логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 

СВЕТА И ВЕЛИКА НЕДЕЛА НА ПАСХА
ВЕЛИГДЕН
Во раните утрински часови, клисарот, откако ќе земе благослов од настојателот, излегува и ги бие камбаните доволно. Пота влегува во храмот, ги пали сите свеќи и кандила. Подготвува и два сада со разгорен ќумур, и става во нив доволно благомирисен темјан: едниот сад го става на средината на храмот, а другиот го става во светиот олтар, за да се исполни сиот храм со благопријатна миризба. Потоа настојателот влегува во светиот олтар со ереите и ѓаконите, и се облекуваат во комплетни светли одежди. Тој им разделува свеќи на братијата, и го зема чесниот крст, а кадилницата ја зема ѓаконот. Еден ереј го зема светото Евангелие, друг ереј ја зема иконата на Воскресението Христово, и се свртуваат со лицето на запад. Ја затвораат западната врата на храмот. Настојателот и ереите излегуваат во припратата низ северната врата, а пред нив врват ѓаконите со две свеќи, и двата хора пеејќи ја стихирава, глас 6:
Воскресението Твое, Христе Спасителе, ангелите го воспеваат на небесата, а нас, кои сме на земјата, удостој нè, со чисто срце да Те славиме.
    Потоа бијат сите камбани, и тоа доволно. Откако ќе влезат во припратата, застануваат со Евангелието и со иконата, свртени на запад, како што беше укажано порано. Потоа настојателот ја зема кадилницата од ѓаконот во десната рака, а крстот во левата, и ги кади иконите, клирот и братијата, според обичајот. За тоа време ѓаконот носи пред него запалена свеќа. Сите браќа стојат држејќи ги своите свеќи, молејќи се внимателно во себе, и благодарејќи Му на Христа нашиот Бог, кој заради нас пострада и воскресна. По завршувањето на кадењето, настојателот доаѓа пред големата врата на црквата, и го покадува ѓаконот којшто стои пред него со свеќа. Тогаш ѓаконот ја зема кадилницата од раката на настојателот, и го покадува самиот настојател. Настојателот пак ја зема кадилницата, застанува пред црковната врата, гледајќи на исток, и прави крсен знак со кадилницата трипати пред големата врата (која е затворена), држејќи го во левата рака чесниот крст, додека од двете страни стојат свеќоносци.
И велегласно возгласува:
Слава на Светата, едносуштна, животворна и неразделна Троица, сега и секогаш и во веки веков.
А ние одговараме: Амин.


    Настојателот, заедно со другите служители, го започнува велегласно овој тропар, на глас 5:


Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите, живот им дарува.
    И ние пееме исто, со слаткопение. Овој тропар го пее трипати настојателот, и трипати ние (односно народот).
Потоа настојателот ги говори стиховите:
    Првиот стих: Да воскресне Бог, и да се распрснат непријателите Негови; нека се разбегаат пред лицето Негово оние што го мразат.
    По секој стих ние го пееме целиот тропар: Христос Воскресна од мртвите: (по еднаш).
    Вториот стих: Како што димот исчезнува, така да исчезнат; како што восокот се топи од оган. Христос Воскресна: (еднаш).
    Третиот стих: Така да загинат грешниците од лицето Божјо, а праведните да се развеселат. Христос Воскресна: (еднаш).
    Четвртиот стих: Ова е денот што го создаде Господ, за да се зарадуваме и да се развеселиме во него. Христос Воскресна: (еднаш).
    Слава: Христос Воскресна: (еднаш).
    И сега: Христос Воскресна: (еднаш).
    Потоа настојателот пее со повишен глас: Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи. И ја отвара вратата.
    Настојателот влегува со чесниот крст, а пред него врват двајца свеќоносци. А за тоа време браќата (народот) пее: И на оние во гробовите, живот им дарува. Потоа бијат сите камбани, и удираат доволно три ѕвона.
    Откако настојателот со ереите ќе влезе во светиот олтар, ѓаконот ја говори големата ектенија: Во мир да се помолиме на Господа: Возглас: Зошто Тебе Ти прилега секоја слава:
    Потоа претстојателот го започнува канонот, творба на Свети Јован Дамаскин, глас 1: Ден е на Воскресение: Ирмосите на 4, и тропарите на 12, со припевите: Христос Воскресна од мртвите: и пак на крајот секој хор го пее ирмосот. Најпосле, по слегувањето, катавасијата, истиот ирмос: Ден е на Воскресение: И по него: Христос Воскресна: целиот трипати.
    Секоја песна од канонот ја започнува престојателот, било да започнува десната страна или левата по ред. И по секоја песна се чита мала ектенија надвор од олтарот, како што рековме, во овој свет ден. Возгласот го кажува ерејот во олтарот. По првата песна пее десната страна. По 3-та песна пее левата. Така пееме и по другите песни.
Канон, глас 1.
Песна 1.
    Ирмос: Ден е на Воскресение, да се просветлиме, луѓе! Пасха, Господова Пасха, зашто од смртта кон животот и од земјата кон небото, Христос Бог нè преведе, пеејќи ја победната песна.
    Припев: Христос Воскресна од мртвите.
    Да ги очистиме чувствата, и ќе Го видиме Христа како болска со непристапната Светлина на Воскресението, и ќе Го чуеме како вика: радувајте се, пеејќи ја песната победничка.
    Небесата достојно да се веселат, а земјата нека се радува; нека празнува светот – видливиот и невидливиот, зашто воскресна Христос, радоста наша вечна.
    Ектенија, и возглас: Зашто твоја е моќта, и Твое е царството, и силата, и славата, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.
Песна 3.
    Ирмос: Пријдете да пиеме нов пијалак, кој не е направен од карпата со чудо, туку е Христос – Изворот на негнилежност, кој од гробот потече, во Кого се утврдуваме.
    Сега се исполни сè со светлина, небото и земјата и адот; секоја твар нека го празнува Христовото Воскресение, зашто во Него се утврдува.
    Вчера се погребав со Тебе, Христе, денес воскреснувам со Тебе; вчера се распнував со Тебе, денес Самиот Ти прослави ме со Тебе во Царството Твое.
    Ектенија, и возглас: Зошто Ти си нашиот Бог, и Тебе слава Ти вознесуваме, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш, и во веки веков.
Ипакој, глас 4.
Жените кои, пред зори, отидоа на гробот заедно со Марија, и каменот потргнат го најдоа, од ангелот слушнаа: Зошто го барате меѓу мртвите Оној што живее во вечна Светлина? Видете ги гробните пелени, одете и на светот објавете му дека воскресна Господ, Кој  смртта ја умртви, зашто е Син Божји, Кој го спасува родот  човечки.
    И читање од Св.Григориј Богослов, со почеток: Ќе застанам на мојата стража: По читањето, браќата пак ги палат свеќите.
Песна 4.


    Ирмос: Богоглаголивиот Авакум нека застане со нас на божествената стража и да ни го покаже светлоносниот ангел, кој јасно говори: Денес е спасението на светот, зашто воскресна Христос, како сесилен.
    Христос се јави како машко дете кое ја одврзува девствената утроба; како човек се нарече непорочно, неосквернето Јагне; а како вистински Бог е нашата Пасха совршена.
    Христос, нашиот благословен венец и Пасха очистителна, како едногодишно јагне доброволно беше заклан за сите, и пак ни засветли од гробот прекрасното Сонце на правдата.
    Богоотецот Давид играше пред ковчегот на заветот, а ние, светите Божји луѓе, гледајќи го исполнувањето на тие предобрази, да се веселиме божествено, зашто Христос Воскресна, како сесилен.
    Ектенија, и возглас: Зашто си благ и човекољубец Бог, и Тебе слава Ти вознесуваме, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.
Песна 5.
    Ирмос: Наутро рано подрануваме и наместо миро на Господа песна да Му пренесеме, и да го видиме Христа – Сонцето на правдата, Кој на сите живот им засветли.
    Оние што беа држани со адските вериги, гледајќи го Твоето безмерно милосрдие, со весели нозе одеа кон Светлината, Христе, фалејќи ја вечната Пасха.
    Ние, кои носиме свеќи, да пристапиме кон Христа, Кој од гробот излегува како младоженец, и сите заедно да ја прославиме Божјата Пасха спасителна.
Ектенија, и возглас: Зашто се свети и прослави пречесното и великолепно име Твое, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.
Песна 6.
    Ирмос: Христе, си слегол во долните места и си ги скршил вечните резиња, кои ги држеа врзаните и, како Јона од китот, си воскреснал од гробот.
    Откако ги запази цели печатите, Христе, си воскреснал од гробот, без да ги повредиш клучевите на девството при Твоето раѓање, и ни ги отвори рајските врати.
    Спасителе мој, живо и нежртвено заколение, Кој како Бог Самиот Себе се приведе при Отецот доброволно; кога воскресна од гробот, си го воскреснал и прататкото Адама.
Ектенија, и возглас: Зашто Ти си Цар на мирот и Спасител на душите наши, и Тебе слава Ти вознесуваме, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.
Потоа кондак, глас 8.
    Кога си слегол во гробот, Бесмртни, си ја разурнал силата адова, и си воскреснал како победител, Христе Боже, Кој на жените мироносици им благовести: Радувајте се! Кој им даруваш мир на Твоите апостоли, а на паднатите им даваш Воскресение.
    Икос: Сонцето Кое му претходи на сонцето, Кое некогаш зајде во гробот, жените мироносици Го бараа како ден, кога поранија наутро и една на друга си велеа: О, другарки, дојдете со мириси да го помажеме телото живоносно и погребано; плотта на Оној што го воскресна паднатиот Адама, која лежеше во гробот: Да одиме, да побрзаме како мудреците и да се поклониме, и како дарови да Му принесеме миро на завитканиот не во пелени, туку во плаштаница; да плачеме и да повикаме: Стани, о Владико, Кој на паднатите им даваш Воскресение.

Потоа говориме трипати:
    Откако го видовме Христовото Воскресение, да Му се поклониме на светиот Господ Исус, Единствениот безгрешен. На Твојот Крст се поклонуваме, Христе, и Твоето свето Воскресение го воспеваме и го славиме. Зашто ти си Бог наш, и освен Тебе, друг не знаеме, и со Твоето име се именуваме. Дојдете сите верни, да се поклониме на светото Христово Воскресение, зашто, ете, преку Крстот дојде радост за целиот свет. Постојано, благословувајќи Го Господа, го воспеваме Неговото Воскресение, зашто Он, откако претрпе распнување, со смртта, смртта ја разруши.
    Потоа се пее трипати: Кога воскресна Исус од гробот, како што прорече, ни даде живот вечен, и милост голема.
Песна 7.
    Ирмос: Единствениот благословен и препрославен Бог на татковците, Кој од печката ги избави момчињата, кога стана човек – страда како смртен и со страдањето смртното го облекува во убавината на нетлението.
    Богомудрите жени со мириси дотрчаа при Тебе, Христе, како мртов барајќи Те со солзи: но, радувајќи се, тие Му се поклонија на живиот Бог и на Твоите ученици им ја благовестија таинствената Пасха.
    На смртта ѝ го празнуваме умртвувањето, на адот – разурнувањето, почетокот на друг – вечен – живот, и со радост Го воспеваме Створителот – единствениот благословен и најславен Бог на отците.
    Навистина, колку е свештена, сепразнична, спасителна и светлозарна оваа ноќ, бидејќи е предвесник на светлоносниот ден на Воскресението: во неа од гробот, телесно, на сите им засветли вечната Светлина.
Ектенија, и возглас: Нека е благословена и препрославена моќта на Твоето царство, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.
Песна 8.
    Ирмос: Овој ден е наречен свет, единствен цар и господар на саботите, Празник над празниците и торжество над торжествата, во него да го благословуваме Христа во вековите.
    Дојдете да вкусиме од новиот плод на лозјето – радоста божествена и, во овој ден на Воскресение, да се приопштиме кон Царството Христово, воспевајќи Го Него како Бог, во вековите.
    Погледај наоколу, Сионе, и види, зашто твоите чеда, како богосветли светила, дојдоа при тебе од запад, и север, и морето, и од исток, во тебе благословувајќи го Христа, во вековите.
    Троичен: Отче Седржителу, и Слове, и Духу, естество пресуштествено и пребожествено, соединето во три ипостаси, во Тебе се Крстивме и Тебе Те благословуваме во сите векови.
Ектенија, и возглас: Зашто се благослови Твоето име, и се прослави Твоето царство, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков.
Припеви на 9-та песна:
Душата моја Го велича Христа Животодавецот, Кој воскресна од гробот по три дена.
И ирмосот: Светли се, светли се:
И вториот хор го пее истиот припев, и ирмос.
Потоа првиот хор го пее вториот припев:
    Душата Го велича Оној што доброволно пострада, и беше погребан, и Кој воскресна од гробот по три дена.
И ирмосот: Светли се, светли се:
И вториот хор го пее истиот припев, и ирмос.
Потоа првиот хор го пее третиот припев:
Христос е новата Пасха, жртвата жива, јагнето Божјо, Кое гревовите на светот ги зема. И стихот.
И вториот хор го пее истиот припев, и ирмос.
Потоа првиот хор го пее четвртиот припев:
Ангелот ѝ велеше на благодатната: Чиста Дево, радувај се, и пак ќе речам – радувај се! Твојот Син воскресна од гробот по три дена, и мртвите ги подигна: - луѓе, веселете се. И стихот.
И вториот хор го пее истиот припев и стих.
И другите осум припеви се пеат по еднаш пред стиховите.
    Кога заспа ги разбуди мртвите од памтивек, царски рикајќи како лавот од Јуда.
    Марија Магдалена притрча кон гробот и, кога го виде Христа, Го запраша мислејќи дека е градинарот.
    Ангелот, кој болскаше, на жените им викаше: Престанете да плачете, зашто Христос Воскресна.
    Христос Воскресна, Кој смртта ја уништи, и мртвите ги подигна: луѓе, веселете се.
    Денес секоја твар се весели и радува, зашто Христос Воскресна, и адот се заплени.
    Денес Господ го заплени адот, ги ослободи заробените, коишто ги држеше со векови.
    Мојата душа ја велича моќта на триипостасното и неразделно Божество.
    Радувај се Дево, радувај се, радувај се благословена, радувај се најпрославена, оти твојот Син воскресна од гробот по три дена.
На крајот, првиот хор го пее првиот припев и ирмосот.
    Потоа и двата  хора заедно го пеат ирмосот, и тропарот: Христос Воскресна: трипати.
Песна 9.
    Ирмос: Светли се, светли се, нов Ерусалиме, зашто славата Господова на тебе засветли. Ликувај сега и весели се, Сионе; Ти, пак, Чиста, радувај се, Богородице, за воскресението на твојата рожба.
    О божествен! О најмил! О најсладок Твој глас, Христе, Кој нелажно си ветил дека ќе бидеш со нас до крајот на векот, во Кого и ние верните, имајќи тврда надеж, се радуваме.
    О, Пасха велика и најсветла, Христе! О, Мудрост и Слово Божјо, и сило! Давај ни поцелосно да се причестуваме со Тебе во невечерниот ден на Твоето царство.
Ектенија, и возглас: Зашто Тебе Те фалат сите небесни сили, Отецот и Синот и Светиот Дух, и Тебе слава Ти вознесуваме, сега и секогаш и во веки веков.
Егзапостилар. Самогласен:
    Заспан со тело, како мртов си воскреснал по три дена, Цару и Господи, откако го крена Адама од распадливоста, и смртта ја уништи; Пасха на нетление, и на светот – спасение. (трипати)
    Хвалитни стихири: Сè што дише: глас 1. Земаме четири стиха, и пееме стихири воскресни, глас 1.
    Стих: Фалете Го поради Неговите силни дела, фалете Го поради многуте величија Негови.
    Го воспеваме, Христе, Твоето спасително страдање, и го славиме Твоето Воскресение.
    Стих: Фалете Го со трубен звук, фалете Го со харфа и цитра.
    Господи, Кој претрпе Крст и смртта ја уништи, и Кој воскресна од мртвите, успокој го нашиот живот, како единствен сесилен.
    Стих: Фалете Го со тимпани и во оро, фалете Го на струни и со свирка.
    Христе, Кој адот го плени и смртта ја уништи со Твоето Воскресение, удостој нè и нас со чисто срце да Ти пееме, и да Те славиме.
    Стих: Фалете Го милозвучни кимвали, фалете Го со комвали громогласни, сè што дише – нека Го фали Господа.
    Те воспеваме Христе, славејќи го Твоето богоподобно снисходење; си се родил од Дева, и неразделен си бил од Отца; си пострадал како човек, и Крст си претрпел доброволно; си воскреснал од гробот, како излезен од палата, за да го спасиш светот, Господи, слава Ти.
Потоа, сите заедно - и двата хора, ги пеат
пасхалните стихири. Глас 5.
    Стих: Да воскресне Бог, и да се распрснат непријателите Негови.
    Пасха свештена денес ни се покажа, Пасха нова света, Пасха таинствена, Пасха сечесна, Пасха – Христос избавител, Пасха непорочна, Пасха велика, Пасха на верните, Пасха што ни ги отвора рајските врати; Пасха која ги осветува сите верни.
    Стих: Како што димот исчезнува, така да исчезнат.
    Пријдете жени, благовесници на она што го видовте, и на Сион речете му: прими ја од нас радосната вест за Воскресението Христово: весели се, ликувај и радувај се Ерусалиме, гледајќи Го Царот Христос, Кој како Младоженец од гробот излегува.
    Стих: Така да загинат грешниците од лицето Божјо, а праведниците да се развеселат.
    Жените мироносици, дојдени наутро рано при гробот на Животодавецот, најдоа ангел кој седи на каменот, и тој, кога проговори, им зборуваше вака: Зошто го барате Живиот меѓу мртвите? Зошто плачете по Оној што е бесмртен? Одете и кажете им на учениците Негови.
Стих: Ова е денот што го создаде Господ, за да се зарадуваме и да се развеселиме во него.
Пасха чудесна, Пасха; Пасха Господова, Пасха сечесна ни засветли: Пасха е, со радост еден друг да се прегрнеме. О, Пасха, избавување од тага, бидејќи денес од гробот, како од палата, Христос засветли и жените со радост ги исполни, велејќи: кажете им на апостолите.
Слава, и сега, глас 5.

Ден е на Воскресение, да се просветлиме со торжеството, и еден друг да се прегрнеме! И на оние што нѐ мразат да им речеме: Браќа, да простиме сѐ со Воскресението, и така да запееме: Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите, живот им дарува.
Потоа, Христос Воскресна: трипати. Ова го пееме многупати, додека братијата си разменуваат целив меѓу себе.
Огласително слово на светиот и светлоносен ден на преславното и спасително Воскресение на Христа нашиот Бог, од светиот наш отец Јован Златоуст, архиепископ Константинополски.
Кој е набожен и кој Го љуби Бога, нека се наслади од ова добро  и светло торжество. Кој е верен слуга, со радост нека влезе во радоста на својот Господ. Оној што се потрудил да пости, сега нека ја прими својата награда. Кој работел од првиот час, денес нека ја прими праведната плата. Ако некој дошол во третиот час, нека празнува благодарејќи. Кој стигнал по шестиот час, да не се сомнева, зашто не ќе загуби ништо. Ако некој доцнел до деветтиот час, нека се доближи без колебање и без страв. Оној што се јавил дури во единаесеттиот час, да не се плаши поради доцнењето, бидејќи Господ е дарежлив. Он последниот го прима како и првиот; на работникот од единаесеттиот час му дава одмор како на оној што работел од првиот час; и последниот го милува, и на првиот му угодува; на едниот му дава, а на другиот му придава; го прима делото, а ја поздравува и намерата; ја чествува работата и го фали добриот збор.
Затоа, влезете сите во радоста на својот Господ; примете ја наградата и првите и вторите; богати и сиромаси, ликувајте заедно; испосници и мрзливи, чествувајте го овој ден. Радувајте се денес, и вие што сте постеле, и вие што не сте постеле.
Трпезата е полна, сите насладете се! Угоеното теле е готово, никој гладен да не си замине! Сите насладете се од гозбата на верата! Сите примете го богатството на добрината; никој да не се жали поради сиромаштвото, зашто заедничкото царство се покажа. Никој да не ги оплакува прегрешенијата, зашто од гробот зсветли проштевањето. Никој да не се плаши од смртта, зашто смртта на Господа нѐ ослободи; ја згасна Оној што беше задржан од неа. Адот го заплени Оној што слезе во него; го исполни со горчливост оној што вкуси од Неговото тело.
Знаејќи го ова однапред, Исаија извикува: Адот се огорчи, вели тој, кога те сретна под земјата; се огорчи, бидејќи се уништи; се огорчи, бидејќи беше исмеан; се огорчи, бидејќи се умртви; се огорчи, бидејќи беше згазен; се огорчи, бидејќи се врза; прими тело, и се најде пред Бога; прими земја, и го сретна небото; Го прими она што го гледаше, и падна во она што не го гледаше.
Смрт, каде ти е осилото? Аде, каде ти е победата? Христос Воскресна и ти си згазен. Христос Воскресна, и демоните паднаа. Христос Воскресна, и ангелите се радуваат. Христос Воскресна и животот триумфира. Христос Воскресна, и ниту еден мртов нема во гробот, зашто Христос Воскресна и стана првина на оние што спијат. Нему слава и моќ, во веки веков. Амин.
Потоа се пее тропарот на свети Јован Златоуст. Глас 8.
Благодатта на твојата уста блесна како светлина на огнот и ја просвети вселената, и светот го научи богатството да не го бара во среброљубието, а ни ја покажа и возвишеноста на смирението, Но, учејќи нѐ со твоите зборови, отче Јоване Златоусти, моли Го Словото – Христа Бога, да ги спаси душите наши.
По ова ѓаконот ја говори ектенијата: Помилуј нѐ Боже: и Да ја исполниме нашата утрена молитва пред Господа:
По возгласот, ѓаконот вели: Премудрост. А ние велиме: Благослови.
Настојателот: Благословен е Христос нашиот Бог, постојано сега и секогаш, и во веки веков. А ние: Амин. Утврди го Боже: По ова настојателот, држејќи го Крстот, наместо: Слава Ти Христе Боже: пее: Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи. А ние пееме: И на оние во гробовите живот им дарува. Потоа настојателот го кажува отпустот: Христос нашиот вистински Бог, Кој воскресна од мртвите, Кој со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите живот им дарува, по молитвите на Својата Пречиста Мајка и на сите светии, да нѐ помилува и спаси, како благ и Човекољубец.
Потоа, издигнувајќи го Крстот, говори: Христос Воскресна. трипати. А ние одговараме: Навистина Воскресна. трипати. Потоа, го пееме конечното: Христос Воскресна: трипати, целиот тропар. И, по него, со пеење завршуваме: И ни дарува живот вечен, се поклонуваме на Неговото тридневно Воскресение.
По ова многулетствие, и го целиваме чесниот крст што настојателот го држи во раката.


Извор: ЦВЕТЕН ТРИОД
Издавач: МПЦ Црква Св. Петка-Мил Парк, Викторија- Австралија и Австралиско- новозеландска епархија и Преспанско- пелагониска епархија
Превод: преводот и препев од црковнословенски јазик, го направи   д-р Јован Таковски
Подготвија: Д. И. и Т. С.



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1044
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1005
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…