логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Св. Теофилакт Охридски

 

vozdvizenie.jpg

МАЧЕНИШТВОТО НА СВЕТИТЕ СЛАВНИ ПЕТНАЕСЕТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИЦИ

пострадани во Тивериопол, сега именуван

Струмица

за царувањето на злочестивиот

Јулијан Отстапник напишано

од

ТЕОФИЛАКТ

Светиот Архиепископ Охридски

 

1. По целата вселена веќе се беше разлеала Евангелската проповед, и словото на рибарите се беше распространило по целата земја, според пророчкото слово, кое вели: „По целата земја се разнесе нивниот глас и нивните зборови дури до краиштата на вселената” (Пс.18,5) и веќе се принесуваа на Христа души достојни за горните свети обиталишта. Но таткото на зависта, лукавиот, кого го викаме, ѓавол, не го трпеше ова, ниту пак можеше да гледа како луѓето заземаат место на ангели и се поставуваат таму, од каде тој понапред беше паднал, Затоа се поттикна да противдејствува во спасението на луѓето, убедувајќи ги владетелите од разни времиња, царевите и нивните началници да им заповедаат на своите поданици секаква чест да им оддаваат на елинските богови и нивните статуи, и со воздигање на храмови и олтари и богати жртви и приноси, а Христа ниту да го спомнуваат зашто бил човек достоен за крст, а оние, кои се поклонуваат на Распнатиот, откако ги подложат на тешки накази како безбожници да ги лишат од овој живот. И така, човек можеше да види едни од вистинските слуги на Христа, нашиот Бог, како се кријат во горите и пештерите и принесуваат бескрвни жртви и молитви тајно, кога времето позволуваше, други како скитаат од место на место, како бегаат од град во град, имајќи го туѓиот град за поблизок од сопствениот, и на тој начин со мака, спасението крадешкум го задобиваат. Оние пак, кои со Божествена ревност имаа полни срца, како испитани војници, се осмелуваа да навлезат во трибините на нечестивите  цареви и началници, како меѓу непријателски фаланги и да проповедаат, дека Христос е навистина Син на Бога, единосуштен Нему, од Него роден пред сите векови, а во последните времиња станал човек Кој низ крстните страдања и смртта ни подари бестрасност, бесмртност. Така предавани на горки казни, едни на ѕверови, други на оган, или вода, или на меч, или на друга некоја смрт, на најжесток начин, ги предаваа своите души на Бога.

2. Такви и поголеми од нив страдања трпеле Христијаните, додека царувала длабоката ноќ на неблагочестието и на неговите заштитници, на царевите и игемоните. Но како што беше напишано, Христијанскиот крст за да го просвети и доведе до сознание и самото царство и со тоа да го покаже како вистинско царство, неспособно да робува на глуви и бездушни идоли, затоа Христос - Сонцето на правдата, најнапред испратил некои зраци, претходници на совршената светлина на сознанието, да ја растераат сосема ноќта, да покажат однапред дека е близу денот. Заради тоа го поставува во славниот Рим за цар оној, великиот Константиј (Хлор), кој принесувал жртви на идолите и не се одрекувал од својата прататковска религија, но кој ги оставил своите поданици да ја следат онаа религија што ја сакаат. Некојпат некои кажуваат, дека тој не само што не ги гонел, туку напротив, со почести ги удостојувал Христовите следбеници. За тоа кажуваат и примерите кои ги оставил за својот став. Веднаш ги подложил на испит христијаните, за да разбере кој меѓу нив е тврд и искуствен и кој е слаб и без опит; и првиот, т.е. тврдиот во верата, го удостојувал со најголеми блага, а на вториот, т.е. оној кој не ја зачувал верата не му давал ни од најмалите богатства. И тој преку гласниците разгласил, „оние кои не ја отфрлаат христијанската вера, да им се земат чиновите на достоинство и ако има некој од нив да го напуштат градот доброволно, имајќи го за голема добрина тоа што не пострадале со казни и со нешто друго лошо”. Кога ова било разгласено, оние, кои ги имале основите на верата положено врз песок (Мт.7,26) и имајќи срца несигурни и болникави, веднаш се одрекувале од христијанството, за да не бидат изгонети од градот   и да се лишат од чиновите, затоа што ја засакале човековата слава повеќе од Божјата. А оние, кои биле утврдени врз тврдиот камен, тие, без да се сепнат ниту од царот ниту од многумината што биле околу него, или да се вознемират, или да се исплашат, или да осетат некаков страв од оние страшни и големи мажи и од заканите упатени до нив, тие пристапувале пред нив и се исправале и застанувајќи мажествено и отфрлајќи секаков страв и трепет се претставиле пред царот и храбро му кажале, со смел ум и мисла: „ние цару толку сме далеку од тоа, да се одречеме од верата во Христа, што не само чиновите  и сопствениот град, туку и главите свои и телата и душите, со задоволство би ти ги принеле на смрт за Владиката. Зашто се научивме да не се плашиме од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат (Мт.10,28), зашто страдањава во нашево време, не се ни споредуваат со славата која ќе се јави на онне, кои Го љубат Господа (Рим.8,18). Кога го слушнал ова царот останал зачуден од цврстината на нивната вера и се воодушевил од начинот на нивното размислување, и од тоа време мошне ги почитувал мажите коишто и во собранијата ги викал, а и на неговите собори биле учесници. А оние кои се одрекле од Христа, ги имал за недостојни, како што беше и праведно, ги оставил животот да го поминат во бесчестие. “Бедни се тие”, - велел тој, “зашто не само што се лишија од идните богатста туку ги загубија и сегашните. Зашто како, рекол, ќе ми бидат верни оние што толку лесно се откажуваат и се неверни на својот Бог? И како тие ќе упатат на соборите или на разговорите нешто, што ќе е полезно за народот,  кога за себеси лошо размислиле?”

3. Таков бил царот Константиј. Него и Бог не го лишил од Својата благост, бидејќи го прославил во војните и владеењето над народите, а од друга страна му го подарил синот Константин, кој ги надминал сите цареви. Од славата на својот син, вкусил и тој, како река, која изира од високо, и станал пославен од неговиот спомен. Тој имал и други синови родени од Теодора, ќерката на Максимилијан Еркулиј, Далматиј, Анавалиан и Константиј. Но Константин, кој е роден од навистина блажената Елена, ја наследил не само царската власт, туку и благоста на татка си кон христијаните, зашто ги удостојувал верниците, кои живеат во Рим не само со полна слобода, туку и со секакви почести, притоа во своите заповеди распространети до разните началници, ја искажувал својата добра волја кон христијаните, во секој град и крај  и со писмо им заповедал на своите подвластени, да не го лишуваат христијанскиот род од никаква привилегија. Затоа и Бог не допуштил да се лиши од блага оваа душа. Напротив, го наградувал со благата од овој свет, велиме со богатство и со сè друго, кое се добива со богатството, со сите велелепни царски знаци и при тоа со победи против своите непријатели. Го наградувал уште и со тоа, што го раководел кон вистинската вера, на која го повикал од небесата, како што понапред го беше повикал Павел, зашто и призивот требаше да биде велелепен и вистински небесен. Така, кога требаше да војува со Максентиј, Бог му покажал во среде ден крст изобразен од ѕвезди од небото и букви кои кажуваат, дека со него ќе победи. Тој се покорил на ова видение и го употребил образот на видениот знак и на дело ја разбрал неговата непобедлива сила. Тој откако примил да биде огласен во словото на вистината од Силвестер, Божествениот Римски Папа, станал жезол на силата (Пс. 109,2) за христијаните, ги затворил идолските храмови, го изгаснал огнот пред незнабожечките олтари и ја запалил свеќата на вистината и елејот на помазанието, ја ослободил земјата од крв и воздухот од зарази, кои ги причинувале кадењето и димот од жртвопринесувањето, а на нивното место вовел жртви свети, благоухан мирис на темјан и сеноќни бденија угодни на Бога, додека, пак, статуите едни од нив ги претворил во прав, други ги предал на оган и уништување, третите ги пренел во Визант (град кој тој од мал го направил голем и кога го украсил со сè што сведочи за царското велелепие, го именувал во Константиновград). Тука откако заповедал да се пренесат многу статуи, ги поставил по театрите и улиците. На секаде по вселената издигнал Божји храмови и тогаш се покажа исполнето словото на Давида: „Бог е Цар на целата земја” (Пс.46,8). „Господова е земјата и она што ја исполнува” (Пс.23,1) „зашто царството е на Господа, и Он е Владетел над народите” (Пс.21.28), Тој, се разбира и началниците околу Него. Од тогаш сите народи мирувале и биле спокојни затоа што Господ го прославил царот, кој ветил: „Јас ќе ги прославам oние, кои Мене Ме прослават”, кажувајќи низ устата на пророкот (1 Цар.2,30)

4. Но заколнатиот непријател на нашето спасение, и началозлобната змија, го вооружал Арија од Александрија против православието и подигнал горка војна против Црквата и со тоа и нанел не мало зло. Но царот Константин, придвижен од Божествена ревност, свикал во градот Никеа тристотини и осумнаесет архиереи на собор на кој зел учество и самиот тој и го осудил погрешното учење на Ариј, кој учел дека Синот Божји е создание и твар и слуга, а него самиот го разобличил пред целиот народ и изгонил од целата Црква. Потоа откако го изложил православието со светлата проповед и го искажал велегласно и торжествено го прогласил Синот единосуштен на Отецот, светлина од светлина, Владика и Творец, но не и твар. Така откако царувал благочестиво и свето и угодил на Христа, колку тоа било можно, го завршил животот со три синови, се преселил од временото и земно царување во вечното и нетелесно, и како што елинството го уништи понапред, така го погубил и аријанството, кое ја беше огорчило Црквата, не помалку од првото, ако не и повеќе. Зашто последиците од блиските пакости се потешки.   

5. Од неговите синови, првиот Константин ја наследил Галија, крајбрежните страни на Северниот Океан и Британските острови. Следниот, Констант - Италија и самиот Рим до Илирик. Средниот пак, Константин, целиот исток, Либија и Египет. Тие положиле секаква грижа, усилба и волја, да го закрепнат христијанството и благочестието и православието, па воодушевени од благочестието и правилно предавајќи го словото на вистината да го поминат животот тивко и спокојно, во секое благочестие и чистота. Константиј бидејќи не го примил зборот единосуштен, ги наскрбил православните, правејќи го тоа од ревност, не по разум (Рим. 10,2) за да има мир меѓу црквите. Бидејќи тој и онака заповедал да се урнат сите идолски капии и олтари, така што уште за време на неговиот живот не останала ни трага од нив. Но и него српот на смртта го пожнеал од сегашниот живот.

6. Бил поставен друг  цар,  најголем  престапник и неблагочестивец (ако треба да го наречеме цар оној, кој застанал пред Христа и рекол: „Твоите патишта не сакам да ги знам” (Јн. 21,14) бунтовник и отстапник, презрениот Јулијан, за кого, кога ќе сакаме да раскажеме нешто повеќе, никој да не нè осудува со помисли, дека сме излегле од умереноста, зашто расказот на случените собитија не е бесполезен, особено за Христовата Црква и за вљубениците во учењето, зашто како што некој кажал: „да знае човек многу е нешто посебно ценето”. И ова не е далеку од нашата задача. Зашто предмет на нашиот расказ е подвигот на мачениците кои пострадале во времето на Јулијан. Ако порано спомнавме, доколку е дозволено за омразата на тој тиранин против Христијаните, тоа го направивме за да заблеска подобро благородноста на мачениците кои во тие времиња се држеле мажествено и ги пренебрегнале заповедите на тој тиранин, кој силно се потрудил да ги надмине сите гонители. Спомнавме од погоре кажаното и за тоа, дека расказот имајќи свој почеток ќе биде целосен и завршен.

7. Татко  пак  на  овој  отстапник  бил Константиј, брат на великиот Константин, - родени двајцата од татко им Константиј и од мајки, првиот од Теодора, ќерка на Еркулиј, а вториот од блажената Елена, како што кажавме и погоре. Јулијан имал  постар брат по име Гал. Кога умрел Константин Велики и скиптарот на исток преминал во рацете на Константиј, војниците направиле бунт, во кој младиот Далматиј, син на стариот Далматиј бил убиен со мнозина од својот род. Но Гал и Јулијан биле оттргнати од војничките мечови, едниот го беше снашла страшна болест, и не малку страдал надевајќи се на смрт, другиот пак, бил мал (имал осум години, проклетиот) и заради тоа кон него царот човекољубиво се понел, а поважно и посуштествено е тоа, што Бог по Своите чудни промисли сочувал помилување за христијаните преку овој неумолив наказател. И кога поминала болеста на Гал, тој го зел брата си Јулијана и двајцата слегуваат во Јонија, која тогаш цветала со многу софисти и философи и за време на нивниот престој таму, се занимавале со секаков вид на наука и се воспитувале благородно и велелепно, достојно за цареви. Зашто имале големо изобилство на пари, бидејќи царот сè татковски им отстапил. А кога двајцава браќа се зафатиле да издигнат храм на маченици и како сè беа поделиле по еден дел секој, делот на Гал се подигнувал и секој ден се издигнувал нагоре, а Јулијан колку и да градел, гледал и самиот како граденото се разурнува самото од себе. Така бивало, бидејќи мислам, дури и земјата не можела да го носи како скришно, бесчестието на бесчестивиот. А кога по снисходливост царот го поставува Гал за кесар, Јулијан скитал по светот живеејќи сиромашно, престорувајќи се дека е философ.

8. Но од вниманието на Константиј, не му избегало неговото лукавство, дека е неблагонаклон кон христијанството, а расположен за идолопоклонството. Затоа го отповикал од Јонија и го испратил во Никомидија за да го изучува христијанството и елинското воспитување, под раководство на Евсевиј (Евсевиј бил епископ Никомидијски и имал не мала слава како учен маж). Му било забрането од царот да се среќава со Ливаниј, кој по религија бил идолопоклоник и познат софист во Никомидија, а по   красноречивоста имал надмоќ над сите. Но богоненавидниот Јулијан имајќи ги царските заповеди за празнословие, многу повеќе се среќавал со Ливаниј отколку со Евсевиј. Првиов го посетувал тајно и ноќно време, и воделе со него разговори достојни за темнината, од еднастрана, а од друга, давал плата на другите да се сретнат задолжително со Ливаниј, да ги слушаат неговите беседи и да му ги предаваат нему лично. Тогаш тој станал и чтец во Никодимијската Црква, за да ги чита Божествените книги. Тоа, како што говорат мнозина, станало со дадена царска заповед на Евсевиј, но вистината е дека тој саммот доброволно се облекол во облеката на клирик со цел да го одземе вниманието на сите сакајќи да стане цар за да се прикрие, како пресоблечена змија. Тогаш и некојси Максим, кој под маската на философ се занимавал со магија, кога пристигнал од Ефес во Никодимија, стапил во познанство со Јулијан и го вовел во безбожнички и дејствувачки, пеколни обреди и уште повеќе му ги засилил надежите да  стане цар.

9. Но откако Гал се возгордеал повеќе отколку што му прилегало на неговото кесарско достоинство и ја проширил својата власт, заради тоа исчезнал меѓу луѓето, па претстоело и Јулијан да го засегнат заради дрскоста на брата му, но царицата Евсевија ја пренебрегнала волјата на царот и така му го одвратила мислењето (зашто зборовите на жената имаат големо влијание врз мажот со слаб карактер), така што царот наместо брат му Гал го направил него кесар, му дал доста силна војска и го испратил против варварите кои живееле во Галија. И тој откако ја искористил местоположбата, се договорил со началниците на војската, се договорил и со самите полкови (зашто сите се радуваат на царските промени, а најмногу војската толку повеќе колку е надежта поголема да се добијат поголеми плати) и веднаш се прогласил за цар. По овој случај, покрај другото се пренесувало дека, како кажуваат, откако не можеле да најдат венец за да му ја овенчаат главата, еден од војниците извадил од раката златна нараквица која во секојдневниот говор се нарекува „врахиол” и ја положил на главата на тиранинот. Кога го дознал ова Константиј, дека тој се одметнал, сиот разгневен тргнал против него за да го накаже како недостоен. Но на сред пат се лишил од живот и од своите надежи; и скиптарот на благочестивото царско достоинство минало во раце на бесчесникот, злосторникот или подобро, на бунтовникот и на отпадникот.

10. И погледни ја длабочината на неговиот лукав престап. Не веднаш лукавиот ја изразил својата злоба, ниту беззаконикот го открил своето нечестие, ниту отстапникот се зафатил со гонење (зашто знаел дека сé уште не е завршено закрепнувањето на неговото царување, дека не е безопасно да посегне. како што сакал, да ја измени положбата на христијаните во едно време, кога верата на православните беше пуштила корени по целата вселена и беше се зацврстила), но тој ги вратил од затвор сите епископи кои биле изгонети од црквите за верата во времето на Константин, и повторно им ги предал на црквите и им ги востановил правата врз црковните имоти, иако некои од нив биле земени од него самиот. Всушност кога царската власт му се утврдила тогаш заповедал да му се отворат затворените идолски храмови, да се запали олтарниот оган и да се извршат гнасните обреди на демоните и од идолопоклониците озаконети во нивна чест жртви. Освен тоа, ако некои, од времето на Константин разрушиле идолски храм, или собориле идолски столб, било заповедано да се издигнат нови, разурнатите храмови повторно да се изградат и согорените повторно да се воздигнат, а оние кои ги разурнале да се подложат на тешки казни и смрт или на неподносливи измачувања. Меѓу последните бил и Марко од Аретуса, еден од оние што се спасувале, кому целиот род му бил предаден на колење. Тој бил принуден да издигне еден идолски храм, кој самиот го беше разурнал и бидејќи не се покорил и многу други тешки маки претрпел, та најпосле бил даден на децата за играчка, кои со остри предмети го распарчиле старчевото чесно тело, вистински повозвишено од земјата и сè што е земно. Јулијан заповедал да се разурнат насекаде Божјите цркви, христијаните да не земаат учество во грчките науки, ниту со сенаторски чинови да се удостојуваат. Многумина од нив решително ги симнуваа од себе појасите со чиновите имајќи се друго за смет, само Христа да го спечалат (Фил. 3,8). Такви биле Јовијан и Валентијан, и на двајцата Бог во свое време им предал царско достоинство. Многумина, пак, од жед за празна слава се одрекле од Христа, нашиот вистински Бог.

11. И тој Јулијан беснеел против сите епископи, а најмногу брзал да го улови Александрискиот епископ Атанасиј, зашто тој бил храбар поборник и заштитник на Христијанството и ушител и противник на идолопоклонството. Кога дознал вистинскиот јерарх Божји, послушувајќи ги Христовите закони (Мт. 10,23) и кога исползувал погодно време од гонителот, отпловил од Александрија. Но откако видел дека царскиот кораб го следи му заповедал на капетанот да ги пренасочи платната како да треба пак да се врати во Александрија. Откако се случило тоа, царските луѓе го сретнале и ги прашале дали го виделе Атанасиј да отплови од Александрија. Тие, кои биле во коработ на Атанасиј, одговориле дека коработ заминал малку пред нив и дека ќе го стигнат само ако веслаат посилно. И така тие измамени го минале Атанасиј кој влегол во Александрија и се криел за целото време на царувањето на неблагочестивиот Јулијан.

12. Во Македонија, Теодул и Татијан, мажи  благочестиви и горазди по дух влегле во еден од  идолските храмови и ги испокршиле тамошните  идоли. Тогашниот началник на тој крај, за да му угоди на тиранинот решил да зароби мнозина за тоа што се осмелиле да ја извршат таа работа. Но Теодул и Татијан помислиле дека е неблагородно да не се појават и да не се посочат себеси, дека се осмелиле да го направат тоа и да го остават невиниот народ на еден тиранин кој гори од омраза, во заштита на  своите богови. Затоа се јавиле, плукајќи на сите ласкави зборови со кои сакале да ги привлечат и ги презреле сите тешки маки кои сакале да им ги нанесат. Откако ги ставиле на усвитени железни легла тие оваа мака ја имале за свежа и пријатна, та дури и се шегувале со тиранинот “Зашто, ако сакаш, кажувале тие, о началнику, да се наситиш со печено месо, заповедај на џелатите да не свртат од другата страна за да не би ти биле недоволно вкусни како испечени до половина“. Кога тоа го рекле светиите, ги затекнал блажениот крај и биле принесени како жртва на Христа, Кој се жртвуваше Себеси за нас, совршената сепаленица во благоухан мирис.

vozdvizenie.jpg

13. Но кој расказ би можел да ги изброи маките кои ги причиниле насекаде, на Христовите чеда слугите на овој тиранин. Та дури и Александрискиот епископ Георгиј, откако го влечеле по плоштадот и откако го убиле, раскинатите делови од неговото тело ги натовариле на камила, торжествено ги покажувале, и најпосле, го изгореле заедно со камилата, а остатоците од пепелта ги распрснале. На друг, пак, стомакот му го распарале ставајќи му во внатрешноста жито, потоа ги пуштиле свињите да се нагостат со таквата софра. Тирскиот, пак, епископ Доротеј, човек познат во науката и одличен писател на историските собитија, кој во времето на Диоклетијан и Ликиниј шеесет години беше подложен на многу маки за Христа (тој човек) умножен во длабока старост, како што вели божествениот Давид (Пс. 91.15) зашто светителот бил на 107 години, непријателите на верата го предадоа во градот Едеса на смрт. Кој би можел и да ги изброи осквернувањата на Божјите храмови и грабежите на свештените твари, зашто вујкото на тиранинот и негов едноименик, ги употребил непристапните и свети места како јавни и нечисто место, за оскрбение на сè Божјо велејќи си во срцето дека нема Бог (Пс. 13,1). Но Господ се надвиси од небесата и за миг се позна Господ, Кој суди (Пс. 9,16). Зашто неговата внатрешност почнала да се распаѓа и вообичаениот отпад наместо од природните отвори излегувал од неговата нечиста и гнасна уста.

14. Но во тоа време кога многу такви работи се случиле, беззаконитиот  меѓу  царевите,  и безумниот и улавиот меѓу философите се престорувал дека е кроток и човекољубив. Копајќи јами во нив, како дволичен и лукав, се сокривал, а на изглед се покажувал ревносен за да изгледа православен. Така тој заповедал да се омрсат со крв од гнасни жртви не само изворите туку и оние предмети кои биле изнесени за продавање. О глупав беззаконику! О бечувствителен сквернителу!  О неразумен безумнику! Ти што мислиш дека сè разбираш, неразбираш ли дека ништо такво не може да ги омрси оние кои ги земаат предметите, особено не кога осквернувањето бива спротивно на нивната волја? Освен тоа лукавиот и бесчувствителниот ги знаел Христовите закони од кои, раководени и упатувани христијаните, веруваат дека од тоа, што влегува низ устата, човек  ниту  нечист станува  ниту  се осквернува (Мт. 15,11). Но тој како неподобен на Христа се осмелил сè да прави против верата. Неговиот бес се насочил и кон оној чудесен град кој по  своите  скапоцености  ги  надминувал  сите почитувани градови, т.е. Никеја, местото на победата против Ариј, каде триста и осумнаесетте мудри архипастири ги положија основите на православната вера. Зашто тој град бил полн со христијани. И затоа лошиот и разгневен цар ги поттикнувал месните началници на градовите, да им прават на христијаните какви и да сакаат лошотии, и кој би можел да ги раскаже оние тешки казни и ужасни маки и неподносливи страдања и болки и просто речено секакви видови на малтретирање и притисоци кон нив. При тоа и освен тоа, ги лишувале од нивните имоти од татковината и од родот и најпосле ги предавале на смрт како осуденици и не ги удостојувале ни со погреб, небаре се безбожници. Во таа смисла, тој бил најревносен од сите кнезови, вложувајќи го сиот свој стремеж, мисла, опит и вештина, за колку што е можно повеќе галилејци да бидат сотрени. Зашто тој така со подбив ги нарекувал христијаните, а според мене, тоа го правел зашто се плашел да го изговори големото и славно Име на Христа, кое штом и ќе се изговори, е ужасно за демоните, а за противниците - страшно и неподносливо. Многу веројатно е, дека тој тоа да го научил од маѓепсниците, кои многу добро ја знаеа силата на Името, кое веројатно било сопка за многу нивни работи.

15. Но началникот во Никеја во почетокот не знаел дека има таква заповед и кога ја дознал побрзал да ја исполни. И тогаш тој разгласил низ целиот град: „Сите оние, кои се поклонуваат на Распнатиот, да ја сменат верата и да пристапат да принесат жртва на бесмртните богови, инаку да знаат дека ќе бидат предадени на неподносливо и најразлично казнување, кое ја надминуваат човечката сила, зашто царот, кој ја примил од благите богови власта на целата земја и море, не може да трпи да не ги натера сите, што живеат во границите на неговата власт, да ги признаваат и да им се поклонуваат”. Па откако била разгласена таа најглупава заповед, следниот ден, началникот, откако ги собрал сите во театарот и пред строго да им се закани, употребил додворувачки говор: „Гледам, - кажал, - о, мажи дека вие сте сериозни и благоразумни и мислам дека мнозина од вас стекнале достатно образование. Заради тоа многу е неумесно таков народ да се поведе по грубоста на Галилејците и да се поклонуваат на човек од вчера и од пред некој ден осуден на крст во времето на Пилата чиј што гроб можат да го видат сите што сакаат. Освен тоа, ако поклонувањето на таквиот Бог беше безопасно, можеби, незнаењето на она што е подобро ќе беше простено. Но, од сега опасноста не е само за имоти и почести но и за самиот живот, најголемото од сите богатства, заради тоа не само безумие и неверство, но и совршена бесчувствителност е - човек да ја претпочита оваа вера пред онаа, која е безопасна и по сè царска. Ако сега ме послушате, кога ви го советувам најдоброто, ќе пристапите кон човекољубивите богови и кога ќе им принесете жртви најнапред ќе го стекнете нивното благоволение, ќе станете блиски и свои на богољубивиот цар и притоа ќе ги придобиете и оние богатства кои произлегуваат од тоа зближување, кои тој штедро ги прилага на своите пријатели”.

16. Кога тоа го чуле насобраните, не малку од нив се приклониле кон кажаното и се изјасниле дека ќе станат истомисленици со царот и ќе ги почитуваат сите негови богови. Нив началникот ги удостоил со почести и подароци и веднаш ги направил славни. Но оние кои предпочитале да ја запазат цврсто и неизменливо верата во Христа, со еден глас како со една уста извикале: „Ние не можеме да се одречеме од вистинскиот Бог, Христос, и да принесеме жртви на неми и глуви идоли. Затоа на силниците им кажуваме: „боговите кои не ги направиле небото и земјата нека загинат! Подобни на нив да станат и оние кои ги прават и сите кои се надеваат на нив. А ние имаме еден Бог кој е над сè, низ сè, и во сè и еден Господ, Исус Христос, вистински Бог, низ Кого сè постанало. Во Него веруваме, Него го исповедаме, Нему му се поклонуваме и служиме со сета своја душа, со сето срце, со чиста совест, со неизменета мисла и помисла, со Отецот и Светиот Дух, во бесконечните векови“. Кога му го кажале тоа на тиранот со смелост, тој исполнет со силен гнев и незадржлива омраза им заповедал на стражарите да им нанесат, едно по друго, ужасни страдања и смрт. Мнозина, пак, тајно избегале во горите и пустините, други пак се распрснале по разни места откако ја презреле својата мила татковина, роднините и пријателите и сиот свој имот, само и само да го стекнат Христа, навистина суштиот Бог и Господ, и Цар на царевите на сите векови.

17. Едни од нив биле Тимотеј и Комасиј (кој што се именува и Етимасиј), Евсевиј и Теодор, кои неможејќи повеќе да гледаат како идолите се почитуваат, ниту како паднатите и оние кои се одрекле загинуваат, а останатите во верата биваат измачувани, ја напуштиле Никеја и се населиле во Солун. Но откако поживеале во тој град не многу време, каде престојувајќи забележале дека тамошните жители му слугувале на неблагочестивиот цар и дека го обновиле служењето на гнасните идоли и им го вратиле поранешното значење, а верата во Христа ја гонеле и се труделе дури и Името да не Му остане во градот и околните краишта, затоа го оставиле Солун и се преселиле во Тивериопол, кој лежи на север од Солун и граничи со Илирик. Тука откако нашле малку слобода, го посеале семето на словото во нивите на душите, и обработиле за Христа богата нива со изобилно калсје. Освен словото, тие имале и светол живот. Тимотеј станал епископ на Тивериополската Црква и со тоа свеќата била поставена на свеќникот (Лк.11,33). Комасиј, пак, порано бил војник, и тоа одличен војник. Војничкиот појас и славата тој ги оставил на оние кои се предадени на земјата и откако го зел крстот Христов и се облекол во монашка облека, т.е. оружјето на светлината (Рим.13,12) го проповедал словото на вистината во тивериополските села. Евсевиј и тој бил причислен во монашкиот чин и го проповедал словото на вистината, но повеќето од слушателите ги привлекувал најмногу со своите дела. Од среброљубието, како од корен на секое зло (1Тим.6,10), се гнасел, и она малку што го имал го раздавал на сиромасите со благост и простодушност и просто кажано, тој бил татко на сираците, помошник на вдовиците (Пс.67,6), благ, кроток, со еден збор - ученик Христов. Теодор, пак, бил еден од триста и осумнаесетте свети и блажени, богоносни отци собрани во Никеја, кој го дополнил бројот на тие блажени со што бил удостоен со чин и дар на епископ, Тој ја објавил на Тивериополците светлината на благочестивата и православна вера.

(продолжува)

МПЦ- Епархија Струмичка

со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Струмички Гоподин Наум

 превод:Братството од Манастирот Св. Леонтиј – Водоча

рецензент:
Игуман Методиј (Златанов)

1997

Друго:

 Житие на Св. 15 Тивериополски маченици (II дел)

Житие на Св. 15 Тивериополски маченици ( III дел )

11.12.2010 http://preminportal.com.mk/content/view/7450/1/

 

Посети: {moshits}



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5793
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6613
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6391
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5590
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

Митрополит Струмички Наум: Недела на Православието (20.03.2021)

 Спознанието на вистината, на лично ниво, не е интелектуално човечко достигнување, туку, пред сè, е Божји дар на просветленост на умот и обожение на личноста; дар Божји кој се добива...

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

БEСEДА за љубoвта кoн ближнитe

Таму, на нeбoтo, e вистинскoтo Христoвo царствo и вистинскиoт Христoв живoт бeз примeси на грeв и смрт. Нo љубoвта на Синoт Бoжји кoн луѓeтo нашла дeка e пoпoтрeбнo да бидe...

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

БEСEДА за внатрeшната милoстиња

Милoстињата штo сe прави oд цeлиoт ум, гo чисти чoвeкoвиoт ум. Сo eдeн збoр внатрeшната милoстиња гo исчистува цeлиoт чoвeк. Акo e милoстињата самo oд рака, таа нe ја чисти...

Месопусна недела: Страшниот суд

Месопусна недела: Страшниот суд

Христијанската љубов е „возможна невозможност“ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во...

 Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Архива: Митрополит Струмички Наум - На Страшниот суд (10.02.2018)

Што се случува со оние кои Страшниот суд ги затекнува во грев и пад? Тоа што Богочовекот Христос воопшто стапува во дијалог со нив, колку и да звучи тоа страшно...

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Митрополит Тимотеј: † БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА ЦАРИНИКОТ И ФАРИСЕЈОТ

Параболата за цариникот и фарисејот претставува длабоко проникнување во човековата душа, и за нас е многу важно да го задржиме нашето внимание врз ова кажување. Оваа парабола нема во предвид...

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Свети Теофан Затворник: Беседа на Сретение Господово

Каква умилна слика ни претставува Сретението Господово! Старецот Симеон во раце Го држи Младенецот, спроти него – праведниот Јосиф и Пресветата Дева Богородица; во близина – пророчицата Ана, постничка и...

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Дејан Трајков: Оддалечување од Христа и од христијанските идеали

Современиот човек брза по светските суети, бега од скромниот живот и во празните и лажни авантури бара да ја заборави душевната горчина, која му ја создава свеста за безбожните дела....

Беседа на денешното Евангелие, посветена на Преподобна Ксенија Римјанка

Беседа на денешното Евангелие, посветена на Преподобна Ксенија Римјанка

Да се потсетиме на еден збор што го слушнавме од светиот Апостол, он спомна „посиновување“. Он спомна нешто што е навистина пресвртница во човековиот живот. Во човековиот живот, покрај тоа...

« »

Најново од духовност

Православен календар

 

18/04/2024 - четврток

Велигденски пости; (строг пост)

Светите маченици Агатопод и Теодул; Преподобен Марко Трачески; Преподобна Теодора Солунска;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Словото Божјо, слово земно подаде,кое ти Свети епископе Методие во слава Негова го раздаде,а Он Началникот на животот устрои заради...

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Вистина непоколеблива имајќи во срцата вашиАгатоподе и Теодуле,познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,а верата во Љубовта го...

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Славен и прославен е Господ од целиот род човечки,што изнедри таква фиданка како тебе о, Јосифе,рако продолжена на Духот Свети,поттикнат...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная