата негова, таков е и тој; »јади и пиј« ти вели, но срцето негово не е со тебе.
8. Залакот, што си го изел, ќе го изблуеш, и убавите зборови свои напразно ќе ги потрошиш.
9. Во ушите на безумниот не зборувај, зашто тој ќе ги презре разумните зборови твои.
10. Не преместувај стара меѓа и во нива на сираци не влегувај;
11. зашто нивниот Заштитник е силен; Он ќе се замеша во делото нивно против тебе.
12. Управи го срцето свое кон учење и ушите свои – кон умни зборови.
13. Не оставај го детето без казна: ако го казниш со прачка, тоа нема да умре;
14. Ќе го казниш со прачка, и ќе ја спасиш душата негова од пеколот.
15. Синко, ако твоето срце биде мудро, и моето срце ќе се радува;
16. ќе се радуваат и моите внатрешности, кога твојата уста говори право.
17. Срцето твое нека не им завидува на грешниците, туку биди во сите дни свои во стравот Господов;
18. зашто има иднина, а твојата надеж не е загубена.
19. Слушај, синко, и биди мудар и управувај го срцето свое по прав пат.
20. Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо, –
21. зашто пијаницата, и блудникот и оној што се прејадува, ќе осиромашат, а сонливоста ќе ги облече во партали.
22. Слушај го, синко татка си свој: тој те родил; не ја занемарувај мајка си кога таа ќе остарее.
23. Купувај вистина и не продавај мудрост, учење и разум.
24. Праведниот добро го воспитува синот свој; на умниот свој син, му се радува тој.
25. Нека ти се радуваат татко ти и мајка ти, нека се радува онаа која те родила.
26. Синко, дај ми го мене срцето и очите твои да ги гледаат патиштата мои, –
27. зашто блудницата е длабока пропаст, и туѓа жена – тесен кладенец;
28. таа како разбојник ги пречекува и ги умножува престапниците на законот меѓу луѓето.
29. На некого – ах, на некого -ох, на некого – кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи?
30. На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми.
31. не го гледај виното како се црвенее, какви се искрите во чашата, како убаво се лее;
32. отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница;
33. очите твои ќе гледаат туѓи жени, и срцето твое ќе почне да говори развратно;
34. и ти ќе бидеш како заспан среде море и како задреман на врв на јарбол,
35. па ќе речеш: „Ме биеја, не ме болеше; ме туркаа, не чувствував. Кога ќе се разбудам, пак ќе го барам истото.”
24. Значењето на мудроста; совети на својот син; мудри изреки.

1. Синко, не завидувај им на лошите луѓе, и не посакувај да бидеш со нив,
2. зашто срцето нивно насилство намислува, и устите нивни за лошо зборуваат.
3. Со мудрост куќа се изградува и со разум се зацврстува,
4. а со умешност нејзините простории се исполнуваат со секакви скапоцености и добра.
5. Мудриот човек е подобар од силниот, а разумниот – од оној што има голем имот.
6. Затоа со обмислување се води војна, а успех ќе има со многу советувања.
7. Пред вратите на мудрите има мудрост и добра мисла; мудрите не се оддалечуваат од законот на Господа.
8. Кој мисли да направи зло, ќе го наречат лош човек.
9. Безумниот умира во гревови; нечистотата негова го убива.
10. Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата.
11. Спасувај ги оние што ги водат на смрт, и оние што сакаат да ги убијат, не откажувај се од нив.
12. Ако кажеш: »ете, ние не го знаевме тоа?« А Оној, Кој ги испитува срцата, зар не знае? Оној, Кој бдее над душата твоја, го знае тоа и ќе му даде на човекот според делата негови.
13. Јади, синко, мед, затоа што е пријатен, и јади восочен мед, кој е сладок за грлото твое:
14. такво е за душата твоја и познавањето на мудроста. Ако си ја нашол, имаш иднина, а твојата надеж нема да те остави.
15. Не помислувај зло, безбожниче, против живеалиштето на праведниот, не опустошувај го местото на спокојство негово,
16. зашто седумпати ќе падне праведник – и пак ќе стане; а падне ли нечесен, тој изнемогнува во злото.
17. Немој да се радуваш, кога непријателот твој ќе падне, и срцето твое да не се весели, кога тој ќе се сопне.
18. Инаку, Господ ќе види, и тоа пред очите Негови нема да биде угодно, и Он ќе го оттргне од него гневот Свој.
19. Не лути се поради зломисленици и не завидувај им на безбожниците,
20. зашто лошиот нема потомство; и светилото не нечесните ќе згасне.
21. Бој се, синко, од Господа и до царот; не востанувај ни против едниот ни против другиот,
22. оти неочекувано ќе дојде казната од нив, – а кој е тој што ќе ја предосети пропаста до нив двајцата?
23. Кажано е од мудрите: не е добро во судот да има пристрастност.
24. Кој му вели на виновниот: »прав си«, него народите ќе го проколнуваат, него племињата ќе го мразат;
25. а кои разобличуваат, ќе бидат сакани, и врз нив ќе дојде благословот.
26. Во устата бакнува оној, кој изговара зборови чесни.
27. Уреди ги работите надвор од куќата, сврши ги на нивата своја, а потоа гради го домот свој.
28. Не сведочи лажно против ближниот свој: зошто да лажеш со устата своја?
29. Не вели: »Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему: ќе му се одмаздам за навредата што ми ја нанесе.«
30. Минував покрај нивата на мрзлив човек и покрај лозје на малоумен човек:
31. и ете, сè беше обраснато со трње, нивата беше покриена со коприва, а камената ограда негова беше урната.
32. И погледнав, го устремив срцето свое, погледнав и поука извлеков:
33. »малку ќе поспиеш, малку ќе задремеш, малку со скрстени раце, ќе полежиш« –
34. и сиромаштијата ќе ти дојде како брзоодец, и немаштијата твоја – како вооружен човек.«

 

Извор:

http://svetopismo.pravoslavie.mk/star-zavet/

18-ти декември 2018 лето Господово

 

Друго:



Поуки од Светите Отци

krusevoexport