логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Отец Александар Шмеман

✤✣✤

За верата и Откровението – Личното искуство

✤✣✤

Во ова време, за верата, духовноста и Христијанството многу често, па дури и претежно, се зборува од еден неличносен, објективен и догматски аспект. Тоа го прават не само непријателите на христијанската вера, туку и самите Христијани кои со тек на време се навикнале за својата вера да размислуваат во контекст на прашањето: „На што учи Христијанството и како?“ и „Што и како исповедаат Христијаните?“. Меѓутоа, верата, по својата природа и суштина е една длабоко лична реалност, која, според тоа, може да биде жива единствено во личноста и низ личното искуство. Верата станува жива вера дури тогаш кога ова или она учење на Црквата, кога овој или оној догмат (како што велиме ние Христијаните), ќе стане моја вера и мое искуство, а со тоа и главна содржина на мојот живот. Ако се задлабочиме во прашањето за верата и се обидеме да сфатиме како верата се пренесува од еден на друг човек, ќе ни стане јасно дека она што вистински го убедува, вдахновува и преобразува во верата другиот е секогаш само личното искуство. Ова е особено важно во Христијанството, зашто христијанската вера по својата суштина, секогаш е лична средба на верникот со Христа и лично прифаќање на Самиот Христос, а не прифаќање на ова, или она учење, односно догматите за Христа. Со други зборови, Христијанството е крајно лична вера. Тоа всушност значи дека Христијанството не е индивидуалистичка вера, зашто сите верни Го среќаваат, познаваат и љубат единствениот и ист Христос. Но Христос му се обраќа на секој верник лично, така што сечија вера односно верата на секој верник поодделно, е истовремено и единствена и вкоренета во заедничката вера. Многу е важно секогаш да сме свесни за ова, особено денес кога непријателите на христијанската вера ги напрегаат сите сили, својата борба против верата и Христијанството да ја претворат во научен спор, за потоа, во еден таков научен спор конечно да ги поразат Христијаните и тоа со научни аргументи, како тука да станува збор за спорење околу некој објективно спознатлив природен феномен. Непријателите на Христијанството тоа го прават зашто знаат дека она што Христијаните го исповедаат како содржина на својата вера, едноставно не може да биде докажано на ниво на научен спор, т. е. сѐ додека тој спор се води на научно или подобро кажано на лажно научно ниво. Но на Христијаните воопшто не им е потребно некој да им ја докажува вистинитоста на Христијанството, зашто тие од искуство знаат дека тоа е вистинито: Христијаните непосредно ја доживуваат реалноста на Христијанството, токму онака како што и човекот непосредно во себе ја препознава и знае реалноста на љубовта, восхитот, тагата и сострадалноста. Тоа значи дека верата не може научно да биде докажана, но за неа може и те како да се зборува. Затоа, Евангелието по својата суштина е слово за верата, а не научен преглед на религиозните факти. Евангелието е слово за верата што ни го предадоа оние кои Го гледале и слушале Христа, кои поверувале во Него и кои Го засакале толку многу, што Он им станал самиот нивен живот и нивно искуство. Таа е онаа вистинска причина поради која Евангелието останува живо низ вековите, поради која тоа погаѓа во самото човечко срце, за разлика од философските и богословски трактати, кои човечкото срце и ум, по правило, ги оставаат потполно ладни.

Она што повеќе од сѐ му е неопходно на нашето оладено и огрубено време, е живото слово за живата вера, т. е. предавање не на голото знаење и на голите факти, туку на самото искуство на верата. И иако секој од нас многу добро и надвор од секој сомнеж знае дека нашата вера е слаба и недоволна, дека и на нас се однесуваат Христовите зборови: „О, роде маловерен!“ (Матеј, 6, 30), сепак во оние мигови на вистината, во нас почнува да пулсира тоа единствено искуство на верата кое не може да се спореди со ништо што е од овој свет. И ако стотици луѓе пред нас не го имале исто така тоа искуство на верата, ние едноставно не би имале од кого да го примиме тоа искуство, не би можеле да знаеме дека пред две илјади години се случил настанот кој е од непосредно и одлучувачко значење и за нашиот денешен живот. А токму во тоа е смислата на христијанската вера: во таинствената увереност дека сѐ што кажал и направил Христос, направил заради мене и мене ми го кажал; дека ни вековите, ни просторот, ништо не може да ме одвои од Христа, освен моето сопствено маловерие, мојот заборав и моите безбројни предавства.

Затоа сакам овие беседи да ги посветам на прашањето за самата вера, но не на верата во смисла на нејзината објективна, односно „богословска“ содржина, туку пред сѐ во смисла на нејзиниот личен раст во човечката душа. Сакам да зборувам за тоа што би одговорил кога некој би ми ги поставил следниве прашања: „Што значи Бог за тебе? Што навистина мислиш кога го изговараш тој таинствен и истовремено толку познат и секојдневен збор ’Бог‘? Што е – односно, Кој е Христос за тебе? Вие Христијаните велите дека Христос ’умре за нас‘ дека Он за нас ’воскресна од мртвите и смртта ја победи‘. Вие, Христијаните во црквите пеете ’и ниту еден од мртвите не остана во гробот‘, а околу нас насекаде и натаму царува смртта. Што тогаш значи сето тоа, но не само со зборови, не низ фразите во книгите, туку што значи тоа во реалниот и живиот живот на  еден човек? Вие, Христијаните секогаш зборувате за Црквата, но која е смислата на зборот ’Црква?‘ Исто така зборувате за Света Троица, за Светиот Дух, за благодатта и Светите Тајни, за простувањето на гревовите. Нема сомнеж дека зад сите тие зборови мора да стои некое живо и лично искуство: инаку, зар тие зборови воопшто нешто би значеле?“.

Меѓутоа во светот, кој толку се оддалечил од христијанската вера, многу е тешко повторно да се пробие до тоа изгубено искуство на верата, а уште потешко да се зборува за тоа искуство „од срце“. За триесет години искуство во свештеничкиот позив, сфатив дека најтешко од сѐ на светот е да се зборува токму за она што е наједноставно и најсуштинско. Неспоредливо полесно е да се зборува за туѓите мисли, да се повикуваме на туѓото искуство, да се изговараат туѓите зборови. Најтешко е да се зборува од срце – кон срце.

Извор. Бигорски манстир



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Јули 01, 2019

„Осаменоста не е во тоа што сме сами, туку во тоа дека не постои ништо по кое копнееме.“

Јас сум академски сликар и наивен писател. Учев да бидам сликар, но писател – не. Впрочем, каде се учи за тоа? На пример, Толстој по занимање бил гроф, Чехов - лекар, Сент Егзипери, авијатичар – а да не го споменеме Чарлс Буковски, кој бил поштар“.
Мај 28, 2019

Свети Леонтиј Струмички, патријарх Ерусалимски

Живеејќи во покаен плач и солзи се издвојуваше по особеното почитување и љубов кон нашиот Господ и Неговата Пресвета Мајка. Иако сè уште млад, Преподобниот презема на себе еден тежок подвиг: одеше по улиците на царскиот град правејќи се дека не е со здрав ум,…

Акатист кон свети Нектариј Егински

Ное 25, 2018 Полезно и Потребно 1211
КОНДАК 12Трудејќи се, си ја умножил благодатта дадена од Бога, рабу Божји, добар и верен…

Житие на преподобна Параскева – Петка (Епиватска или Трновска)

Окт 30, 2018 Житија 1755
Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на…

Светскиот првак Адам Ондра во посета на Бигорскиот и Рајчичкиот манастир

Окт 28, 2018 Настани 1169
Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки…