логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 


 Слава на Бога за се - монахиња Марија Миртидиотиса
19.10.2007.

Слава на Бога за сè

Монахиња Марија Миртидиотиса (Патерас)

Поранешна бродосопственичка

од

Петрос Боцис

 

На 9 јуни/27 мај 2005 година, го напушти привремениот живот и се упати кон вистинскиот, монахињата Марија Миртидиотиса, со световно име Катинго Панагу Патерас. Отиде да Го сретне нејзиниот Жених Христос, Когошто Го беше возљубила „со сето свое срце, со сета душа и со сета помисла и со сета сила“ нејзина. Блажената монахиња Марија – Миртидиотиса беше една ретка духовна физиономија којашто, од моментот кога Го запозна и возљуби Христа, не í беше доволно да Го живее самата и совршено, целосно, туку се обиде со сета нејзина (голема) сила на душата и со сите нејзини (богати) средства што í ги даде Бог, да убеди и многу други луѓе да Го запознаат и да Го засакаат, почнувајќи од нејзиниот тесен семеен круг, проширувајќи го тој круг сè повеќе и повеќе. Нејзиното влијание стигна до другиот крај на земјата.

Но која беше монахињата Марија Миртидиотиса? За оние кои не ја знаеја и немаат чуено за неа, вреди накратко да го истакнеме следново:

Световно Екатерина (Катинго) Д. Лему се роди на малечкиот остров Инуси, наспроти Хиос, во 1912 год. Како и повеќето жители на Инуси, така и нејзините родители беа бродосопственици. Па така, Катинго живееше комфорен живот. Учеше во најдобри училишта, патуваше низ сиот свет и општо, не беше лишена од ниту едно од световните добра. Но нејзините родители, освен комфорот, í всадија и голема вера во Христа и Неговата Црква, како и голема посветеност на татковината и националните преданија.

 



 
Sample Image             Sample Image
монахиња Марија Миртидиотиса и фотографија со нејзината ќерка  
   


  
Во 1931 год., се омажи за, исто така, бродосопственикот Панаго Дијаманти Патерас и од овој брак се родија три деца: Калиопи, Дијамантис и Ирина. Семејството живееше благочестив и традиционален живот, со бујно здравје и со сите карактеристики на комфорот, кој обезбедува потполна економска леснотија, сè до моментот, кога главата на семејството се разболе од неизлечлив вид на рак. Се чини дека Бог го допушти тоа искушение, за така да ја подигне верата и приврзаноста кон Христа, не само неговата, туку и на нивното семејство. Оттогаш семејството со поголема ревност и поголема вера Му се посвети на Христа. Малата ќерка Ирина, со себежртвување и љубов, во молитва побара од Бога да го избави возљубениот í татко од смртоносната болест и да í ја даде нејзе. И Бог со Неговата необјаснива волја ја слушна нејзината молитва, и малата Ирина се разболе од истата болест како татко í. А татко í оттогаш, и покрај неповолните прогнози на лекарите, проживеа уште многу години и се упокои во 1966 год.

Болеста на Панагу Патерас, а особено на малата Ирина, го потресе семејството. И покрај сите грижи за нивно лечење, семејството, со нивниот водач Катинго, со голема вера прибегнаа кон Бога и од Него бараа само помош и поткрепа. Нивното искушение ги носеше сè повеќе и поблизу до Црквата. Се запознаа со најдобрите духовници од тоа време (децениите во 1950 и 1960). Особено оттогаш, кога го запознаа Старецот Јероним Симонопетриски и малку подоцна Старецот Јероним Егински, Катинго Патерас, и преку неа целото нејзино семејство тргнаа по друг пат.

Удобната вила во Психико каде што живееја, се претвори речиси во манастир. Игумени, монаси и духовници од Света Гора и од цела Грција речиси секојдневно престојуваа во нивниот дом. Се одржуваа беседи и проповеди во посебно приготвената сала во нивната куќа од најпознатите свештенопроповедници и духовни луѓе од тоа време. Немаше таков познат духовен човек од тоа време, а да не поминал таму, да не бил примен и да не било побарано неговото мислење и совет за духовниот препород на семејството, роднините и на поширокото општествено опкружување.

Во куќата имаа направено една црквичка посветена на Благовештението на Богородица, која беше фрескописана од зографот и пријател на семејството – Фотиј Кондоглу. Таму секојдневно се одржуваа богослужби, како и литургии, доколку имаше свештеник во близина. Особено Катинго, но и членовите на нејзиното семејство, водеа светотаински живот, со честа исповед, света причест и борба за внатрешно совршенство.

Зачудувачко беше самоодрекувањето на вистинската господарка Катинго. Сè што имаше го жртвуваше за љубовта Христова. А тоа не беше малку. Богатите оброци ги замени со едноставни јадења, а во посните денови, со строг пост - без масло. Наместо раскошните фустани што ги носеше претходно, сега беше задоволна со еден обичен црн фустан. Вечерните и останатите ноќни забави ги замени со многучасовните служби и бденија. Честите патувања за одмор сега им го отстапија местото на поклоничките патувања. Не остави поклоничко место или манастир во Грција и надвор од неа, а да не го посети. Бог со Неговите судови допушти да се упокои малата Ирина во 1961 год (26 ноември), на возраст од 21 година. Точно еден месец пред тоа, на Свети Димитриј, таа прими монашки потстриг, добивајќи го новото име Ирина Миртидиотиса, од почит кон Богородица Миртидиотиса, чијшто манастир на Хиос се наоѓа наспроти нивното островче Инуси. Во нејзиниот краток живот таа беше многу искушана, со маченичко трпение ги поднесе болките и нејзината болест, и смртта í беше преподобна. И кога после три години ја ексхумираа, ги најдоа нејзините мошти нетлени. Потоа благочестивите родители се зафатија да го исполнат ветувањето, што го направија со нивната ќерка, при една посета во клиниката во Цирих, каде што се лекуваше: да изградат еден манастир во слава Божја. На тој начин сакаа да Му се заблагодарат за Неговите неизмерни дарови, да Му посветат еден мал дел од богатството, што со Негова помош го стекнаа. И така настана преубавиот манастир, еден вистински рај, којшто денес го краси островот Инуси.

Господарката Катинго Патерас, по смртта на нејзиниот сопруг, којшто во меѓувреме стана монах и го доби името Ксенофон, стана монахиња во нејзиниот манастир и монахињите коишто живееја таму ја избраа за игуманија. Старицата Марија Миртидиотиса, покрај другите нејзини дарови се одликуваше со многу силна вера. Не е претерано да се тврди дека нејзината вера беше способна „и планини да преместува“, како што рече и Самиот Христос. Тоа беше цврста вера, безукорна, чиста како дијамант, која не фрла ни најмала сенка. Сè што кажа и сè што допушти Бог, за Старицата Марија беше дар од Него. Во ниту една ситуација не си допушти себеси да ропта, но ниту да помисли дека Бог можеби не ја слушнал, можеби беа преголеми многуте искушенија, што í ги испратил. Постојано Го славословеше Бога, во секоја прилика, колку и да беа тажни фактите, со кои се соочуваше. Славејќи Го Бога ја прими веста за смртта на нејзината најмлада ќерка, со славословија го испрати и монахот Ксенофон, нејзиниот поранешен сопруг. Но и со другите сурови искушенија, кои понатаму ги прими, смртта на нејзината првородена ќерка Калиопи, на возраст од 47 години и, малку подоцна, на синот единец Дијаманти, исто така на возраст од 47 години, се соочи со јововско трпение. „Слава на Бога“, беше одговорот на тажната вест за нивната смрт. И, кога над смртната постела на нејзиниот син, некоја нејзина братучеда се дрзнала да ја праша, зошто Бог дозволи да умре толку млад нејзиниот син, мајката херојски í одговори:

- Слушај Катина. Бог ниту греши, ниту онеправдува. Јасно?

И нејзините зборови беа исповеднички, полни со искреност, не предизвикуваа противење. Најмалиот сомнеж, дека можеби она што се случи не беше правилно, за верната Старица беше како недоверба во Промислата Божја, го поистоветуваше со хулење на Неговата семоќ и премудрост.

Во темите кои се однесуваа на верата не познаваше отстапки. Каде и да се наоѓаше, кој и да беше пред неа, кога ќе разбереше или слушнеше нешто најситно, што мислеше дека го менува нејзиното „верувам“, ќе се замешаше, за да ги поправи нештата.

Еднаш на еден судски процес нејзиниот адвокат, очигледно, за да остави добар впечаток за неговата клиентка, обраќајќи се кон претседателството рече:

- Оваа жена, господине претседател, доживеа несреќа да ја изгуби на млади години нејзината ќерка...

На оваа забелешка и непознавајќи ги судските правила, енергичната Катинго се вмеша:

- Не, господине судија, немав никаква несреќа. Сè што дава или допушта Бог не е несреќа, туку дар од Него.

Се разбира, нејзината непоколеблива вера ја следеа и делата на верата. Нејзината рака секогаш беше отворена за да дава. Штедри дарови на верските здруженија и на христијанските организации, на манастири и цркви им даваше несебично и без парадирање - анонимно. Било кој сиромав или просјак да дојдеше кај неа, ќе си го добиеше својот дел од нејзината дарежлива рака. Каде и да чуеше дека има потреба, ќе поиташе, не остануваше рамнодушна. Ја почитуваше цел свет. Од краиштата на светот í телефонираа или í пишуваа, за да í побараат духовна или материјална поддршка. А таа секогаш беше желна да помогне колку што можеше. Нејзиниот збор секогаш беше огнен, секогаш даваше храброст, надеж, ја надахнуваше верата. Не оставаше простор за безнадежност и очајание. Непобедливо оружје  беше верата. Имаше обичај да вели, кога гледаше траги на сомневање и неверие:

- Од она што го претрпев, ако не Го имав мојот Христос, ќе стигнев во лудница или во гроб. Што друго ми остана да претрпам? Ја загубив мојата мала ќерка, потоа мојот маж, понатаму и другите мои две деца. Болести тешки и неизлечиви, тешкотии и грижи ме следеа во целиот мој живот. Но, слава на Бога. Јов претрпе повеќе, но никогаш не престана да Го славослови Бога. Нејзиното трпение навистина беше јововско. Па соодветно на тоа, и таа ги претрпе сите страдања на Јов. За љубовта Христова даде сè и стигна до тој степен, господарката бродосопственичка да проси за издршка на нејзиниот манастир. Единствено нешто што никогаш не го изгуби, беше нејзината длабоко вкоренета вера, којашто постојано ја поттикнуваше кон славословие на Бога.

Бог ја удостои да стигне до длабока старост. Длабокото смирение што се криеше во неа низ сите овие години, под тежината на власта и иницијативите, коишто беше принудена да ги покренува, почна да излегува на површина и да им се покажува на сестрите од манастирот. Се смируваше себеси, велеше дека е горделива, бидејќи во животот се беше навикнала да наредува. И сега, како ќе се појави пред Христа со таков егоизам? И тоа постојано го повторуваше. Живееше така во една состојба на постојано покајание. И таа состојба í донесуваше спокој, ја смируваше. При нејзиното скончание имаше стекнато детска простота. Духовно беше созреала и се чини дека беше спремна да замине од земските работи, за да Го сретне нашиот Христос, Оној, Когошто Го возљуби како ништо друго во светот и заради Кого жртвуваше сè.  

По релативно кратко боледување мирно замина кон небесното Царство, придружувана од себежртвувачката љубов на монахињите, коишто ја имаа како нивна вистинска мајка, како што и ја викаа. Празнината што ја остави во манастирот, но и кај оние кои имаа среќа да ја запознаат, е навистина голема, ненадоместлива. Беше од последните, ако не и последна, која го затвора редот на значајни луѓе, кои знаеја сè да Му дадат на Бога, без условувања, без задржување, без задни намери, без резерва. Споменот на нејзините дела и живот ќе остане вечен. Одморот, што не го позна во овој живот, веруваме дека справедливиот Бог, богато ќе í го даде во другиот, вистинскиот живот.

Нејзиното погребение беше сенародно. Роднини и познаници стигнаа од сиот свет, за да го испратат нејзиното тело во неговото последно живеалиште. Сите беа нажалени, но и една божествена утеха владееше во нив. Тоа беше феноменот на хармолипи (радосна тага), што и самата го живееше во животот и сега им го пренесе и на нејзините луѓе, кои дојдоа да ја поздрават. Вреди да се забележи како Бог ја покажа Неговата благодат во верата на Неговата слугинка. По два дена, кога беше нејзиниот погреб, нејзиното тело не покажуваше никаков знак на распадливост, воопшто не ја имаше загубено еластичноста. Нејзината рака, којашто сите ја целиваа, беше сосема мека, како жива, го немаше ниту смртното студенило.

Се надеваме дека нејзините молитви и застапништво ќе ги покриваат и заштитуваат возљубениот í манастир и другите нејзини познаници. Вечен нека í е споменот!

 

 Извор:

http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=138&Itemid=104

 
Превод од новогрчки јазик

Наслов на изворникот:

Πετρος Μποτσης,

«Εις μνημόσυνο αιώνιο»
Μοναχη Μαρια Μυρτιδιωτισσα (Πατερα)
η πρωην αρχοντισσα εφοπλιστρια

http://www.pigizois.gr/

 

Друго:

 Кратко житие на Света Ирина Миртидитиотиса

Слава на Бога за се - монахиња Марија Миртидиотиса

 Причислен кон светите преподобниот Никифор Лепрозен

 Старец Филотеј Зервакос

 Кратко житие на Старец Јероним Егински

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 506
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Митрополит Методиј - МЕЃУ ПОКАЈАНИЕТО И ПРАВДАЊЕТО

Митрополит Методиј - МЕЃУ ПОКАЈАНИЕТО И ПРАВДАЊЕТО

Духовниот живот не се состои од некакво израмнување на нашите сметки со Бога. Зашто, она што е содржина на нашата побожност, не треба да го извршуваме затоа што тоа така...

Митрополит Струмички Наум:  На Крстот Твој се поклонуваме, Христе (21.03.2020)

Митрополит Струмички Наум: На Крстот Твој се поклонуваме, Христе (21.03.2020)

Деца, разните страдања, при градењето на личносниот однос со Бог, нема да нѐ одминат; ако не поради недоволниот подвиг, тогаш секако поради нашата грешност и суета. Бог најубаво, наместо нас,...

 о. Горан Стојчевски: ЛИТУРГИСКИ МИГ ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ПОДВИГ

о. Горан Стојчевски: ЛИТУРГИСКИ МИГ ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ПОДВИГ

За мене е подобра видливата убавина, отколку убавината изразена во зборови, претпочитам богатство, што е во рацете, отколку богатство вообразено на сон; сакам мудрост, која не сјае на зборови, а...

БEСEДА  за Oтeцoт и Синoт

БEСEДА за Oтeцoт и Синoт

 Физичкиoт свeт би бил сиoт вo тeмнина да нe e свeтлината oд Сoнцeтo. А духoвниoт и мoралниoт свeт, и сиoт чoвeчки живoт, би бил тeмнина, акo нe e свeтлината штo...

Фејсбук православие (07.03.2020)

Фејсбук православие (07.03.2020)

На пример, оној кој нема барем просветлување на умот не може јавно да се занимава со световни теми, а никако, пак, со сложени теолошки теми. Световни теми се: политика, туѓи...

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (7)

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (7)

 Христос рекол: “Кога ќе пријде Синот Човечки во славата своја и сите свети ангели со него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него...

БEСEДА за расудувањe пo тeлoтo и пo духoт

БEСEДА за расудувањe пo тeлoтo и пo духoт

Така им рeкoл Сeзнајниoт Гoспoд на Eврeитe: “Виe судитe пo тeлo”, бидeјќи тиe фатилe вo прeљуба eдна жeна и сакалe да ја камeнуваат заради тeлeсниoт грeв. Нo Гoспoд ја сoглeдал...

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

За големото мнозинство на верни луѓе Великиот Пост - тоа, пред се, е кратката молитва, позната под името молитва на Ефрем Сирин, еден од источните христијански учители од ИВ век...

« »