логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

korona

Взаемно послушание на медицината и богословието – соочување со пандемијата COVID-19
22 март 2020 | Вести, Предизвици, Современи автори | Нема коментари



    1.Почитувај лекар со чест поради неговата служба, зашто Господ го создал.

    4. Господ од земјата создал лекарства; човек разумен не ги отфрла.

    12. А и на лекарот дај му место. И него Господ го создал; од тебе не оддалечувај го, зашто и тој ти е потребен.

    (Мудрост Сирахова 38 гл.)

Минатите месеци сме сведоци на новонастанатата ситуација, предизвикана со забрзаната трансмисија на релативно новиот тип на вирус од семејството на Coronaviridae, во таксономијата познат како SARS-CoV-2. На сериозноста на ситуацијата којашто ние сите поединечно, а пред сѐ како заедница ја доживуваме, укажува фактот на прогласувањето пандемија на инфективна болест COVID-19, од страна на Светската здравствена организација (WHO). Наспроти преплавеноста од различни теории на завера и тврдења на прекуноќните стручњаци за сите животни и научни прашања, преку научните трудови (коишто благодарение на практичноста на научните списанија се објавуваат со вртоглава брзина) е потврдено дека станува збор за природно развиен тип на вирус, кој најверојатно е од животинско потекло, т.е. како таков првата човечка трансмисија ја остварува во кинескиот град Вухан.

Во меѓувреме, утврдено е дека основниот начин за пренос на вирусот е интерхуманиот, првенствено преку капки како резултат на кашлање или кивање – а фактот, дека тој опстанува на површини како пластика и метал, ја овозможува трансмисијата и без директен контакт со заразено лице. Во објавите на научниците, можат да се најдат и укажувања за феко-орален пренос, со оглед дека е докажано присуство на вирусот во примероци од фецес. Сѐ претходно наведено, како и многу од тоа што останува за комуникација во научните и стручни кругови, оваа ситуација ја покажуваат како „необичен епидемиолошки настан“, на кој треба радикално да се реагира, со оглед на тоа дека нашите сознанија се сѐ уште ограничени. Со самото тоа, сериозноста на ситуацијата не зависи само од државниот систем и мерките коишто различните влади ќе ги пропишат, туку исклучиво од одговорноста на поединецот.

За почеток, потребно е да се сфати дека сите вложени напори не претставуваат борба на поединецот со вирусот, туку борба за зачувување на здравствениот систем и овозможување на неговите носители адекватно да се справат со предизвиците со постоечкиот капацитет. Доколку, како резултат на неодговорност (па и нехристијанско однесување) овозможиме рапидна трансмисија, неминовно е нарушувањето на и така недоволно развиеното здравство. Во таква хипотетичка (а за жал, блиска и реална) ситуација, насекаде ќе умираат луѓе, бидејќи нема да има кој и каде да ги лечи. Кон ова придонесува и можноста лекарот да биде изложен на вирусот, кој потоа ќе биде изолиран и онеспособен да ја извршува својата работа. Исто така, здравствениот систем нема да може да го издржи ни досегашното оптеретување во смисла на хронични, но и други акутни здравствени пореметувања. На особен ризик, па и психолошко оптеретување, ги изложуваме и заболените од малигнитет, како и сите оние кои се под некаков вид на имуносупресивна терапија – што ја отежнува нивната борба, иако не се позитивни на SARS-CoV-2.

Како и во останатиот свет, така и кај нас, медицинските институции и работници максимално се прилагодуваат на новонастанатите околности и работат во прилично изменет режим. Сево ова, како и мерките на државните власти, станува немоќно пред неодговорноста и егоизмот на поединците кои ги занемаруваат препораките на лекарите, заборавајќи дека медицинските мерки не се нешто за што треба да се има мислење – туку дека станува збор за ставови проверени со долгогодишни изучувања, истражувања и искуства. Статистиката е неумолива – експоненцијалниот раст на бројот на позитивни и заболени, како и починати во Кина, Јужна Кореја, Италија, Иран, Обединетото Кралство… Важноста на придржување до мерките, произлезени од знаењето на епидемиологијата и социјалната медицина, одамна не била истакната така како во овие денови. Време е како заедница да покажеме адекватна послушност кон медицината, наместо гордост, егоизам и мудрување.

Во склад со претходно изложеното, ние како православни христијани можеме, и тоа како, многу да придонесеме во соочувањето со прогласената пандемија. Време е да пројавиме христијански добродетели и во соогласност со познатата втора Христова заповед (која толку често напразно ја цитираме!), да покажеме делотворна љубов кон другиот човек. Во неволја како оваа, се појавува приликата да го покажеме нашето човекољубие, бранејќи го другиот од себеси, зашто светињата на Другиот е всушност она преку кое ја остваруваме нашата Личност и сме во заедница со луѓето и Бога. Време е да покажеме дека Црквата е навистина своевидна колективна личност, та ние како нејзини членови да се грижиме за сите и за сѐ. Наша должност е да се грижиме и за оние кои не веруваат, кои се маловерни, па и за оние кои се противат на Црквата – зашто сите тие се наши ближни. Токму во овие денови се потврдува тоа, дека да се биде христијанин, значи да се биде одговорен за другиот (слабиот, стариот, хронично болниот, оптеретениот од малигна болест…).

Послушанието кон медицината во актуелните услови не подразбира, ниту значи некакво маловерие. Напротив, ја покажува нашата сила и подготвеност за се грижиме за Божјото создание. Многу Цркви (Вселенската, Антиохиската, Александриската, Романската патријаршија, Кипарската, Атинската, Албанската Архиепископија) привремено ги прекинаа богослуженијата и ги затворија своите храмови, за да ја спречат евентуалната трансмисија на вирусот во случај на близок контакт на верниците во затворен простор. Руската православна црква, меѓу другото, воведе драстични мерки за дезинфекција на сите површини во храмовите, па и на лажицата за Причест по секој причесник. Нашата Црква (Српската, заб. на прев.) во Европската унија и САД, по одлуките на државните органи, превзеде слични мерки на претпазливост – не од немоќ, маловерие или учество во „теории на заговор“, туку од грижа за светињата на човековото тело и душа.

Верниците на Запад, на кои Причеста, преку силата на околностите им е „ускратена“, се охрабрувани од нивните пастири да издржат во наложеното искушение, давајќи им димензија на подвиг. Секако, целта на текстовите како оној на Русинот Марк, не е повик за непричестување (бидејќи никој не ја доведува светоста на Причеста во прашање!), туку осмислувањето на претстојната борба и стремежот кон Светата Причест во догледна иднина. И кај нас за особено внимание се редовите што овие денови ги напиша Епископот Бачки, др. Иринеј, а во кои јасно се говори за тоа дека треба да се одречеме од магискиот (и медицинскиот!) пристап кон Причеста, дека опасноста не лежи во самата Света Тајна (иако овде станува дискутабилен пристапот на РПЦ), туку во сето она што претходи и следи на тоа (блискиот контакт на верниците, поздравувањата, разговорите, допирањето на површините од црковниот инвентар…).

Телеконференцијата и видео-прилогот на западноамериканскиот епископ др. Максим, исто така, се значајни во смисла на практични совети на паствата како да се однесува во услови на пандемија, за да не дозволиме ние, како христијани, да бидеме одговорни за нечие страдање. Особено кога до нас доаѓаат и информации (а потребно е да се проверат!) дека меѓу потврдените случаи на SARS-CoV-2 има и свештени лица. Охрабрувачки е и позитивниот пример на Будимско-никшичкиот епископ Јоаникиј кој, покрај соопштението што го потпиша со Митрополитот Црногорско-приморски д-р. Амфилохиј, строго се придржува до мерките на самоизолација во манастирот Ѓурѓеви Ступови. Сѐ ова е многу важно и полезно, особено кога ќе го земеме предвид фактот дека нашиот клир е од доминантно постара возраст, така што многу владици во Србија, па и Патријархот, мораат да ги почитуваат мерките со кои се забранува движење на лица постари од 65 години.

Освен индивидуалната одговорност и грижа, поединечните потези што ги правиме во секојдневието, пожелно е Црквата својата логистика и овоземен капацитет да ги впрегне за општо добро. Во тој дух и правец, светол е примерот на Црногорско-приморската митрополија, која на државата Црна Гора ги понуди своите капацитети за сместување, за евентуален карантински простор. Охрабрува сознанието дека добротворството на православните верници и нашите пастири ќе продолжи и низ другите активности.

Како што веќе е нагласено, ова е време кога нашата вера е на испит, кога треба на дело да покажеме дека, почитувајќи ја медицинската мерка и препорака, ја имаме способноста да ја исполниме Христовата заповед „Љуби го својот бижен како себеси!“. Како што Отците на Црквата честопати потенцираат „послушанието пред постот и молитвата“ – тоа е тоа што ќе ни овозможи да ја „исправиме кривата“ и да ја пребродиме пандемијата во која се наоѓаме.

Божо Кнежевиќ

Превод: Г.Г.

Изввор: https://teologija.net/uzajamno-poslusanje-medicine-i-bogoslovlja-suocavanje-sa-pandemijom-covid-19/

 

http://mistagogia.mk/vzaemno-poslusanie-medicina-i-bogoslovie-covid-19/?fbclid=IwAR0-BsOgjAQ2HpI5sFJ1p5WGpI48KF5yr1AjnmrjktVW5PkvF-BdA4NDH5g

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie