логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 


Г. МЕТОДИЈ ЗЛАТАНОВ, МИТРОПОЛИТ АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКИ

Постот има подлабоки корени од новогодишните лумпувања

Ако човек избере да го почитува празникот на раѓањето на Спасителот, тогаш за него е многу поважно како најдобро и најсоодветно да се подготви, а не како да пости 40 дена и со лумпување во една ноќ да го расипе сето она што го стекнал низ духовниот подвиг, вели митрополитот Методиј

 

Духовната и телесната подготовка, преку пост и молитви, за празнување на Рождеството Христово - Божик кај нас има многу подлабоки корени и повеќевековна традиција отколку таканаречените традиционални новогодишни празнувања што се одликуваат со прекумерно јадење и пиење. Затоа и не би требало да претставува проблем што да се избере меѓу вековните традиции или новостекнатите навики. Вака американско-канадскиот митрополит на МПЦ, г. Методиј, одговара на дилемите што секоја година се јавуваат кај луѓето и се врзуваат за усогласувањето на божикниот пост со начинот на кој многумина ги практикуваат новогодишните празнувања. Познато е, заради неусогласеноста меѓу јулијанскиот календар - што го применува МПЦ и световниот, грегоријански календар - што го користи државата, Нова година кај нас се прославува седум дена пред денот на Христовото раѓање - Божик. Традиционалните новогодишни трпези, кои најчесто обилуваат со мрсни јадења, се во спротивност со начинот на исхрана што се практикува во текот на постите од страна на верниците. Тоа создава збунетост кај луѓето што одат и кон барањата за промена на црковниот календар, односно кон примената на грегоријански календар.

СЕ СЛАВИ И ПОСНО

* Дали сметате дека бројот на луѓето-верници што го применуваат постот би бил поголем ако божикниот пост не се совпаѓа со подготовките за прославата на Нова година?

- Дури и од најформален аспект, како споредба на квантитети, да се поистоветува духовната подготовка за празникот на Христовото раѓање и потрошувачката манија пред новогодишната ноќ е мошне дискутабилно. Тоа може да го уочиме од самиот факт што постот, или подвигот на воздржание, од една страна, и обичајот на апсолутно невоздржание или претерување во се', што е и главниот белег на „новогодишното празнување“, од друга, самите по себе се антитетични. Ако човекот, верникот, реши духовно да се подготвува преку четириесетдневниот пост, молитвата, покајанието, доброчинството, литургиското единство во Црквата итн., а истовремено не може да и' одолее на најлудата ноќ, тогаш тој се наоѓа пред една непремостлива противречност.

Како да се помират умереноста и неумереноста? Како да се најде единство меѓу воздржанието и невоздржанието? Може ли да му се служи и на Бога и на Мамона? И тоа е само една од секогаш актуелните дилеми на човекот-верник? Зашто, постот како начин на живот и практикување на верата не се ограничува само на овие 40 дена пред Божик. Всушност, според бројот на посните денови во годината, православните верници поголемиот дел, дури и две третини од својот живот, го поминуваат во пост. А тој секако не се состои само од јадење посна храна.

Духовниот пост, како што обично се нарекува, а тоа значи негневливоста, проштевањето, растењето во добродетелите, невозвраќањето на злото со зло, смирението и миротворството, како содржина на постот, го карактеризираат животот на верникот и во деновите кога се јаде посна храна, како во деновите кога се јаде мрсна храна, и во празниците и во обичните, делнични денови. Освен тоа, во нашата богата духовна култура постои и феноменот на посните слави, т.е. празници во кои трпезата е приготвена од посни јадења, та така и воздржанието и свечениот карактер на денот еден со друг не се исклучуваат.

* Како да се однесуваат луѓето: од една страна, имаат навика и традиција за прослава со прекумерно јадење, пиење, веселби, а периодот на постите бара умереност, скромност, смиреност, воздржување. Не се ставени ли со тоа луѓето во едно непомирливо двојство?

- Привидниот дуализам постои само во неодлучноста, додека еден од белезите на суверената лична духовна култура на еден човек е во тоа тој да знае на кој начин ги почитува своите празници и која е нивната суштина. Колебливоста, пак, се јавува само тогаш кога одлучувачки фактор е само инертното поведување по определени инсценирани традиции. Да го анализираме малку тоа „прославување Нова година според нашите традиции“. Во времето на комунизмот, во кое сите верски и национални празници требаше да бидат заменети со идеолошки коректни и доволно неутрални празници, за народот да добие доволно леб и игри, за да се утешува, главно место имаа Први мај и Нова година. Едниот беше за народот, да празнува по околните ливади, а другиот беше првенствено за црвената буржоазија, за да се прошетаат скапите облеки, да се патува во странство, да се помине ноќта во луксузни хотели и ресторани, недостапни за народецот.

 За него беше можна само бледа мимеза на оваа раскош, преку домашни или кафеански лумперајки, чија главна цел беше да бидат параван за распојасаноста на оние поеднаквите, другари и другарки што управуваа со идеологијата на работничката класа. Новогодишната ноќ беше ден за одмор од идеолошката диктатура на комунизмот. Дека тоа е така и никако поинаку, доволен доказ е имено вкоренетоста на овој празничен обичај кај нас, дури и сега, кога верските и националните празници повторно си го заземат своето место во годишниот циклус. Конечно, историското постоење и практикување на постот и црковните празнувања се многу поприсутни кај нас, за да ни биде тешко за избереме меѓу нив и навиките и традициите на прекумерно јадење и пиење. За што? Затоа што почнува новата календарска година? Та и таа, како симбол на нов почеток, треба да се пречека достоинствено и одмерено.

НЕМА ДВОУМЕЊЕ

* Ви укажуваат ли верниците, граѓаните со кои контактирате на постоењето, на еден ваков проблем за нив. Што им одговарате?

- Всушност, луѓето што се обраќаат за совет во духовното раководство најчесто ги поставуваат овие две прашања: прво, дали е благословено да се обележи почетокот на новиот годишен циклус со посна трпеза и, второ, кој е начинот, без недоразбирања со своите најблиски и пријатели, доколку постојат недоразбирања, да го избегнат своето учество во најлудата ноќ? На првите секогаш им го посочувам постоењето на посните слави и посните празнични трпези, потсетувајќи ги на умереноста и духовното внимание со кое и покрај празнувањето не би се нарушила подготовката за Божик. Она што е помалку битно да не го засени или исклучи она што е суштински важно, а тоа е благодатното учество во надисториското време на раѓањето на Богомладенецот (во случајов).

На оние другите, најчесто верници од нерелигиозни семејства, им препорачувам, ако им е можно, слично на нивните истомисленици и едноверци во времето на комунизмот, во таа ноќ да најдат прибежиште во некоја од градските цркви или во манастирите во кои, токму од наведените причини, се служи сеноќна богослужба. На тој начин тие ниту ќе им пречат на своите блиски, а ниту самите ќе бидат во позиција да прават нешто што не им се допаѓа или им е неприфатливо. Во крајна инстанца, мислам дека не постои такво двоумење кај луѓето. Оној што сака компромиси, тој бара само изговор или аргумент за она што веќе го избрал. Ако човек избере да го почитува празникот на раѓањето на Спасителот, тогаш за него е многу поважно како најдобро и најсоодветно да се подготви за тоа, а не како да пости 40 дена и со лумпување во една ноќ да не го расипе сето она што го стекнал низ духовниот подвиг. Мислам дека глобално не постои таква духовна подвоеност во душата кај нашите луѓе.

* Каде е тука излезот? Дали е решението во промената на календарот, односно во примената на грегоријанскиот календар, со што Божик ќе се прославува на 25 декември, а дури потоа Нова година?

- Најлесните решенија се секогаш и најпогрешните. Да се смени календарот само заради едно инсценирано лумпување како рецидив на еден декадентен идеолошки систем, тоа е врв на бесмисленоста! Секоја година ги слушаме истите песни за менување на календарот. Тоа е само уште еден обид со инстант или магиски решенија да си ги решаваме проблемите. Како симптом на духовна и културна незрелост тие ни оддалеку не му доликуваат на народ со многумилениумска култура и духовност. Доволно е да погледнеме со што резултираше менувањето на календарот кај некои од православните народи во нашето соседство. Црковни схизми што ни до денешен ден не се надминати. Постоење на паралелни диецези на еднонационални православни цркви во рамките на една држава. Појавата на зилотски заедници, кои не комуницираат со официјалната „новокалендарска“ Црква и не ги признаваат нејзините свети тајни.

Вистински граѓански војни по улиците во кои физички се пресметуваат верници едни со други. И секако, најстрашното, непремостлива и трајна поделба на народот имено по прашање на верата и религијата, инстанци што треба да бидат најсуштинското врзувачко ткиво. Ако знаеме дека главниот атрибут на Црквата и на нејзиниот светотаински живот е СОБОРНОСТА, тогаш менувањето на календарот како услов за било што е апсолутно неприфатлив. Точно е дека менувањето на календарот не е догматски проблем, но и во чисто астрономска смисла и грегоријанскиот и јулијанскиот календар се неточни и непрецизни. Причина пак за тоа да биде, новогодишното неумерено јадење и пиење, дејствува дури и апсурдно. Многу подобро ќе биде да поработиме сите малку повеќе околу развивањето на празничната култура меѓу нас. Тука медиумите, и пишаните и електронските, можат многу да помогнат. Со афирмирање на определени обележја и разјаснување на чинителите на празничниот обичај, преку приопштување на соодветна естетика на празнувањето, се' со цел да образуваме достоинствен израз на свечено, а тоа пред се' значи свештено однесување и живеење.


Календарот не треба да се менува

* МПЦ опстојува на примената на јулијанскиот календар, во нејзините редови и во јавноста има дилеми околу можната промена на календарот. Какви се' дилеми тоа повлекува и што може да се очекува во иднина во црковните редови околу тоа прашање?

- Е, ова е веќе шпекулација. Во редовите на МПЦ, како што велите, не постои дилема околу менувањето на календарот. Причина за тоа е имено примарната ориентација на Светиот архијерејски синод, свештенството, монаштвото и верниот народ, да се зачува единството и духовната соборност на нашата света Црква. Таа што го прославува и заедно со ангелите и пастирите витлеемски, два милениума му се поклонува на раѓањето на Богочовекот Христос. Фактот што постои мислењето дека треба да се изготви нов, астрономски прецизен календар (а таа корекција треба постојано да се прави, барем во поголеми временски интервали), не е ни оддалеку сигнал дека се двоумиме околу прифаќањето на „новиот“ или грегоријански календар. Причината за менување на календарот кај некои од православните цркви беше плод на политички компромис, а не желба да се мрси среде божикниот пост. Од друга страна, во народот се' повеќе е присутен интересот за прославување и на таканаречената Стара Нова година, празникот на свети Василиј Велики, односно 1 јануари по јулијанскиот календар. Според скромниот стандард со кој се живее кај нас, луѓето сепак наоѓаат начини да излезат од монотонијата на секојдневните обврски и да вкусат од убавината на надисториското и невообичаеното. Празници и празнувачи секогаш ќе има. За нас е важно да го запазиме културниот образ и интегритет како народ и како Црква.

Бранко Ѓорѓевски -Дневник

Посети: {moshits}

  28.11.2008 год.

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 722
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

 Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Во духовната пустина на овој суетен свет, на ова место на нашето исконско туѓинување, огромна е човечката жед за љубов. Дури и се навикнуваме да живееме без внимание кон себе...

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме...

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот; затоа што Христос е...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Наравоучение: православната психотерапија прави разлика меѓу искушенија што ни се случуваат затоа што душевно оздравуваме (очистување на срцето од страстите) или сме доволно здрави (просветлување на умот), од искушенија што...

« »