логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Еден човек велеше, дека дури и Самиот Христос да дојде и да му каже:
– Знаеш, синко, се извинувам, грешка е тоа во кое веруваш, Јас не постојам и не сум Бог – и Самиот Христос да му го каже ова, нема да може да му ја убие верата во Него.

 

Тоа искуство е толку моќно во човекот, што можеш и да помислиш дека ти не постоиш, може некој со илјада аргументи да те убеди во тоа дека ти не постоиш, но не може да те убеди дека Бог не постои. Тоа е најсилниот опит што човек го има, и тој не доаѓа од верата, не е вера, не е нешто за кое што сум сигурен и кое доаѓа преку мојот разум, туку е опит на љубовта и таа љубов е нешто кое апсолутно никој не може ниту да ја згасне, ниту да ја ограничи, ниту некогаш да ја стави под сомнеж. Љубовта останува над сите тие нешта. Каде да го фатиш оној кој Го љуби Бога, тој е како ракета, која само што ќе ја видиш, а веќе исчезнува, каде да го достигнеш, како да го допреш? Неговото срце е како печка, што и да му се приближи – се топи. Кажи му на некој вљубен дека жена му е грда, ќе го убедиш ли? Очите ќе ти ги извади ако појдеш и му го кажеш тоа. Тој мисли дека таа е најпрекрасната жена на светот, затоа што е вљубен, љубовта ги занемарува сите аргументи. Е тие кои така Го љубат Бога, ве уверувам, се многу по вљубени отколку оние околу нас кои порано пишуваа стихови, и тоа беше многу убаво, а сега испраќаат мејлови.

Митрополит Атанасиј Лимасолски

 

Затоа, деца, како православни ги отфрламе и двете крајности, кои се ерес. Го отфрламе екуменизмот, го отфрламе и зилотизмот. Не прифаќаме дека сме фундаменталисти, ниту екуменисти. Ние сме православни христијани, врамнотежени луѓе, го љубиме целиот свет, се молиме за целиот свет – преку Литургијата – не сме ние оние што ќе му судат на светот, Бог ќе му суди на светот. За нас, пропаста дури и на едно суштество е болка. Не сакаме ниту еден човек да исчезне од Божјото лице, апсолутно ниту еден.  Оттука па натаму не можеме да кажеме ништо друго. Ги сакаме сите луѓе. Знаете ли, го видов ова за кое ви зборувам токму на Света Гора, која се смета за место со особено строги правила и може да се каже дека Светогорците се луѓе кои се исклучително многу приврзани кон догмата на верата и Преданието. Парадоксалното е што, во врска со верата и други две-три нешта: има значи три-четири нешта на Света Гора кои никогаш нема да се разнишаат – верата, љубовта кон Пресвета Богородица, забраната за влегување на жени на Света Гора, која што Европската Унија сака да ја тргне. Отците никогаш нема да отстапат од овие нешта. Сите се спремни да умрат, но никогаш да не ги предадат тие нешта. Тие се многу строги во поглед на верата. Некој монах може да е немарен во животот, но во верата отците строго се држат. И покрај тоа, покажуваме гостољубие и на Евреи, и на Муслимани, и на други луѓе какви што не можете ни да си замислите. И доколку си помисли човек дека на така строго место луѓето би требало да бидат нажалени од строгите правила – се случува токму обратното – тие луѓе се радуваат на таквата љубов, која е нешто восхитувачко.

Еднаш му покажавме гостољубие на еден Германец – католички свештеник – кој случајно пристигна кај нас. Знаете дека на Света Гора постои голема претпазливост во врска со Ватикан и римокатолицизмот. Човекот се препороди кај нас, опкружен од љубов, ова место му беше повеќе од дом. Сам си го призна тоа. Некој го праша:

– Си читал ли за православната Црква?

– Не – одговори тој. – Не многу работи, нешто попатно.

Тој му кажа да ја прочита таа и таа книга за Православието, потоа таа и таа книга, а тој му одговори:

– Слушај да ти кажам нешто, за мене Православието е ова што го гледам овде: овие луѓе што ме љубат, исполнети со мир, луѓе строги во верата, но неприкосновени во љубовта. Веруваат апсолутно и љубат апсолутно и така му помагаат и на другиот човек.

Ако ние не сме вистинити, тогаш наликуваме на лекар, кој иако страдаш од дијабетес, од голема љубов ти вели:

– Како сега да те загрижувам, дете мое! Не пречи, јади слатки нешта, бидејќи ти се допаѓаат и бидејќи се убави. Јади! Не сакам да те притеснувам и да ти велам: „Немој да ги јадеш!“

Тоа лекар ли е? Ако лекарот е вистинит во љубовта, ќе ти каже:

– Слушај, за твое добро ти велам, ако продолжиш да ги јадеш тие работи ќе умреш!

Тогаш и отците можат на некој човек што ја бара вистината, да му кажат:

– Види вака, ако ја бараш вистината, не попуштај, вистината е таа, тој опит, тоа постоење на Црквата. Ти си слободен човек и можеш да правиш што сакаш, ние секогаш ќе те сакаме, каков и да си, и не може ни да стане збор во срцето да ни се јави чувство на злоба кон другиот.

Од тука натаму негова работа е како ќе си ја устрои тој врската со Бога. Ние не можеме ниту да се пазариме за нашата вера, ниту да ги испраќаме луѓето во адот. Сметам дека тоа е она вистинското православно однесување, од кое имаме потреба денес. Зашто не можеме да бидеме како фурната на оџата (израз што се користи за неуспешен обид да им се угоди на сите), Треба да бидеме непоколебливи. Но, сите работи треба да се кажуваат со љубов. Се кажуваат во Светиот Дух. Сетете се што Му кажале учениците на Христа, кога Евреите ги протерале од градот и не Му допуштиле на Христос да проповеда и да прави чуда таму:

– Сакаш ли да кажеме да падне оган и да ги изгори? – Тие имале право зашто биле протерани. Христос ги смирил и им рекол:

– Не знаете од каков дух сте! Јас дојдов на светот не за да го погубам и осудам светот, туку да го спасам!

Тоа е нашето дело. А не како некои незрели духовници, исповедници – зилоти – кои понекогаш доаѓаат на Света Гора и се фалат:

– Јас, отче, ако дојде некоја девојка облечена во пантолони, ќе ја исфрлам надвор од исповедалната! Како има лице да се исповеда?!

Старецот им велеше:

– Отче, да го исфрлиш другиот надвор е најлесното нешто! Да го внесеш внатре е тешкото.

 

Извор: Бигорски манастир

27ми февруари 2019 лето Господово



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1129
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1070
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…