Митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Возљубени браќа и сестри во Господа, свети Јован денес нѐ собра во еден од најчудесните, најубавите, најстарите македонски светилишта – духовно огниште низ вековите – Бигорскиот манастир, посветен на свети Јован Крстител и Претеча.
Денес го чествуваме празникот Отсекување на главата на свети Јован, настан на којшто е посветен овој ден и којшто го слави како свој празник овој манастир. Свети Јован е еден од најзначајните ликови во историјата на спасението, и старозаветна, и новозаветна, затоа што тој е последниот старозаветен и првиот новозаветен пророк. Тој претставува еден вид на мост помеѓу Стариот и Новиот завет. Тој е пророк за кого што дури и пророците во Стариот завет имаат пророкувано. Самото Евангелие сведочи дека на него се однесуваат зборовите од книгата на пророкот Исаија, кога се вели: „Гласот на оној што вика во пустината говори: „Пригответе Му пат на Господ, исправете ги во пустината патеките за нашиот Бог“ (Иса. 40,3). Во тоа време кога пророкот Исаија ги изговара овие зборови, тоа се однесува на враќањето на еврејскиот народ од Вавилонското ропство, објавувајќи дека народот ќе се врати, ама Бог не само што ќе биде со нив, туку ќе врви и пред нив. И како што било пример во старите времиња, најнапред одел царот, а по него народот – но претходно се праќала претходница, така и тогаш се праќале луѓе коишто го подготвувале патот пред Бога. Таму се говори за враќањето на народот во Ветената земја. Свети Јован, пак, го знаеме како Крстител Господов, но и како Претеча, затоа што тој го подготвил патот за доаѓањето на Спасителот наш Господ Исус Христос кон ветеното Царство небесно.
Светото Писмо вели дека според чудесната Божја промисла, Спасителот дошол токму кога се исполнило времето и кога светот за тоа бил подготвен. Многумина ќе речат: Па како можеше да биде подготвен?! Кога Христос дојде, Тој проповедаше љубов, милосрдие, правда и на крајот пак Го отфрлија, па дури и на крст го распнаа и на смрт Го предадоа. Но, ако подобро го прочитаме светото Евангелие и се задлабочиме описот за евангелските настани, ќе видиме дека токму свети Јован бил оној кој целиот свој живот го посветил на Бога и кој бил вистинска подготовка за доаѓањето на Христос и за прифаќање на Христовата порака. Неслучајно бројни Христови следбеници, па и најблиски ученици, Му биле токму учениците Јованови.
Свети Јован на Јордан проповедаше покајание како услов за влез во Царството Небесно. Та, како што старозаветниот народ по ропството требаше да влезе во Ветената земја, така и Свети Јован го подготвуваше народот од неговото време за да излезе од духовното ропство и да биде подготвен да влезе во Царството Божјо, Царството Небесно, кое наближуваше, а се оствари со доаѓањето на Христос.
И како што објавуваше Свети Јован, основен услов за тоа беше покајанието. А покајанието најнапред значи човек да ја осознае вистината, својата грешност, да се преуми и покае пред Бога. Свети Јован, пак, беше навистина човек на вистината. Живееше вистински според законот Божји, па затоа и имаше храброст и доблест да ја говори вистината. Дури и пред оние што не сакаа да ја чујат и што не сакаа да ја слушнат.
Преку денешното евангелско четиво можевме да се потсетиме и да се навратиме на оние моменти коишто го опишуваат Јовановото страдање и неговото погубување. Ќе се обидам само во неколку реда да ја повторам забележаната историја. Свети Јован беше затворен затоа што, покрај сите други работи што ги обзнануваше, јавно го беше осудил Ирод затоа што незаконски ја беше зел за жена сопругата на својот роден брат, иако тој беше сѐ уште жив. Немајќи храброст да го убие, го беше затворил. Во Евангелието се вели дека по повод својот роденден, на една гозба, кога сите таму претерале со јадењето и со пиењето, поднапиен Ирод ѝ ветил на ќерката на својата жена дека ќе ѝ даде се што сака. А таа ја побарала главата на свети Јован Крстител. И ја добила.
И еве, денес, овој ден го одбележуваме свечено, но, исто така, е и ден празничен за кого што знаме дека е еден од ретките празници во текот на годината за кој Црквата востановила пост. И многумина ќе речат, тоа е поради маченичката смрт на Свети Јован, кој пострадал маченички, кому главата му била отсечена. Но, ако ги земете житијата на светителите, ќе забележите дека поголемиот дел од светителите се маченици, со мачеништва какви што денес човечкиот ум не може ни да ги замисли. Ако истражиме подлабоко, ќе видиме дека уште од Стариот завет имало обиди да се принудат луѓето да се откажат од Бога и од својата вера. Такви се примерите од времето на Макавеите, кога еден безбожен цар беше забранил децата да се обрезуваат според Божјиот закон и беше наредил мајките што ги обрезале своите деца да бидат качени на врвот од ѕидините и од горе заедно да бидат фрлени. Знаеме за голем број светители кои биле живи фрлени на ѕверки, биле растргнувани, мачени, во врели котли ставани, кожата им била дерена – и сега некој ќе каже: па добро, тогаш зошто токму само за денешниот празник е востановен овој пост?
Постот е, пред сѐ, да потсети на самото мачеништво, но уште повеќе на причините што довело до тоа мачеништво. А тоа било прејадувањето, препивањето, опивањето. Ние многу често и со право велиме дека духовниот пост е важен, но тоа не значи дека телесниот пост е неважен. Гледаме дека не само тука, но и при првиот гревопад, кога човекот го изгуби рајот, кога ја прекрши првата од Бога добиена заповед, и тоа тогаш било сторено од невоздржание и од непослушност кон Бога.
Па така, со евангелските размислувања за овој ден, да се помолиме Свети Јован да биде наш постојан застапник и закрилник пред Бога, а сите вие дома да си го понесете Божјиот благослов. Нека е на многу години!