Недела петта по воскресението Христово – на Самарјанката
Евангелие според Јован: Зачало 63
Јован 4,5–42
Христос воскресе! Навистина воскресе!
Преку денешното Евангелие Спасителот Господ Исус Христос јасно ни се покажува и како Бог и како човек – како Богочовек, а воедно ни ја истакнува и простодушната вера на жената Самарјанка кон Бога. Во она време Спасителот пристигнал во самарјанскиот град Сихар (денешен Аскар), кој и ден денес се наоѓа на патот од Ерусалим до Галилеја. Во негова близина бил Јакововиот извор, кој така се нарекувал, зашто Јаков го ископал и го соѕидал. Тука околу шестиот час, т.е. попладне Господ седнал крај изворот да се одмори од патот. Неговите ученици заминале во градот за да купат храна. При изворот дошла една жена Самарјанка за да наполни вода и Исус ѝ рекол: “Дај Ми да пијам” (Јован 4,7). Самарјанката Му рекла: “Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш? – Оти Јудејците со Самарјаните не се мешаат” (Јован 4,9).
Кои биле Самарјаните и зошто Јудејците не се мешале со нив? Името Самарјани го носеле по гората Самор, која пак така е наречена по еден владетел Сомор. За време на владеењето на нивните цареви Ахаз и Озиј тие биле покорени од Асирскиот цар Салманасар, кој сите одбрани Израилци – Самарјани ги одвел во Вавилон и Мидија како робови, а од својата земја собрал разни народи кои биле многубошци и ги испратил во Самарија за да се измешаат со Израилците – Самарјани. Па затоа Јудеите не ги сакале Самарјаните, тие нив ги сметале дури и за еретици, бидејќи не само што се сродиле со незнабошците, туку и книгите на Стариот завет не ги признавале, освен Петокнижието. Оваа омраза била толку голема, така што Јудеите не сакале да се мешаат со Самарјаните, ниту пак вода да земаат од Самарјани. Тоа и било причината жената Самарјанка така да Му обрати на Господа.
Но во овие евангелски стихови Господ ја истакнува својата човечка природа, т.е. чувствува замор и побарува да пие вода. Сето тоа го употребува како средство за спасение на жената Самарјанка, што и се гледа од следните Негови зборови во кои вели: “Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: ‘Дај Ми да пијам’ – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива” (Јован 4,10). Дај Ми да пијам! Тоа го бара Создателот од Своето создание. А тоа го бара Господ и од сите нас. Зашто Он Кој е творец на целата вода не е жеден за вода, туку е жеден за нашата добра волја и за нашата љубов. Под дар Божји овде се подразбира воплотувањето на Божјиот Син и спасението кое ни се дава, а под жива вода благодатта од Светиот Дух која ги очистува и ги спасува сите кои ја примаат. Таа жива вода која ни се дава од небото на нас земните, ги очистува нашите гревови и телесни страсти, ја гаси жедта на нашата душа и ни дарува вечен живот. Таа ќе постане, според Господовите зборови, извор на вода, што ќе тече во вечен живот.
Радозналата и простодушна Самарјанка Му вели: “Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!” (Јован 4,15). Самарјанката не ја разбрала духовната смисла на Господовите зборови, туку размислувајќи со својот земен разум и понатаму останала на своите телесни потреби и таква е сега нејзината молба кон Господа. Таа не можела со својот разум да се возвиши кон духовното, па затоа Спасителот откривајќи ѝ се како Бог ја преобратува кон вистината и ја води кон спасението. Тој ѝ вели: “Оди, повикај го мажа си и дојди тука! Жената Му одговори и рече: ‘Немам маж.’ Исус ѝ рече: ‘Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече’. Жената Му одговори: ‘Господи, гледам дека си Ти пророк?’ Исус ѝ рече: ‘Жено верувај иде времето и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со ДУХ и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат. Бог е ДУХ и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со ДУХ и со вистина’.” (Јован 4,16-24). За да ѝ покаже Господ дека Он е изворот на живата вода, најнапред ѝ ја открива на Самарјанката Својата пророчка моќ, а потоа ја доведува до исповедање и признавање на нејзините гревови и незаконски постапки. Он ѝ се покажува како тајновидец и пророк, та кажувајќи и за нејзиното минато го пробудува нејзиниот духовен разум и таа Го признава Христа за пророк. Тогаш се зголемува нејзиниот интерес за духовните работи и таа Го распрашува Господа за вистинското поклонување на Бога. А Господ ја упатува на вистината говорејќи ѝ дека доаѓа полнотата на времето кога ќе завладее светлината на новиот ден, кога луѓето ќе Му се поклонуваат на Бога со духот и вистината, со верата и со делата, со мудроста и со љубовта. Зашто Бог е Дух и “жртвата пред Бога е смирен дух; срце понизно и смирено Бог не отфрла” (Псал. 50,17).
Во тие моменти Самарјанката почувствувала дека Христос говори за нешто ново, за нешто очекувано од Месијата, па затоа Му рекла: “Знам оти ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сè ќе ни каже’. Исус ѝ одговорил: ‘Јас сум, Кој зборувам со тебе’.” (Јован 4,25-26). Господ прво на жената Самарјанка ѝ ја објавува тајната на Својата личност. На никого Господ не му кажал така: “Јас сум, Кој зборувам со тебе”, туку на богољубивата Самарјанка, која со своето срце и душа го почувствувала Евангелието на Месијата и Неговата прва вистина. Таа ги запомнила овие чудни Христови зборови, поверувала во Него и постанала апостол Христов, најнапред меѓу своите сограѓани повикувајќи ги да Го видат Спасителот, а потоа и по светот. Нејзиниот живот ни сведочи дека не само таа, туку и нејзините пет сестри и двајца синови Виктор и Јосиј поверувале во Христа Спасителот. Мнозина Самарјани поверувале на зборовите од жената, а уште повеќе поверувале поради словото Господово.
Нека Господ Бог, драги браќа и сестри, го разгори духовното жарче во нас и ја затопли верата во нашите души и срца, та да можеме и ние да бидеме апостоли, најнапред во нашите семејства и меѓу нашите блиски, а потоа и пошироко. Зашто Господ нè повикува сите нас кон вечниот извор на жива вода, но од нашата волја и љубов зависи дали ќе му пристапиме и ќе ја угасиме нашата жед. О вечен извору жедна е нашата душа за Бога и затоа Тебе слава Ти оддаваме на Оца, Сина и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови, амин.
јереј Јован Пачемски
+++
Скопје- храм на св.вмч. Герогиј-
На 18.05.2025 год., во Неделата на Самарјанката
Друго:
пп