логоFacebookTwitterYouTubeeMail

  sinaksar.1.jpg

22февруари  2020 г.


СИНАКСАР

Krst.svetlina1.jpg
Стихови:
Не спомнувај ги гревовите на умрените, Слове,
Твоето милостиво срце да не држи лутина.

Во овој ден божествените оци озаконија да се прави помен на сите од века благочестиво упокоени луѓе, од следниве причини: прво, бидејќи има луѓе кои предвреме се упокоиле во туѓина, во мориња и непроодни гори, стрмнини и јами, во несреќи и од глад, пожари, ледови, бури и мразеви, и претрпеа и други видови смрт, како и други луѓе сиромашни и немоќни кои не биле придружени со потребните црковни молитви, божествените оци, научени од свештените апостоли, и движени од човекољубие, определија соборно да се прави заеднички помен, покажувајќи со тоа дека починатите имаат полза од молитвеното посредување на Црквата.
Второ, бидејќи наредниот ден (недела) е посветен на Второто Христово пришествие, погодно е да се прави помен и за душите на починатите, молејќи Го страшниот Судија да биде милостив кон нив. Во оваа недела се потсетуваме и на изгонувањето Адамово од рајот. Споменувањето на Страшниот суд има уште за цел да ни ја претстави сликата на Судот, за да покаже дека постот е богоугодно дело. Во сабота правиме помен за душите уште и затоа што сабота на еврејски значи покој, одмор. Оттука и секоја сабота е ден определен за спомнување на умрените, а во оваа сабота, пак, правиме заеднички (соборно) помен, молејќи се за секој благочестив. Затоа божествените отци, знаејќи дека правењето помени за умрените, односно милостините и службите, донесува големо олеснување и полза, откако го примиле тоа од апостолите, ова и го довериле на Црквата.

Месопусна сабота
За ова зборува и Дионисиј Ареопагит и многу други - дека починатите имаат полза од молитвите и давањето милостина за нив. За ова дознаваме и од кажувањето на свети Макариј (Велики): имено, некој нечестив Елин, одејќи, на патот нашол еден сув череп и го прашал: „Дали во адот имаат некакво чувство на утеха!" Тој одговорил дека тие имаат големо олеснување кога некој се моли за нив. Свети Григориј Двоеслов, со својата молитва го спаси царот Трајан, но од Бога го слушна и тоа дека никогаш повеќе да не се моли за безбожник. Според кажувањата, и царица Теодора го спаси од маките проколнатиот цар Теофил, по молитвите на светите исповедници. За тоа дека умрените имаат полза од добрите дела направени за нив зборува и свети Григориј Богослов, во надгробното слово на неговиот брат Кесариј. И свети Јован Златоуст, во својот коментар на Посланието до Филипјаните, вели: „Да помислиме на ползата што ја имаат оние што си за-минале (од овој свет); да им ја дадеме потребната помош, односно милостината и приносите, бидејќи тоа им носи големо олеснување, добивка и полза. Всушност, оваа од-лука не е донесена ниту случајно ниту попусто од страна на семудрите ученици (апостолите) и е предадена на Црквата Божја, односно, дека за време извршувањето на страшните тајни (Литургијата) свештеникот да ги споменува оние што се упокоиле со вера". И уште: „Во упатаствата што им ги даваш на твоите деца, како и на другите наследници на твоето семејство, нека има од тебе еден запис, со името на судијата, и во него да не отсуствува сеќавањето на бедните, а јас ќе бидам жирант". И свети Атанасиј Велики вели: „Ако некој што е набожен починал и веќе е расеан во воздухот, не престанувај да палиш кандило и свеќи на неговиот гроб, призивајќи Го Христа Бога, бидејќи тоа му е благопријатно на Бога и надоместува многу давања. Ако умрениот е грешен, ти ќе придонесеш да му се простат гревовите. Ако бил праведен, наградата ќе му биде зголемена. Ако станува збор за туѓинец и е сиромав, и нема кој да се грижи за него, тогаш Бог, Кој е праведен и човекољубец, ќе се погрижи за него, бидејќи Он својата милост ја покажува кон секого, според потребата. Впрочем, и оној што принесува дарови за таквите, учествува во наградата, бидејќи покажува љубов за спасението на ближниот, како што и оној кој друг помазува со миро, прави од самиот него да излегува благопријатен мирис, а оние што не го прават тоа, ќе бидат судени при Второто Христово пришествие".
Се што правиме за починатите, па и најмало добро, тие имаат полза од тоа, како што велат божествените отци, особено оние што не направиле многу додека биле меѓу живите. Ако во Светото писмо и има некои работи што служат како предупредување за мнозина (а тоа е неопходно), сепак во повеќето случаи Божјото човекољубие победува, бидејќи, ако вагата на добродетелите и на пороците дојде до израмнување, тогаш победува човекољубието. Ако мерката на лошите дела малку и натежне, сепак победува врвната добрина.

Нека се знае дека таму сите се знаат меѓусебе, било да станува збор за познанства, или никогаш да не се виделе, како што вели божествениот Златоуст, толкувајќи ја параболата за богатиот и за Лазар. Сепак, тие нема да се препознаваат според телесниот изглед, бидејќи сите ќе бидат на иста возраст, а природните познанства на секого ќе исчезнат за сметка на еден многу поостроумен поглед на душата, како што вели свети Григориј Богослов во своето надгробно слово за Кесариј: „Тогаш ќе те видам, светол и славен како што ми се јави на сон многупати, најсакан брату мој Кесариј". А Великиот Атанасиј, иако не зборува вака во словата до кнезот Антиох, во словата за упокоените вели дека, се до Општото воскресение, на светите им се даде еден-друг да се познаваат и заедно да се веселат; грешните, пак, и од тоа се лишија. А на светите маченици им се даде да го надгледуваат и она што ние го правиме и да не посетуваат. Тогаш, пак, сите еден-друг ќе се познаат, и скриените нешта на сите ќе се откријат. Треба да се знае и тоа дека сега душите на некои починати светии се на едно место, а на грешните на друго: првите радувајќи се со надеж, другите, пак, тагувајќи, бидејќи и самите светии се уште не ги примиле ветените добра, како што говори божествениот апостол: „Бог предвидел за нас нешто подобро, за да не можат без нас да се усовршат". Треба да се знае и тоа дека не сите кои паднале во јами, во оган, во море, несреќи, студови и глад, по заповед Божја, страдаат: ова се Божји судови, од кои едни се по Божјо благоволение, други по Негово допуштање, а трети заради предупредување и поука.


Впрочем, Бог во Своето предзнаење знае се, познава се, и тоа се случува по Негова волја, како што вели светото Евангелие во врска со птиците. Ова се случува вака, не затоа што Он предодредил да биде така, освен во некои случаи, ниту пак дека тоа станува случајно, ако некој се удави, друг умре како старец или како дете, туку Он еднаш засекогаш го определил соборното време на човекот, како и толкуте видови на смрт. Во толкуте овие времиња, внатре, различните видови смрт се случуваат не затоа што Бог така определил однапред. Иако Он го знае животот на секој поединец, советот Божји го скратува и времето и видот на смртта. Но за тоа дека постои некакво предодредување за животот, свети Василиј гледа некаква алузија за тоа во зборовите: „Земја си и пак во таа земја ќе отидеш". За тоа сведочи и апостолот кога им пишува на Коринтјаните: „Поради тоа што се причестувате недостојно, меѓу вас има мнозина болни и немоќни и некои спијат, односно мнозина умираат". И Давид говори: „Не земај ме на половината од моите денови" и „Си ги измерил моите денови". А Соломон: „Сине, почитувај ги таткото и мајката за да живееш долго". Или уште: „Да не умреш предвреме". И во книгата на Јов, Бог му вели на Елифас: „Јас би ве истребил, да не е мојот слуга Јов". Тоа покажува дека животот не е ограничен. Ако, пак, некој вели така, тоа за мене значи дека границата доаѓа од Бога, од Неговата волја, бидејќи Он тогаш некому додава, а некому одзема, уредувајќи се и секому според негова потреба. А кога Бог сака, го уредува и времето и начинот на смртта. Значи, границата на животот на секого е волјата и советот Божји, како што вели свети Атанасиј: „Со овој збор и со длабочината на Твоите судови, Христе, Ти исцелуваш". А Василиј Велики: „Смртта настапува кога ќе завршат пределите на животот, а ние за предел (граница) на животот ја сметаме волјата Божја". Оти, ако постои предел (граница) на животот, зошто тогаш Го молиме Бога, а и лекарите, и се молиме за децата?
Треба да се знае и ова, дека крстените деца се насладуваат во рајот, додека некрстените и децата на паганите нема да одат ниту во рајот, ниту во пеколот. Кога душата излегува од телото, таа повеќе не се грижи за овдешни работи, туку за работи од оној свет.


Ние правиме помен на починатиот во третиот ден, затоа што во тој ден човекот го менува изгледот. Во деветтиот ден - затоа што во тој ден се распаѓа телото, освен срцето; а во четириесеттиот - затоа што се распаѓа и срцето. Така станува и при раѓањето на човекот: Во третиот ден се оцртува срцето, во деветтиот ден се формира телото, а во четириесеттиот ден се изобразува конечниот облик.
Поради тоа, Владико Христе, упокој ги душите на починатите раби Твои во места каде што почиваат душите на праведниците, а нас помилуј не, како Единствен Бесмртен. Амин.

Извор: ПОСЕН ТРИОД

 

 

 

Издавач: МПЦ Црква Св. Петка-Мил Парк, Викторија- Австралија и Австралиско- новозеландска епархија и Преспанско- пелагоника епархија

Превод: преводот и препев од црковнословенски јазик, го направи   д-р Јован Таковски

 

Друго:

takovski.jovan9.jpg

 

 

Св. Теофан Затворник- Зошто служиме помен за починатите?

Затоа што така ни е заповедано. А дека така ни било заповедано се гледа од тоа што не постои период кога во Божјата Црква не се служел помен. Значи, тоа ни е од апостолите и од Самиот Господ.

Невозможно е да не се тагува, таква ни е душата; но со мера. Што е поважно за човекот: телото или душата? Душата. Кога душата е жива и човекот е жив. А кога тој умира, што умира: душата или телото? Телото, а душата останува жива. Значи, умрените се живи; живи се и вашите родители. Тие само се одвоиле од вас и живеат на друго место. Таму ќе отидете и вие кога ќе ви дојде времето – и ќе се видите. Разделбата е само привремена. Затоа и велам дека невозможно е да не се тагува, но само малку. Ние ги замислуваме починатите онакви какви што биле пред заминувањето, како лежеле во сандакот... и дека се во гроб; дури и им велиме: колку ви е тесно таму, темно и влажно... А всушност, таму ги нема оние кои ги оплакуваме. Тие се на друго место, дури и покрај нас, само во потполно друг облик.

Плачете, солзете, нема ништо неприродно ниту недостојно во тоа. Би било чудно ако мајката не тагува заради упокоената ќерка. Но треба да се знае мерата: да не се очајува и да не се заборават оние толкувања за смртта, што ние христијаните ги имаме. Умрела! Таа не умрела, туку телото, таа е жива и живее исто како и ние, само во друг облик. Таа и доаѓа кај вас и ве гледа. И сигурно се чуди зошто вие плачете и очајувате, кога на неа ѝ е подобро. Тој облик на живот е над нашиот. Ако таа се појави и ако ја замолите повторно да влезе во тело, таа никако нема да се сложи. Зошто да ѝ се спротивставувате, да го посакувате она што таа не го сака? Каква љубов е тоа?

Тие се живи, и нашето општење со нив не е прекинато. Како што се молиме за живите, не правејќи разлика помеѓу оние кои одат по праведниот пат или по некој друг, така се молиме и за починатите без оглед на тоа дали тие се меѓу праведните или грешните. Тоа е долгот на братската љубов. Додека последниот Суд не нѐ раздвои, сите, живите и починатите, ја сочинуваат Црквата. И сите сме должни меѓусебно да се однесуваме како делови од едно тело, во духот на добрината и љубовта, и живите и починатите, без радвојувања заради „смртта“.

 Свети Теофан Затворник

 

Извор: http://pravoslavie.mk.

Подготовка за Великиот пост (2)

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/sinaksar-sabota-mesopusna/ .
Подготовка за Великиот пост (2)

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/sinaksar-sabota-mesopusna/ .
Продолжете со читање: Подготовка за Великиот пост (2) Недела на св. Јован Синаит, наречен Лествичник Синаксар во Неделата на св. Григориј Палама Синаксар во Неделата на Страшниот суд Синаксар во Неделата на блудниот син

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/sinaksar-sabota-mesopusna/ .
Продолжете со читање: Подготовка за Великиот пост (2) Недела на св. Јован Синаит, наречен Лествичник Синаксар во Неделата на св. Григориј Палама Синаксар во Неделата на Страшниот суд Синаксар во Неделата на блудниот син

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/sinaksar-sabota-mesopusna/ .

http://pravoslavie.mk/podgotovka-za-velikiot-post-2/

http://pravoslavie.mk/nedela-na-sv-jovan-lestvicnik/

http://pravoslavie.mk/sinaksar-vo-nedelata-na-sv-grigorij-palama/

http://pravoslavie.mk/sinaksar-nedela-na-strasniot-sud/

http://pravoslavie.mk/sinaksar-nedela-bludniot-sin/

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 506
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…