логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Metodij.4zbirki.jpg

На 21-ви декември (вторник) во 19.00 часот, во просториите на Музејот на град Скопје, ќе се одржи промотивна презентација на зборникот есеи под наслов “Безбојни патокази” и трите поетски книги: “Осмиот ден - безгласница”, “Импромпту” и “Двопис”, што под етикетата на Издавачкиот центар ТРИ оваа година ги објави отец Методиј Златанов. Воведниот збор на презентацијата ќе го има издавачот, госпоѓа Винка Саздова, а за книгите ќе зборува самиот автор, Митрополитот Методиј.

Во зборникот “Безбојни патокази” повторно се среќаваме со полемичкиот дискурс на отец Методиј Златанов, веќе препознатлив во претходните негови зборници “Вавилон и Ерусалим” и “Време”. На теми коишто ја третираат актуелната проблематика од духовноста, етиката и културата на нашето секојдневие, авторот ни ги открива своите лични опсервации од перспектива на црковната мисија во Америка и Канада, во споредба со она што се случува на стариот континент.

Поетската книга “Осмиот ден - безгласница” содржи осум циклуси дадаистичка поезија, што отец Методиј Златанов ги презентираше на изложбата во Кабаре Волтер во Цирих, Швајцарија, во мај месец оваа година, заедно со словенечкиот сликарски колектив Ирвин. Поезијата во оваа книга е омаж на творештвото на Хуго Бал, еден од родоначалниците на европската авангардна уметност.

Како што сугерира и самиот наслов, поетската збирка “Импромпту” претставува колекција од лирски импровизации сместени во четири циклуси минималистичка поезија. Таа е плод на најновите поетички истражувања на авторот во сферите на визуелната поезија во корелација со естетиката на минимал-арт.

Најновата поетска книга “Двопис” има монолитна структура образувана од песни-парови во херметичка симетрија. Секоја песна еманира на страниците од книгата, најпрвин во кодиран облик, според најновата техника на пакување на алфанумеричкиот материјал со помош на брзочитачките код-генератори, а потоа и во конвенционален текстуален облик. На овој начин и самиот формален аспект на песната претставува глобална метафора на единството на душата и телото, невидливиот и видливиот аспект на нашето постоење, што е тематска окосница и на целата поетска книга.

  Metodij.4zbirki.jpg

  Metodij.4zbirki.jpg

  Metodij.4zbirki.jpg

  Metodij.4zbirki.jpg

 

 



Поуки од Светите Отци

krusevoexport