логоFacebookTwitterYouTubeeMail

large

 

Колку е жално да гледаме дека на Господови празници непријателот го зема од христијаните својот данок, многу голем данок, и колку поголем е празникот, толку повисок данок плаќаат христијаните на непријателот, зашто, што гледаме за време на празниците? Полна суета, разузданост на плотта (телото), пијанство, разврат, тепачки, кражби, забава. Боже мој! Какво угодување на плотта! Какво усрдно служење на ѓаволот!

Христијани ли се тие луѓе – би си помислил човек – искупени со чесната крв на Синот Божји? Во христијански времиња ли живееш или во незнабожечки? Тоа ли се причесниците со животворните Тајни? Тоа ли се луѓето, кои одат во Божјиот храм и се молат заедно со тебе на Господа? Ако се тие, за што оделе во храмот? Очигледно, само поради навика, а не по желба на, благодарното на Христа Спасителот, срце. Очигледно не се молеле на Бога, не си ги приближиле срцата кон Него, туку се приближиле до Него само со својата уста – ако барем со устата се имаат приближено – и не влегле во силата на празникот, воопшто не ја разбираат суштината и целта на христијанските празници, не учествуваат во нив така, како што децата учествуваат во семејниот празник на своите родители.

Лоши се децата на онаа што љуби, добра, света мајка – Црквата! Мајката е света, чедата се грешни. Мајката е духовна, чедата се плотски. Мајката е небесна, чедата се земни. Мајката сака да им дари на своите чеда вечни, духовни блага, наместо распадливи и временски, а чедата ги отфрлуваат и си избираат земни, гревовни, преодни задоволства.

Впрочем, меѓу пијаните и оние луѓе што се оддале на различни пороци за време на празниците, среќаваме повеќе такви, кои не биле во храмот (и воопшто не го познаваат празникот, затоа што никогаш не размислувале за него). За таквите постои само еден празник – празникот на плотта (телото).

Ах! До кога ние, свештениците, нема да се спротивставуваме на сите недела за време на Господовите празници? Кој Божји свештеник ќе ја има ревноста на Илија или на Финеес, или на Исаија, или на Еремија (за да се спротивстави со силата на Светиот Дух против сите тие недела за време на Господовите празници во новиот Израил), за да ги употреби сите свои сили, целиот свој живот за слава Божја – за искоренување на таа разузданост меѓу христијаните? Господи! Кога ќе ги осветуваме Твоите празници, како што и’ приличи на светиња? Кога ќе ја утешиме нашата света Мајка – Црквата, со потчинување на нејзините устави? Кога ќе се напоиме со нејзиниот дух? До кога, откако го започнуваме со дух, ќе го завршуваме со плот (спореди Гал. 3:3) празнувањето на големите, спасителни настани на православната вера? До кога непријателот ќе им се потсмева на Христовите членови, какви што се христијаните? До кога луѓето од други вери и исповеданија ќе не’ покажуваат со прст и ќе велат: „Гледајте, ете како живеат христијаните, кои се нарекуваат православни! Каква им е срдечната вера! Какво е нивното знаење за нивната вера! Какви се нивните свештеници! Колку лошо го учат народот на вера, колку малку им ги објаснуваат празниците, нивната смисла и цел на востановување! Колку малку го учат да живее според верата!’’

Боже мој! Каков прекор кон нашата православна вера и кон нас, пастирите! Или всушност, можеби со основа зборуваат така за нас, пастирите? И ние имаме голема вина за тоа што христијаните не ги празнуваат празниците како што треба, не изобличуваме, не забрануваме, не ги поттикнуваме со големо долготрпение и поука (спореди 2 Тим. 4:2) да ги минуваат празниците и воопшто да живеат христијански. Малку зборуваме за безделието, за пијанството, развратот, во Божјата Црква не го проповедаме на висок глас и жарко Божјото слово против тие пороци, кои страшно ги завладеале христијаните. Не секогаш ги одлачуваме, за изградување на останатите, од светата Чаша оние лица што се познати по своето пијанство и прељубодејствие и со тоа им дозволуваме на тие заразни и гнасни пороци да се засилуваат се’ повеќе и повеќе. Даваме слаби епитимии на исповед на лица, кои заслужуваат строга црковна казна. Не го следиме како што треба исполнувањето на ептитимиите што им ги налагаме!

Праведни Боже! И пастирите и паствата се без одговор пред Тебе. Сите се отклонија од патот, сите станаа негодни; нема кој од нас да прави добро, нема ниту еден (Рим. 3:12). Што ќе стане на крај при постоечкиот беспоредок во нашиот живот? Беззаконието се разлева по змајата, царството на непријателот се раширува, Твоето царство се собира. Малкумина се Твоите избрани, во чии срца почиваш, многумина се робовите на ѓаволот, во чии срца началниот човекоубиец седи како крадец. Што ќе направиш со нас, Господи? Крвта на Твојот завет вика од земјата, но Твојот евангелски глас не проникнува во срцата на христијаните. Твоите заповеди се занемарувани, црковните устави биваат газени – што ќе направиш со нас, Господи?

Господи! Прати ревносни работници на Твоето лозје, кои не го бараат своето (спореди 1 Кор. 13:5), туку го бараат она што е на Твојот Христос. Дарувај им пророчка ревност, апостолска сила и мудрост дење и ноќе неуморно да ги обработуваат нивите на човечките срца.

 

Извор: МОЯТ ЖИВОТ В ХРИСТА, Том 1, част 1 (335)

 

Извор: https://maranata0.wordpress.com/2017/12/23/%d0%b7%d0%b0-%d0%b1%d0%b5%d0%b7%d1%80%d0%b5%d0%b4%d0%bd%d0%b8%d0%be%d1%82-%d0%b6%d0%b8%d0%b2%d0%be%d1%82-%d0%bd%d0%b0-%d0%b2%d0%b5%d1%80%d0%bd%d0%b8%d1%86%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%b8-%d0%ba%d0%bb%d0%b8/

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 2673
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1828
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…