Кон книгата на Данило Коцевски: „Побуна на интелектуалците“ - есеи и литературни записи, „Улис“
Гане Тодоровски
Почнуваме разговор за книга, неодамна излезена од печат, а во издание на штотуку разгласена нова издавачка куќа од Скопје, која, ете, уште со својот почетен бран од наслови се обидува да издвои внимание и респект кон жанровското подрачје на литературната критика и есеј, па ни ја понуди на увид во своја едиција „21 век - критичка мисла“ книгата на Данило Коцевски „Побуна на интелектуалците“. Очевидно, издавачот најавува атрактивна серија од изданија кои ќе настојат да ја вратат во нашиот недефиниран културен простор довербата, интересот и неопходноста од попрепознатливо присуство на живата литературно-критичка мисла, од која во последниве години, календарски развлечени во статистички податоци, како да се чувствува извесен недостиг.
Во оваа смисла книгата на Данило Коцевски „Побуна на интелектуалците“ не само што е добредојдена, туку претставува вон секакво сомневање аргумент на надеж дека сепак и сепак нешто се движи. Конечно, живееме во време на силно нагласени корекции во сета општествена структура, процеси, кои сме ги именувале како период на транзиција и во кои и културата, т.е. нејзината гласовита област - литература ќе минат низ преобразби што ќе предизвикаат резултати од општа корист. Дали времето се менува, па и ние со него или ние се менуваме, па и времето со нас - сосема е сеедно. Важно е дека постоиме за да се менуваме. Рекле своевремено умните луѓе дека промените се најпостојаното нешто на овој свет. Данило Коцевски презел врз себе благородна обврска да не' убеди во тоа, токму во тоа, дека не смееме да им се противиме на промените!
Ете, во име на таквата дисциплина, која ќе му соопшти на светот околу нас дека умееме и ние да ги препознаваме своите колосални недостатоци, Данило ги присобрал своите коментари за нашиот проточен културно-историски миг во книга од есеи, литературни записи, вознемирени согледби, есеистички и публицистички коментари што ја нарекува „Побуна на интелектуалците“. Како преттекст го ставил мотото од Жан Пол Сартр: „Дали интелектуалците се виновни? Ако се, во што е нивната вина?“ На овој начин, тој ни става до знаење дека и во нашево чудно и до крај недефинирано цивилизациско поднебје најверојатно постојат профили на интелектуалци, на кои им претстои или им прилега и чинот на револтот наречен побуна, термин што содржи реа на анахронизам или на синдикално сфаќање на светот, па препознавањето на ваквото малцинство во РМ, се' уште без свое заслужно место во Уставот на РМ, малцинство кое не се бори за своите права, бидејќи верува дека ги има, малцинство за кое потајум и самиот автор на книгава со експлозивен наслов ги потсетува дека е редно, во некој дождлив и подзастуден ден да ги преполнат улиците на нашите градови со гласни и шумни протести против бојажливата митнотија и молк на нашава културна провинција.
Ваква добромислечка позиција настоиме да откриеме во оваа книга, најверојатно. Авторот се погрижил да не' поткрепи почетно во таквата настојба. Во својот ненасловен вовед тој се погрижил да не' информира за својата творба на духот со технички податоци, нанижани во курзив:
„Текстовите во книгава се пишувани од почетокот на деведесеттите години од минатиот век, па се' до денес. Станува збор од критичко-есеистички интонирани до нагласено-полемички текстови. Во нив се настојува со една критичка опсервација и острица да се согледа духот на нашето време и повеќето феномени поврзани со уметноста, културата, политиката, културната политика, урбаните феномени, општественото живеење, воениот конфликт, политичката философија. Дали во вака комплексно опсервираните феномени станува збор за побуна или „побуна“ на интелектуалците, самиот читател ќе заклучи! Во секој случај ова е обид не да се „избега“, туку напротив, да се биде во фокусот на настаните. Да не се молчи. Текстовите се објавувани во „Пулс“, „Денес“, „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вечер“. “
Иако мошне здржано или скромно како самопретставување, ова предговорче во курзив си има свое одредено значење, барем како авторска декларација, во чие финално созвучје се вели: „Да не се молчи!“ и „Да се биде во фокусот на настаните“. Резимирана е, значи, како полезна услуга за читателите основната позиција на авторот - аналитичката платформа, јасната перцепција преку која се разгатнуваат парадоксите на времето коешто го живееме и спецификите на просторот каде што создаваме како луѓе на перото. Во богатата синонимија на критичкиот суд се случува, не толку како изненада, туку пред се' како неизбежност и неопходност едно почетно и полезно здогледување на одважен допир до посакувание дефиниции на националните стратегеми.
Овдека ќе подзапреме, колку за мал прездив, за да се доречеме појасно и попрецизно: многушто се кажува и пишува денес врз страниците на нашиот дневен и седмичен и периодичен печат, прекубројни се колумнистите во нашите малутиражни гласила, на кои им обрнуваме или не им обрнуваме воопшто внимание како читатели, но, треба веднаш да се доближиме до една ноторна вистина дека рамништето, бездруго интелектуално (нели авторот сам се декларира како еден од многуте такви) е на своевидно повисоко рамниште, не само од просекот на литерарната писменост, туку и од репертоарот на проблемите за кои се говори. Данило Коцевски, случајно или неслучајно роден во годината кога е формирано Друштвото на писателите на Македонија (1947) проштевајте за овој вонлитературен отклон, како да се натоварил со бреме што успева да го крепи врз своите плешки - со улогата на разбиструвач на моментниот духовен, морален, општествен, државен, национален, историски, цивилизациски или да го речеме тоа низ еднозбор - сестран хаос, денес и овде; улога, која без оглед на фактот дали содржи одредени профетски или месијански димензии (нека да не се плашиме од овие крупни и недосетливи зборови! - бидејќи кој ли друг ако не литературата ќе смогне да ги осмисли?) е најдиректно доречување на она што кон средината на 19 век го фрли во јавен оптек Григор Прличев: „Познај се себеси, почитувај се себе си, чувај се себеси!“
Се чини, овдека е логично и да ги заокружиме или завршиме нашите кажувачки за книгата „Побуна на интелектуалците“ од Данило Коцевски: понудена ни е за прочит, за комплетирање на постојните знајби за самиот нас, за нивно поврзување во разјаснета целина синтеза на неколку драгоцени нешта - како прво, богата информација за големата мисија на литературната уметност во светот, за нејзината улога денес, за двонасочните релации на нејзиниот проток меѓу јазиците и културите; како второ, штедра сугестија за големата улога на литературната уметност во нашиот јавен живот; и како трето - категорична препорака за многузначајната и престижна мисија на литературната уметност во еманципаторските процеси на нашето општество денес. Сето тоа означува евидентен влог во силната одбрана на критичката смисла, која очевидно ни недостасува како насушност.
Книгата „Побуна на интелектуалците“ од Данило Коцевски е книга-компендиум за литературните гурмани во нашата средина.
Извор:Утрински весник