логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 osvbotun2019 1

„Ти му ги отвори очите на оној што не ја видел сетилната светлина, и му ги просветли очите на душата, и, откако Те позна како негов Творец, направи да Те слави како Бог, Кој се јави како човек од милосрдие“ (песна од канонот на Утрена во Шестата недела по Пасха - на Слепиот).

 osvbotun2019 2

На 02.06.2019 година, во Шестата недела по Пасха - на Слепиот, и на празникот на св. маченици Талалеј, Александар и Астериј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на новиот храм „Св. Архангел Михаил“ во с. Ботун, општина Дебарца, Охрид. Откако беше осветен храмот, веднаш беше отслужена и првата света архиерејска Литургија во овоj нов Божји дом. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 osvbotun2019 3

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,

Христос воскресе!


Денес, за време на светата Литургија слушнавме еден извадок од Евангелието, преку кој светата Црква има за цел да нѐ поучи преку зборовите и делата на Господа. Денешната поука која произлегува од Евангелието, зборува за исцелението на еден слепороден човек. Затоа оваа недела се нарекува Недела на слепиот. Секоја болест е тешка и мачна, бидејќи предизвикува болки, маки и страдања. Но, слепоста е особена болка и страдање, бидејќи слепиот човек е лишен од видот. Тој не може да ја гледа убавината на создадениот Божји свет, природата, па ниту луѓето со кои комуницира. Во денешното Евангелие се вели дека Господ Исус Христос одејќи по Својот пат со учениците, сретнал еден слеп човек, кој просел милостина за да може да преживее. Во оваа прилика учениците Го прашале Господа Христа „Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?" (Јн. 9, 2) Христос одговорил дека ниту тој згрешил, а ниту родителите негови, туку сѐ е со цел да се пројави силата Божја. Ние знаеме дека нероден човек не може да погреши. Според тоа, слепородениот не можел да се роди таков како последица на лични гревови. Христос во оваа прилика сакал да го изобличи еврејското учење дека многу грешни души откако ќе починат, се вселуваат во некое друго тело за да ги истрпат маките за своите претходни гревови. За да ги отфрли овие учења, во што во извесна мера лажно учеле фарисеите и книжниците, Христос ја покажал Својата милост кон овој страдалник и покрај тоа што тој не барал помош и исцеление. Но, Христос правејќи кал со плунка и мачкајќи ги очите на слепиот, го испратил во бањата Силоам да се измие. Овој страдалник не се спротивставил на заповедта Христова, туку со премачкани очи отишол, веројатно со помош на некои луѓе, и се измил во посочената бања. Таму му се отвориле очите и тој прогледал. По ова чудо, слепиот кој прогледал почнал јавно да Го фали и прославува Исуса, Кој му подарил вид. Ова чудо Христос го направил од две причини. Најпрво, за да ја покаже Својата милост кон страдалникот, а второ, за да ја провери и неговата вера – дали тој навистина без колебање ќе постапи според зборот на Господа. Како трето, ова чудо го направил за да ја пројави Својата сила и моќ како Син Божји и избавител човечки. Токму затоа го праќа во бањата, за да биде виден од многумина, како оди слеп и со силата Божја добива виделина. Затоа и Господ Христос вели дека тој е роден таков за да се пројави силата Божја.


Откако слепородениот се измил и добил вид, почнал јавно и гласно да зборува за Христа и станал проповедник на Евангелието. Кога фарисеите и другите јудејски првенци го обвиниле за хула, тој влегол во спор со нив и кажал дека иако не знае кој е Тој, знае дека токму Тој му ги отворил очите и му подарил вид. Кога отишол пред Христа, Христос го запрашал: „Веруваш ли ти во Синот Божји?" (Јн. 9, 35) Откако тој запрашал „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?" (Јн 9, 36), Христос му кажал дека Тој кој стои пред него е Христос. Тогаш слепородениот кој прогледал паднал и Му се поклонил како на Бог.


Како што има телесно слепило, кое како што рековме е тешко за поднесување, уште поголема трагедија е тоа што постои духовно слепило. Тоа постои кај луѓето кои имаат телесни очи и гледаат со нив, но со духот и со душата се слепи, бидејќи не можат и не сакаат да ја согледаат вистината и силата Божја. Во прв план, во времето на Христа такви биле јудејските свештеници и фарисеите кои слепо се држеле за Мојсеевиот закон. Но, од својата гордост и занесеност, тие не можеле да Го познаат и признаат Господа Христа како Месија и Син Божји, и покрај тоа што биле сведоци на безброј Негови чуда, во кои се пријавувала силата Божја врз луѓето кои барале помош и милост од Господа Христа. Тоа духовно слепило е многу пострашно и поболно за сите оние кои ќе останат упорни во животот во игнорирање и непрепознавање на силата Божја.


Потребно е да се нагласи дека чудата се случуваат онаму каде што завршува силата на разните лекарски знаења, вештини и медикаменти и кога се случува надминување на природните законитости. Оваа надворешна интервенција на Создателот и Промислителот се нарекува чудо. Чудата не се случуваат како потреба на Бога, туку пред сѐ за потреба на луѓето и за утврдување на верата во Христа меѓу човечкиот род. Ние како луѓе повеќе се чудиме на исцелението на еден слеп, отколку на создавањето на самото око кое е многу поголемо чудо. Но, Бог знаејќи ја слабоста на луѓето, благоволи да го прави и тоа, со цел да се засили верата кај нас грешните луѓе. Овде треба да потенцираме уште еден значаен факт. Христос прави разни чуда – лекува крвотечение кај жената, очистува лепрозни, подига на нозе парализирани, но секогаш ја бара нивната вера и доколку луѓето имаат вера, Хрисатос им одговара: Нека ти биде според твојата вера" (Мт. 8, 13) или „верата твоја те спаси; оди си со мир!" (Лк 8, 48).


Преку денешното евангелско четиво светата Црква не поучува и нас дека треба да имаме силна и непоколелблива вера во Синот Божји, Кој доаѓа од небесните височини, поднесува искупителна жртва, страдања, и погребение, а на крај и славно тридневно воскресение. Тој ја остава Својата света Црква како бања за очистување од секакви нечистотии на душата, преку светите тајни и молитвословија. На тој начин многу полесно ги пребродуваме животните искушенија и можеме полесно да одиме по Христовиот пат, да правиме добри дела и да спечалиме вечен и блажен живот.


Ја користам оваа прилика, на црковниот одбор при црквата „Света Богородица" во Ботун да им искажам искрена благодарност за нивниот потфат, на ова место во релативно краток временски период да подигнат дом Божји, посветен на светите небесни сили. Овој дом нека послужи за собирање на православните верници, за барање милост од Бога за проштевање на нашите прегрешенија, за зацврстување на Христијанската љубов, за утврдување на православната вера, за зачувување на нашите православни македонски вековни традиции и за прославување на Севишниот Бог, на Кого нека Му е слава и благодарност, сега и во сите векови. Амин.
osvbotun2019 4

Недела на слепиот
Осветување на храм „Свети Архангел Михаил"
с. Ботун, Охрид
02.06.2019 год.

 osvbotun2019 6

 osvbotun2019 7

 osvbotun2019 8

 osvbotun2019 9

 osvbotun2019 10

 osvbotun2019 11

 osvbotun2019 12

 osvbotun2019 14

 osvbotun2019 17

 osvbotun2019 19

 osvbotun2019 21

 Извор: http://www.dke.org.mk/index.php/3180-2019-06-02-15-42-02

 

 

 

 

 

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie