логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Отец Филотеј Фарос

 

Евангелието вели, дека кога семето ќе падне на земјата и нема да умре, тоа е бесполезно. Но, ако умре, дава многу плод и богата жетва.
Кога сопругот одбива да “умре“ за својата сопруга, последиците се страшни. Првата последица е самотијата. Се додека сопругот се грижи само за себеугодување, тој самиот себеси се осудува на самотија. Ако не ја надживее загубата на љубовта кон себе си, нема надеж да породи љубов кон себеси во својата сопруга. Тој треба да дозволи, “сигурноста“ во него да умре, пред да вкуси од полнотата која што ќе му даде чувство на сигурност, во љубовта на неговата партнерка.

Ако семето не умре во земјата, тоа останува само. Има многу нешта кои ги држат брачните партнери на растојание еден од друг. Многу од тие нешта треба да умрат, за животот на брачниот пар да се исполни со љубов. Семето кое треба да умре, не е ниту личноста, ниту љубовта на сопружниците, туку нивната внатрешна заштита и одбранбени ѕидови, кои самите тие ги издигнуваат за да се одбранат себе си. Но, љубовта е нешто кое треба да му се предаде на другиот, за да може да  живее и расте.

Ако заштитата и овие ѕидови на претпазливост не паднат, сопружниците може да престанат да ги споделуваат важните собитија од животот и тогаш разочарувањето и недовербата се таложат и малку по малку раѓаат оттуѓување, оддалечување и самотија. На крајот, за нив станува невозможно да зборуваат еден со друг или взаемно да се слушаат, на каков и да е јазик и со какви и да се зборови или дејства.

И пак ќе повторам, за да профункционира бракот, сопружниците треба да ги срушат заштитните зидови. Тоа означува дека игрите кои луѓето ги играат, маските кои ги носат, цветните очила низ кои го гледаат партнерот, маневрите со кои се обидуваат да ги контролираат емоциите и дејствата на брачниот другар, сето тоа се заштитни механизми и треба да се отфрлат.

Житното семе треба лека-полека, да изрти во земјата на взаемната почит, на взаемната доверба, за да се развие во взаемна рамнопоставеност, заснована на почит и доброволност. Тогаш новиот никулец на љубовта ќе расте на здрава земја, со чувство за личното постоење и вистински интерес кон сопружникот. Бурите се неопходни, за да го расчистат воздухот од недоразбирањата. Светлите зраци кои се појавуваат низ облаците од бурата, создаваат еден прекрасен небесен бран на можности за семејната врска.

Стремежот кон ваков вид заеднички живот, воопшто не означува загуба на автономноста на сопружниците. Затоа не е добро, ниту еден од сопружниците да има чувство дека е бесполезен без другиот. Секој од нив треба да е слободен да може да стои на “две нозе“, да бара независни интереси и да има некое време за себеси, ако е неопходно. Вакво “идеално растојание“ е предуслов за постигнување “идеално зближување“.
Во исто време, секој од нив треба да чувствува дека го завзема првото место во животот на својот партнер.

Взаемното почитување и восприемање помагаат повеќе од се друго, секој од сопружниците да се прифати и засака себеси и да го ограничи патолошкото себеосудување, срамот и вината за старите и новите грешки и неуспеси. Сопружниците можат взаемно да се ослободат од заморните психички процеси на самољубење, така што ќе го искористат искуството произлезено од нивните претходни грешки.

 За да биде возможно, еден човек да изразува таква почит кон својот партнер, тој треба да верува во Бога, Кој го создал човекот со потенцијал да постане како Него – преку благодатта. Тогаш ќе може да си верува и себеси. Тогаш ќе може да верува во апсолутната вредност на другиот, кој може да го осуштестви божествениот залог, кој се крие и во него.


Вистина е дека сите ние чувствуваме потреба, другите луѓе да не почитуваат и да имаат потреба од нас. Затоа во бракот е неопходно, сопругата да го охрабрува својот сопруг во неговата професионална работа, да му се восхитува и да ги признава неговите резултати. Но сопругот не смее да заборава, дека и сопругата ја има истата потреба; да знае дека луѓето имаат потреба од нејзиниот придонес, дека има успех и не е добро да пропушта да го изрази своето признание за нејзиниот труд, било како домаќинка и мајка, било во сферата на нејзината работа.
Ниеден од сопружниците не може да смета само на помошта од другиот, за да продолжи личносно да се развива, туку во бракот треба да гледа прекрасна можност за личен развој и подобрување на неговата адаптибилност и во, и надвор од семејството. Доколку човечката личност се наоѓа во непрекинат процес на развој, секој сопружник треба за главна своја цел да има да стане колку што може повеќе по-совршена личност. И поконкретно, секој сопружник треба да се обиде да ги развива оние квалитети кои го прават по-сакан, коишто ја прават неговата личност по-привлечна, за да биде колку што може повеќе по-возљублив сопатник во животот.

Новобрачните имаат разнообразни дарови, кои заслужуваат да се развиваат (умножуваат) и секој треба да го охрабрува другиот да ги развива тие потенцијали, така што ќе го обогати колку може повеќе, семејниот живот. Младата жена нека продолжи да чита, нека ги развива своите интереси за музиката или за било какви творечки или интелектуални интересирања кои ги  има, а сопругот нека ги развива своите професионални квалитети, како и другите таланти кои му се дадени. Секој нека си постави за цел, да ја обогатува и оплеменува својата личност, така што ќе придонесе и за обогатувањето на нивниот брак.

Иако внатрешната убавина има многу поголема сила и значение од надворешниот изглед, нашиот генерален впечаток за луѓето, вклучувајќи ги и најблиските, делумно зависи и од нивната надворешност. Затоа е неопходно внимание кон онаа страна од нашата привлечност, која зависи од грижата за надворешниот изглед и од нашиот добар вкус. Како мажот, така и жената, треба да продолжат со добронамерна грижа за својот надворешен изглед (се разбира не предизвикувачки).

Секој човек, за да се почитува себеси, треба да чувствува дека поседува некаков потенцијал, талант или способност да работи нешто. На сите ни е потребно да имаме нешто кое можеме да го постигнеме, за да имаме самопочит. Ако не постои некаков предизвик (проблем), којшто треба да го надминеме, се измачуваме. Ако имаме потенцијали кои никогаш не сме ги искористиле, се чувствуваме непотполни, бескорисни.

Несомнено дека личната преокупација на сопругата ќе изискува време и разделеност од сопругот. Тоа може да се готвачки вештини или шиење, или пак развивање на некој музички талент или аџилак, или учество во некоја социјална дејност или било што друго. Каква и да е нејзината особена харизма, таа треба да чувствува дека може да ја развива, а мудриот партнер ќе треба да му даде можност на другиот, да ги умножи своите таланти. Сопругата која непрестано му префрла на својот маж, дека одвојува премногу време за градината, или пак сопругот кој ја обвинува својата жена дека често оди кај соседите, можеби цели токму таму, каде што  партнерот го црпе своето чувство за самопочит. Сопружниците треба да бидат доволно мудри за да востановат, што е тоа кое на партнерот му дава самопочит, и да му дадат можност и слобода тоа да го развие.

Но, ќе треба повторно да нагласам, дека индивидуалниот развој на личноста, не е ниту целта на бракот, ниту цел на христијанскиот живот. Ова изгледа не го разбираат феминистичките движења и тоа е ’ахиловата пета’ на многуте слични “ослободителни“ движења, за коишто спасението се поистоветува со себе-исполнувањето, а групите за емоционален развој, отворените бракови и слични на нив, се одлучуваат за магичните начини тоа себе-исполнување да се реализира.

Но тешко на оној човек кој себе-исполнувањето ќе го претвори во цел на својот живот. Ние сме создадени за да се предаваме себеси на другите и на Бога, и кога го бараме исклучиво и само својот живот, го постигнуваме единствено тоа - го губиме.

Вистина е дека треба да се поддржи способноста да живееме како творечки и сотворечки личности, но во крајна смисла, треба да ги бараме своите творечки способности и себеусовршување во предавањето на себеси на некој друг. За да биде еден човек навистина жив и за да се развива, тој треба да се движи надвор од исклучителниот стремеж кон личен развиток, кон тоа што Гордон Алпорт го нарекол “себе-проекција“ или вложување (инвестирање, англ.) на себеси во друг човек или цел. Обидот на човекот да ја постигне својата полнота, без да се грижи како тоа се одразува на другите, го води кон празнење и до решителна согласност со еден од основните принципи на духовниот живот на човекот – „оној кој сака да го запази својот живот, на крајот го губи“. Го губи токму она коешто го барал: угодувањето, почитта од другите, чувството за  потполн  живот. Овие нешта се плод на вложувањето на нашата личност во другите луѓе и на спремноста слободно да даваме и примаме.

Поучен е насловот на една книга, која го опишува бракот како “взаемно-исполнување“ (Self-other fulfillment). Човекот се развива, ако се вложи себеси во односите со другите луѓе. Само кога некој придонесува за полнотата на некој друг, ќе се откријат и ќе заживеат и неговите лични способности. Само кога некој учествува во врски на взаемо-предавање, во кои се преиспитува и  прифаќа да одговори на потребите на другите, човекот ги осуштествува и сопствените потреби. Овој навистина мудар интерес треба да ги надвишува егоцентричните стремежи и да вклучува искрена грижа за некој друг.

Каква е смислата да ја развиваме својата личност, ако тоа не служи за некаква корист надвор од самите нас. Да се потсетиме на познати луѓе кои биле харизматични и надарени, кои ги развиле и умножиле своите таланти и способности, на кои им се восхитувале многу луѓе и кои сме ги гледале како ги губат тие квалитети, острината на мислата, како изнемоштуваат и  стануваат беспомошни старци со ослабен ум. Дали човечката личност се развива, за да умре и да се претвори во прав? Или за да се исползува за некоја цел која останува,- дури и тогаш кога ние сме изнемоштени и полека гаснеме - и која на крај води до едно вечно Царство на љубовта, радостта и правдата на земјата и надвор од неа? Само втората возможност, може да и даде некаква смисла на човечката борба.

Во секојдневниот план на семејниот живот, тоа означува дека можностите на сопружниците за стремеж кон развиток на сопствената личност, имаат граница. Тие не можат да останат затворени во себеси, ако тоа се одразува на бракот. Може сопругата да има особено силна харизма за комуникација со луѓето и да наоѓа задоволство во развојот на  односи со другите луѓе, но таа најпрво треба, таквата харизма да ја искористи за да ја развива и продлабочува врската со својот сопруг. Многу познати луѓе, учени, интелектуалци, се затворале со часови во своите кабинети и се стекнале со голема слава и признание за својата работа, но ги запоставиле своите сопруги и деца, кои во такви услови неминовно растат со сериозни психички проблеми, збунети и гневни. Можеби овие луѓе, несвесно ја користат работата како параван, за да ги избегнат семејните обврски, за кои чувствуваат или навистина се недоволен предизвик за нив. За таквите, во секој случај важат суровите зборови од Првото послание на апостол Павле до Тимотеј: “кој не се грижи за домашните, се одрекол од верата и е полош од неверниците“. Сопружниците треба да ја прекинат состојбата на контемплација, за да одговорат на некоја потреба на партнерот за општење. Ако на пример некогаш се случи, сопругот да е внесен во читање на интересна книга, а сопругата дојде и го праша: “што правиш?“, очигледно барајќи некаков контакт со него, внимание, тој би можел накратко да ја остави книгата и да разговара со неа.

Но, над се друго, сопружниците треба да се стремат секогаш да ја синхронизираат својата програма со приоритетите и програмата на другиот човек до себе. Зашто во текот на многу години, многу сопружници без никакво двоумење, ги оттргнувале своите семејства од нивната средина, ако новото место и нивната просперитетна работа тоа го изискувало од нив. А и многу “еманципирани’ жени ни најмалку не се двоумат да ги запостават потребите на своите семејства, за да постигнат лично признание и слава.
 
Границата помеѓу личносниот развој и интересот на семејството, по која треба да се движат сопружниците е многу тенка и неопходно е да се има многу такт и чувствителност, за да не се престапи. Стремежот кон личниот развој и интересот на семејството треба постојано да се нивелираат. Не е добро, занимавањето со себеси и занимавањето со семејството, меѓусебно да се исклучуваат. И двете треба да се заштитат и развиваат.


(извадок од книгата “Бракот“)

Отец Филотеј Фарос е еден от најпознатите христијански автори во Грција, автор на множество истражувања во областта на пастирското богословие. Меѓу по-познатите негови дела се: "Родители и деца", "Бракот", "Сопружништвото", "Клирот", "Пред и после Пасха", "Тага", "Педесетница" и други. Повеќето от нив се неодвоив дел од програмата на студентите во Богословските факултети.

 

 
Подготви: М.З.

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1114
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1208
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1107
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…