логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


Овој текст е посветен за оние кои се подготвуваат за крштевање, или се веќе крстени, но не ја познаваат смислата на оваа Св. тајна и не живееле активен спасоносен духовен живот во Црквата
______________________________________________________________________

За Светата Тајна на Крштевањето
или за бањата на повторното раѓање


Луѓето за многу нешта имаат различни, дури и спротиставени мислења, но во однос на нашето постоење во овој свет сите се сложуваат дека тоа е огромна тајна која никој досега не успеал докрај да ја растајни. Нашето постоење, нашиот живот и се она што се случува во и околу нас е една голема Тајна, но и голема Вистина која чека да биде осознаена од секој кој е гладен и жеден за неа.
  Патот кој води кон осознавање на Вистината започнува со нашето духовно (личносно) будење (покајание), односно со нашето прво вистинско и љубовно-искрено соочување со самите себе си, со нашиот живот, но и со дарителот на нашиот живот, со Творецот. Во тоа соочување, ако сме љубовно-искрени, се случува внатрешна промена во нашиот ум (покајание - преумување), односно, нашата личност станува свесна за вистинскиот квалитет и смисла на своето постоење. Личноста открива дека не е случаен производ на некаква слепа еволуција и дека овој свет, а и човекот, од Творецот не се создадени со и за зло, грев, страдање, распадливост , незнаење и смрт, туку се создадени за живот во љубов, вистина, здравост, творештво, служење, хармонија, смисла, полнота, вачност. Дека е тоа така може да ни посведочи нашата душа. Таа се чувствува во природна, здрава и од Творецот благословена состојба кога е опкружена и исполнета со љубов, искреност, вистина, смисла, разбирање, милост, радост, живот. Но истата се стега, вознемирена е и чувствува страв кога е опкружена со омраза, лага, суета, страдање, злоба, агресија, смрт.


 Ivica.markov4.jpgСигурно ќе се запрашате од каде е злото и последиците од него во овој свет, а и кога духовно (личносно) сме заспале за да мора да се разбудиме (оживееме)?! За да одговориме на ова прашање мора да се повикаме на најверодостојниот изворник во кој можеме да го најдеме одговорот. Целото човештво тој изворник го нарекува Свето Писмо или Библија. Во тој изворник, во неговите свети книги напишани од свети Боговдахновени луѓе (пророци, евангелисти) е откриено дека Бог не е причина и творец на злото. Во првата книга од петокнижието (Тора) на пророкот Мојсеј пишува: И виде Бог дека е многу добро се она што го беше создал. (1.Мој. 1,31) Ако Творецот, односно Бог, не е причина за злото, тогаш кој е? Еве што за тоа пишува пророкот Исаија: Како падна ти од небото, Денице, сине на зората? (Исаиј. 14,12) А пророкот Језекиил во својата пророчка книга го пишува следното : Ти беше помазан херувим за да осенува, и Јас те поставив за тоа. Ти беше светата Божја гора, одеше сред огнени камења. Ти беше совршен во патиштата свои, од денот кога беше создаден, се додека не се најде во тебе беззаконие. . . Од убавината твоја се возгордеа срцето твое. (Језек. 28, 14-17) Од овие, но и од многу други сведоштва во Светото Писмо, добиваме сознание дека причинителот на состојбата што ја нарекуваме зло е една личност која од Бога е создадена како добра и тоа со огромни духовни можности за усовршување. Таа личност постоела во небесните свери (духовниот, ангелски свет) и била ангел херувим, светлоносец. Била совршена (добра) во своите делувања се додека во неа не се појавиле состојбите на завист и гордост (беззаконие - болест). Тие состојби во неа се појавиле како последица од нејзината нељубовна желба таа како создадено битие да се извиси над Творецот, над Несоздадениот и Вечниот,  над Оној Кој е Почеток и Животодавец на се. Не сакајќи да ги отфрли овие самоуништувачки и болни состојби таа постанала противник на Бога и на од Него совршено создадениот и благословен поредок на постоење што во Светото Писмо се нарекува Царство Божјо. Таа личност противејќи му се на Бога започнала да се спротиставува и на доброто, вистината, љубовта, служењето, мирот, единството, хармонијата, животот. Од тоа свесно, дрско и гордо спротиставување на доброто, во себе и надвор од себе, во личноста на противникот (сатаната) се појави состојбата на зло, односно состојба која се препознава преку лагата, омразата, егоизмот, суетата, деспотизмот, желбата за уништување, безредието, болеста, смрт. Од личноста на сатаната, злото како отров, преку неговата лага се рашири и во многу личности од ангелскиот свет. Ангелите кои во себе го примија злото и се утврдија во него станаа демони (зли сили).
 

За жал и прародителите на човештвото Адам и Ева, кои од Бога беа создадени како добри, невини, чисти и бесмртни, паднаа во искушение и ја прифатија лагата на сатаната. За таа трагична епизода од човечката историја пророкот Мојсеј ни сведочи уште на првите страници на Светото Писмо. За да ги заштити нашите прародители, а преку нив и нивните наследници, односно, целото човештвото од отровот на злото, Творецот веднаш по создавањето и воведувањето на Адам во Едемската градина му заповеда: Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него ќе умреш. (1.Мој.2,16) И навистина стана така. Во денот кога нашите прародители ја прифатија итрата лага на сатаната и вкусија личносно (духовно) незрели од дрвото за познавањето на доброто и злото, постанаа духовни мртовци. Тие заради отровот на злото, гревот и непокајанието во себе го изгубија љубовното благодатно и животодавно единство со својот и нашиот Творец и Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух и со неговото Царство. Нивното духовно мртвило, односно злото и гревот во нив, предизвикаа безредие во нивниот внатрешен и надворешен живот. Како плод на сето тоа, тие и нивното поколение (целото човештво) во нив, паднаа во состојба на умозатемнување и заробување од страна на сатанските лаги и илузии, односно тие, и ние во нив, постанавме духовни мртовци (биолошки живи но личносно, духовно мртви или поточно кажано заспани и опседнати од илузијата на синџирот на злото: завист - гордост - егоизам - суета - омраза - уништување). Крајната последица од духовното мртвило и паѓањето во грев на нашите прародители, а и на нашата природа во нив, е незнаењето (духовната амнезија), страдањето, болеста, стареењето и смртта на телото.
Ivica.markov2.jpg На овој начин на оваа наша планета се всели злото и сатанското владеење. Човештвото се оттргна од својот Творец и Неговото Царство и ја промаши целта и смислата на своето постоење. Духовно заспаното човештво вплови во кошмарниот уништувачки сон на самоилузијата и духовното мртвило. Оваа наша планета од рајска градина, од преубав спој помеѓу духовниот и материјалниот свет, стана тоа што е. Иаку и денес во убавината на природата може да се примети одсјајот од изгубената убавина. Но сепак нашиот Творец како вистински и одговорен родител, како наш Татко Небесен, и покрај големото зло што низ историјата го правеше и прави духовно заспаното човештво, не го остави да тоне во апсолутните адски (пеколни) црнила на злото. Не го остави своето изгубено, извалкано и збунето чедо да му робува на животоуништувачот, сатаната. Тој уште веднаш, по отпаѓањето на нашите прародители од Него и од неговото Царство, промислуваше како повторно да го воспостави љубовното животодавно единство со своето огревовено чедо. Тој преку духовно разбудените луѓе, старозаветните патријарси, пророци и мудреци, а и преку старозаветениот народ (Израилот) го подготвуваше човештвото за доаѓањето на својот совечен единороден Син во овој отпаднат свет како Месија (Христос), како Спасител на светот од гревот, незнаењето, злото, смртта и сатаната. За оваа вистина св. апостол Павле ни сведочи со следните зборови: Бог, кој во старо време (пред Христос), откако многупати и на многу начини им зборуваше на оците наши (на старозаветниот народ Божји) преку пророците, во последниве дни ни зборува преку Синот, Кого го постави за наследник над се, преку Кого ги создаде и вековите. (Евр.1, 1)
 Со вочовечувањето на Синот Божји, кој својата човечка природа неосквернета од гревот ја прими од пречистата девојка Марија и стана Син Човечки, започна големата тајна на нашето ослободување и спасување од духовното мртвило, злото, смртта и сатанското ропство.
Во историјата на човештвото имало случувања со голема важност, но спасителната и искупителната мисија на нашиот Господ Исус Христос е нешто од што зависи самото постоење, самиот живот и смисла на човештвото. Преку:
1. вочовечувањето (воплотувањето, примањето на човечката природа),
2. откривањето на заборавената вистина од страна на целото човештво (проповедта на евангелието - добрата вест),
3. љубовножртвеното искупително и сеослободувачко распнување и страдање на крстот,
4. симнувањето во адот (пеколот), во духовно - просторната состојба во која се наоѓале душите на сите упокоени пред Христовата искупителна жртва (види: 1. Петрово 3, 18 - 20),
5. воскресението од мртвите (подигнување на своето човечко тело како знак и доказ за победата над смртта),
6.  вознесението кај својот Отец ,
7. и испраќањето на Светиот Дух (третата личност на Триличносниот Бог) нашиот Месија ги урна делата сатански (1. Јов. 3,8) и ја разобличи неговата лага. Ја исцели и ослободи од отровот на злото човечката природа и му овозможи на секој човек кој духовно ќе се разбуди (ќе доживее покајание), кој ќе поверува и учествува во Неговата искупителна жртва, да биде спасен и ослободен од злото и сатанското владеење, односно да се подготвува во овој свет за вечниот живот во Царството Божјо.  Поедноставно кажано, Отецот Небесен преку својот Син и неговото љубовножртвено спасително дело, во силата на Светиот Дух, на целото човештво му го покажа ПАТОТ и му ја отвори ВРАТАТА на своето Царство, за вистинскиот совршен начин на постоење во љубов, творештво, служење и животодавно  блаженство.
 Но како и каде во овој наш свет да ја најдеме ВРАТАТА преку која се влегува во Царството на вечното љубовно-творечко постоење во доброто?  На почетокот на овој текст спомнав дека без наше духовно будење (покајание) ние остануваме слепи за вистината и за духовната реалноста и смисла на животот. Самиот наш Спасител своето спасително дело го започна со повикот: Покајте се (Разбудете се! Преумете се! Станете свесни за илузијата и ропството во кое живеете, излезете од таа состојба, ослободете се од синџирот на злото) , зашто се приближи Царството небесно! (Матеј. 4,17)


Ivica.markov3.jpgКога една личност ќе доживее духовно будење, кога ќе се преуми и ќе стане свесна за состојбата во која се наоѓа, тогаш таа го чувствува гласот Божји во себе, бара очистување од гревот и злото, превреднување на вредностите на постоењето и помирување со својот Творец, со ближните, со себе си, со животот, со сиот свет. Всушност, личноста бара внатрешен прекин со еден бесмислен начин на живеење во зло и илузија за да започне друг, вистински начин на живеење. Тој процес на  таинствено излегување од гревот и влегување низ ВРАТАТА на Царството Божјо ние во Црквата, во новозаветниот народ Божји, го нарекуваме крштевање (баптизо - потопување) или бања на повторно раѓање (Тит. 2, 5).
  Не случајно крштевањето е прва од седумте Свети тајни на Црквата. Преку неа ние постануваме членови на Црквата, на Телото Христово. Односно, преку наше учествување во ова света тајна, ние во себе ги примаме плодовите на Христовата спасителна и искупителна жртва и Неговото воскресение од мртвите. Сето она што Христос на крстот го направи за сите нас ние во моментот кога се крштеваме (потопуваме три пати во вода) го примаме во себе. Христос на крстот објективно, го искупи, оправда, спаси и ослободи целото човештво од сатанската тиранија, од последиците на првородниот грев и на гревот и злото воопшто и повторно го воспостави изгубеното единство помеѓу Бога и отпаднатиот човек. Кога ние се крштеваме, преку нашето лично (субјективно) учество во тајната и преку нашата вера и љубов, сето тоа го примаме во нас. Апостолот Павле за оваа спасоносна тајна ќе го напише следното сведоштво: А кога се јави добротата и човекољубието на нашиот Спасител, Бога, Он не спаси но не според извршените од нас праведни дела, туку по својата милост, преку бањата на повторното раѓање (крштевањето е наше духовно раѓање за Царството Божјо, оправдување и ослободување од личните гревови, просветување, дар за осветување, дар на ослободување на прародителскиот грев во нашето воскреснување (види: 1. Коринтјаните 15, 12 - 26; Чин на Св. тајна крштевање, Требник, Скопје, 1997, стр - 48, 49) и обновата од Светиот Дух (Св. тајна миропомазание, која се врши веднаш по крштевањето, во која ја примаме силата и обновата на Светиот Дух), кого изобилно го излеа на нас преку Исуса Христа, нашиот Спасител, та оправдани со неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот. (Тит. 3,5-7) Во своето послание до Црквата во Рим истиот апостол за крштевањето пишува: Зар не знаете дека сите ние што се крстивме во Исуса Христа, во неговата смрт (искупителна жртва и воскресение) се крстивме. (Рим. 6, 3)
А самиот наш Спасител и единствен Учител Исус Христос за оваа тајна на Црквата го кажува следното : Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието (Добрата вест за спасението на човештвото) на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти , ќе биде спасен , а кој не поверува, ќе биде осуден. (Марко. 16, 16) Според овие зборови на нашиот Господ се заклучува дека крштевањето има суштинско значење во нашиот духовен спасоносен живот. Затоа кон него , а преку него и кон останатите Свети тајни на Црквата, треба да градиме сериозен однос. Формалниот, површниот и традиционално фолклорниот (адетскиот) пристап кон Светите тајни и воопшто кон животот во Црквата, без духовна разбуденост, вера, љубов, свесност и воведување во смислата и силата на светотаинскиот живот, може да има кобни последици. Многумина кои се само крстени, а не живеат како Христови ученици во Неговата Црква, па дури и не знаат што примиле во крштевањето, сериозно си поигруваат како со својот живот во овој свет , така и со своето спасение и вечен живот.


 Ivica.markov1.jpgПреку нашето трикратното потопување во вода во името на Отецот и Синот и Светиот Дух од страна на добродетелен и канонски ракоположен епископ или презвитер, во исклучителни ситуации и од обичен член на Црквата, се случува по Божји благослов, преку плодот на Христовата искупителна жртва и силата на Светиот Дух, чудото на нашето духовно раѓање, откупување, оправдување и спасување од злото, гревот, сатаната и смртта. Од тој момент, осилени и обновени преку силата на Светиот Дух што ја примаме во тајната на миропомазанието, започнуваме во Црквата да го градиме нашето спасение (Фил. 2, 12), очистување и подготвување за воскресението од мртвите при второто доаѓање Христово во овој свет и за вечниот живот во Царството Божјо. Самиот чин на крштевањето трае кратко, но нашата духовна подготовката за него трае долго (според преданието на Црквата тие што се крштеваат како возрасни треба да бидат катихумени, односно треба да бидат подготвени за крштевање), а животот по крштевањето, ако живееме и растеме во тоа што сме го примиле и свесно не се откажеме од него, по нашето воскресение од мртвите ќе трае вечно.
 Децата, во христијанските семејства кои живееле полноцен духовен живот во Црквата, се крштевале уште во ранохристијанскот период. Нивните родители како вистински и активни, а не само традиционални и пасивни  членови на Црквата, тоа го правеле со голема сериозност. Во тоа им помагал и кумот (восприемникот - сведокот на крштевањето) за што ни сведочи Св. Дионисиј Ареопагит во свето дело: “За Црковната ерархија”. Тие одговорно и со љубов внимавале децата да растат и да се воспитуваат  во спасоносен и здрав христијански дух. Тоа најдобро го правеле, а и денес го прават вистинските христијански семејства преку заедничкото учество со своите деца на Литургијата (разбрана како заедничкото дело на црковната заедница) и преку причестувањето со својот Спасител преку неговото тело и крв (учество на Господовата трпеза како врв на Литургијата). Денес, заради ред објективни и субјективни причини, многу родители, пред да ги крстат своите деца, треба самите да осознаат зошто се крстени. Без тоа сознание тие не се подготвени, освен биолошки, да им бидат и духовни родители на своите деца. Всушност, подготовката на родителите за можноста одговорно и со сознание да учествуваат во крштевањето на своите деца треба да започне со нивното учество во Светата тајна на Бракот (Венчавањето).   
Ivica.markov.jpg

Овој текст сакам да го завршам со еден искрен љубовен апел до сите кои се веќе крстени и до оние кои сакаат да се крстат. Сакам сите да станеме свесни и одговорни за огромното спасоносно значење на крштевањето, за таа ВРАТА за Царството Божјо. Го молам нашиот Спасител, Господ и единствен Учител Исус Христос преку силата на Светиот Дух да ја разбуди во нас потребата да се вратиме на вистинското разбирање на крштевањето. Да се вратиме на преданието на Црквата, на она за што Црквата сведочеше од самиот свој почеток.

 Посакувам Господ да ни даде сила, љубов и вера да престанеме само формално да го извршуваме крштевањето или без никаква подготовка и вера  да учествуваме во него. Ако ние како Црква во своите срца не ја разбереме оваа молитва ќе тонеме се подлабоку во духовната успиеност и неосетливост и сериозно ќе ги нарушуваме спасоносните заповеди на нашиот Спасител, а со тоа многу личности ќе го загубат својот живот, како во овој свет, така и на вечен план.


 

Цитати од Светото писмо на Новиот Завет поврзани со Св. Тајна на Крштевањето
  

Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат се што сум ви заповедал, и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин! (Матеј. 28,18-20)  

Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода (Света тајна крштевање) и Дух (Света тајна миропомазување, примање на силата на Светиот Дух), не може да влезе во Царството Божјо;
 Зашто, роденото од тело, тело е, а роденото од Дух, дух е. (Јован.35-6)


презвитер м-р Ивица Тодоров
одговорен за просвета и мисионерство на Скопската епархија на МПЦ

 

{moshits}



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5843
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6649
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6450
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5636
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Православен календар

 

25/04/2024 - четврток

Велигденски пости; (строг пост)

Преподобен Исаак Сирин II (Исаак Сирин I се празнува на 28 јануари); Свети Василиј Исповедник; Преподобен Акакиј; Преподобна Атанасија;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.Христов новомаченик Димитриј Пелопонески 13 април / 26 април 2024

Тропар на св.Христов новомаченик Димитриј Пелопонески 13 април / 26 април 2024

Исповедник на верата Христова постана,откако Спасителот Го повика кога се најде сред морските бранови,о Димитрие новомачениче.Надеж стана за паднатите кои во...

Тропар на преподобниот отец епископ Паријски Василиј 12 април / 25 април 2024

Тропар на преподобниот отец епископ Паријски Василиј 12 април / 25 април 2024

Василие, преподобен оче наш,верата во Христа ти ја сочува,иако велијар во безумие кон тебе поита,стадото Христово по твоите молитви Господ...

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Антип Пергамски 11 април / 24 април 2024

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Антип Пергамски 11 април / 24 април 2024

Велик те направи Спасителот тебе Антипопомеѓу ѕвездите небесни,и возвишено стана името твое во Црквата,на која како семе одбрано и послужии...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная