логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

БАРАЈТЕ ГО БОГ ВО СЕ ШТО ПРАВИТЕ-Архимандрит Андреј Конанос

Втор дел: Важно е тоа, како ти живееш


Имаше еден 92-годишен дедо, и то ј ми кажа еден ден:

-Отче, Слава Богу! Бог ме чу и ме избави, си ги победив страстите!

-Кои страсти?

-Имав голема војна, но, Слава Богу, Он ме избави!

Му реков:

-Дедо, Бог те избави, зашто  ти војувал но, во Слава Божја, а тоа доаѓа со возраста. На 92 години си!

 До кога ќе имаш страсти? До кога ќе имаш желби? Видовте ли впрочем? Тој постојано се борел. Но, доаѓа момент, кога проживеаното ја покажува смсилата и ти вели: „Сè е суета.”

Твојата убава снага која ја гледаш на снимките од младоста, минуваат години, ги собираш снимките на купче и ги споредуваш и велиш: Пресвета Богородице! Таа брчка! Што да сторам за да се промени нешто! Се насмевнуваш повторно но, правиш разни гримаси. Една госпоѓа внимаваше како се смее, зашто и беа рекле да не смее, туку да се воздржува, бидејќи ако се смее нормално, лицето се уништува и страдаше поради тоа, имено додека бев млада, можев да се смеам, а сега стареам и се менувам.

Така човек разбира определени нешта, се приземјува, се смирува, си доаѓа на себе и се подготвува да ги разбере вистините, кои се наоѓаат зад овие земни нешта-односно љубовта, смирението, добрината се наоѓаат зад нашата телесна убавина или грдост, истјазание, болест и ли старост. Така човекот ја наоѓа смислата на животот од ништото. Можеш да најдеш некоја твоја слика со брчки и да ја најдеш смислата на животот, да разбереш определени нешта, тоа го имам предвид.

Денес, ако можевте да разберете, сакам да ве натерам да се замислите и да не барате само чисто богословски нешта, за да Го разберете Бог, туку да ви кажам, сите нешта се богословски, сите. Бог постои насекаде.

 Еве реков-гледаш една снимка. Еднаш некој ми беше дал една снимка која не беше направена добро и на неа се гледаше само небо, наместо да се  снимааат луѓе, се гледаше само небото. Му рекле на авторот:

-Ох, каква грешка!

А то ј возврати:

-Не Бог допушти да ја видам, за да ме натера да мислам само на небото, а не на земните нешта!

Тој ја разбрал смислата од една непогодена снимка. Ја превртил во богословие. Тоа треба да го пронајдеме во животот и така ќе можеш да богословиш, каде и да живееш, што и да правиш. Кога јадењето ќе ти прегори, пак можеш да се замислиш и да ги разбереш твоите грешки и слабости, и тогаш кога успешно ќе зготвиш, повторно можеш да сфатиш и да да кажеш: „Дури и да сум зготвила добро, други ми помогнаа. Маж ми даде пари, љубовта на децата ме инспирира да живеам, да дишам, да имам сила да го зготвам добро.”

Можеш да направиш така, сѐ да ти дава душевна височина, добродетел и светост. Во тоа е величината на животот кога никој на ништо нема да ти завидува.



Имам видено свети луѓе во овој живот и говорам за многумина од вас, коишто ги познавам и за некои кои не ги знам и многу други непознати во светот. Луѓе кои достигнале високи врвови и за кои ако свети Антониј живееше сега, како тогаш кога Бог го испрати кај чевларот, така ќе го испратеше во тој дом и ќе му речеше: „свети Антониј, во тој дом има еден човек, кој што кажи-речи е како тебе, достигнал висок врв.” Тоа би можела да биде една мајка, еден татко, едно дете, макар и да си се облечени во своите алишта.

 Големо нешто е да го разберете тоа колку многу сте значајни и колку многу може да постигне секој во она што го прави.

Еден човек ја пронашол смислата  и целта на животот, кога еден друг човек кого што тој многу го сакал и го почитувал, ислучително многу го разочарал. Нешто изненадно станало и се разочарал и се скршило нешто во неговата душа. Но знаете ли што било тоа? Неговиот идол. Идол. Тој си имал вообразено дека тој е нешто, дека е многу важен и работите така се погодиле во животот, што тој се разочарал во него. Ништо страшно. Си возљубил човек, си се разочарал.

-Си се омажила за маж, и реков на една жена, -тој од оваа земја е, не е ангел, не е Бог, туку човек. Си се разочарала? Ништо не пречи, ќе пронајдеш смисла.

Таа кажа:

-Сега ќе си најдам друг!

Не, тоа не е решението, затоа што ако земеш друг, тоа значи дека не си ја научила лекцијата, затоа што и другиот ќе биде човек. Тајната е да се научиш да живееш со даден човек правилно, да најдеш смисла заедно со него и затоа еден светител вели: „Ако возљубиш една жена, во неа си ги возљубил сите жени во светот кои постојат.” Ако се научиш да  бидеш трпелив кон еден човек, можеш да бидеш и кон многу други. Следствено, такната и смислата се кријат во таа врска која треба да се утврди, да се продлабочи и да не го бараме лесното решение, кое што е: „Си заминувам!” Тие што си заминале, мислејќи дека во следната постапка ќе направат подобар избор, повторно истото го направиле.



Како и во манастирите. Оној, вели страец Паисиј, кој го напушта манастирот, за тоа што му пречи големата врева, и оди во друг, но, таму го дразни големата тишина, потоа оди во друг, таму влагата, во некој друг, скакулците, во  еден друг има еден олук, по кој се слеваат дождовните капки и тоа го нервира-не издржува и сè му е виновно, бидејќи не разбрал дека проблемот е во него, и ако го разрешиш, каде и да се населиш, ќе биде како во рај.

Важно е како живееш. Доколку живееше квалитетено, смислено, со љубов кон Христа, ако на Бог ги полагаш своите нешта-тогаш совршено си поминуваш, каде и да си.


Сум гледал луѓе кои се исполнети со пријатност, разбирање и лекост. Ако ја сфатиш смислата на животот тогаш со леснотија се жениш, со леснотија издржуваш, сѐ е лесно. Видов еден млад човек кој сакаше да се ожении неговите пријатели му бараа девојка, а тој: „Таа не ми се допаѓа, не сакам, ќе барам некоја друга.” Некои луѓе се толку простодушни, односно вели: „Да биде добра девојка, да можам да ја гледам и да ѝ се радувам!” И оп! Веднаш прават чекор напред. А оној другиот, сака едно, сака друго, сака трето: не пронашол смисла, се побркува за жал. А и понатаму ќе се побркува, ако не внимава.

Сето ова што го кажувам, не е апсолутно- човек ќе ја задржи смислата која му доликува-и тоа не значи дека девојката треба да се омажи со првиот со кој ќе се запознае, туку дека не треба да си внатрешно тежок-да не ти биде тежок карактерот.

Годините на нашиот живот минуваат и постепено наоѓаме смисла, колку што нашите коси и бради побелуваат или паѓаат, и колку и да ги бојосуваат оние кои сакаат. Не пречи и да ги бојосаш, знаеш што има оддолу.

Откриваш смисла во твојот живот, кога си на зрела возраст.

Еден дедо се разбудил ноќта да се напие вода и отишол во кујната, било три преку ноќта и се вратил во кревет но, не му се спиело и на светлината која доаѓала однадвор ја погледнал жена си, која спиела крај него. Како што милата спиела, тој ја набљудувал без да коментира ништо. Косите и се биле рапослале на перницата, и ги гледал брчките, му дошла една мисла и си рекол:

-Ту бре дете, замисли си само-спијам до една старица.

 Потоа ја продолжил мислата: «Страшното не е што е старица, туку што е мојата жена: страшното е што и јас сум старец, а знаеш ли е што е најстрашното, што јас не се оженив за старица, туку за 20-годишна девојка. Кога станавме такви, дете мое?»

Си мислел на изминатите години. Какви биле и какви станале, некогаш ја гледал, горел, се растопувал и велел: „Света Богородице!” А сега ја гледал и (пак) велел: „Пресвета Богородице!”

Кога ќе се задлабочиш и помислиш над она, каков те сторило времето и како те менува и преобразува, наоѓаш многу нешта во срцето, се задлабочуваш и ги разбираш.



Многу пати ги прашував дедо ми и баба ми и прадедо ми, кој до последно живееше, ми даваше многу убави совети. Беше многу стар и немаше многу претстава за богословието. Имаа проста вера, но времето ги беше сторило зрели. Кога се тревожев за предметите на училиште, мојата баба велеше:

-Чедо утре е празникот на свети Димитриј, зар тој ќе те остави? Сè ќе биде во ред!

Еден прост израз, ништо друго. Но, тој прост израз од нејзината уста ме утеши. Односно советите кои возрсните им ги даваат на децата, убавите мудри зборови.

Сега знам, дека си велите: „Баќушка, не е сосема така!” Знам што велиш, бидејќи јас говорам за возрасни луѓе, кои раснеле не еден малку поцрковен и потрадиционален начин, а не за младите, кои раснат, да речеме со филмовите „Тајните  на Рајот“ и „Животот на другата“ кај што нештата се различни. Затоа што кога оттаму ќе земеш образец на животот, таму до 70-80-годишна возраст се караат и се разведуваат. Каква порака да земе еден возрасен? Со течение на годините, старите луѓе станувале зрели, мудри и свети.

 
Ми беше впечатлива една жена која се грижи за својата стара мајка и се гордее со неа, ја преоблекува, ја чешла, ја капе-таа е во количка. Јас ја прашав:

-За тебе нема ли одмор?

-Ех, јас и одмор....Да си ја оставам мојата мајчичка?

Таа тоа го вели со радост, т.е. мајката ја сфатила смислата на животот и го предала на тоа на ќерка си. Да си помислиме на тоа. За да не возљубат децата кога ќе остариме, треба да се запрашаме, дали правам нешто, кое што тие го сакаат. И да речат: „Јас ќе си ги задржам мајка ми и татко ми дома.”  Зашто ако од устата ни излегува само негодување, оплакување, жолч, се побркуваме и налеваме масло на огин, се труеме едни се други, тогаш природно е да посакаат да ни кажат:

-Тоа е еден многу убав старечки дом, има и  еркондишн! Ќе одиш таму и воопшто не приговарај!

Тие нешта се подготвуваат уште од порано и така се стигнува до таква ситуација; т.е ретко некој-се молам да не стане тоа-се однесува неблагодарно кон свети родители но, и при тешки родители неопходно е да се прават жртви.

Знаеш ли како ќе дознаеш дали со ја нашол смислата на животот? Ќе разбереш ако во себе имаш спокојна предства за Бог, имаш слатко чувство за Бог и на другите им ја предаваш таа слика за смирениот и благ Бог. Тогаш си ја сфатил смислата и целта на животот. Со други зборови, ако видиш човек кој говори за Бог како да е тој судија, казнувач, властелин, терорист, диктатор и ти предава еден Бог со бескрајни психолошки проблеми-тој човек сеуште не ја разбрал смислата на животот: тој не знае што е животот и каков е Бог.

Кога ќе ја најдеш смислата на животот, тогаш ти се менува вкусот во устата-преку Светата Причест станува посладок, во срцето ти се менува претставата за Бог. На различен начин говориш за Бог на децата; ако ја сфатиш смислата на жвитот, тогаш децата чувствуват, дека нивното срце се насладува. Кога говориш за Бог и другиот чувстува дека го допира еден бодликав кактус, тогаш сеуште не си сфатил каков е Бог, каков е животот и каква е смислата на овој живот.

Старец Порфириј кажуваше дека како млад-и природно сите минуваме низ тоа-имал многу сурова претстава за Бог: од добро расположение но, бил многу суров. Кога некој ќе отишол да се исповеда кај него, тој ја читал книгата со епитимиите и строгите нешта и имал впечаток, дека Бог е таков и дека токму така треба и да прави-да се скараш, да зарежеш, да казниш строго.

 И вели:

-Го правев тоа со добра намера мислејќи дека Бог е таков. Имав таква слика за Бог. Почнав да приметувам дека луѓето се тргаа од мене. Ги викав на исповед, а тие ми велеа: „Добро отче, добро, кога ќе можеме ќе дојдеме. Благословете!” И си одеа. Си реков: „Ту бре човеку што стана? Јас сакам да им го дадам Бог, но изгледа не сум сфатил нешто добро!” После тоа разбрав, кога дојдов во допир со луѓето и слушнав нивната болка, нивните немоќи, гревовите но, не само гревовите, туку и зошто ги извршиле. Прашањето  не е толку во тоа, некој да ти кажа тебе, што сторил, туку и зошто тоа го сторил, што го поттикнало да го направи тоа.

-Знаете ли што направив тогаш?-говореше старецот.  Им сострадував и сфатив дека Бог е сострадателен, милосрден, смирен. Он е и справедлив, но, другиот сам ќе ја почувствува справедливоста и ќе го посака своето наказание (исправување), воспитание или епитимија. Не е моја работа да ги плашам луѓето со Бог.

Дај Боже,  тоа да го разбереме пред да остариме, бидејќи ако не го разбереме, ќе ги загубиме и децата, ќе ги загубиме и оние, а кои мислиме, дека им помагаме во верата.

 



Кога ќе ја најдеш смислата на животот, тогаш се трудиш да го спечалиш брата си, правејќи според силите една малечка жртва и пројавуваш снисходење, со цел да ја спечалиш неговата душа. Прашањето е да го молиме Бог да нѐ просветли, а тоа самото знач- „ја пронашол смислата на животот.” Често на децата им говорите убави нешта но, сами покажувате, дека тие нешта сеуште не ви се всадени, не ве смекнале и вас самите не ве успокоиле.Што ми зборуваш ти мене за Бог, ако ништо за Бог во животот не си нашла! Како цел ден нервничиш, рацете ти треперат од тревожност, а сакаш да кажеш:

-Оди дете мое на неделно училиште, оди во црква, ќе станеш добро дете!

А детето ти одговара:

-Јас по тебе гледам. Иако ти одиш таму, сепак  со татко се карате по цел ден и в куќи цело време само кавги и напрегнување!

Како ќе го убедиш детето, кога гледа, дека ти не си ја  нашла смислата на животот, дека си блиску до Бог? Не требаат зборови, туку љубов на дело и личен опит за да излегува светлина  од твојата душа.

Како  една мајка, чие дете  залутало кај протестанти и западнало во ерес. Таа постојано го карала. Старец Софрониј Сахаров и рекол:

-Следниот пат помоли се и говори кротко на детето, бидејќи потполно ќе го загубиш!

Кога таа се успокоила и  ја сфатила смислата и целта на животот, еден ден го прашала своето дете:

-Каде ќе одиш?

-Знаеш каде! Во салата, кај што се молат.

Мајка му се свртила и му рекла:

-Помоли се за мене!

Тој се стаписал, а таа повторила:

-Помоли се за мене, на Христос му говориш, кажи Му нешто и за мене!

Тоа значи-неочекуваност. Веќе самите не восхитуваме. Прашањето е не да си предвидлив, туку да восхитуваме, како што восхитува Бог т.е. да бидеме непредвидливи но, божествено непредвидливи.  „Кажав на мајка ми дека пушам и таа ги скрши чиниите.!” Со таква реакција не си божествено, но, болно непредвидлив.

Смисолот е да спечалиш една душа но, како  ја печалиш? Тоа е тешкото, тука е потребна светост.

Затоа браќа се молам да го најдете Бог во сѐ што правите. Секој ден, онаму кај што сте, суштествува Божјата благодат.



Еден свештеник кој беше женет, велеше: „Знаете ли кога го чувствувам Бог? Кога седам со жена ми на балконот, пиеме кафе и само гледаме одспротива, накај гората и чувствуваме љубов. Тогаш го чувствувам Бог до мене, без зборови, го чувствувам Божјото присуство.”

Бог е насекаде, можеме да ја најдеме смислата и целта на животот во секој момент, во кој Бог не допира.  Ако се научиме на однос со Него, Бог ќе не допре, кога ќе пристапиме кон светиот Путир. Еден човек ме праша:

-Отче, се причестувам толку пати и зошто не чувствувам, дека го примам Христос, не разбирам. Чувствувам дека се причестувувам со леб  и вино, ништо друго не чувствувам!

Јас му одговорив:

Возљубен, тоа не е волшебна палка, за да го почувствуваш Бог во мигот, кога ќе дојдеш пред царските двери, туку е потребно уште претходно да Го почувствуваш во секој миг од својот живот.

И во кафето со својата жена и кога возиш автомобил и кога си ги храниш децата и кога одиш на работа и кога готвиш и кога се миеш и кога правиш сѐ друго. Кога ќе го   почувствуваш Христа и смислата на животот, кога ќе ја осетиш целта  во секој еден обичен момент, тогаш Светата причест ќе биде врвот, ќе биде завршнина на една љубов, која започнува од нашето секојдневие.



За жал ние сме религиозни луѓе, но само за еден час, додека заврши светата Литургија, некоја беседа или лекција. После тоа одиме дома, ги соблекуваме убавите алишта, ги облекуваме секојдневните, но за жал заедно со нив го облекуваме и другото секојдневно поведение и не ја задржуваме љубовта и чувството на смисла во секојдневните односи. Тоа е тајната на среќата која Бог очекува да ја види-не за Себеси, туку за нас. Тоа е она  кое што децата очекуваат да го видат на вашите лица, зашто децата гледаат сѐ, знаат колку сме вистински, детето тоа одлично го разбира.

-Татко ми можеби и не е црковен човек, но е горешто искрен и почувствителен. Мајка ми по цел ден ми чита проповеди, а татко ми не стапнува во црква но, него повеќе го сакам! Тој е почесен, повистинит, поискрен!

Ова е страшно, но, детето го почувствувало.

Пред нас има пат, кој треба да го изодиме-оние кои се надвор од Црквата, треба да се доближат до Црквата, а тие кои се во неа,  треба вистински да влезат внатре, зашто сеуште не сме таму. Јас го облекувам црното расо, имам и брада, и се правам некој поп, но, дали сум таков свештеник, како в што Бог ме сака? Тоа го имам предвид.

Превод: Маја Белева

13-ти март, лето Господово 2016

Друго:

p.andreas-konanos

БАРАЈТЕ ГО БОГ ВО СЕ ШТО ПРАВИТЕ (1)

Прв дел-како да го исполните својот жвиот со смисла и радост

 



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Ноември 12, 2019

Старец Георгиј Капсанис: МОНАСИТЕ СЕ ЕКСПЕРТИ ВО НАУКАТА НА ПОКАЈАНИЕТО

Луѓето прво треба да го распнат и да го погребат своето поранешно „јас“ (т.е. егоизмот, страстите и себичната волја) на Крстот и Гробот Христов за да можат да воскреснат со Него и „да одат во обновеноста на животот“ (Рим. 6, 4).Ова е дејството на покајанието…
Ноември 09, 2019
st-demetrius

Свети великомаченик Димитриј Солунски

Благочестивиот Димитриј пред царевите ги поставил Божјите заповеди. Го возљубил Господ Бог со сето свое срце и душа, па веднаш по враќањето од царската престолнина почнал јавно да проповеда и својот народ да го одвраќа од многубоштвото, водејќи го така кон…

Митрополит Струмички Наум-Царството небесно прилега... на простување (19.08.2017 )

Ное 07, 2019 Беседи 88
7.Vselenski.sobor
Честопати и мене ме прашуваат зошто примам или им помагам на луѓе за кои мнозина од…

Митрополит Струмички Наум - Последна надеж за спасение

Ное 04, 2019 Беседи 61
Uspenie.Bogorodica.jpg
Она нѐ научи Кој Е смислата на нашиот живот. Она нѐ научи Кој Е вистинска љубов. Она нѐ…

Митрополит Струмички Наум: Зошто пишувам?

Окт 28, 2019 Беседи 172
7.Vselenski.sobor
Битно е дека, без тие – собраните околу мене, којзнае дали воопшто и ќе беше нешто…