логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Специјално интервју на др. Ананија Ананиевски со Неговото Високопреподобие Архимандритот Гаврил (Галев)[1], игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк по повод  20 годишнината од неговото ракополагањето во јеромонашки чин.  Разговараат отворено за неговиот монашки живот, за неговата љубов кон миленичињата, за проблемите и предизвиците во мисијата при Австралиско-сиднејската епархија, за модернизацијата и напредокот на мисијата, за надминувањето и решавањето на проблемите…

 


1 – Високопреподобен Архимандрите, Вие во далечната 1998 година го примивте монаштвото, бевте замонашени од Вашиот духовен отец, Високопреосветениот Митрополит Струмички г. Наум. Оваа година изминуваат цели 20 години од тој миг. Кажете ни нешто за тоа како се одлучивте да бидете дел од монашкиот живот и за тие времиња од Вашиот живот?


 
Отец Гаврил: Монаштвото е, како што во тоа време блажениот архиепископ Охридски и Македонски г.г. Михаил (во чие време се обнови монаштвото во МПЦ ОА), ќе рече: „носечки столб и елитната војска” на Црквата Христова. Улогата на монаштвото во Црквата е незаменлива. Монах е оној кој во целост ја прифатил единствената Божја заповед за љубовта: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ и „Возљуби го својот ближен како себе си“ (Мат. 22,36-40). Оној којшто се одделува од светот за да биде поблизок со Бога, за истовремено во своето срце и молитви да го прегрне сиот свет и човештвото. Монахот на тој начин го носи крстот Христов и учествува во Неговиот живот и на себе ги носи Неговите рани.

Тоа беше време на духовен препород во Македонија, после распадот на комунистичкиот атеистички систем, кога на народот му беше дозволено без страв да си верува во Бога и да ги посетува црквите.

Во тоа време од страна на Српската православна црква (СПЦ) ни се замеруваше, бидејќи немавме монаштво, дека сме немале услови да бидеме признати како автокефална Црква.

Во 1995 година со доаѓањето на монахот Наум, којшто неговото монашко искуство го црпеше од непрестајните врутоци на Богородичната градина на Света Гора, кого Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) го избра и го хиротониса за Митрополит на Струмичката епархија, се исполни и тој услов. Доста млади души се собраа околу него од кои некои го зедовме на себе крстот на монашкиот живот.

Благодатата да се биде монах во тоа време беше голема. Иако условите беа несоодветни и тешки, а општествените прилики опасни, сепак Божјата благодат, не охрабруваше и привлекуваше. Благодатта Божја, по барање на Богородица, го возобнови монаштвото во Македонија. Оттука почна првото монаштво во возобновената МПЦ-ОА, од манастирите Велјуса и Водоча.

Подоцна, сè стана поинаку. Фала му на Бога, сега има повеќе од 200 монаси и монахињи во над 20 – тина отворени манастири и сета атмосфера е сменета на подобро.

2 – По неколку години поминати во Македонија, кога во 2006 година со благослов на Високопреосветениот Митрополит Струмички г. Наум, од позиција на игумен се одлучувате да дојдете во Австралија, на некој начин се случува пресвртница во Вашиот живот. Вие бевте првиот македонски монах на Австралиско тло. Македонскиот народ со радост Ве прифати уште од првиот ден, а нивните симпатии кон Вас траат до ден денес. Поради кои причини се одлучивте да дојдете во Австралија? Со какви се предизвици се соочивте и што сѐ остваривте?

 



Отец Гаврил: Да, со благослов на мојот духовен отец, Високопреосветениот Митрополит Струмички г. Наум, дојдов во Австралија и бев прв македонски монах овде. Како се одлучив? Иако знаејќи за црковните проблеми во Австралија, сепак не беше тешко да се одлучам. Монашкиот живот се базира на послушание и избирање на последното место во копнеж за духовно восовршување. Во тоа време, Владиката Наум го подготвуваше својот докторски труд: „Исихазмот во светогорското монаштво од 20 век“, каде уште во првата глава се вели дека ако сакаме духовно да напредуваме треба да се откажеме од себе, да бегаме од секаква светска суета и причина за високомислие, избирајќи послушание кон не толку познат старец, во непознат манастир и во туѓа земја, каде и јазикот не го знаеме. Друга причина беше љубовта кон мојот народ, а секако пред сè почитта и довербата кон мојот духовен отец.

Почетокот не беше лесен. Народот не знаеше ништо за монаштвото, па и свештениците немаа искуство. Условите кои ги имав во Македонија и тука беа сосема различни. Во Македонија веќе имавме организирани и изградени манастири и солидни услови за монахување, што не беше случај и овде. Овде сè требаше да се почне од нула. Се трудев да градам искрени личносни односи со луѓето кои, како што кажуваш, и до ден денес траат.

Предизвиците не беа мали и лесни, но фала му на Бога, со Божји благослов сè почна од почеток и колку во тоа е успеано, Господ знае. Секогаш има можност за повеќе, а секако, може да биде и полошо. Каде сум јас на тоа скалило, не знам. Само знам дека сè лошо беше од мене, а доброто од благословот на мојот духовен отец.

3 – Скоро 10 години бевте игумен на манастирот „Свети Прохор Пчински“ во Донибрук. Чудна е Божјата промисла, па во 2016 година ја започнавте својата мисија во новоформираната Австралиско – сиднејска епархија. Бевте назначени за игумен на првиот македонски манастир „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, Мелбурн, но таа цела година ја поминавте во Сиднеј, во мисија при Црковната општина „Света Петка“ во Рокдејл. Вие се соочивте како јеромонах да извршувате парохиска дејност. Кажете ни нешто повеќе за тоа искуство поминато како парохиски свештеник во Рогдејл?

 

Отец Гаврил: Воопшто не е лесно и наивно за монах да живее во светот и врши парохиска служба. Утеха ми беше што живеев сам во стан на седми спрат и го гледав само небото и морето во далечината. Друштво ми правеше Илчо, моето папагалче.

Ја прифатив таа служба како послушание и од почит кон мојот претпоставен владика, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, Митрополит Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски. На 31 јули ми кажаа дека треба да одам за Сиднеј, бидејќи во црквата „Света Петка“ останале без свештеник, а претстојуваа два големи празници, Илинден и патрониот празник на Света Петка. Така што веќе наредниот ден бев во Сиднеј и тоа нема никако да го заборавам. Мојата прва средба со парохјаните. Тие знаеја за одлуката на владиката Петар дека го повлече својот свештеник и не знаеја што ќе се случува во иднина. Кога на 2. август се појавив во храмот, нивните лица, нивните солзи, нивната радост и благодарност кон Бога дека не се оставени, ме трогнаа и мене до солзи. Тоа не се заборава.

Целото време додека бев таму имавме прекрасна соработка. Во голема мера се врати довербата кон свештенството, раскараните браќа и сестри се помирија и луѓето се вратија во Црквата.

Според мене, тоа се мили и чесни луѓе, верници и родољуби. За време на таа година помината во Сиднеј, запознав прекрасни луѓе со кои се надевам дека и понатаму ќе имаме можност да ги одржуваме контактите. Морам да издвојам некои од нив и јавно да им се заблагодарам. Многу сум му благодарен на проф. Роберт Наумоски, кој секогаш беше тука за мене, да ми се најде и помогне во секоја прилика и неприлика, заедно со неговата сопруга, Маја Наумоска, која понекогаш доаѓаше директно од работа (работеше и трета смена) и со нејзиниот милозвучен ангелски глас ми пееше на Литургиите. Голема благодарност и до претседателот и целиот управен одбор на ЦО, исто и на сестра Викторија која ме прифати како свој син и ми помагаше во Црквата и многу други. Да не бидам неправеден, искрено се заблагодарувам на сите нив, кои најискрено ме прифатија и на некој начин направија тој мој крст да ми биде полесен.
 
4 – Познат сте како голем љубител на животинскиот свет. И во манастирот во Донибрук, па и овде во Кинг Лејк како што гледам сте опкружени со животни. Од каде таа голема љубов кон нив и во моментот колку миленичиња имате?

 

Отец Гаврил: Ги сакам животните. Сега не толку, но порано, во поранешниот мој манастир во Донибрук, имав разновидни животни и имав план да отвориме мини зоолошка градина за децата, или како што овде ги нарекуваат „Children farm“.

Животните се дар од Бога за наша помош и утеха. Од нашиот однос кон нив се чита и содржината на нашето срце. Како што вели нашиот народ: „кој не ги сака животните, не ги сака ни луѓето“. Не треба да ги идеализираме и изедначуваме со луѓето, но да ги сакаме и да не ги малтретираме.

Многу нешта може да се научи од нив. Во денешно време кога свеста и љубовта во човештвото се заладува и затемнува, Бог, како што порано преку магарицата на Валаам, прозборела и ги опаметила, така и сега во ова време на еден начин преку нив ни говори. На, пример, имав папагал кој се молеше, па ако тој ја научи и ја повторуваше Исусовата молитва, колку повеќе ние луѓето. Или сега на пример папагалчето Илчо што го имам, е најдобар другар со моето маче и сакаат да си играат. Па ако тие, кои во суштина треба да бидат непријатели, знаат да се разберат и здружат, колку повеќе ние Македонците овде, кои зборуваме еден ист јазик и имаме иста култура и потекло?! И уште многу такви примери.

Нормално, морам да напоменам и за да не бидам погрешно разбран, треба да имаме правилен однос кон нив. Сепак тие се само животни и тоа го прават инстинктивно, а ние сме слободни личности создадени според образот и подобието Божјо.

5 – Во ноември минатата година за време на посетата на Македонија го добивте и највисокиот монашки чин – Архимандрит. Како си поминавте овој пат во нашата Татковина, со какви впечатоци се здобивте и секако какво е чувството со највисокиот монашки чин?

 

Отец Гаврил: Си ја сакам мојата земја и мојот народ и секоја година доаѓам во Македонија. Со секое мое враќање назад се стекнувам со некое ново искуство и впечаток. Овој пат, да бидам искрен, помалку и разочаран се вратив.

Производството во архимандритски чин, кое беше буквално во последниот ден и беше потполно изненадување и неочекувано за мене – ме подигна духовно. Иако многумина, кога ме испраќаа од тука, ми го посакуваа. Веќе се подготвував за заминување. Ја напуштив Струмица и моите браќа и сестри. Се поздравив и со мојата мајка во Штип и требаше да преноќевам кај брат ми во Скопје, за утредента да одам на аеродром. Кога бев во Скопје ми се јавија да дојдам во Куманово на бдение, каде што Неговото Високопреосвештенство г. Наум во сослужение на нивните Високопреосвештенства г. Јосиф Кумановски и г. Јосиф Тетовски, ме произведе во чин архимандрит и ми даде да носам надграден крст и жезол.

Архимандритскиот чин за мене недостојниот е само уште една поголема одговорност пред Бога и духовните чеда, кои ми се доверени. Искрено им благодарам за нивната доверба и се надевам дека достојно ќе ја оправдам истата.

6 – Знаеме дека треба контуинирано заеднички, согласно и правилно да се работи и допринесува за успех и преуспевање на Епархијата и Заедницата, меѓутоа, на тој пат често во минатото, па и сега сведоци сме дека постојат разни препреки, па и грешки. Во што го гледате главниот камен на сопнување и според Вас како најактивен пастир како најбрзо би се решиле сите црковни проблеми на МПЦ-ОА во Австралија и Нов Зеланд?

 

Отец Гаврил: Според мене, недовербата и искушението на клирикализмот, современата ерес во Црквата, се најголемата пречка. Најнапред треба да знаеме што е правилно за Црквата и кои односи и правила владеат во неа и нашиот живот да го усогласиме според тоа.

Грешките се неминовни кај оние што работат. Но грешките се и за поправање. Нив можеме да ги поправиме единствено на добар начин, посебно за нас во Црквата. Ништо не е добро, ако се постигнува на лош или погрешен начин. Работите се поправаат и менуваат суштински, ако ги прифатиме како свои и лично се менуваме на добро.

Свештениците не се некоја посебна група на луѓе, кои треба да се изолираат од народот и за нив да владеат други закони. Тие треба да се со народот и народот да ги чувствува како свои. Вистински лидер не е оној кој стои над народот, туку оној кој оди пред народот. И тогаш ќе биде, како што вели светиот апостол Јован во своето Евангелие: „Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од другата страна, крадец е и разбојник; а кој влегува низ вратата, пастир е на овците; нему вратарот му отвора и овците го слушаат гласот негов, и тој ги вика своите овци по име; и ги изведува. И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, и овците одат по него, бидејќи му го познаваат гласот негов; а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат“ (10,1-5).

Заемната доверба и почит мора да се подобрат. Тоа е единствениот услов да се надминат сите наши недоразбирања и проблеми и мислам дека треба да им се врати потребната почест и благодарност на пионерите и дејците преку кои овде почна сè. Не смееме, а и грев е, да го негираме нивното дело, макар и да имале грешки.

7 – Сведоци сме на засилена црковна мисија на Австралиско-сиднејската епархија кај народот. Со благослов на надлежниот архиереј, Митрополитот г. Тимотеј се формира Епархиски црковно-просветен собор (ЕЦПС), кој се зафати со работа на низа проекти. Што сè досега се има направено на мисионерско поле и колку тие мисионерски проекти помагаат во процесот на воцрковување и духовен напредок на Македонците во Австралија и како истите се прифатени?

 

Отец Гаврил: Со Божјиот благослов и благодатта, како и со благословот на нашиот надлежен архиереј дедо Тимотеј, преку чиј благослов се формира Епархиски црковно-просветен собор (ЕЦПС), кој сериозно се зафати со работа – успеавме да внесеме првична свежина на мисионерското поле и со тоа да влијаеме на зголемување на духовноста кај верните.

Се формира посебно епархиско тело – Информативна служба, која ја направи епархиската веб-страна www.mpcaus.org, како и епархиските социјални мрежи: фејзбук, инстаграм и ју-туб страница, кои и денес секојдневно функционираат и ги информираат верниците. Исто така се разви богата просветно-издавачка дејност. Се формира и од печат излегоа првите три броја, а во поготовка е и четвртиот број на епархиското списание „Православие“. За прв пат се отпечати и епархиско џебно Православно календарче за 2018 година. Електронски излегува епархискиот билтен „Преображение“. Пред извесно време од печат излезе и епархиската периодика „Кинонија“, како и богослужбената книга „Божествена литургија на свети Јован Златоуст“.

Сите овие проекти заедно, сигурно допринеле и допреле до некоја мила човечка душа, која благодарение на нив, успеала да го започне своето духовно патување. Затоа охрабрени и поттикнати од нашите верници за сето ова што до сега сме го направиле како тим – ќе продолжиме и во иднина да ги радуваме сите нив и да допренесуваме нивниот број, бројот на верното стадо да расте и да се зголемува Црквата Божја.

8 – Периодов се чини дека со доаѓањето на неколку нови млади свештеници постепено, но сигурно се става крај на повеќето проблеми, кои долго време ја мачеа македонската заедница. Со тоа се утврди дека на МПЦ-ОА во Австралија и е потребна нова млада и свежа крв, нови луѓе кои ќе внесат свежина. Единствено нешто што недостасува е конечно обединување на двете епархии во една, која конечно ќе биде возоглавена од нов Митрополит, со постојано седиште во Австралија. Народот има најголема доверба во Вас. Доколку Светиот архиерејски синод би укажал благоволение за конечно решавање на проблемите и Ве назначи за архиереј, дали би го прифатиле тој Божји повик?




Отец Гаврил: Кој ќе стане Митрополит за Австралија и Нов Зеланд одлучува САС на МПЦ-ОА, така дали ќе бидам тоа јас, не зависи од мене. Синодот го бира, а народот го потврдува.

Знам само дека за еден монах, кој треба да се труди во своето смиреноумие и умирање за светот, погубна е помислата да сака да напредува во јерархијата, посебно да сака да стане владика. Затоа ова прашање го оставам на Божјата волја и одлуката на САС на МПЦ-ОА.

Голема благодарност кон неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, кој со неговото доаѓање како Администратор на новоформираната Австралиско-сиднејска епархија, и покрај тоа што некои негираат, направи многу. Тој и порано бил надлежен Митрополит за цела Австралија и добро му се познати луѓето и околностите, така што со неговата пастирска мудрост се нафати во нормализирање и поправање на сите негативности и пропусти од минатото. Новите свештеници се само дел од таа негова грижа.

9 – Вие сте и претседател на Македонската православна младина на Австралија (MOYA).  Секојденевно сте во контакт со младите и заедно остварувате голем број проекти. Пред скоро време во манастирот во Кинг Лејк беше одржан и 11-ти по ред Македонски православен семинар. Какви проекти и активности заедно со младината очекувате да остварите во наредната 2018 година?

 

Отец Гаврил: MOYA постои веќе 12 години, со моето доаѓање во Австралија, и активно фунционира помеѓу нашата младина и до сега има спроведено многу успешни проекти. Младинскиот годишен семинар е главна активност на МOYA, така што и оваа година успешно се спроведе.

Минатата година, младите, мене ми ја доверија честа да бидам претседател на Oрганизацијата. Наскоро треба да има ново генерално собрание на кое ќе говориме за она што се постигнало во минатата година и она што го очекуваме во претстојната. Јас полека стареам и веќе не сум толку млад, затоа треба новите свештеници да се потрудат и да ја преземат работата со Младинската организација. Ќе се избере ново раководство кое ќе продолжи понатаму да ги диктира активностите помеѓу младите. Мене ми е мило што MOYA еве веќе дванаесет години постои и фунционира и прерасна во препознатлива и важна Организација на нашата Црква и македонската заедница.

10 – Често ја користите приликата да остварувате посети и контакти со претставници од Помесните цркви? Какви се релациите на МПЦ-ОА со Помесните православни цркви кои битисуваат на Австралиско тло?

 

Отец Гаврил: Тоа го сметам за нешто неопходно и сосема нормално да комуницираме и одржуваме контакти со другите сестрински православни цркви. Ги знаеме нашите проблеми околу потребата за афирмирање на МПЦ-ОА. Австралија е мултиетничка и мултикултурна држава, која ги негува тие меѓуетнички односи и ние тоа треба паметно да го искористиме.

Честопати, пред да појдам на таквите средби се двоумам и се прашувам како ќе бидам прифатен, но секогаш ме прифаќале најискрено и со отворено срце.

Затоа сметам дека најнапред тоа треба да го направиме личносно во подобрување на нашите пријателски личносни односи, а потоа и административно.

Во секој случај, треба да сме отворени, да комуницираме и да сме свесни дека ние сме потполна Црква и дел од едната, света, соборна и апостолска Црква.



11 – Како одговорен уредник, што мислите за списанието „Православие“, дали тоа придонесува за развитокот на мисијата на новоформираната Австралиско – сиднејска епархија во запознавањето на своите верници со верата и епархиските настани?

 

Отец Гаврил: Мисијата во сите нејзини облици, меѓу кои и пишаното слово, е основен продукт, плод на една Црква. Плод којшто во исто време е семе за поголеми плодови. Знаејќи го тоа, не се двоумевме во организирањето и издавањето на нашето епархиско информативно гласило, кое го нарековме едноставно „Православие“. Со многу малку активни луѓе, но со голем ентузијазам, несебично се заложивме „Православие“ да изгледа поатрактивно и поприфатливо за нашиот човек овде, кој има насушна потреба од духовна храна.

Засега имаме издадено три броја и покрај добрите критики, мислам дека сè уште е рано да зборуваме за реални резултати, но секако дека придонесува за развитокот на мисијата на новоформираната Австралиско-сиднејска епархија.


12 – За крај, Ваше Високопреподобие, која пастирска порака би сакале да им ја испратите на читателите на нашиот сајт?

 



Отец Гаврил: Имам само една желба, а тоа е мојот народ да го видам обединет и единствен. Треба да знаеме дека ѓаволот е единствениот наш непријател, а не човекот, па понатаму кон него да бидат усмерени сите наши борби. Ние луѓето, понекогаш, кога ќе ја промашиме Божјата волја, помалку или повеќе, му служиме (на ѓаволот) и на тој начин се повредуваме. За жал, многу пострадавме од непријателот, однадвор и одвнатре, но да заборавиме. Да ги надминеме сите наши непријатности и да погледнеме нанапред. Многу е пропуштено, но ако сè уште се свртуваме назад, ќе го пропуштиме и тоа што можеме да го спасиме. Ако се концентрираме на тоа сегашноста да ја направиме добра, тогаш и иднината ќе ни биде посигурна и посреќна. Нема кој да го направи тоа за нас. Сами треба да се потрудиме. Да почнеме секој од себе и на тој начин ќе им помогнеме на сите, на заедницата. Друг пат, па и избор, немаме.

Нека Господ и Богородица бидат со сите нас и ни помагаат во сите денови од нашиот живот. Амин!


[1] Архимандрит Гаврил (Галев) е роден во градот Штип, Р. Македонија. Православен богословски факултет завршил во Скопје. Замонашен е од страна на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Струмички г. Наум. По десет години поминати во Струмичката епархија, Божјата промисла во 2006 година ќе го однесе отец Гаврил во Австралија, каде е прв македонски монах. До 2016 година бил игумен на манастирот „Свети Прохор Пчински“ во Донибруг, во околината на Мелбурн. Потоа една година поминал во Рокдејл, во близина на Сиднеј, каде како старешина на храмот „Света Петка“ извршувал и парохиска служба за потребите на тамошниот народ. Во ноември 2017 година е ракопроизведен во архимандритски чин. Денес е игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк при Австралиско-сиднејската православна епархија. Освен тоа моментално е претседател на Македонската православна младина на Австралија (MOYA). Многу е активен на мисионерското поле и еден е од основачите на епархиското списание „Православие“. Сите овие години е многу активен пастир и доста почитуван од македонскиот народ.


 

28. 02. 2018

Разговорот го водеше:

др. Ананија Ананиевски,

заменик претседател на MOYA и член на ЕЦПС

 

 

Извор: http://mpcaus.org/intervju-so-arhimandrit-otec-gavril-galev/



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Мај 28, 2019

Свети Леонтиј Струмички, патријарх Ерусалимски

Живеејќи во покаен плач и солзи се издвојуваше по особеното почитување и љубов кон нашиот Господ и Неговата Пресвета Мајка. Иако сè уште млад, Преподобниот презема на себе еден тежок подвиг: одеше по улиците на царскиот град правејќи се дека не е со здрав ум,…
Ноември 25, 2018

Акатист кон свети Нектариј Егински

КОНДАК 12Трудејќи се, си ја умножил благодатта дадена од Бога, рабу Божји, добар и верен Нектариј, затоа направи и ние да ја завршиме духовната работа и стекнувајќи ја заработката, да Му запееме на Христа: Алилуја!

Житие на преподобна Параскева – Петка (Епиватска или Трновска)

Окт 30, 2018 Житија 1450
Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на…

Светскиот првак Адам Ондра во посета на Бигорскиот и Рајчичкиот манастир

Окт 28, 2018 Настани 911
Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки…

ПРЕПОДОБЕН ПАХОМИЈ ВЕЛИКИ

Окт 18, 2018 Житија 1172
Паралелно со преподобниот Антониј Велики, основачот на пустинското, анахоретско монаштво,…

Беседи

Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поради тоа, браќа, бидејќи нè очекува бесконечна мака, да се потрудиме преку подвиг да ја избегнеме, со милостина да го пречекаме бедниот и да го угостиме, примајќи го туѓинецот, гладниот...

 Викарен Епископ Јаков Стобиски: Недела на слепиот

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Недела на слепиот

Но, слепиот човек прогледал дури во оној миг кога станал послушен на Божјата заповед и ја прифатил Божјата промисла за себе, која била поинаква за него, ако ја споредиме со...

Стефчо Беќарски:✥  ШЕСТА НЕДЕЛА ПО ВЕЛИГДЕН ✥

Стефчо Беќарски:✥ ШЕСТА НЕДЕЛА ПО ВЕЛИГДЕН ✥

 Духовното гледање претставува гледање на вистината. Вистината се состои во сфаќање на фактот дека сите ние сме грешни. Духовниот поглед се избиструва кога човекот ќе биде способен да ги открива...

БEСEДА за свeтитe Бoжји луѓe

БEСEДА за свeтитe Бoжји луѓe

Какo гoвoрeлe и какo гoвoрат свeтитe Бoжји луѓe и вeли: “Збoрувалe прoсвeтувани oд Свeтиoт Дух”. Значи, тиe нe гoвoрeлe спoрeд свoeтo умувањe, ниту спoрeд свoeтo памeтeњe,ниту спoрeд свoeтo учeњe, ниту...

За силата на смртта и на крстoт Христoв

За силата на смртта и на крстoт Христoв

Кадe самo ќe сe прoизнeсe имeтo на Спаситeлoт, таму сe изгoнува сeкoј дeмoн. Кoј вo таква мeра ги скрoтил душeвнитe страсти, и блудницитe да живeат цeлoмудрeнo, и чoвeкoубијцитe пoвeќe да...

Митрополит Европски Пимен: “Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така?“

Митрополит Европски Пимен: “Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така?“

“Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да...

БEСEДА  за идoлoклoнствoтo какo прeљуба

БEСEДА за идoлoклoнствoтo какo прeљуба

Каква e таа прeљуба штo ја направил Израилoт и Јудeја (т.e. израилскиoт и јудeјскиoт нарoд) сo камeн и сo дрвo? Тoа e пoклoнeниeтo на идoлитe oд камeн и oд дрвo....

БEСEДА за Христoвoтo oсвeтлувањe

БEСEДА за Христoвoтo oсвeтлувањe

Христoс e пoтрeбeн и на пoчeтoкoт и на крајoт. Какo штo на дeтe кoe сe дави му e пoтрeбна рoдитeлската рака за да гo извади oд вoдата и пoтoа да гo...

Милан Ѓорѓевиќ: Томина недела

Милан Ѓорѓевиќ: Томина недела

Навистина, сомнежот е движечка сила на научната и истражувачката работа, но истиот тој сомнеж претставува голема пречка за црковниот живот, кој се темели врз верата, а не врз набљудувањето, експериментирањето...

« »