логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Историјата на Кападокија до денешно време создала најфасцинантен музеј во светот под отворено небо, но и под земја

Ерол Ризаов ,Утрински весник

Кападокија е дел од некоја далечна планета пренесен на земјата со вселенската грандиозна научна операција на некои дамнешни големи цивилизации.

Тоа е првиот впечаток кога човек ќе стапне во Кападокија, област во Анадолија, голема колку Македонија. Кападокија се простира на околу 20.000 квадратни километри и навистина личи на космички пејзаж пресликан од некој научнофантастичен филм, од некоја далечна планета на која само навидум нема живот. Кападокија е најмистичниот и најтаинствениот предел што сум го видел во животот. Се' тука над земја и под земја е фасцинантно и неверојатно. Се разбира, чудесата на Кападокија не се дело на вонземјани, туку дело на човештвото и автентична историја на човечката цивилизација.

На еден час лет од Истанбул или поточно околу 300 километри југоисточно од Анкара кон централна Анадолија околу градот Кајсери, се наоѓа импресивна висорамнина која е создадена пред повеќе милиони години од вулканска лава. Неверојатните форми и бои на цели ридови големи карпи од кои се создадени ремек-дела на природата, но многу подоцна и на човекот, во чудесни бело-розеви бои, небаре се бојосани од илјадници сликари, со километри и километри се отвораат пред вас фасцинантни предели кои ги стаписуваат дури и добрите познавачи на историјата на Кападокија. Уште кога студирав историја читав за Кападокија, за нејзините подземни градови, за црквите, за најголемата колепка на новата историја од Христа наваму, но и за старата античка историја, за значајните археолошки наоди... Мојот професор, познатиот македонски историчар на уметноста, Димче Коцо, кој ги има најголемите заслуги за откривањето на охридските цркви, знаеше среде предавања да воздивне: „Ах, Кападокија, Кападокија! Таму е центарот на нашето православие“. Тоа ми се врежало во главата и некои фрески од Тајната црква, но и покрај стотиците посети на Турција некако патот не ме однесе кон Кападокија. Овој пат љубезните домаќини, турската влада, повикаа дваесетина новинари од Европа и од Азија за да покажат нешто што сметаат оти е иднина на турскиот туризам во делот на презентирање на светското културно наследство. Се разбира, главните уредници и директорите на весниците, искусни новинари сето тоа по малку го примаат со резерва и го сместуваат во делот на рекламните кампањи на државите. Меѓутоа, Кападокија е навистина нешто друго. Сите информации што ги имав за Кападокија пред тоа се претворија во обична книшка информација, индустриски податоци како нешто што помните, на пример, како телефонски броеви на ваши пријатели. Сето тоа е ништо пред силниот визуелен впечаток и возбуда што еднаш засекогаш ќе ви се вметне во помнењето и во свеста по првата средба со Кападокија.

Историјата на Кападокија од античките времиња преку владеењето на Хитите, Персијците, Александар Велики, Римјаните, Византиската Империја, односно Источното Римско Царство, Арапите, Селџуците, Отоманската Империја... од оваа област создала најголем, најфасцинантен музеј во светот под отворено небо, но и под земја. Турција го има можеби најголемото културно наследство извонредно зачувано и ставено во функција и слободен пристап на човештвото. Едноставно, некогашните подземни градови, скриени цркви, манастири, иконите и животописите на светците во Кападокија можете да ги гледате пренесувајќи се директно во времето кога се случувале. Тука се' е автентично. Животот на првите христијани воскреснува пред вас обземајќи ве со длабоки чувства кои ве пренесуваат во историски периоди кога човештвото преживувало драматични судбински и историски настани. Сето тоа изнудува илјадници прашања на кои речиси нема потреба од одговор затоа што сте непосреден сведок на повеќеилјадигодишна негибната историја нерасипана од времето, но што е најважно и од идеологијата и фалсификатите на кралеви, цареви и политичари, но најмногу од историчари во служба на власта. Гледате во живо потврдени историски вистини, докази кои не можат да се преправаат, бидејќи се тешки колку цели планини и ги има толку многу што практично се неуништливи. Појдете и видете го тоа светско чудо на античкиот свет и на поновата историја пред која никој не може да остане рамнодушен. Бев таму и го видов еден од најголемите и најфасцинантни цивилизациски жовотописи на човештвото. Она што посебно импресионира, откако седум дена неуморно ќе ги обиколувате сите археолошки наоѓалишта и цркви и манастири, подземни градови е сознанието дека можете да посетите и се достапни за туристите само 25 отсто од она што се крие под вулканската маса на Кападокија. Откриени се уште десетици и десетици подземни градови и голем број цркви, антички наоѓалишта, меѓутоа сето тоа се' уште е недостапно за широката јавност, бидејќи истражувањата се' уште траат и се' додека не се обезбедат добри пристапни патишта и безбедност на туристите, тоа нема да биде дозволено. Така барем велат турските официјални личности што се грижат за огромното културно наследство на територијата на денешна Турција.

Она што посебно фасцинира и создава импресии кои се незаборавни се 36-те подземни градови кои се откриени, а уште неколку пати повеќе чекаат да бидат докрај истражени и откриени. Се' уште е непознато колку време им требало на луѓето да ги завршат, колку луѓе работеле на нивната изградба, како овие величествени места биле изградени, како се отстранувани ископаните купишта земја... Историчарите и археолозите констатираат дека ова било извонредно тешко да се направи со оглед на технологијата што постоела во тоа време, иако тврдат дека нема задача која човекот со својата генијалност и напорна работа не може да ја заврши. До денес никој не знае кои биле првите луѓе што ги изградиле овие подземни градови, кога тие се изградени, од каде дошле овие луѓе, и која била намената на овие градови. Се разбира, има многу логични претпоставки и блиски до вистината, но историјата е наука која признава само автентични докази кои мораат да бидат потврдени со научна поткрепа. Она што може со сигурност да се каже за подземните градови на Кападокија е дека прво се копале отворите за воздух кои, како своевидни канали за вентилација, се спуштале на 75 до 80 метри под површината се' до подземните води, а потоа се копале разни простории и тунели, лево и десно од овие отвори за воздух. Земјата била изнесувана низ овие канали и низ окната, а за тоа се користеле еден вид макари. Ако претходно немало отвори за воздух, луѓето не би можеле да работат поради недостиг на воздух, па тие величествени места најверојатно никогаш не ќе биле изградени. Долго истражувале археолозите каде што се исфрлала земјата што се ископувала и како таа била отстранувана. Нивната констатација е дека ископаната земја од подземните населби на голема длабочина и кои опфаќале простор од четири квадратни километри би требало да направи голем куп земја која требало да се исфрли. Единствен можен одговор е дека ископаната земја била фрлана во речните корита во областа полна со долини каде што, најверојатно, имало доста реки кои подоцна исчезнале поради ерозија. Има претпоставки дека еден дел од земјата бил нанесуван врз вулканската лава и така што било погодно за земјоделството. Затоа и околината и ден денес е плодна. Повеќето од подземните градови биле изградени во места каде што била вулканската лава која е доста мека, но се стврднува во контакт со воздух. Не би било возможно да се изгради подземен град со техниката на тоа време ако теренот не бил мек. Во овие подземни градови можат да престојуваат од 15 до 20 дена над 15.000 луѓе што навистина изгледа импресивно. Повеќето историчари докажуваат дека тоа го правеле првите христијани во периодот кога христијанството било забрането, па морале да се засолнуваат византиските војски додека Византија не го примила христијанството.

Има голема разлика меѓу горните и долните нивоа на подземните градови. Во 1910 година, археолозите, поточно Англичанецот Кемпбел Томпсон, пронашле некои камени објекти и мала секира од палеолитскиот период. Се' уште не е познато дали горните нивоа на овие подземни градови датираат од палеолитскиот период, бидејќи не се направени археолошки ископувања. Но, присуството на црква со крст планирана на седмото ниво во продолжение на мисионерското училиште и базен за крстење во горните нивоа на подземниот град во Деринкују обезбедува доказ дека тука живееле Римјани или Византијци кои го примиле христијанството. Подземниот град кај Деринкују е реставриран за да обезбеди добар пример за тоа како работи системот за циркулација на воздухот. Температурата во овие места е седум до осум степени во текот на годината, а се искачува до 13 степени во местата подалеку од окното. Во подземни градови се забележува мал број кујни, што значи дека повеќе семејства користеле една заедничка кујна со намера да се користи што е можно помалку огин, бидејќи чадот лесно може да ја открие локацијата на подземното засолниште. Има и специјални простории за правење вино. Иако во подземните градови се пронајдени некои дупки, не е познато дали тие се користеле како тоалети. Во некои подземни градови се пронајдени тоалети кои биле преградени доста правилно и кои би можеле, според археолозите, и денес да се користат. Овие подземни градови одиграле важна улога во ширењето на христијанството, а сведоци за тоа се големиот број цркви и тајни места на богослужби пронајдени за време на ископувањето. Се верува дека подземните градови не се користеле по осмиот век од нашата ера. Поради некористење со векови, тие биле затрупани со камења и земја донесена од дождовите и снеговите. Тие биле делумно затворени во некои места, додека други биле комплетно блокирани. Можеби затоа над подземните градови во некои случаи се изградени села и гратчиња, не знаејќи што лежи под земјата. Една од најинтересните карактеристики во подземните градови се вратите од воденички камења. Секоја врата во просек е со широчина од 50 до 55 сантиметри, со височина од 170 до 175 сантиметри и тешка до 500 килограми. Карпата на вратите од воденички камења забележително се разликува од карпестиот масив во подземните градови. По се' изгледа дека вратите биле изработени надвор, а потоа пренесени во подземните градови што, исто така, претставува своевидно чудо и доказ за силните мотиви да се заштитат луѓето.

Инаку, самата историја на оваа митска област почнува пред повеќе од десет илјади години со пристигнување на човекот по ладењето на вулканската лава. Уште во 1958 година, на планината Таурус, се откриени остатоци од античка цивилизација, а во 1965 година е откриена стара неолитска населба, потоа се откриени населби од бронзеното време од 3500 година пред нашата ера, има историски докази дека во Кападокија се формирало силното Хититско Кралство кое постоело до 1200 година пред нашата ера. Потоа, Фрижаните ја контролирале Анадолија, а според Херодот тие дошле преку Босфор и биле наречени „бригс“ или „бриги“. Потоа Кападокија била под Медес, па потоа под персиската власт со гувернери кај нас познати под името „сатрапи“, збор и ден денес во употреба во Македонија, кој најверојатно е од старо античко потекло. Во 335 година пред нашата ера, јужниот дел на Кападокија го зазема Александар Велики каде што за гувернер назначил Персиец. По распадот на империјата на Александар Македонски, Кападокија ја преземаат Римјаните, поточно 47 година пред нашата ера Кападокија ја освојува големиот римски војсководец Цезар. Кападокија во 17 година пр.н.е. настанува римска држава.

Исус Христос имал 30 години кога во Палестина почнал да проповеда за господ. По неговото распнување од страна на римскиот гувернер во Ерусалим, Понтие Пилат, апостолите на Исус ја напуштаат Палестина за да го шират христијанското учење во разни региони. Тогаш христијанството се развило во централна Анадолија, при што се изградени огромен број цркви и манастири. Ова најмногу може да се препише на влијанието на Грегорие од Назиансус, Григорие од Ниса и Свети Базилиус Велики, тројцата важни теолози од тоа време, сите по потекло од Кападокија. Првите места за богослужба вообичаено биле мали манастирски засолништа, бидејќи христијанството било забрането. Во 310 година, во големи граѓански немири и востанија на Римската Империја, Константин бил прогласен за император на Источното Римско Царство. Во 313 година тој го ослободува христијанството и го именува Византиум, подоцна Константинополис, денешен Истанбул, во нов главен град на Империјата. За време на неговото владеење, христијанството било толерирано и брзо се ширело и развивало со изградба на многу цркви, манастири,... Кападокија и нејзините места за христијанска богослужба и денес спаѓаат под влијание на патријархот во Истанбул.

Во седмиот век се бележат големи настани во Византиското Царство. И надвор од него. Во Арабија се раѓа нова религија, исламот, и се шири до границите на Византиската Империја. Кај градот Кајсери во Кападокија, Меслеме, командант на една од армиите на калифот Омар, ги поразува Византијците во 717 и 718 година. Во тој период во Византиската Империја се' поголема е тенденцијата кај свештениците за обожавањето на иконите, што било наречено за идолопоклонство и се сметало за ерес. За време на иконоборството започнува таканаречен дисидентски период кога се намалува моќта на црквата над општеството, забранети се религиозни миси, а голем број цркви и манастири се напуштени. Овој период трае се' до 843 година, кога кралицата Теодора повторно ги ослободува иконите. По ова почнуваат да се градат нови цркви во Византиската Империја, така и во Кападокија во долината на Герме, Невшехир, Илара и Соганли. Ентериерот на овие цркви бил прекрасно декориран на кој се прикажани сцени од Библијата. Најубавите цркви и фрески од византиската ера датираат од овој период. Изградбата на цркви продолжува се' до 13 век и почетокот на Отоманското Царство. Селџук-Турците во 1071 година ја запоседнуваат Анадолија. Тогаш, уверувањата на христијаните во Византија не се ограничени. Во исти градови се градат цркви и џамии, покажувајќи ја на тој начин религиозната и културната толеранција што преовладува во овој период. Добар пример за ова може да се забележи во долината на Зелве. Иако е невозможно да се посочи точниот број цркви, капели и манастири што се изградени во Кападокија, се претпоставува дека сигурно има над 500. Повеќето од зачуваните фрески и декорации пронајдени во црквите во Кападокија биле направени по иконоборството или по иконокластичниот период. За време на Отоманската Империја, исто така, се толерира христијанството, но во тој период таму нема изградба на значајни христијански цркви или објекти. Христијанската заедница во Кападокија престанува да постои по 1923 година, кога меѓу Турција и Грција е склучен договор за размена на население. Тоа е една мошне интересна сторија и трагична судбина која е поврзана и со Македонија.

Турција ја има во наследство можеби најголемата ризница на историјата од најстарите антички времиња од првите цивилизации на светот до денес. Покрај Кападокија, тука е историската област Антиохија (Антакија), егејскиот дел, потоа Анадолија, каде што се откриени извонредно значајни и богати археолошки наоѓалишта со совршени мозаици, големи амфитеатри дури и за триесет илјади гледачи, големи тврдини, цркви и манастири, стари градови кои претставуваат археолошки чуда. Во Турција, во егејскиот дел, веднаш по поминувањето на Дарданелите се наоѓа Троја, едно од најголемите и најспектакуларни археолошки наоѓалишта во светот. Близу Измир е најзачуваниот антички град Ефес, а над Ефес се наоѓа гробот на Божјата мајка, Дева Марија, во една мала и убава црквичка која ја посетуваат илјадници и илјадници христијани од целиот свет, бидејќи се смета како еден вид аџилак. Турција е преполна со стотици и стотици импозантни археолошки наоѓалишта кои многу зборуваат за светската културна историја, а особено за наследството на Источната Римска Империја, Византија, со која изобилува и Македонија. Но, сепак, се чини дека ништо не е толку фасцинантно и вредно како Кападокија. Се погодив таму токму пред Велигден кога реки туристи ги обиколуваат гратчињата Невшехир, Ѓореме, Аванос, Уч Хисар, Угруп, Мустафа Паша, Деринкују, каде што се наоѓаат близу 500 цркви и манастири, од кои најимпресивно изгледаат Темната црква, Скришната црква, Црквата на Дева Марија, Змиската црква, Јаболковата црква, кои се животописани со извонредни прикази од Библијата, од Христовото раѓање, распнување и воскреснување. Фасцинантни и неверојатни се десетиците подземни градови кои предизвикуваат силни емоции на средба со историјата на самото место.

Турција како туристичка велесила на која природата и' дала четири мориња, како што се Егејското, Средоземното, Мраморното и Црното Море, со десетици и десетици илјади километри морски брег, релативно доцна ги откри благодатите на верскиот и на културниот туризам. Но, никогаш не е доцна. Откако туристичките стратези дојдоа до податоците дека во светот годишно се трошат над дваесет милијарди долари, кои ги оставаат околу 300 милиони многу непробирливи туристи, кои имаат скромни барања, а за пет дена трошат повеќе отколку оние што на плажите бараат голем луксуз, тоа предизвика голема возбуда и нови големи инвестиции. Најголемиот дел од дваесетте милијарди долари од верскиот туризам сега одат во Ватикан, во Ерусалим и во Мека. Кога Турците сфатија дека токму на овој план располагаат со огромно и непроценливо богатство кое извонредно добро е зачувано и е присутно во сите светски истории и енциклопедии на ликовната уметност почнаа големите доистражувања и инвестиции сето тоа да биде пристапно на светот. Изградени се повеќе илјади километри добри патишта, аеродроми... Турција има над 30 аеродроми на својата територија. Преземени се значајни конзерваторски и археолошки работи, напишани се многу книги, брошури, туристички пропаганден материјал, се организираат големи симпозиуми и дебати, поканети се најголемите светски археолози да работат во Турција, се повикуваат редовно новинари од целиот свет кои ги афирмираат културните богатства на Турција.

Но, сепак, ниедна репортажа не може да го замени вашето око. Појдете. Видете. И уверете се.



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 3013
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 2264
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…