логоFacebookTwitterYouTubeeMail


ДУХОВНОТО ИСЦЕЛИТЕЛСТВО НА ЦРКВАТА



свештеник Игор Соловеј
клирик на црквата „Света Марија Магдалена” во Минск и раководител на Центарот „Самарјанин”
 
Људмила Ивановна Сухоцка
психолог на Центарот „Самарјанин”

 

ДУХОВНОТО ИСЦЕЛИТЕЛСТВО НА ЦРКВАТА
(од искуството на работата на медицинскиот центар „Самарјанин на Белоруската Православна Црква)


Православната Црква ги следи своите чеда од раѓањето до смртта: преку Крштевање и Миропомазание кога човекот се раѓа на светот, простување на неговите гревови во Исповедта, општење со Бога во таинството на Причестувањето, Елеосвештение кај тешките и долготрајни болести, Браковенчанието на оние што почнуваат семеен живот, Ракополагање во свештенички чин на оние што ги повикал Господ, извршување на црковни обреди во сите животни околности и, на крајот, испраќање во вечниот живот и молитва за упокоените.

Не постои такво прашање со кое некое верно чедо на Црквата не би можело да му се обрати на свештеникот. И затоа парохискиот свештеник често мора да исполнува функција на психотерапевт. А на што, пак, се потпира свештеникот кој духовно ја исцелува својата паства? Пред сѐ, врз духовното искуство на Православната Црква. Ова искуство потврдува дека исцелувањето, лекувањето не е ништо друго освен правење на човекот целосен - преку обновување на неговата духовна, душевна и телесна целовитост. Притоа исцелувањето почнува токму на најважното рамниште - духовното.

Да си спомнеме на околностите кога Христос Спасителот исцелил една жена која 12 години страдала од крвоизливи. Таа со вера Му пришла на Спасителот, велејќи си: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам”. И само што го сторила тоа во што свето верувала, „веднаш престана крвотечението, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста”. Исповедајќи Му се на Христос што ѝ се случило, како одговор слушнала: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!” (Мат. 9:20-22; Марко 5:25-34; Лука 8:43-48).

Во ова собитие наоѓаме правилен и достоен за подражавање пример за тоа како треба да се однесува секој човек што е болен: цврста вера во Спасителот, молитвена и дејствена смелост, исповед, причестување со Телото и Крвта Христови и понатамошно следење на Евангелските заповеди. Само така се востановува дводелната целост на човечката природа - душата и телото.
Луѓето често се обраќаат со животни проблеми и прашања, бараат совет за материјални прашања, бараат помош за болки и болести, што, би се рекло, не се однесува непосредно на духовната сфера на животот. Меѓутоа, еден повнимателен разговор задолжително ќе ги доведе свештеникот и мирјанинот до некој духовен проблем што лежи во основата на прашањето на кое му треба решение.

Општењето на еден човек со друг претпоставува изразување добронамерност и љубов, иако воопшто не се случува така секогаш. Потребата од љубов во голем степен се јавува кај луѓето што страдаат, кај болните. Ним повеќе од сѐ им треба токму ваква помош и поддршка. Да се потсетиме самите себеси, кога се обраќаме на лекар: што очекуваме од него најпрвин? Поддршка или, како што сега се вели, внимание. А што е вниманието ако не пројавување љубов, макар и сосема малку, но сепак љубов кон човека?

„Како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг”, рекол Христос Спасителот. „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе” (Јован 13:34-35). Во текот на вековите на Црквата ѝ успеало да ја пренесе оваа светлина на љубовта Христова, обилно излевајќи ја на своите чеда. Да се љубиме еден со друг, да го возљубиме ближниот свој како самите себеси, да се види ликот Божји во секој човек - на тоа учи Црквата и токму тоа е и моралниот и етичкиот долг на секој лекар. Божествената љубов е токму оној мост што ги обединува Црквата и медицината.

Љубовта и вниманието кон болниот отсекогаш биле традиција на медицината на нашата Татковина; токму по тоа биле познати големите лекари како: Пирогов, Боткин, Балински, Корсаков, Бехтерев и други. Се надеваме дека оваа традиција не е изгубена и дека ќе се возроди на нашата земја.

Медицинскиот центар „Самарјанин” на Белоруската Православна Црква е основан во 1991 година со благослов на митрополитот Мински и Слуцки Филарет, Патријаршиски Егзарх на цела Белорусија.

Ако зборуваме за структурата на нашите пациенти, разгледувајќи ја неформално, тогаш воопшто нема да биде просто да ја дефинираме. Претежно тоа се луѓе сиромашни, постари, инвалиди, кои доаѓаат во „Самарјанин” сами или ние ги посетуваме дома зависно од тоа дали се способни да се движат самостојно. Обично доаѓаат претставници на средните слоеви на населението и мошне ретко - луѓе наполно обезбедени. Некои доаѓаат кај нас за да добијат бесплатна помош (и во поликлиниките е бесплатно, но таму медицинскиот персонал не им го обрнува нужното внимание). Други доаѓаат исклучиво за материјална помош: за конкретен лек, облека или пари (и тоа, се разбира, кај нас го нема).

Но поголемиот дел од посетителите доаѓаат кај нас зашто веќе изгубиле надеж дека ќе добијат помош во државните и во приватните медицински установи. Нашите пациенти тргнуваат од тоа дека ако „Самарјанин” ѝ припаѓа на Црквата, тогаш тука ќе им помогнат. Затоа ние честопати сме им на луѓето последната надеж дека ќе се излекуваат. На пример, може да чуеме вакви изјави: „Неколку години се лекувам од чир (или од епилепсија, варикозно проширени вени, од висок притисок итн.), но болеста не поминува, по кратко подобрување, болките повторно се јавуваат”; „Помогнете ми да разберам што се случува со мене: страдам зашто не го разбирам својот живот. Бев кај двајца психолози, но тие не ме разбираат”; „Се измачувам од страв, од вознемиреност, немам мир ни дење, ни ноќе”; „Лоши ми се односите со децата, ќерка ми бега од дома. Помогнете ми!”

Невозможно е да се наведе сѐ поради што луѓето доаѓаат кај нас. Најверојатно она што ги мачи е болест, физичка или психичка. Природно е дека довербата што ја имаат во нас нѐ повикува на висока одговорност и нѐ поттикнува да се стремиме кон тоа да даваме резултати соодветни на очекуваните.

Самиот живот ги определи и основните правци на нашата дејност: напнатиот и сложен економски и политички амбиент во државата предизвика зголемување на општествено обусловениот страв. Во психата на луѓето особено забележливи станаа тенденциите да се развива очигледно одбранбен карактер: непријателство, кое од една страна се пројавува како агресивност, лутина, раздразливост; а од друга страна - како социјално насочена „затвореност” и воздржаност на луѓето во меѓусебните односи (која, од своја страна, зависи од расположението на луѓето за општење).

Во исто време развојот на демократијата во државата претпоставува слобода и отвореност на општеството. Но слободата за многу луѓе се покажа претежок товар, бидејќи бара одговорност за сопствениот живот, здравје, постапки и дејства. Станува јасно дека за повеќето луѓе е полесно да ја префрлаат одговорноста за својот живот врз другите: „Срцето ме боли зашто син ми лошо се однесува... затоа што претпоставениот ме навредува” итн. Како последица на ова, човек невнимателно се однесува кон своето здравје и кон организирањето на својот живот. Затоа лекувањето во „Самарјанин” се карактеризира, пред сѐ, со формирање на поглед на светот, што се совпаѓа со нашите лични тежнеења како специјалисти од православна вероисповед.

Душевното и телесното здравје на човекот зависи од неговата духовна состојба, од духовноста која се пројавува во способноста да се љуби. Духовноста, сфатена во даден контекст како христијанска пројава на добрина, сочувство, чесност, милосрдност и трпеливост - е жив извор кој ги исцелува душевните и физичките рани, и ја возобновува во човекот хармонијата на неговата природа.

Непосредното искуство од нашата работа покажува дека овој длабински источник на исцелување и наоѓање нови сили постои во секој човек. Само често се случува врската на свеста со овој источник да се наруши.

Како резултат на различните тестирања и во текот на разговорите се разјаснува дека, на крајот на краиштата, секој човек сака единство со Бога, бара состојба на простување, на љубов, т.е. љубовта - светлината Христова која ги просветлува сите - и е оној фундамент врз кој се заснова животот; оној духовен стожер кој го определува духовниот квалитет на животот на човекот. И затоа секој човек, свесно или несвесно, се стреми кон пројавување во плодовите блиски на Светиот Дух: „А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста” (Гал. 5:22-23). Ова е природниот извор на човечкото оздравување од болеста и, така да се рече, „духовна превентива” од болести. За споредба, да се сетиме кои се, пак, делата на плотта кои водат до болест тогаш кога плотта господари со духот: „Делата на телото се познати. Тие се: прељубодејство, блудство, нечистотија, бесрамност, служење на идоли, магии, непријателство, кавги, ревнувања, гнев, расправии, несогласности, соблазни, ереси, омраза, убиства, пијанство, насилство и други слични работи... оние што го прават тоа, нема да го наследат Царството Божјо” (Гал. 5:19-21). Во овој фрагмент од Посланието на апостол Павле до Галатјаните се содржат основите на христијанската психологија.

Степенот на владеење на човекот со своите емоции, како и со телото, зависи од степенот на неговата продуховеност. Штом ќе „се спушти” од духовното рамниште на душевното, т.е. на чувственото, емоционалното, човекот веднаш ја губи власта врз себе, престанува да владее со своите емоционално-волеви процеси и ја губи врската со Бога (го „заматува” изворот на својата хармонија), и како последица на тоа се разболува.

Секое заболување ние го разгледуваме од становиште на поврзаноста меѓу душата и телото. Практично, за секоја физичка болест постојат конкретни психички причини. Ваквиот став за болеста се потврдува со најновите истражувања на научниците. Противречноста меѓу грешноста на човечката природа и нејзината божественост се заострува во правец на грешноста, додека патот на спасението е пат на покајание и смирение. Што може да му помогне на човекот да ја воспостави загубената врска со Бога и да го очисти својот заматен длабински извор на обновувањето? Наоѓањето на верата и решеноста: „Не бој се... верата твоја те спаси!”

На крајот на краиштата, прашањето за односот кон животот е религиозно прашање. Увереноста во вистинитоста на смислата на човековото суштествување искажана во Светото Писмо, верата во Божествениот Источник на самиот живот, убеденоста во близината на духовниот свет и тесната поврзаност со него и познавањето на целта на своето земно суштествување му помагаат на човекот да го надмине неверувањето во себе, потиснатоста и депресијата, кои му се јавуваат одвреме навреме. За да живее полновредно, на личноста ѝ се нужни верата, надежта, љубовта и мудроста. Без овој духовен стожер, личноста е осудена на, побрзо или побавно, растројство. Зашто во овој случај животот нема ни смисла, ни осмислен правец на својот развој. Патот кон сопствениот длабински богостворен извор на оздравување секој мора да го помине сам, здобивајќи се така со лично искуство на откривање на вистината. А вистината, пак, му се открива на оној што ја очистил својата душа со покајание.

На ваков начин, почетниот стадиум на лекувањето претставува надминување на чувството за сопствената обессиленост пред болката. Човек може да си ја олесни состојбата со таблети, со медицински терапии, но да се излекува без да се сврти кон Бога, не е возможно. Самата вера во исцелителната сила, помоќна од самиот човек, го ослободува човека од егоцентризмот и од гордоста. Верата во Бога му ја открива на болниот подготвеноста во сѐ да ѝ се препушти на Неговата света волја - „нека биде, Господи, волјата Твоја, а не моја...” Ова е првиот чекор кон покорноста; во овој момент човек ја осознава својата незначителност како волев субјект и истовремено својата значајност како предмет на дејствие на вишата Божествена сила. Научувајќи се на покорност, човекот расте во божествената премудрост, што значи дека сѐ повеќе се откажува од егоцентричната мотивација. Отфрлајќи го горделивиот поглед врз себеси, тој навистина почнува да живее нов живот, исполнет со висока смисла и предназначеност. Според тоа, човекот се отвора себеси за влијанието на исцелителната сила Божја не затоа што во своите сопствени очи ја заслужува, ами затоа што престанува да мисли за тоа дека воопшто нешто заслужува. Притоа, не станува збор за спасение еднаш и засекогаш, туку за постојан начин на суштествување во состојба на духовна будност.

Задачата на психологот, на психотерапевтот ја гледаме во постигнувањето единствена психичка целост, т.е. единствен простор во кој истовремено се наоѓаат лекарот и пациентот. Благодарение на таквата соработка, можно е да се вклучат сопствените природни сили на организмот, како резултат на што следува прифаќање на меѓусебните позиции, длабоко заемно разбирање и откривање на патот кон оздравување. На човекот кој е обземен од страв и немир и кој не е способен да излезе од границите на својот секојдневен затворен круг, психологот (психотерапевтот) може да му понуди можност да направи чекор кон својата длабинска сушност; да му укаже помош во обидот да се загледа внатре во себеси; да се вслуша во другиот глас - божествениот глас на совеста; да се откаже од својата секојдневна суета и загриженост и да ја прифати другата гледна точка, природна за човековата природа - религиозната; да го допушти поинаквиот, христијанскиот живот, кој е значително подобар од оној на кој навикнал да живее; да го пробуди човекот во себе и да го направи таков како што рекол псалмопевецот Давид и како што повторил апостол Павле во Посланието до Евреите: „Што е човекот, та го помниш, или Син Човечки, та да го посетуваш? Си го понизил нешто малку подолу од ангелите, но со слава и чест си го овенчал и си го поставил над делата од Твоите раце; сѐ си покорил под нозете негови” (Пс. 8:5-7; Евр. 2:6-8).

Ова е можно во случај на добронамерен стремеж да се сфати пациентот, во случај на искрен и вистински интерес кон него како кон инаква индивидуалност. Ваквото разбирање на процесот на лекување од нас бара постојана работа врз себе: нашиот начин на лекување е испробан врз нас самите. Ние сме убедени дека психотерапевтот не може да му помогне на пациентот да го реши оној проблем што не го решил самиот тој. Токму затоа ние работиме едни со други во групите за усовршување, во кои секој настапува наизменично во улога на пациент и на терапевт. Не би говореле за оној процес кој се одвива во секој од нас. Тој е исклучиво личен.

Кога зборуваме за начините на лекување во медицинскиот центар „Самарјанин”, треба да се каже дека се придржуваме кон природните патишта на оздравување на организмот и затоа лекувањето се спроведува претежно без хемиски лекарства. Традиционалните и нетрадиционалните медицински методи се применуваат во зависност од особините на пациентот, на пример: психолошки консултации, разновидни методи на психотерапија, фитотерапија (лекување со билни препарати и билки), организирање правилна и здрава исхрана, лековита фискултура, телесно ориентирана терапија. Помошта ја укажуваме анонимно, што на пациентот му дозволува да се почувствува сигурен и отворено да зборува за своите проблеми.

Ни се обраќаат многу луѓе што страдаат од алкохолизам. Ние им помагаме на овие луѓе да ја согледаат својата болест како порок на душата, да си го променат односот кон себеси кој е обусловен од општественото мислење и да се обидат во себе да го најдат изворот на силата и верата, за да застанат на патот на служењето на Бога, да водат живот како христијани и да ја поддржуваат духовната и телесната трезвеност, осознавајќи ја опасноста од овој порок.

Во Русија првите друштва на трезноста се појавиле во 1858 година. Подоцна, во 1889 година, со указ на Пресветиот Синод на свештенството му било официјално предложено да се зафати со организација на вакви друштва. По цела Русија почнале да се формираат црковни братства, чија задача била борбата со пијанството. Важно е да забележиме дека статутите на овие друштва по својата суштина се слични на неодамна појавените статути и традиции на Друштвото на Анонимните алкохоличари.

Сопственото искуство сега ни се враќа во една форма која му е достапна на современиот човек. Ова искуство Црквата го поддржува на сите начини. На 22 февруари 1990 година Светиот Синод на Руската Православна Црква одобри документ во кој се говори за „укажувањето духовна и морална помош од страна на Руската Православна Црква на сиромашните болни, оние што се наоѓаат на амбулантно и стационарно лекување од зависности, самопомош на „Анонимните алкохоличари” во организирани групи, а исто така и на нивните семејства...”.

Нашите методи на лекување ние не ги сметаме за единствено можни, но таков е нашиот пат на укажување помош на луѓето. Би сакале секој човек да може да добие помош онаму каде што ќе се обрати: тогаш нема да има болни што ќе доаѓаат во медицинскиот центар „Самарјанин” само затоа што веќе изгубиле надеж дека ќе им помогнат во медицинските установи каде што не постои поимот за Бога. А Бог е присутен секаде каде што кон човека се пројавува љубов, сочувство и милосрдност.


Превод од руски:
Ирена Кепеска



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Мај 28, 2019

Свети Леонтиј Струмички, патријарх Ерусалимски

Живеејќи во покаен плач и солзи се издвојуваше по особеното почитување и љубов кон нашиот Господ и Неговата Пресвета Мајка. Иако сè уште млад, Преподобниот презема на себе еден тежок подвиг: одеше по улиците на царскиот град правејќи се дека не е со здрав ум,…
Ноември 25, 2018

Акатист кон свети Нектариј Егински

КОНДАК 12Трудејќи се, си ја умножил благодатта дадена од Бога, рабу Божји, добар и верен Нектариј, затоа направи и ние да ја завршиме духовната работа и стекнувајќи ја заработката, да Му запееме на Христа: Алилуја!

Житие на преподобна Параскева – Петка (Епиватска или Трновска)

Окт 30, 2018 Житија 1455
Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на…

Светскиот првак Адам Ондра во посета на Бигорскиот и Рајчичкиот манастир

Окт 28, 2018 Настани 917
Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки…

ПРЕПОДОБЕН ПАХОМИЈ ВЕЛИКИ

Окт 18, 2018 Житија 1175
Паралелно со преподобниот Антониј Велики, основачот на пустинското, анахоретско монаштво,…

Беседи

Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поради тоа, браќа, бидејќи нè очекува бесконечна мака, да се потрудиме преку подвиг да ја избегнеме, со милостина да го пречекаме бедниот и да го угостиме, примајќи го туѓинецот, гладниот...

 Викарен Епископ Јаков Стобиски: Недела на слепиот

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Недела на слепиот

Но, слепиот човек прогледал дури во оној миг кога станал послушен на Божјата заповед и ја прифатил Божјата промисла за себе, која била поинаква за него, ако ја споредиме со...

Стефчо Беќарски:✥  ШЕСТА НЕДЕЛА ПО ВЕЛИГДЕН ✥

Стефчо Беќарски:✥ ШЕСТА НЕДЕЛА ПО ВЕЛИГДЕН ✥

 Духовното гледање претставува гледање на вистината. Вистината се состои во сфаќање на фактот дека сите ние сме грешни. Духовниот поглед се избиструва кога човекот ќе биде способен да ги открива...

БEСEДА за свeтитe Бoжји луѓe

БEСEДА за свeтитe Бoжји луѓe

Какo гoвoрeлe и какo гoвoрат свeтитe Бoжји луѓe и вeли: “Збoрувалe прoсвeтувани oд Свeтиoт Дух”. Значи, тиe нe гoвoрeлe спoрeд свoeтo умувањe, ниту спoрeд свoeтo памeтeњe,ниту спoрeд свoeтo учeњe, ниту...

За силата на смртта и на крстoт Христoв

За силата на смртта и на крстoт Христoв

Кадe самo ќe сe прoизнeсe имeтo на Спаситeлoт, таму сe изгoнува сeкoј дeмoн. Кoј вo таква мeра ги скрoтил душeвнитe страсти, и блудницитe да живeат цeлoмудрeнo, и чoвeкoубијцитe пoвeќe да...

Митрополит Европски Пимен: “Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така?“

Митрополит Европски Пимен: “Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така?“

“Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да...

БEСEДА  за идoлoклoнствoтo какo прeљуба

БEСEДА за идoлoклoнствoтo какo прeљуба

Каква e таа прeљуба штo ја направил Израилoт и Јудeја (т.e. израилскиoт и јудeјскиoт нарoд) сo камeн и сo дрвo? Тoа e пoклoнeниeтo на идoлитe oд камeн и oд дрвo....

БEСEДА за Христoвoтo oсвeтлувањe

БEСEДА за Христoвoтo oсвeтлувањe

Христoс e пoтрeбeн и на пoчeтoкoт и на крајoт. Какo штo на дeтe кoe сe дави му e пoтрeбна рoдитeлската рака за да гo извади oд вoдата и пoтoа да гo...

Милан Ѓорѓевиќ: Томина недела

Милан Ѓорѓевиќ: Томина недела

Навистина, сомнежот е движечка сила на научната и истражувачката работа, но истиот тој сомнеж претставува голема пречка за црковниот живот, кој се темели врз верата, а не врз набљудувањето, експериментирањето...

« »