логоFacebookTwitterYouTubeeMail


 Esen.vomanastir6.jpg

Телесни односи, деца, контрола на раѓање, развод

 Свештеник Алексеј Јанг

Стигнавме до една чувствителна тема: телесните односи (сексот). На почетокот мора да се каже дека заповедите и забраните во врска со незаконските телесни односи во Стариот Завет не значат дека има нешто грешно во самите телесни односи. Овие заповеди се како ограда која Бог ја поставил околу телесни односи за да ги заштити, зашто тие се нешто свето, нешто што Бог го резервирал за посебни односи – за брачните односи – во коишто Он му го дава дарот на живот на нашиот род. Има и уште нешто: од откровението знаеме дека нашите првородители во Едемската градина немале телесни односи. Телесните односи помеѓу маж и жена се појавија кога паднаа Адам и Ева; зашто кога тие паднаа, нивните тела го примија проклетството на страдање, болест и крајна смрт, па затоа беше неопходно да го умножат нивниот род, та да може нивниот род да продолжи сè до времето кога Бог ќе го испрати Месијата. Оттука, телесните односи се функција на нашата падната природа, исто како што гладот е функција на нашата падната човечка природа. Ни апетитот за телесни односи, ниту пак апетитот за храна самите по себе се грешни, но и обата можат да бидат злоупотребени, дури и первертирани, па затоа Бог ни ги даде овие закони за да ги користиме за управување на овие апетити (и други), та да не го нарушат поредокот и да причинат штета. Сексуалната функција на нашата природа, тогаш, е нешто што умира со умирањето на нашите тела – ете зошто Новиот Завет вели дека нема да има женење и мажење во Небесното Царство. Нашата сексуална природа не е вечна, и престанува кога ќе умреме. На истиот начин, во Едем, Адам и Ева не гладуваа за храна, ниту пак сексуално се привлекуваа еден со друг.

Ова е важно да се запамти, зашто сите ние сме пораснале во општество кое го издигнува сексот и сексуалната страна на нашата природа на многу висок степен, правејќи го сексуалното задоволување показател на „добриот живот“, и презирајќи ја безбрачноста или контролираниот сексуален апетит како да е нешто Викторијанско, пуританско или дури ментално и емоционално неизбалансирано и нездраво. Освен тоа, знаеме дека во времето кога беше создавана жената, Бог рече: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!“ (1. Мој. 2, 18). Овој „помошник сличен на него“, жената, се разбира, е многу повеќе од помошник; таа е исто така коска од коските на мажот, и плот од неговата плот, и кога мажот и жената ќе стапат во телесни односи, тогаш настанува соединување – исполнување и дополнување – на двете половини на човечката личност, две, коишто стануваат едно; како што вели Светото Писмо, ‘и обата ќе бидат една плот’. Ова е мистичната страна на нашата сексуална природа. И еве зошто прељубата е толку сериозен грев.

Исто како што не можеме да го разуздаме нашиот апетит за храна без при тоа да си наштетиме на себеси, поткопувајќи си го здравјето, па и на крај убивајќи се себеси, така и сексуалниот апетит мора да се контролира. Па така, дури и во Стариот Завет дознаваме дека брачните парови поминуваа моменти на воздржување еден од друг – обично во текот на постите, или пред одење во Ерусалимскиот Храм. Оваа пракса беше потврдена и во Новиот Завет. Свети Павле зборува за ова во првото Послание до Коринтјаните (7, 5), кога тој препорачува мажот и жената да се воздржуваат еден од друг во одредени периоди заради молитва и пост. Затоа, до ден денес во Православната Црква, посните денови и посните периоди – како што е Великиот Пост – се периоди не само за воздржување од одредени јадења, туку за воздржување еден од друг, како маж и жена. За несреќа, овој древен обичај на нашата Вера е запоставен од многу луѓе денес, кои изгледа мислат дека правилата за сексуалната активност се само чудни обичаи на стариот свет кои немаат ништо со духовните закони. Освен тоа, има постојано учење на Црквата од апостолско време, за мажот и жената да се воздржуваат еден од друг во вечерта пред примање на Светата Причест и вечерта потоа. Зошто? За да може секоја личност да се предаде себеси на молитва и подготовка една ноќ претходно, и на молитва и благодарност во вечерта по причестувањето. Ова е норма која треба да ја оствариме; оние од вас кои не се во брак треба да бидат свесни за ова сега, и да сфатат зошто Црквата ги има овие правила – не за да биде досадна и пуританска, туку за да ни покаже како да ги контролираме и соодветно да ги користиме нашите апетити и да ја одржуваме хармонијата помеѓу телото и душата во брачните односи.

Значи, гледаме дека, исто како што Црквата пропишува правила за постење, заради контрола на нашиот апетит за храна, исто така воведува ограничувања на нашите сексуални апетити, за да не ја нарушиме чувствителната рамнотежа помеѓу душата и телото.

Ова ме доведува до најтешкото и најконтроверзно прашање од сите – она за што сите сакаат да знаат и за коешто никој не сака да праша: контролата на раѓање.

Искрено, тешко е да знаеш од каде да почнеш, зашто темата има многу разгранувања. Можеби би можел да почнам со наведување како другите цркви се обидуваат да го објаснат ова прашање. Во Римокатоличката црква, на пример, вештачката контрола на раѓање е забранета во било кои околности. Причината е зашто Римокатоличката црква официјално учи дека примарната цел и функција на бракот е да се имаат деца; па така, раѓањето е примарната причина за полово општење. Ова учење има корени во августиновата традиција, којашто ја третира сексуалноста, дури и во брак, како во основа грешна, па затоа раѓањето се смета дека е неопходно оправдување за брачниот акт, којшто служи за исполнување на Божјата заповед за оплодување и размножување. Во Старозаветните времиња имаше законска грижа за овековечување на човечкиот род. Меѓутоа денес, тој аргумент е неубедлив, и мнозина римокатолици чувствуваат право да го игнорираат.

Протестантите, пак, од друга страна, никогаш не развиле јасно учење за бракот и телесни односи. Никаде во Библијата не се спомнува јасно контрола на раѓање, па така, кога се појавија таблетите во раните шеесетти, тие ги прифатија нив и други репродуктивни технологии како патоказ во човечкиот напредок. Набрзо по ова се умножија сексуалните прирачници, сите изградени врз мислењето дека Бог му ја дал сексуалноста на човекот за уживање. Примарната цел на брачниот чин стана не размножувањето – туку уживањето, став којшто едноставно го зацврсти протестантското учење дека Бог сака човекот да биде лично исполнет и среќен, па оттука и сексуално задоволен.

Дури и абортусот беше прифатен. Тоа се случи во средината на седумдесеттите, кога дебатата Рои – Веид[1] се загреа, и стана премногу очигледно дека абортусот беше убиство, така што евангелските протестанти почнаа да се премислуваат за нивниот став. Во доцните седумдесетти тие стигнаа до каузата против абортусот, каде што останаа и до денес во прв план. Токму темата за абортусот ги натера да сфатат дека човечкиот живот мора да се заштитува уште од моментот на зачнувањето, и дека контрацепцијата преку абортиви[2] е недопустлива. Во меѓувреме, либералните протестантски цркви останаа верни на ставот за абортус, и немаат ограничувања на контролата за раѓање.

За нас е важно да бидеме свесни за учењата на овие цркви за темата сексуалност, зашто тие можат несвесно да влијаат на нашите ставови. Мораме да бидеме свесни, значи, за продорното влијание врз нашето општество од сексуалната револуција, ослободена од постоењето на пилулите. Промискуитетниот став што беше негуван сè уште преовладува. Поради опседнатоста на нашата култура од сексот и сексуалното задоволување, од суштинско значење е да имаме јасно разбирање за учењето на Црквата во врска со сексуалноста. Ова учење се наоѓа во Светото Писмо, во Каноните од разните Вселенски и Помесни Собори, во пишувањата и коментарите на разните Свети Отци на Црквата, коишто без избегнување или заобиколување на овој предмет, пишуваат за ова многу отворено и опширно; и конечно, ова учење се отсликува во житијата на многу светители (родителите на свети Сергиј Радоњешки ми паднаа на памет).

Специфичната тема за контролата за раѓање е помалку достапна; не може некој едноставно да ја најде во речник или библиографија. Меѓутоа може да се разбере од јасните учења на Црквата за абортусот, бракот и за подвижништвото. Пред да се зафатиме со дискусија на оваа тема, треба да нагласиме дека Православната црква овде не е догматична како Римокатоличката црква, и тоа е многу повеќе пастирски проблем каде што може да има многу размислувања. Сепак, слободата не треба да се користи за распуштеност, и ние сè ќе направиме за да ги зачуваме пред нас вековните норми, нам предадени преку Црквата.

Откако го кажавме сето ова, какво е точно учењето на Црквата во врска со контролата на раѓање?

Праксата на вештачка контрола на раѓање – а под ова се подразбира „пилули“, презервативи, или било каков начин или средство – е всушност осудена од Православната Црква. Црквата во Грција, на пример, во 1937 година издаде посебно послание само заради ова, за да ја осуди контролата на раѓање.

Слично, Романската и Руската Црква, да спомнеме само две помеѓу многуте – повеќе од еднаш, многу порано проговорија отворено против оваа пракса. Тоа е од неодамна, само во генерацијата по Втората светска војна, некои помесни Цркви (Грчката архидијацеза во оваа земја[3], на пример) почна да учи дека би „можело“ да биде во ред да се практикува контрола на раѓање во одредени околности, само ако за ова претходно се разговарало со свештеникот и се има негова согласност.

Ова учење на нашата Црква, не треба да се толкува како исто со учењето што го има во Римокатоличката црква. Постојаното учење на Црквата од Рим беше и е, дека раѓањето деца е примарна функција на бракот. Ова не е учењето на Православната црква. Православието, напротив, ì дава прво место на духовната цел на бракот – којашто е заедничкото спасение на мажот и жената. Едниот треба да му помага и да го охрабрува другиот за да се спаси неговата или нејзината душа. Секоја единка постои за другиот, како пријател, помошник, другар.

Но секундарно, децата се природна последица на бракот, и, до неодамна, тие беа очекувана и многупосакувана последица на бракот. Децата беа сметани како плод на брачната заедница, доказ дека мажот и жената станале една плот, и ова секогаш се гледало како голем благослов на бракот. За голема трагедија, за голема тага се сметало, ако бракот бил бездетен; па така, иако Црквата секогаш дозволувала безбрачните парови да продолжат да живеат заедно како маж и жена, сепак, ако жената е неплодна или мажот е импотентен, од Црквата е прифатено како основа за развод, па така секој од нив е слободен да стапи во брачни односи со друг, со надеж дека ќе имаат деца.

Во денешно време, се разбира, нашето општество ги смета децата повеќе како незгода, отколку како благослов, и многу парови чекаат по една, две, три или повеќе години пред да имаат дете. Навистина, некои одлучуваат никогаш да немаат деца. И така, иако во Православната црква првата цел на бракот не е само да се имаат деца, желбата на мноштво млади парови денес, да чекаат пред да имаат деца, се смета за грешна. Како свештеник, јас морам да му кажам на било кој пар што доаѓа кај мене за венчавање дека, ако не се подготвени и ако немаат волја да зачнат и да раѓаат деца, без спречување на волјата Божја со вештачки средства за контрола на раѓање, тогаш тие не се спремни за брак. Ако не се подготвени да го прифатат природниот и благословен плод на нивното соединување – а тоа е детето – тогаш е јасно дека нивната примарна цел на бракот е да си го легализираат блудот. Ова е многу сериозен проблем денес, можеби најсериозниот и најтешкиот со којшто свештеникот треба да се занимава кога ги советува младите парови.

Јас го употребив терминот „вештачка“ контрола на раѓање, зашто сакав да нагласам дека Црквата допушта користење на некои природни методи за избегнување на зачнувањето, но овие методи не треба да се користат без знаење и благослов на свештеникот, и само ако физичката и морална благосостојба го изискува тоа. Овие методи се прифатливи за Црквата под вистински околности и може да бидат искористени од парот без оптеретување на совеста, зашто тоа се „подвижнички“ методи; односно, добро би им годело самоодрекување, самоконтрола. Има три такви методи:

1. Потполно воздржување. Во длабоко-побожните семејства ова воопшто не е невообичаено, било денес или вчера, како што некој може да си помисли. Честопати се случува, откако православните маж и жена ќе донесат на свет неколку деца, тие да се договорат да се воздржуваат еден од друг, и од духовни и од световни причини, живеејќи го остатокот на нивните животи во мир и хармонија како брат и сестра. Ова се има случено во житијата на светиите – најзабележително кај свети Јован Кронштатски. Како Црква којашто многу го цени и заштитува монашкиот живот, ние православните немаме страв од безбрачноста (целибатот), и немаме смешни сфаќања дека нема да бидеме исполнети или среќни ако престанеме со сексуалната активност со нашиот сопружник.

2. Ограничување на сексуалните односи. Се разбира, ова веќе се случува со православните парови кои искрено се трудат целосно да ги запазат сите посни денови и посни периоди во годината.

3. Ритам. Конечно, Црквата допушта употреба на таканаречениот „ритам“ или од неодамна развиениот метод за природно планирање на семејството, за којшто денес има доволно информации.

Во старите времиња, кога сиромашните родители не знаеја ништо за контрацепција, тие се потпираа исклучиво на Божјата волја – и всушност ова треба нам денес да ни биде пример. Им се раѓаа деца и го прифаќаа последното исто како и првото, велејќи: „Бог ни го даде детето; Он исто така ќе ни го даде она што ни е потребно за детето“. Таква беше нивната вера, и честопати се случуваше последното да се покаже како најголем благослов за сите.

А сега, што со големината на семејството? Е па, една работа која има огромно влијание на тоа, како ние го гледаме ова, е фактот што во последниве сто години сме се измениле од, главно аграрно или агрикултурно општество, во најголем дел урбано и индустриско општество. Ова значи дека додека во постарите времиња имаше потреба од големи семејства токму затоа, за да работат на фармата или имотот – и секогаш имаше доволно храна и работа за сите – денес имаме спротивен проблем, и понекогаш е многу тешко да се издржува многу големо семејство, иако има луѓе кои успеваат во тоа. Од строго духовен аспект, треба да се обидуваме да имаме големи семејства, па така, семејството да биде силно и долготрајно и полно со љубов, во коешто сите членови ќе ги поднесуваат заедно тежините на животот. Големото семејство ги навикнува децата да се грижат за другите, ги прави поосетливи итн. И додека малото семејство може да биде способно да обезбеди повеќе од овосветските добра за секое дете, малото семејство воопшто не гарантира добро воспитување. Самите деца честопати се многу тешки (личности), зашто честопати тие стануваат разгалени и егоцентрични. За ова не може да се даде општо правило, но ние мораме да бидеме подготвени и да очекуваме да имаме онолку деца, колку што Бог ќе благоволи да ни даде, и колку што ќе допушти моралното и физичкото здравје на мајката и целото семејство како целина, секогаш останувајќи во блиски контакти со еден свештеник (духовник) за овие работи.

Меѓутоа мораме да бидеме внимателни да не ја пренагласуваме сета оваа работа околу имањето деца, да имаме одреден број итн. Свети Јован Златоуст вели: „Раѓањето деца е природна работа. Далеку позначајна е задачата на родителите за образованието на срцата на нивните деца во добродетелност и побожност“. Навистина, ова го става нагласокот назад, каде што и припаѓа, подобро отколку да биде на негативни работи во врска со контролата на раѓање и големината на семејството. Зашто она што Црквата сака да го сфатиме и запаметиме е тоа дека, децата кои ги носиме на свет не ни припаѓаат нам; тие му припаѓаат на Бога. Ние не сме им го дале животот; туку попрво, Бог, користејќи нè нас како инструменти, ги повикал кон битие. На одреден начин, ние родителите навистина сме само бебиситери на децата Божји. Па така, наша најголема одговорност како родители е да ги одгледаме нашите деца „во Господа“, та да можат тие да Го познаат, сакаат и да Му служат на нивниот Небесен Отец.

Вечното спасение е сета цел на нашиот земски живот. Тоа е цел која бара постојано тежнеење, зашто не е лесно да се биде христијанин. Влијанието на нашето општество крајно го отежнува ова. Парохиската црква и домот се единствените бастиони каде што може да Го славиме Бога во дух и вистина. Нашите животи, нашите бракови, нашите домови ќе останат како невредно, сиромашно вино, меѓутоа, како виното коешто прво беше послужено на свадбата во Кана, ако ние не бараме активно да бидеме зрели мажи и жени, зрели сопрузи и сопруги, и зрели православни христијани, кои благоволат да ги прифатат одговорностите на позициите од животот на кои сме призвани. И само ако работиме – силно – во подготвување на себе, како личности, и на нашите семејства и домови за да Го примиме Христос, тогаш нашите животи, нашите бракови, и нашите домови ќе станат како доброто вино коешто Христос чудесно го направи од водата за време на радосната свадба. Амин.

Извор: Отродоксија ортопраксија

Превод од англиски јазик:

Ѓакон Јани Мулев

Наслов на изворникот:

Priest Alexey Young,

The Orthodox Christian Marriage

Друго:

Свештеник Алексеј Јанг- Православниот брак

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 714
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Наравоучение: православната психотерапија прави разлика меѓу искушенија што ни се случуваат затоа што душевно оздравуваме (очистување на срцето од страстите) или сме доволно здрави (просветлување на умот), од искушенија што...

Митрополит Струмички Наум: АНТИНОМИЧНОСТ (20.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: АНТИНОМИЧНОСТ (20.06.2020)

 Антиномично е и кога просторно и временски ограничениот човек станува благодатно секаде присутен, и во време и во простор. Антиномична е и ситуацијата кога обичен човек стекнува таква слобода пред...

БEСEДА  за угледувањe на мравкитe

БEСEДА за угледувањe на мравкитe

Вoлјата на Твoрeцoт, Кoј нè испратил вo oвoј свeт e да твoримe дoдeка смe вo свeтoт. Самиoт Гoспoд Исус запoвeда: Твoрeтe, стражарeтe! Oн ги фали oниe кoи ги умнoжуваат дадeнитe...

Архиепископ Андреј Римаренко: Беседа на Неделата на сите Светии

Архиепископ Андреј Римаренко: Беседа на Неделата на сите Светии

Сите светители кои денес ги славиме го следеле Христовиот пример. И секој од нив, во своето време, во своите животни околности, ја исполнил Божјата заповед за љубовта кон Бога и...

« »