логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Sv.Jovan.Milostiv1

           Се родил на островот Кипар[1] во кнежевско семејство. Татко му беше кнез на име Епифаниј. Од младоста беше воспитан во побожноста и стравот Божји и за него стравот Божји беше почеток на премудроста. Со настојување на родителите се ожени и имаше деца. Но, по Божја промисла набрзо му умреа децата, а потоа и жената, за ослободен од служењето на телото да се посвети на духовниот живот. Слободен од семејните обврски, тој Му заблагодари на Бога и од тогаш започна без никакви препреки усрдно да Му служи на Господа, често молејќи се и вршејќи ги сите богоугодни дела. Особено беше милосрден и милостив спрема бедните и неволните. За неговите доблести Бог го прослави меѓу луѓето. Го почитуваа и славеа не само рамните на него, туку и самиот цар. Царот Ираклиј[2] по промисла Божја го одликуваше свети Јован со патријаршискиот чин на празниот Александриски престол. Иако не сакаше, беше принуден да го прими посветувањето и стана архиепископ на Александриската црква.

            Како пастир на словесните овци најпрвин се потруди да ја исчисти ереста, која тогаш го вознемируваше Христовото стадо. Таа ерес беше основана од некој Петар викан ‘Волко-Петар’, односно Кнафеј, Антиохиски псевдопатријарх. Тој се дрзнал на Трисветата песна да ѝ ги додаде хулните зборови: Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, Кој си се распнал за нас, помилуј нè, – како во нашиот Господ да пострадало Божеството[3].

Sv.Jovan.Milostiv2          Откако го искорени ова еретичко учење, свети Јован сиот се посвети на извршувањето на заповедите Божји и добротворните дела на милосрдието. Ниеден сиромав или несреќен не заминуваше од него со празни раце и ожалостен. На сите неволни им даваше милостиња. Сите тажни ги тешеше не само со збор туку и на дело, Гладните ги хранеше, голите облекуваше, заробени откупуваше, болни и патници згрижуваше. Неговата милост беше како огромна богата река, која постојано тече и ги напојува сите жедни.

На почетокот на своето архипастирство блажениот Јован ги свика црковните економи[4] и им даде налог да го обиколат целиот град и да ги запишат сите негови господа. На нивното прашање кои се тие негови господа, патријархот им одговори:

– Оние кои вие ги нарекувате просјаци и ништовни. Тие се мои господа. Тие можат да ми ја дадат секоја помош кон спасението и да ме примат во своите вечни куќи.

Економите ги запишаа сите просјаци што ги пронајдоа по улиците, по болниците и по ѓубриштата. Беа седум илјади и петстотини на број. Свети Јован нареди на сите да им се дава од црковните средства се што е потребно за секојдневна исхрана. Во тоа време Персијците ги нападнаа Сирија и Палестина, го спалија светиот град Ерусалим, го зедоа чесното дрво на Светиот Крст и многу христијани одведоа во ропство[5]. Тогаш блажениот Јован испрати кораби со злато и пченица да ги откупат заробените и да им укажат помош на сите неволни. Така со своето милосрдие многумина ослободи од ропството и темниците и избави од маки. Но, бидејќи секој не можеше да дојде кај него слободно, зашто неговите слуги не го пријавуваа секој дојденец, тој одреди два дена во седмицата, среда и петок, и во тие денови со неколкумина благочестиви луѓе седеше кај црковните врати, го примаше секого, го сослушуваше, пресудуваше расправии меѓу луѓето и ги штитеше обесправените, ги помируваше скараните. Притоа светиот патријарх говореше:

– Кога мене секогаш ми е слободен пристапот кон Господа Бога и во молитвата разговарам со Него и барам од Него што сакам, зошто тогаш на својот ближен да не му дозволам слободен пристап кај мене, за да ми ја каже својата мака и неволја и да побара од мене што сака? Треба да се плашиме од Оној Кој рекол: „Со каква мера мерите со таква ќе ви се мери“ (Мат. 7, 2).

Понекогаш се случувало кај блажениот Јован да не дојде никој со молба додека седел кај црковните врати. Тогаш станувал тажен и со солзи се враќал дома. Притоа запрашан зошто тагува, одговараше:

– Денес смирениот Јован ништо не најде и ништо не Му принесе на Бога за своите гревови.

А неговиот пријател Софрониј[6] го тешеше и му говореше:

– Навистина денес треба да се веселиш, оче, зашто твоите чеда живеат во мир, без расправии и спорови, како ангели Божји.

Еднаш црковните економи го известија дека меѓу просјаците стојат две убаво облечени девојки и просат милостиња. Тие го прашаа дали треба и ним да им даваат како и на останатите просјаци. Патријархот одговори:

– Ако сте Христови слуги и верни послушници на смирениот Јован, тогаш давајте онака како што Христос ќе нареди, без да гледате кој е кој, ниту да се распрашувате за животот на оние што им давате. Знајте дека ние не го даваме своето туку Христовото. Затоа да даваме онака како што Христос ќе нареди. Ако пак помислувате дека црковниот имот нема да биде доволен за толку голема милостиња, тогаш јас не сакам да имам удел во вашето маловерие. Верувам во Бога, дека кога би се собрале и просјаците од целиот свет во Александрија, за да добијат милостиња од нас, дури и тогаш нема да се потроши нашиот црковен имот.

За да ги спаси од маловерието, светиот патријарх им раскажа:

– Кога во своите петнаесет години бев на островот Кипар, една ноќ на сон видов една многу убава девојка во блескав фустан и со маслинов венец на главата. Таа застана покрај мојата постела, ме допре и ме разбуди. И јас буден ја видов неа, не во сон туку на јаве, како стои пред мене, и ја прашав:

– Која си ти? Како си се осмелила да влезеш кај мене?

А таа ме гледаше радосно и кротко и насмевнувајќи се благо ми рече:

– Јас сум најстарата ќерка на Големиот Цар и прва меѓу ќерките Негови.

Кога го слушнав тоа, јас се поклонив. А таа продолжи, велејќи:

– Ако ме земеш за своја другарка, ќе ти издејствувам од Царот голема благодат и ќе те одведам пред Него, зашто никој нема толку голема слобода пред Него како јас. Него јас Го симнав од небото на земјата и го поттикнав да се облече во човечко тело за спасението на луѓето.

Откако го рече тоа стана невидлива.

Многу се чудев на необичното видение, размислував за него и си реков:

– Навистина во вид на девојка мене ми се јави Милосрдието, Тоа го сведочи маслиновиот венец на Нејзината глава, кој што е знак на милосрдието. Тоа го потврдуваат и зборовите што ги изговори девојката: „Јас Бога Го симнав од небото на земјата и Го поттикнав да се овоплоти“. Творецот, гледајќи како човекот пропаѓа, посака да го избави од пропаста, поттикнат на тоа со ништо друго освен со милосрдието. Затоа, кој сака да најде милост во Бога, должен е пред са да има милосрдие спрема ближните и да врши милостиња. Со такви мисли јас веднаш станав и на ранина се упатив кон црквата. По пат сретнав гол сиромав, кој се тресеше од студ. Ја симнав од себе наметката и му ја дадов, говорејќи:

– Сега ќе дознаам дали е вистина тоа што го видов.

Пред да стигнам до црквата ме сретна еден човек во бела облека, ми стави во рацете врзоп во кој имаше сто дукати, и ми рече.

– Прими го тоа, пријателу.

Јас радосно го примив, но веднаш се покајав и си помислив дека не ми е потребно. Затоа се свртев да му го вратам, но веќе го немаше, нити го пронајдов иако внимателно го барав. Тогаш сфатив дека е вистина она што го видов. И од тогаш, кога и да им давав нешто на бедните, јас проверував дали Бог ќе ми возврати за тоа стократно, како што реков. И многупати се убедив дека навистина е така. Најпосле си реков:

– Престани, душо моја, да го искушуваш својот Господ Бог.

Еднаш, кога светиот патријарх одеше во болница да посети болни (тоа го правеше два-три пати неделно) го сретна еден странец кој просеше милостиња. Светителот му нареди на слугата да му даде шест сребреника. Откако ги доби, странецот замина. Но, за да ја испита дарежливоста на светителот, тој се преоблече и на друга улица повторно го сретна и го молеше, говорејќи:

– Смилувај се, господине, на бедниот заробеник.

Патријархот повторно нареди да му се дадат шест сребреника, а слугата тивко му забележа:

– Владико, та тој е истиот просјак, кој пред малку доби шест сребреника.

Патријархот се правеше да не слуша и нареди повторно да му дадат. Откако по втор пат доби, странецот повторно се преоблече, по друга патека го сретна патријархот и по трет пат просеше милостиња од него. Слугата повторно го предупреди дека е истиот кој првиот и вториот пат добил од него шест сребреника, па доаѓа и трет пат, а блажениот му одговори:

– Дај му дванаесет сребреника. Зарем тоа не е Христос, Кој ме искушува?

Еден трговец, чие што богатство потона во морето, стана гол сиромав и го молеше светиот патријарх да му помогне. Светителот му даде пет литри злато. Со тоа злато трговецот изнакупи многу стока и со кораб тргна во други градови. Но, силна бура повторно му го потопи коработ а тој одвај се спаси. И повторно отиде кај свети Јован и му раскажа се што му се случи. Светиот патријарх му рече:

– Ти си имал друго злато, неправедно стекнато и си го помешал со црковното што ти го дадов. Затоа пропаднаа и двете.

И светителот му даде двојно поголема количина злато. Меѓутоа трговецот и по трет пат го снајде истата несреќа и повеќе немаше смелост да му се јави на патријархот, туку седеше дома и плачеше, со намера да се убие. Кога дозна, патријархот го повика и му рече:

– Зошто паѓаш во очајание? Надевај се во Бога и Бог нема да те остави. Мислам дека таа несреќа те снашла затоа што на неправеден начин си го стекнал тој кораб.

Sv.Jovan.Milostiv3


Еден од каналите во близина на Александрија.

И нареди да му дадат на трговецот црковен кораб полн со пченица, па потоа го отпушти. Трговецот тргна по морето, но одненадеж дувна силен ветер и го носеше коработ во непозната земја. Тогаш го виде во видение својот добротвор, свети Јован, како стои на кормилото и управува со коработ, и се исполни со надеж дека со молитвите на светителот пловидбата ќе заврши добро. По дваесет дена и дваесет ноќи стигнаа на брегот на Британија. Во таа земја тогаш владееше голем глад. Кога луѓето дознаа дека во нивниот град допловил кораб, многу се израдуваа и веднаш ја искупија пченицата. Така трговецот беше задоволен од продажбата и за едната половина доби злато а за другата олово[7]. На враќање сврати во Декапол[8], со намера да го продаде оловото, но најде дека сето олово се претворило во злато. Откако така се збогати, трговецот радосно се врати во Александрија и на сите им го раскажа необичното чудо што се случи со милостињата и молитвите на свети Јован.

Во една пригода, кога светителот влегуваше во црквата, му пристапи еден благороден маж, на кого крадци му го беа украле сиот имот, така што станал потполно сиромав. Нажален што така угледен и познат човек од големо богатство ненадејно западнал во крајна беда, патријархот незабележително му нареди на слугата, на тој човек црковниот економ да му даде петнаесет литри злато. Економите видоа дека во црковната благајна има малку злато, па се оглушија на наредбата и му дадоа само пет литри, а десет задржаа. Кога светиот патријарх се враќаше од црквата дома му пристапи една многу богата и угледна жена и му стави во раката хартија, на која беше напишано дека дава прилог на црквата од петстотини литри злато. Откако ја прими хартијата и ја прочита, патријархот со благодатта на Светиот Дух во него дозна дека таа жена не даде сè што беше наумила да даде. Бог уреди така затоа што економите не му дадоа сè на бедниот човек, на кој патријархот нареди да му се дадат петнаесет литри. Кога си дојде дома ги повика економите и ги праша:

– Колку злато му дадовте на покрадениот од крадците?

А тие излагаа:

– Петнаесет литри, владико, како што ти нареди.

Тогаш светителот ја изобличи нивната лага, скржавост и непослушност, и им рече:

– Бог од вас нека бара илјада литри злато, зашто таа благочестива жена имаше намера да ни даде илјада и петстотини литри. Но, бидејќи не ме послушавте и задржавте десет, Бог уреди таа да задржи илјада. Ако не ми верувате, набргу сами ќе се уверите.

И веднаш испрати по таа жена и во присуство на економите ја праша:

– Кажи ни, госпоѓо, од љубов кон Господа, колку злато беше намислила да подариш на црквата?

Кога виде дека нејзината намера не останала сокриена од светителот, таа рече:

– Навистина, владико, јас решив и напишав на хартија дека во твоите свети раце предавам илјада и петстотини литри злато. Но, денес кога ја одвиткав хартијата видов дека зборот илјада беше избришан, не знам како, а само зборот петстотини стоеше напишан. Јас си помислив дека на Господа не Му е по волја на твојата светост да ѝ дадам повеќе од петстотини литри. Така и сторив.

Економите многу се исплашија и посрамија, па паднаа пред нозете на светителот и бараа прошка.

Еднаш, поради наезда на иноплемениците[9], се слеа многу народ во Александрија, после што настана голем глад. Хранејќи безброј гладни луѓе, свети Јован го потроши сиот црковен имот, па дури и остана должен илјада литри злато. Тогаш имаше еден клирик, кој по смртта на својата прва жена повторно се ожени и поради тоа не можеше да се удостои на свештеничкиот чин. Тој клирик му упати на патријархот вакво писмо:

– Имам многу пченица и преку твоите раце сакам сета да Му ја дадам на Христос. Покрај тоа ветувам и сто педесет литри злато, само произведи ме за ѓакон.

Светителот го повика кај себе и прекорувајќи го што сака со пари да го купи свештеничкиот чин, му рече:

– Покај се за својот грев и плаши се од Гиезиевата казна[10]. А Бог е моќен нас и без твојата пченица да не прехрани за време на глад.

Додека светиот патријарх така му зборуваше, дојде гласник и го извести дека од Сицилија стигнале два црковни кораба со огромна количина пченица. Патријархот падна на колена и Му се заблагодари на Бога што не ги остава оние што се надеваат во Него.

Добро е да се сетиме овде и на кротоста, смиреноста и безазленоста на свети Јован. Двајца клирици, поради некаква грешка беа казнети со привремено одлачување. Едниот од нив се смири и покаја, а другиот уште повеќе се огорчи и гневен на патријархот вршеа страшни пакости. Патријархот намисли да го повика, за кротко да посоветува да престане со својата злоба, но заборави да го стори ти зашто Бог така уреди, та големата Јованова смиреност и кротост да се обелоденат за корист на сите. Во еден празничен ден, додека служеше Божествена Литургија во црквата, блажениот се сети на гневниот клирик, а се сети и на зборовите Христови: „Ако принесеш свој дар пред олтарот и потоа се сетиш дека имаш нешто против брата си тогаш остави го својот дар, па најпрвин појди и помири се со братот“ (Мат. 5, 23 -24). Тој излезе од олтарот, му пријде на клирикот, му падна пред нозете и побара прошка. Клирикот се исплаши од ваквото смирение на својот патријарх, па самиот падна пред неговите нозе и низ солзи молеше за прошка. Откако така се помирија, светиот патријарх се врати во олтарот и смело принесуваше жртва со мирна совест, изговарајќи ги зборовите на молитвата Господова: „И прости ни ги долговите наши како што и ние им ги проштеваме на нашите должници“ (Мат. 6, 12). Клирикот започна да води богоугоден живот, па потоа се удостои и на свештеничкиот чин.

Еве и друг пример за кротоста на свети Јован:

Еден гостилничар во Александрија со многу погрдни и лоши зборови го посрами светителовиот внук Георгиј. Тој дојде кај вујко си и низ солзи се жалеше од тој гостилничар. А патријархот, кога го виде многу возбуден, за да го смири, божем гневен на гостилничарот, рече:

– Тој нечесник се дрзнал да го срамоти мојот внук. Бог ми е сведок дека ќе му се осветам на навредувачот и ќе постапам така со него, што цела Александрија ќе се чуди на тоа!

Смирен донекаде од овие зборови, Георгиј престана да плаче. Тогаш кроткиот и смирен Јован започна да му зборува:

– Мили сине, ако сакаш да бидеш мој сродник, биди подготвен не само да ги трпиш навредите, туку и рани да примаш и заради Бога сè да му простуваш на ближниот. Ако пак сакаш да се истакнеш како благороден, тогаш барај високородство не по крв, туку доблести. Вистинската високородност се украсува не толку со славата на претците, колку со добрите дела и богоугодното живеење.

Откако на тој начин го смири, светителот ги повика надзорниците на црковните приходи и нареди од гостилничарот кој го навредил Георгиј да не го земаат црковниот данок, кој секоја година го давал, и да го ослободат од таа обврска. Така светиот патријарх навистина го исполни ветувањето. Наместо казна и одмазда, на навредувачот му стори добро, на што цела Александрија се восхити.

Блажениот сакаше сеќавањето на смртта постојано да му биде на ум и нареди да му направат мртовечки сандак, но да не го довршуваат. Притоа им рече на мајсторите на сите големи празници да доаѓаат и пред сите да му велат:

– Владико, твојот мртовечки сандак се уште не е довршен. Нареди да го довршиме, зашто смртта доаѓа како крадец и не знаеш во кој час ќе дојде.

Така свети Јован постојано го имаше на ум сеќавањето на смртта и постојано беше подготвен за заминување.

Еден ден кај свети Јован дојде еден богат велможа и се случи да ја види постелата на светителот, која беше покриена со бедна покривка. Кога се врати дома велможата му испрати на патријархот покривка, чија што вредност беше триесет и шест златника и го молеше да се покрива со неа. Патријархот не сакаше да го навреди и затоа се покри со неа само една ноќ. Притоа си велеше:

Sv.Jovan.Milostiv4
– Тешко тебе, беден Јоване, се покриваш со скапоцен покривач, а Христовите браќа просјаци смрзнуваат од студот. Колку луѓе без куќи и кров ноќеваат на ветрот и мразот и одвај имаат мала рогозина или некој партал. Колку голи лежат на ѓубриштата и се тресат од студот, двојно страдајќи и од гладот и од студот, и по цела ноќ без сон и глад умираат од мразот! Тешко мене! Колку бедни има, кои како Лазар сакаат да се наситат од трошките што паѓаат од мојата трпеза! Тешко мене! Колку странци и намерници има во овој град, кои немаат каде глава да засолнат и тешко ги минуваат ноќите по улиците и така страдајќи Му благодарат на Господа Христа за се! А ти, Јоване, сакаш да добиеш вечен покој, а овде живееш во раскош и спокојство и имаш сè што сакаш. Живееш во прекрасни палати, носиш мека облека, пиеш вино, јадеш одбрана риба. Згора на тоа си се покрил и со скапоцен покривач. На што тогаш да се надеваме во идниот век? О, беден Јоване, вистина ти велам, нема да го добиеш вечното Царство, туку несомнено ќе чуеш како евангелскиот богаташ: „Си го добил своето добро уште додека беше жив, а просјаците злото“ (сп. Лк. 16, 25). Бог е сведок дека смирениот Јован наредната ноќ нема да го покрие овој покривач, туку просјаци и бедни ќе бидат облечени од парите добиени за него.

Кога самна светителот веднаш го испрати покривачот на пазарот да се продаде а за добиените пари да се купи облека на бедните, Но, кога го продаваа покривачот се случи тука да минува велможата што му го подари. Кога виде дека се продава го купи и повторно му го испрати, со молба тој да се покрива со него. Светителот го прими, но повторно го испрати на продажба. Велможата го виде и повторно го купи, и пак му го испрати на патријархот, и го молеше лично да се служи со него. Меѓутоа скромниот патријарх и по трет пат го испрати на продажба, а велможата повторно го купи и му го испрати. Потоа блажениот му испрати на велможата ваква порака:

– Ќе видиме кој од нас двајцата прв ќе се измори. Дали јас, кој продавам, или ти, кој купуваш и повторно мене ми подаруваш.

На тој начин свети Јован доби од тој велможа многу злато, и го раздаваше на бедните.

Блажениот умееше и скржавците да ги натера да даваат милостиња, и среброљупците да станат склони кон сиромавољубието. Знаејќи за еден епископ, на име Троил, дека е голем среброљубец и скржавец, свети Јован еднаш го одведе во болница да ги посети болните и страдалните. Кога дозна дека тој кај себе има злато, му рече:

– Оче Троиле, еве ти пригода да ги утешиш овие страдални браќа со давање на милостиња.

Иако не сакаше, Троил, од срам да не се покаже како скржавец започна на сите да им дели милостиња и потроши триесет литри злато. Но, потоа започна да се кае и да тагува што толку злато Му дал на бедните. Штом се врати дома, тој легна во постела од мак и тага за раздаденото злато. Свети Јован го повика на ручек, но не отиде под изговор на болест. Патријархот знаеше дека тагата за раздаденото злато е причина за Троиловата болест, па зеде со себе триесет литри злато, појде да го посети и му рече:

– Еве, ти го донесов златото што го позајмив од тебе во болницата. Земи го и потпиши се дека мене ми ја предаваш наградата, која од Господа била одредена за тебе за раздаденото злато.

Кога го виде златото, Троил многу се израдува и веднаш оздраве. Потоа седна и напиша:

– Боже Милосрден, дај ја наградата на мојот господин Јован, патријархот Александриски, за триесетте литри злато, кое што јас го раздадов на бедните, зашто тој ми го врати.

Откако го доби од Троил своерачниот запис, го одведе кај себе на ручек. Додека го гостеше се молеше на Бога за него, да го избави од среброљубието. И ете, наредната ноќ Троил виде на сон необично прекрасна куќа, чија убавина беше неискажлива и над чија што врата со злато беше испишан овој натпис: „Обител и вечен покој на епископот Троил“. Троил многу се израдува на така прекрасната за него подготвена куќа, но одненадеж се појави некој величествен и страшен маж, како царски кувикулариј[11] и им рече на слугите:

– Господ на целиот свет нареди да се избрише тој натпис.

И слугите веднаш го избришаа. Тогаш тој маж повторно им рече на слугите:

– Напишете вака: Оваа е обителта и вечниот покој на Јован, патријархот Александриски, кој ја купи за себе за триесет литри злато.

Штом се разбуди, Троил се преплаши и беше тажен што ја изгуби куќата подготвена за него на небото и се прекоруваше себе си за среброљубието. Веднаш стана, отрча кај блажениот Јован и му го раскажа своето видение. Со својата вообичаена благост светителот му даде многу корисна поука и го отпушти со мир. Од тогаш Троил се поправи, стана многу сиромавољубив и милостив кон сите.


Хенри Мур „Бурно Море“

Еднаш корабите што ѝ припаѓаа на Александриската црква преполни со стока патуваа по Јадранското Море. Одеднаш настана страотна бура и тие за малку не потонаа. Опасноста беше толку голема, така што морале сиот товар да го исфрлат во морето. Тоа се случи со допуштање Божјо, за искушувањето на верата на свети Јован да се најде многу повредна од пропадливото злато (сп. Петар 1, 6). Корабите беа тринаесет на број, а вредноста на стоката три илјади и триста литри злато. Губитокот на толку голем имот, со кој свети Јован можел долго време да храни и облекува сироти, тој го поднесуваше со благодарност, често повторувајќи ги зборовите на праведниот Јов: „Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово за навек“ (Јов 1, 21). А кога кај него дојдоа многумина од угледните граѓани да го утешат, тој им одговори:

– Јас сум виновен за пропаста на црковниот имот. Ако не се погордеев што давам голема милостиња, нема да пропаднеше во морето толку огромно богатство. Јас се погордеав, раздавајќи го не своето туку Божјото. И ете Бог, за да ме смири, ми допушти такво осиромашување, зашто сиромаштвото го смирува човекот. Сега увидов дека со својата гордост ја уништив својата награда кај Бога и им нанесов огромна штета на неволните, зашто ќе гладуваат. Но, не заради мене, туку заради нив самите Господ нема да ги остави и ќе им го даде потребното.

Така, оние што дојдоа да го утешат милостивиот Јован, самите беа утешени од него и мудро поучени. Господ наскоро му врати двократно. Жалостивиот им даваше огромна милостиња на ништите и особено беше сомилосен спрема обесправените. Еднаш кога одеше во црквата на светите маченици Кир и Јован, му пристапи една кутра вдовица, започна да му ја раскажува својата мака од зетот и го молеше да ја заштити. Придружниците на патријархот му рекоа:

– Владико, сослушај ја молбата на вдовицата кога по службата ќе се вратиш дома.

Светителот одговори:

– А како сега Бог мене ќе ме сослуша ако јас неа не ја сослушам.

И не се помрдна од местото додека не ја сослуша вдовицата и не постапи според нејзината молба.

Едно момче по смртта на своите родители живееше во голема сиромаштија. Свети Јован ги праша оние што се затекнаа покрај него како осиромашело, кога родителите му биле многу богати. Тогаш некои богољубиви луѓе му раскажаа дека неговите родители биле многу милостиви и сиот свој имот го раздале на бедните, а на сина си му оставиле само десет литри злато. На момчето најпрвин му умрела мајката. А кога татко му беше на умирање го повика сина си и му предложи да избере или злато или икона на Пречиста Богородица, и му рече:

– Мило чедо, од нашиот целокупен имот останаа само овие десет литри злато, а се останато предадовме во рацете на Христа. Сега кажи ми дали сакаш да ти го оставам ова злато или иконата на Владичицата наша Богородица, твојата Помошничка и Хранинтелка?

Момчето го презре златото, ја зеде иконата на Пречиста Богородица, а замоли златото да се раздели на бедните. И така на ништите им беше даден и последниот имот. Кога умре таткото, момчето остана бедно и страдаше во голема беда. Но, без оглед на тоа, деноноќно одеше на богослужење и молитви во црквата на Пресвета Богородица.

Преподобниот Јован се восхити на доблесното и разумно момче и многу го засака. Од тогаш како вистински татко на сиротите се грижеше за него и размислуваше како да го згрижи. Еднаш тајно го повика својот економ, со ветување дека ќе ја чува тајната што ќе му ја довери и му рече да земе стара хартија, да напише претсмртен завет од страна на некој Теопемпт и според тој завет да испадне како тој и момчето да се блиски роднини. Потоа да отиде кај момчето и да му рече: „Брате, знаеш ли дека си близок роднина на патријархот? Не ти доликува да живееш во таква сиромаштија“.

Потоа да му го покаже напишаното и да му каже: „Чедо, ако се срамиш да појдеш кај патријархот, тогаш јас ќе му раскажам за тебе“.

Економот постапи така. Потоа го повика момчето, му го покажа заветот и му рече дека го нашол меѓу стари хартии на неговиот татко. Кога го прочита, момчето прво се израдува, па се засрами што е многу бедно и облечено во закрпи и го замоли економот тој да му раскаже на патријархот за него. Економот отиде, му раскажа сè, а светителот му рече:

– Кажи му на момчето, вака вели патријархот: Се сеќавам дека мојот стрико имал син, но лично не го познавам. Добро ќе сториш ако го доведеш кај мене. Донеси го и заветот со тебе.

Економот го доведе момчето и му ја покажа хартијата на преподобниот, кој со љубов го прегрна и му рече:

– Добро што дојде, зашто си син на мојот стрико.

Потоа му обезбеди на момчето голем имот, му купи куќа и сè што е потребно за живот, го ожени за благородна девојка и се погрижи да го стори богат, славен и угледен, за да се исполнат зборови, на Псалмот: „Не го видов праведникот оставен, ни децата негови просат леб“ (Пс. 36, 25).

Sv.Jovan.Milostiv5

Свети Јован беше многу милостив и спрема болните. Многу често ги посетуваше, често лично им служеше, а оние на умирање ги исповедаше и причестуваше и со своите молитви им помагаше при нивното заминување од овој свет. Освен тоа често служеше Божествена Литургија за мртвите и говореше дека Божествената Литургија служена за умрените многу им помага на душите на покојните. Како потврда за тоа го посочуваше настанот кој неодамна се случил на островот Кипар. Еден заробеник од Кипар се наоѓал во Персија во тешки окови во темница. На неговите родители им било јавено дека тој веќе умрел и тие го оплакаа како покојник. Три пати во годината му вршеа помен и носеа за неговата душа подароци на црквата за вршење на Божествена служба. Но, по четири години нивниот син побегна од ропството и се врати дома. Кога го видоа, родителите се восхитија и помислија дека воскреснал од мртвите. И се радуваа на неговото избавување од ропството и му раскажаа како секоја година му вршеле по три помена. Синот ги праша во кои денови го правеле тоа, а тие му одговорија:

– На Богојавление, на Воскресение и на Педесетница.

Тогаш тој се сети и рече:

– Во тие денови кај мене во темницата доаѓаше еден величествен човек со свеќа, и оковите паѓаа од моите нозе и јас станува слободен. А во останатите денови повторно бев во окови.

Блажениот Јован многу се плашеше да ги осудува луѓето за гревовите, особено монасите. Еднаш му се случи неправедно да осуди еден монах, после што никогаш не осуди монах. Тоа се случи вака:

Еден млад монах неколку дена одеше низ Александрија со многу млада и убава девојка. Некои се соблазнија и мислеа дека ја води девојката со себе заради грев. Го известија патријархот за тоа и тој нареди да ги фатат двајцата, добро да ги натепаат и разделени да ги затворат во темница. Но, наредната ноќ монахот му се јави на сонна патријархот и му го покажа својот грб, целиот во рани од немилосрдниот ќотек, и му рече:

– Дали ти е по волја тоа, владико? Така ли си научил од Апостолите да го пасеш стадото Христово не присилно, туку драговолно и според Бога?[12] Верувај ми, ти си измамен како човек.

Откако го рече тоа си замина. А патријархот се разбуди, размислуваше за видението, ја сфати својата грешка и седеше тажен, Кога самна нареди да му го доведат монахот. Го доведоа едвај одејќи, и патријархот премре и не можеше ни збор да проговори. Кога по некое време си дојде на себе го замоли да ја соблече облеката, да му го покаже грбот, за да види дали е изнаранет исто како во сонот, Одвај умолен, монахот започна да се соблекува и сите видоа дека е евнух. Патријархот многу се нажали кога го виде неговото тело сето во рани, па испрати по клеветниците и ги одлачи од црквата на три години. Го замоли монахот да му прости, говорејќи:

– Прости ми, брате, го сторив тоа од незнаење. Му согрешив на Бога и на тебе. Сепак, не требало така необмислено да го минуваш во градот времето со девојка, за мирјаните да се соблазнат, бидејќи носиш монашки лик.

Тогаш монахот многу смирено одговори:

– Владико, верувај ми, ќе ти ја кажам вистината. Неодамна бев во Газа[13] и кога одев да се поклонам на гробот на блажените Кир и Јован, вечерта ме сретна таа девојка, ми падна пред нозете и со солзи ме молеше да не и бранам да оди со мене. Јас ја турнав и започнав да бегам. Таа трчеше по мене и говореше:

– Те преколнувам во Богот Авраамов, Кој дојде да ги спаси грешниците и Кој ќе им суди на живите и на мртвите, не оставај ме.

Кога го слушнав тоа јас и реков:

– Зошто така ме заколнуваш, девојко?

А таа ридајќи одговори:

– Јас сум Еврејка и сакам да станам христијанка. Те молам, оче не отфрлај ме, туку спаси ја мојата душа, која сака да верува во Христа.

Јас се исплашив од Судот Божји, ја поведов девојката со себе и ја поучив во Светата Вера. Кога дојдовме на гробот на светите маченици ја крстив во црквата и одам со неа во простотата на срцето, додека не ја сместам во женски манастир.

Тогаш патријархот воздивна и рече:

– Колку тајни слуги има Бог, ние бедните и не знаеме.

Тогаш им го раскажа на сите своето сновидение за монахот, а зеде сто златника н му ги даваше, но монахот не сакаше да земе ниту еден, говорејќи:

– Ако монахот верува дека Бог промислува за него, тогаш злато не му е потребно. А ако сака злато, тогаш не верува дека постои Бог.

Потоа му се поклони на патријархот и замина. Од тогаш блажениот Јован започна уште повеќе да ги почитува монасите, како добрите така и оние што се сметаа за лоши, изгради манастир за живеење на монасите дојденци и внимателно се чуваше од осудувањето. Тој и верните ги поучуваше да не осудуваат никого, па макар и точно да знаат за нечиј грев, туку да внимаваат на своите гревови а не на туѓите. И се случи од Александрија некое момче да побегне со монахиња во Цариград, при што сите го осудуваа и говореа:

– Тој ја упропасти и својата и душата на монахињата, и стана соблазна за сите. А во Евангелието е речено: „Тешко на оној преку кого доаѓа соблазната“ (Мат. 18, 7).

Тогаш свети Јован им зборуваше:

– Чеда мои, престанете да осудувате, бидејќи вие сте виновни за два грева. Го осудувате оној што згрешил и со тоа ја нарушувате Божјата заповед, која вели: „Не судете ништо предвреме“ (1 Кор. 4,5); а од друга страна вие го клеветите братот, без да знаете дали тој греши до денешен ден или веќе се покајал.

За поука им ја раскажа оваа повест:

По улиците на градот Тир[14] минуваше еден монах. Го забележа познатата блудница на тој град Порфирија и започна да вика по него:

– Спаси ме, оче, како што и Христос ја спаси блудницата!

А монахот, без да обрнува внимание на мислењето на луѓето, и рече:

– Ајде со мене.

Ја фати за рака и ја изнесе од градот пред очите на сите. И се пронесе низ градот глас дека монахот ја зел за жена блудницата Порфирија. Додека ја водеше во женски манастир, Порфирија најде на патот оставено дете и го зеде со себе, за да го одгледа наместо син. По некое време се случи некои жители на Тир да дојдат во градот каде што живееја старецот и Порфирија. И кога забележаа дека има дете, со потсмев ѝ рекоа:

– Убаво дете си родила, Порфирија.

Кога се вратија во Тир разгласија насекаде дека таа од монахот родила дете. И зборуваа дека со свои очи го виделе детето и дека многу личи на монахот. А кога старецот го предвиде своето заминување кај Господа, ѝ рече на Пелагија (тоа име ѝ го даде на Порфирија пред монашењето):

– Да појдеме во Тир, бидејќи таму имам многу важна работа. Сакам и ти да појдеш со мене.

Пелагија не можеше да не го послуша старецот и појде. Го поведоа со себе и детето, кое веќе имаше седум години. Кога стигнаа во градот старецот се разболе и многу граѓани дојдоа да го посетат. Тогаш тој им рече да му донесат кадилница, и сета жар од неа ја истури врз своите гради. Ја држеше се додека жарта потполно не изгасна, при што не ја изгоре ниту облеката, ниту неговото тело. Потоа старецот рече:

– Благословен е Бог, Кој некогаш ја сочувал капината несогорлива од огнот. Бог ми е сведок, како што оваа жар не го изгоре моето тело и огнот не се допре ни до мојата облека, така и јас не го познав телесниот грев откако се родив.

Откако го рече тоа ја предаде својата душа на Господа. Сите присутни се восхитија и Го прославија Бога, Кој има тајни слуги Свои.

Со оваа повест свети Јован им даде ваква поука на присутните:

– Затоа, браќа и чеда мои, не бидете брзи на осудување. Ние често го забележуваме гревот на човекот кој греши, а неговото покајание што тајно го твори не го гледаме.

Додека овој добар пастир така ги учеше своите духовни чеда и управуваше со Црквата Христова, Персијците ја нападнаа нивната земја. Тогаш свети Јован одлучи на некое време да се засолни во Цариград. Кога со коработ тргна од Александрија, по пат се разболе, при што имаше видение на блескав маж, кој држел златен скиптар и му зборувал:

– Царот над царевите те вика кај Себе.

По ова видение светителот дозна дека му дошол крајот. Кога доплови до својот роден град Кипар не беше во состојба да го продолжи патот, и во своето родно место, градот Аматунт, во мир се престави кај Господа. На умирање говореше:

– Ти благодарам, Господи Боже мој, што си ме удостоил да Ти го принесам Тебе Твоето и што од богатствата на овој свет не ми остана ништо освен третина од еден сребреник. Па и тоа, еве ветувам, нека се даде на ништите. Кога бев поставен за Александриски патријарх затекнав во мојата епископија близу осум илјади литри злато. А пак од прилозите на богољубивите луѓе собрав повеќе од десет илјади литри. Сето тоа Му го дадов на Христа. Сега и душата своја Му ја предавам Нему.

Sv.Jovan.Milostiv6
Моштите на св. Јован Милостив, патр. Александриски, во катедрала Свети Мартин, Братислава

Блажениот патријарх Јован беше погребан во својот роден град Аматунт, во црквата на свети Тихон Чудотворец[15], помеѓу телата на двајцата епископи кои таму од порано почиваа. Но, кога сакаа покрај нив да го положат свети Јован, нивните тела како живи се поместија и направија меѓусебно место за неговото тело. Тоа чудо го видоа сите присутни и восхитени Го прославуваа Бога.

Не треба да го премолчиме и чудото што се случи по погребот на свети Јован. Една жена, која паднала во тежок грев и од срам не можела да го исповеда пред својот духовен отец, со вера дојде кај свети Јован уште додека беше жив, но веќе болен и близу смртта. Таа падна пред неговите нозе и горко плачеше и говореше:

– О, преблажени! Јас сум страшна грешница и мојот грев е толку ужасен што не можам никому да го откријам. Но, знам дека ако сакаш, ти можеш да ми простиш, зашто Господ ви рекол:

– Тоа што ќе го разрешите на земјата, ќе биде разрешено и на небото. На оние што ќе им го простите гревот ќе им се прости (Мат. 16, 19; Јов. 20, 23).

Блажениот И одговори:

– Ако си дошла со вера, тогаш исповедај го својот грев пред мене.

На тоа жената рече:

– Владико, не можам, многу се срамам.

Преподобниот ѝ рече:

Тогаш напиши го на хартија, па донеси ми ја.

– Ни тоа не можам да го сторам, – рече таа.

Светителот ѝ рече да го напише, да го запечати и да му го предаде. Жената го заколна да не го отпечатува писмото и да не го чита. Откако го прими, светителот по пет дена се престави а за него никому ништо не рече. Во тоа време жената не беше во градот. Дента по неговиот погреб, таа дојде и кога дозна дека се упокоил и веќе е погребан, премногу се натажи, мислејќи дека по неговата смрт го зеле нејзиното писмо и прочитале за нејзиниот грев. Веднаш отрча на светителовиот гроб и викаше кон него како да е жив:

– Човеку Божји! Јас не се осмелив пред тебе, едниот, да го исповедам својот грев, и ете, сега им е познат на сите. Подобро да не ти ја дадев таа хартија со моите гревови! Тешко мене, бедната! Се срамев од тебе, а сега ме стигна далеку поголем срам и станав потсмев за сите! Но, нема да се помрднам од твојот гроб, угоднику Божји, додека не ме известиш каде си го ставил писмото, зашто ти не си умрен туку и сега живееш!

Така викајќи, таа остана три дена кај светителовиот гроб. Ноќта во третиот ден, свети Јован излезе од својот гроб на јаве со двајцата епископи помеѓу кои лежеше, и ѝ рече на расплаканата жена:

– Жено, до кога нема да ни даваш мир и со своите солзи ќе ги натопуваш нашите облеки?

Откако го рече тоа ѝ го даде запечатеното писмо, говорејќи:

– Земи го своето писмо, отвори го и види.

По тие зборови покојниците повторно легнаа во своите гробови. А жената, кога го виде својот печат цел на писмото, го отвори и најде дека е избришано се што напишала, а наместо тоа стоело:

– Поради слугата мој Јован избришан е твојот грев.

Откако доби чудесно отпуштање на своите гревови, жената многу се израдува и се врати дома, славејќи Го и фалејќи Го Бога, и величајќи го Неговиот угодник свети Јован Милостив, по чии што молитви нека Господ и врз нас ја јави Својата милост, нека ги избрише сите наши гревови и нека не запише во книгата на животот, низ сите векови. Амин.

[1] Кипар, остров во Средоземното Море. Свети Јован се родил во градот Аматунт, на јужниот крај на Кипар.

[2] Ираклиј царувал од 610 до 641 година.

[3] Во Цариград, за време на патријархувањето на свети Прокл (434-447 г), ученик на свети Јован Златоуст, во 439 година се случи страшен земјотрес. Поради тоа Литија се носеше по градот и страдалниот народ со солзи повикуваше кои Господа: „Господи помилуј!“ При тоа едно дете ненадејно од невидлива сила беше подигнато во воздухот. Кога потоа беше спуштено на земјата, раскажа дека видело чинови од Ангели, кои пеат: „Свјати Боже, Свјати Крепки, Свјати Бесмртни, помилуј нас“. Штом таа песна ја запеаја во Литијата, земјотресот престана. И од тогаш беше востановено таа свештена ангелска песна да се пее на богослужбите. Меѓутоа, за време на ширењето на монофизитската ерес, која учела дека во Исус Христос постои само Божествената природа која ја проголтала човечката, некој Петар Фулон – Кнафеј, уште како свештеник, ги додаде на Трисветата песна зборовите: „распни сја за ни“. Подоцна, во деведесеттите години на петтиот век, тој Петар стана патријарх во Антиохија. Бидејќи беше еретик монотелит, со овој додаток тој сакал да покаже дека во Спасителовите страдања страдало не само неговото Божество туку и цела Света Троица. Приврзаниците на овој Петар основаа посебна еретичка секта, под името теопасхити. Овие теопасхити го вонемируваа православниот свет, и ги имаше многу во Александрија, за време на патријархувањето на свети Јован Милостив (609-620 г.).

[4] Економите раководеле со црковните имоти. Економот кај патријархот раководел со црковните приходи на патријаршијата.

[5] Персискиот цар Хозрој И, војувајќи против царот Ираклиј ги зазеде Сирија и Палестина. При завземањето на Ерусалим Хозрој ги сруши сите цркви и ги оскверни Светите Места. При тоа погуби деведесет илјади христијани. Тоа се случи во 614 година. Во тие тешки времиња особено и делуваше свети Јован Милостив како утешител на христијаните. Војната се заврши со мир во 628 година, по Ираклиевата победа над царот Сирој, скнот на Хозрој (4. Тогаш беше вратен 89 Ерусалим Чесниот Крст Господов,

[6] Свети Софрониј бил учен монах од Дамаск, потоа знаменит патријарх Ерусалимски. Голем ревнител за Православието и богомудар борец против еретиците монотелити. На соборот во Ерусалим го осудил монотелитството, в во Посланија до другите патријарси го изложил православното учење за двете волји во Христа. Се упокоил во 644 година Неговиот спомен се празнува на 14 март.

[7] Британија, денешна Англија, во дамнина изобилувала со олово.

[8] Декапол или Десетоградие, во северниот крај на Палестина. Град населен со Грци.

[9] Станува збор за наездата на персискиот цар Хозрој над Египет во 618 година.

[10] Види 4 Царства 5, 1-27.

[11] Кувикулариј бил дворјанин задолжен за постелата на царскиот дворец.

[12] Петар 5,2.

[13] Газа, град во Палестина, на источниот брег на Средоземното Море, југозападно од Ерусалим

[14] Тир, древна престолнина на Финикија, на источниот брег на Средоземното Море, северно од Палестина.

[15] Неговиот спомен се празнува на 16 јуни.

Извадок од: „Житија на Светиите“, месец ноември, стр: 333-354

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/zhitie-na-svetiot-nash-otec-jovan-milostiv-patrijarh-aleksandriski/

 

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5857
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6662
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6468
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5652
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Беседи

БEСEДА за градoт штo сe ѕида

БEСEДА за градoт штo сe ѕида

Затoа гo брамe oнoј град штo ќe дoјдe. Тoа e град сoѕидан oд духoт, oд живoтoт и oд вистината. Тoа e град на кoјштo eдинствeн нeимар e самиoт Гoспoд Исус...

Отец Славчо Костадиновски: ЛАЗАРОВА САБОТА  (27.04.2024)

Отец Славчо Костадиновски: ЛАЗАРОВА САБОТА (27.04.2024)

Нашиот Господ Исус Христос, додека ја извршуваше спасителната мисија на земјата, воедно и го подготвуваше народот за примање на спасителното учење, односно Неговата наука. Он му правеше многу добродетели на...

Прот. Александар Шмеман: Цветници - НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (10)

Прот. Александар Шмеман: Цветници - НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (10)

Во што е смислата на овој настан, кого толку светло, толку радосно, толку победоносно го празнува Црквата во Лазаревата сабота? Како да се спојат тагата, солзите на Христа, и таа...

БEСEДА  за пoбeдата над пoслeдниoт нeпријатeл

БEСEДА за пoбeдата над пoслeдниoт нeпријатeл

Прв нeпријатeл на чoвeкoт e ѓавoлoт, втoр e грeвoт, а трeт e смртта. Гoспoд Исус ги пoбeдил ситe oвиe три нeпријатeли на чoвeчкиoт рoд. Сo Свoeтo пoнижувањe гo пoбeдил гoрдeливиoт...

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

 Спознанието на вистината, на лично ниво, не е интелектуално човечко достигнување, туку, пред сè, е Божји дар на просветленост на умот и обожение на личноста; дар Божји кој се добива...

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

Таму, на нeбoтo, e вистинскoтo Христoвo царствo и вистинскиoт Христoв живoт бeз примeси на грeв и смрт. Нo љубoвта на Синoт Бoжји кoн луѓeтo нашла дeка e пoпoтрeбнo да бидe...

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

Милoстињата штo сe прави oд цeлиoт ум, гo чисти чoвeкoвиoт ум. Сo eдeн збoр внатрeшната милoстиња гo исчистува цeлиoт чoвeк. Акo e милoстињата самo oд рака, таа нe ја чисти...

Месопусна недела: Страшниот суд

Месопусна недела: Страшниот суд

Христијанската љубов е „возможна невозможност“ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во...

 Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Што се случува со оние кои Страшниот суд ги затекнува во грев и пад? Тоа што Богочовекот Христос воопшто стапува во дијалог со нив, колку и да звучи тоа страшно...

« »

Најново од духовност

Православен календар

 

28/04/2024 - недела

Велигденски пости; (пост на риба)

Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници; Светите апостоли Аристарх, Пуд и Трофим; Светиот маченик Сава Готски; Светите маченички Василиса и Анастасија;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Христови маченички Агапија, Хионија и Ирина 16 април / 29 април 2024

Тропар на светите Христови маченички Агапија, Хионија и Ирина 16 април / 29 април 2024

Девственички свети маченички,поучени за воскресение во живот веченод истоименитоста со благодат преисполнета – светата Анастасија,заштитени со молитвите на Христовиот пастир,

Тропар на влегување  на Господ Исус Христос во Ерусалим Цветници 2024

Тропар на влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим Цветници 2024

глас 1Христе Боже,  за да  нé увериш во општото воскресение, пред Твоето страдање  го воскресна Лазара од мртвите. Затоа и...

Тропар на светиот Мартин Исповедник папа Римски 14 април / 27 април 2024

Тропар на светиот Мартин Исповедник папа Римски 14 април / 27 април 2024

Исповедниче на вистинската вера која спасува,Мартине свети мачениче,прими од нас пофалба и благодарност.Од Бога со благодатна вистина исполнет,на патот исповеднички...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная