логоFacebookTwitterYouTubeeMail



Потекнувам од традиционално верничко семејство, без некои посебни познавања и почитување на религијата. Нашата куќа отсекогаш била отворена за свештени лица. Живеев помеѓу двете цркви во Ресен и детството ми помина во црковниот двор. Кога се запишав на Теолошкиот факултет и кога се запознав со црковното пеење, црковнословенскиот јазик, сфатив зошто тоа пеење ми звучеше толку многу познато, вели отец Пимен во студентската приказна што ја споделува со нашите читатели.

Отец Пимен (во средина) со средношколските другари во Ресен

Теологијата не му била прв избор на владиката Пимен европски. Верувале или не, откако завршил во ресенската гимназија (тогаш како Сотир Илиевски), прво студирал на Машинскиот факултет во Битола, одлука што ја донел случајно. Отец Пимен многу повеќе ги сакал уметностите отколку која било техничка наука. Но, студирањето во Битола му било поедноставно.

- Беше паметно да се запишам на факултет за да можам да продолжам да ја земам пензијата на моите починати родители. Студирав две години редовно на Машинскиот, бев во војска во ЈНА и кога се вратив, намерно запишав квадрат за да се одморам, а и да се посветам на она што сакав да го правам со љубов – да свирам, да цртам. Се сеќавам, еден ден седевме со другарите на кафе, некој спомена дека треба да пријавиме испити, а јас им соопштив дека се откажувам и дека ќе го сменам факултетот. Прво како на шега реков дека ќе се запишам на Теолошки. Другарите, познавајќи ги моите афинитети, ми изреагираа дека не сум за таму и ми ги предложија Ликовна академија или, пак, Драмскиот факултет. Тие ми беа последните искушенија. Се мислев дали да ги послушам, тоа ми беа другари од детството и ме познаваа многу добро - се потсетува отец Пимен.

Задоцнил на приемниот испит

Разумот преовладал, вели тој. Во почетокот на 90-тите години се најавувало дека веронауката ќе стане дел од образованието. Прво размислувал дека можеби полесно би нашол работа како дипломиран теолог. Иако, признава дека не се гледал себеси во тие години како свештено лице.
Интересно е како го полагал приемниот испит. Тој разбрал дека се полага писмен тест, а не и усно и пеење.

- Кога тргнав од Ресен, кај Катланово во тунелот имаше некоја сообраќајка, патот беше блокиран. На другите факултети им го одложија приемниот, на Теолошки не стигнала информацијата. Јас требаше да стигнам во 8 на полагање, а стигнав во 9:30 часот. Ми дадоа половина час. Влегов последен и последен излегов и гледам дека сите стојат. И ги прашав зошто стојат и така сфатив дека се полагало и усно и пеење истиот ден. Мислев да си заминам оти грлото ми беше фатено, едвај зборував. Си реков дека ќе се обидам. Влегов, ми се погоди да го знам прашањето. Го поминав, кога дојде за пеење, им реков дека ќе дистонирам оти сум засипнат. Ме примија - се смее отец Пимен.


Фотографија од таблото од средно училиште

За разлика од Машинскиот факултет, на кој не бил баш редовен и гледал да фати кривина, Теолошкиот факултет многу брзо го засакал. Имал професори од кои многу научил.

- На прсти се бројат моите отсуства на предавања, кои се случуваа некогаш оти сум сакал да одам во манастир, да скратам 2-3 часа од петокот или од понеделникот. Имавме одлични предавачи, тоа се луѓе кои и ден-денес важат за големи познавачи на теологијата и на нашата црква. Еден од постарите професори, кој сега веќе е пензионер, е проф. Јован Таковски, одличен предавач и професор кој знаеше да го задржи нашето внимание. Во тоа време проф. Стефан Санџакоски беше, исто така, многу ценет човек чии предавања ги слушаа и студенти од други факултети. Проф. Петко Златевски знаеше да биде близок и другар со нас. Би го споменал и проф. Ратомир Гроздановски, кој беше еден од ретките што имаше напишано учебник. Проф. Јован Белчевски имаше многу специфичен начин на предавање на предметот Историја на Охридската архиепископија, тој предаваше како да бил активен учесник на настанот. Тоа, особено мене, ми ја смени перспективата на историјата, затоа што историјата ја сметав за еднаш напишана и фиктивна. Благодарение на него, денес имам големо познавање на историјата - се потсетува отецот.

Бил талентиран за јазици и за пеење и во тие предмети немал никаков проблем. Но, не го привлекувале многу методологијата и педагогиката, оти вели: „...знаев дека нема многу да ми се најдат во животот“.

Свирел во погребен оркестар во Ресен

Животот му бил сосема различен кога студирал на двата факултета.
- Додека бев на Машинскиот, живеев во Битола, за викенд се враќав во Ресен. Имав повеќе време да правам што сакам, да излегувам, да се дружам, организирав бендови, работев по кафулиња за да си го дополнам буџетот. Од мал свирам саксофон и кларинет, а љубовта кон музиката ја наследив од татко ми. Првата заработка ја имав токму од свирење во погребниот оркестар во Ресен, каде што свирев од 7. одделение до средно школо. На Теолошки значително го сменив начинот на живот. Првата година уште се приспособував. Но, друштвото полека почна да ми се профилира со колеги од факултетот и времето повеќе го користевме за одење по манастирите и на бденија по градовите. Така полека го стишив стариот начин на живот - се потсетува владиката.


Различен живот пред и по Теолошки (отец Пимен прв од десно, заедно со колеги од Машински)

Ако не научиш, ти треба чудо, а не молитва

Се пошегувавме со отецот, дали како студенти на Теолошки се молеле пред испит, а тој вели:
- На Машинскиот факултет повеќе се молевме пред испит, имавме некоја наша самокомпонирана молитва, а за на Теолошки не ни требаше. Ако не научиш, ти треба чудо, а не молитва. А на Теолошки си имавме редовно молитвено правило наутро и навечер и ништо плус од тоа. Уште кога се запишуваш на Теолошки учиш дека Господ вели: „Барајте го прво Царството Небесно – Господ знае за што. И нема потреба да се молиш за нешто конкретно“.
Во неговата генерација биле 34 студенти, од кои 27 редовни. Со оценките не се занимавал многу. Не се доживувал дека ќе стане свештеник кој ќе гради кариера. Сепак, не му било сеедно како ќе помине на некој важен испит.

- Кај нас беше проблем што во тоа време кубуревме со литература, имавме бугарска, руска и српска. Се случуваше да сме навистина подготвени, ама да сме го утнале изворот за учење. Во однос на оценките, имаше сѐ и сешто. Нема испит на кој сум се извлекол со шестка, колку да помине - вели тој.

Цимерите ме посетуваа и во манастирот

Живеел со цимери кои студирале на различни факултети - Земјоделски, Економски, Физика, Новинарство...
- Често паѓаа интересни дискусии баш поради шареноликоста на факултетите. И ден-денес некои од тие пријателства се живи, и покрај тоа што во годините кога бев во манастир ја намаливме комуникацијата. Но, знаеја да ме посетат, да развиеме темелен муабет за сѐ и сешто. Од убедувања, совети, дискусии, контрирања. Јас така и ја чувствувам верата. Секој кажува свое мислење и не треба да се наметнува оти верата е слободен избор, а не е наметнување или да се живее од страв пред Бога. Во моментот кога ќе почувствуваш дека те прават подобар и поморален човек, кога ќе ги освоиш со срце и душа, а не само со разумот, тогаш е вистинска вера, сѐ друго е религија и обид за некој контакт за некаква сила, како што велат „има нешто“ - посочува владиката.



Заеднички банкет пред заминување во војска

Тој е среќен што ѝ припаѓал на добра генерација студенти теолози кои денес се свештеници и монаси и учествуваа во преродот на МПЦ.
- Сериозно се вложивме во изучувањето на теологијата и во организирањето на црковниот живот преку одење на литургии. Ја имавме таа среќа во почетоците на нашето студирање да се возобнови монаштвото. Во 1995 се возобнови монаштвото во Струмица и во Бигорскиот манастир. Монаштвото никогаш не исчезна комплетно благодарение на тоа што по војната останале некои руски монаси и монахињи пребегани од Октомвриската револуција, но тоа беа повеќе стари луѓе. Имавме можност да сме од таа битна генерација, едни како монаси, други како свештеници. Благодарение на тоа што ја имав таа убава генерација на колеги околу мене, од рационална желба, теологијата стана мој животен пат, моја филозофија - признава Пимен.



Од екскурзија во Кумровец, каде што ја пропуштил групата за посета на куќата на Тито

Од прва до трета година бил редовен на факултет. На 27 мај 1997 година веднаш по завршувањето на академската година ги собрал потписите и заминал во манастирот во Водоча. Таму бргу напредувал во чиновите. Факултетот го завршил вонредно и од светиот архиерејски Синод на МПЦ му предложиле да продолжи на постдипломски студии во Париз.

- Така дојде одлуката за моето назначување за владика. Постдипломските ми беа на Теолошкиот институт „Св. Сергеј“, формиран од руската емиграција во 20-тите години на минатиот век во Париз. Своевремено важеше за многу добар теолошки институт каде што предаваа големите умови на руската теологија и беше како амбасада на православието во западниот свет. За жал, во последните години, по падот на социјализмот, како да замира славата на оваа институција. Уште од почетокот на монаштвото се боревме со медиумските напади дека сме збирштина на наркомани и неморални личности и моравме да ја разбиеме таа приказна со нашата отвореност и успеавме да ја промениме таа слика за монаштвото. Времето ни беше исполнето. Требаше да бидеме и градители, и учители, и свештеници истовремено. И повторно да одбирам, тоа би била теологијата - вели владиката и признава дека монашкиот живот многу му недостига и дека кога ќе дојде време за пензија, повторно ќе се врати во манастир.



Од студентските денови во Битола

Талент за сликање и пишување

Отец Пимен свирел во бенд, пишувал песни, а сликањето и вајарството ги сака од дете. Откако знаел за себе, уживал во чкртањето по тетратки и учебници.
- Во 7. одделение учествував на Преспанската керамичка колонија, каде што запознав големи имиња на керамиката во тогашна Југославија. Играјќи си со глина покрај нив, го препознаа мојот талент. Добив понуда од покојниот Михо Михов, тогаш директор на средното школо „Лазар Личеновски“. Осмо одделение го завршив со таа надеж дека ќе се запишам во средното уметничко. Но, сестра ми веќе беше запишана во Скопје и беше скапо двајца средношколци да учат истовремено. Сепак, припаѓавме на пролетерско семејство. Во манастир, поради цртањето икони, патувавме во Грција да набавиме материјали за сликање и ја имав таа можност да си прикупам сликарски материјали. И ден-денес постојано носам бои и четки со мене - споделува владиката за својата голема љубов.

Благодарение на него, студентите почнале да го објавуваат списанието „Теолошки благовесник“.

- Ова списание по Статут требаше да излегува оти плаќавме за него при запишување на школска година. Кога ја запишував третата година забележав дека го плаќаме тоа. Се собравме со колегите за да го прашаме деканот зошто го нема списанието. Мудро ни одговори дека списанието не излегува затоа што не сме го направиле. Тогаш се организиравме, направивме екипа која конечно ќе го објави. Интервјуа, авторски текстови, па заврши школската година и јас заминав во манастир. Генерацијата по нас успеа да го издаде, па потоа пак замре - вели тој.


Го замоливме да сподели како го добил црковното име.
- Монаштвото е смирение и кршење на сопствената волја и малку ми е нелогично кога човек во манастир кажува сам како да се вика. Јас претпочитам името да произлезе од братството. Кога дојде ред за мене, имаше предлози да бидам Самоил, Харитон, а Пимен беше повеќе на шега. Но, бев среќен кога го добив тоа име. Малку е несекојдневно за нашите простори, мислам дека сум единствен Пимен во цела Македонија. Тоа е име со голема симболика. Значи пастир. И денес кога разговараме со владиката Наум, кој е мој духовен отец, ми вели дека ја препознал таа нишка кај мене. Во православието нема ништо случајно, сѐ е прашање на некаква промисла. Така е и со мојот живот. Кога починаа моите родители, многу брзо еден по друг, ми беше многу чудно и почнав да се прашувам дали јас сум најгрешниот, па сум заслужил така. А потоа сфатив дека да не се случело тоа, можеби друг ќе бил мојот пат - завршува владиката.


Отец Пимен (прв од десно) со колегите од Теолошкиот факултет


Извор: Википедија

 

Преземено од: https://www.fakulteti.mk/news/19092019/vladikata-pimen-za-studentskite-denovi---povekje-se-molevme-pred-ispit-na-mashinski-otkolku-na-teoloshki

 

 



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Ноември 12, 2019

Старец Георгиј Капсанис: МОНАСИТЕ СЕ ЕКСПЕРТИ ВО НАУКАТА НА ПОКАЈАНИЕТО

Луѓето прво треба да го распнат и да го погребат своето поранешно „јас“ (т.е. егоизмот, страстите и себичната волја) на Крстот и Гробот Христов за да можат да воскреснат со Него и „да одат во обновеноста на животот“ (Рим. 6, 4).Ова е дејството на покајанието…
Ноември 09, 2019
st-demetrius

Свети великомаченик Димитриј Солунски

Благочестивиот Димитриј пред царевите ги поставил Божјите заповеди. Го возљубил Господ Бог со сето свое срце и душа, па веднаш по враќањето од царската престолнина почнал јавно да проповеда и својот народ да го одвраќа од многубоштвото, водејќи го така кон…

Митрополит Струмички Наум-Царството небесно прилега... на простување (19.08.2017 )

Ное 07, 2019 Беседи 67
7.Vselenski.sobor
Честопати и мене ме прашуваат зошто примам или им помагам на луѓе за кои мнозина од…

Митрополит Струмички Наум - Последна надеж за спасение

Ное 04, 2019 Беседи 49
Uspenie.Bogorodica.jpg
Она нѐ научи Кој Е смислата на нашиот живот. Она нѐ научи Кој Е вистинска љубов. Она нѐ…

Митрополит Струмички Наум: Зошто пишувам?

Окт 28, 2019 Беседи 150
7.Vselenski.sobor
Битно е дека, без тие – собраните околу мене, којзнае дали воопшто и ќе беше нешто…

Беседи

Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Тимотеј – Дваесет и прва недела по Педесетница

Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Тимотеј – Дваесет и прва недела по Педесетница

Такви луѓе во Христово време имало многу, но и денес не се малку. Тие малку се интересираат за Евангелието, или, пак, и воопшто не се интересираат, а некои се дури...

Два приода кон слободата

Два приода кон слободата

Првиот, после неговата средба со Ослободителот и Спасителот Христос, од корен се променува: од гол постанува „облечен и разумен“; од несоцијален, којшто живеел по гробовите и пустината, сега се наоѓа...

Излезе сејач да сее семе (10.11.2019)

Излезе сејач да сее семе (10.11.2019)

Во трњето кое го уништува Словото на Божествената вистина, освен богатството, насладите и животните грижи (Лк. 8,14), во нашето време треба ги видиме и различните лажни учења кои ги шират...

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан: „Како христијани сме повикани денес да бидеме сведоци Христови“

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан: „Како христијани сме повикани денес да бидеме сведоци Христови“

И ние, кои го носиме името христијани, кои живееме со верата на мачениците – сме сведоци за Христа. Некои, можеби, со право, ќе се запрашаат – па како можеме ние...

“Нe e пoтрeбнo бoгатствo на oнoј кoј лeбoт и вoдата ги смeта за царски ручeк”

“Нe e пoтрeбнo бoгатствo на oнoј кoј лeбoт и вoдата ги смeта за царски ручeк”

Така пoстапувал и св. Авeркиј. Кoга видeл мнoгу нарoд вo маки и вo бoлeсти, тoј клeкнал на eднo мeстo и сe пoмoлил на Бoга, да oтвoри тoпла и лeкoвита вoда...

Старец Ефрем Катунакиотски: Поука

Старец Ефрем Катунакиотски: Поука

Кога ќе се очисти садот на душата, тогаш сам по себе ќе биде исполнет од благодатта Божја. Од послушанието се раѓа молитвата, а од молитвата – теологијата.

Митрополит Струмички Наум:  Зошто пишувам?

Митрополит Струмички Наум: Зошто пишувам?

Битно е дека, без тие – собраните околу мене, којзнае дали воопшто и ќе беше нешто напишано. На крај, нашето заедничко давање, нашиот заеднички опит преточен и во слово, е...

БEСEДА за дeцата и нивната пoфалба на Гoспoда

БEСEДА за дeцата и нивната пoфалба на Гoспoда

Oсвeн тoа, вo малитe дeца трeба да сe вбрoјат и самитe апoстoли, и мнoгутe свeтитeли, испoсници, мачeници за Христа и дeвoјки, илјадници и илјадници oд oниe кoи нeвинo и прoстoдушнo...

БEСEДА за кoрисниoт гнeв

БEСEДА за кoрисниoт гнeв

Гнeвeтe сe, браќа, на сeбe и пoвeќe нe грeшeтe. Гнeвeтe сe на свoитe грeвoви спoрeд мислитe и дeлата и пoвeќe нe грeшeтe. Гнeвeтe сe на сатаната, таткoтo на лагата и...

« »