логоFacebookTwitterYouTubeeMail


престол
Посланија за свештенството – старец Филотеј Зервакос
Август 14, 2012

Свештеникот е Ангел на Бога Седржителот

5.II.1958

…Имаш право да се плашиш за да стапиш во свештенството. Овој страв го имале сите Свети Отци, затоа и многумина го избегнале свештенството од смирение, длабоко размислувајќи, од една страна за возвишеноста на свештенството, чистотата и светоста која треба да ја има свештеникот, а од друга страна и за одговорноста која ја презема од моментот кога ја добива благодатта на свештенството. Мнозина од светите и се криеле за да го одбегнат свештенството и подоцна прифаќале, откако Бог им откривал, или целиот народ ги покажувал како достојни. Затоа и во тоа време свештеник станувал или богоповикан, или народоповикан. Но, во денешните времиња, барем до сега, станува или демоноповикан или горд себеповикан, односно, мнозина срамни, неумесни, нечестиви, грешни и недостојни се повикани од ѓаволот кон свештенство и архиерејство, мнозина пак, сами си се предлагаат, обземени од луциферска гордост и мнение, не разбирајќи, неразумните, дека свештеникот, служителот на Вишниот Бог треба да биде телесно и душевно почист и посветол од сончевите зраци и повисок и повишен и посвет од сите луѓе. Ангел на Бога Седржителот е свештеникот, но суетноразумните и земноразумните, лесномислените и надмените, мислејќи дека ќе им се зголеми честа и славата, дека луѓето секаде ќе им ја целиваат раката, ќе им се восхитуваат, ќе служат во златоткаени одежди, ќе им се зголемат материјалните интереси… И кога ќе ги наполнат земните ризници, тогаш ќе ì речат на душата, како немудриот од Евангелието: „душо, имаш многу добра за многу години, јади, пиј, весели се, отпочини“.

Целејќи кон ова и размислувајќи во себеси, демоноповиканите и гордосебеповиканите, секогаш се во движење, трчаат горе-долу, бараат врски, претседатели, министри, пратеници, политичари, митрополити и други, за да добијат свештенство и архиерејство. Кога ќе го примат, зашто недостојно го примиле, благодатта Божја ги напушта и стануваат темнина наместо светлина, и наместо на народот да му предаваат светлина, тие му предаваат темнина и стануваат причина да се хули името на Вишниот Бог. Денешната бедна и жалосна состојба на општеството се должи најмногу на недостојните архиереи и свештеници, зашто кога светлината ќе стане темнина, тогаш што со темнината? За овие помрачени и ослепени архиереи и свештеници мудриот Нил вели: „Лесно ќе си отиде паствата поради нечестието и негрижата на пастирите и претстојателите“ и божествениот Златоуст вели: „Не ги ракополага сите Духот Свет (мислејќи на недостојните), но преку сите дејствува“, сакајќи да каже дека Тајните се совршуваат и од недостојни, не преку нивната недостојност, но за осветување и спасение на верните. Тие не се совршуваат од недостојните, но од Светиот Дух…

Сега Блаженејшиот Теоклит на ракополагањата што ги врши е многу внимателен и расудлив. Доколку те предложи Блаженејшиот, не си самоповикан, имаш пак чувство и страв поради возвишеното достоинство на свештенството и одговорностите и затоа што го бараш моето мислење, тогаш моето мислење и совет е: Доколку, како човек, не си се извалкал себеси со некаков смртен грев, телесен или друг, да правиш послушание и да примиш свештенство. Ако пак, како човек, имаш некои немоќи и несовршености, благодатта Господова, која ги исцелува болестите и ги дополнува немоќите, ќе ги надополни. Кога својата служба ќе ја извршуваш со внимание, ревност и вера, тогаш ќе добиеш од небото невенлив венец, кој ќе ти го даде праведниот Судија во денот на враќањето…

 

Благодатта за која си удостоен е преголема

 

…Од денес, кога се удостои за ангелскиот образ и благодатта на свештенството, регрутиран си во војската на Небесното Царство. Никој војник не се вплетува во светски работи, за да му угоди на својот началник. Стави си во главата добро чиј војник си, за која благодат си удостоен, што очекува Бог од тебе и што можеш да Му принесеш. Благодатта за која си удостоен е преголема. Стана војник и служител на Небесното Царство. Чека од тебе Бог да Го возљубиш и да работиш за Него со целата своја душа, срце, сила и помисла, да го кренеш Неговиот крст и да Го последуваш таму каде што те вика, не во угодност, но во труд, борба, пост, молитви, бденија, жалости, опасности и жртви, за да се удостоиш да го слушнеш блажениот глас: „добар и верен слуго, влези во радоста на својот Господар“…

 

Тие што се ракополагаат недостојни ќе одат во пеколот

3.II.1953

 

…Како ми пиша Вашиот син дека, како млад, паднал во грев кој го спречува да стане свештеник, зашто каноните на светите апостоли и на светите отци велат дека оној кој се ракополага за свештеник треба да е чист, да не паднал во тежок грев. Тие што имаат таков грев и се ракополагаат, се ракополагаат недостојно и ќе одат во пеколот и тие и оние кои ги ракополагаат и оние кои ги поттикнуваат да се ракоположат.

Бидејќи разбрав дека го поттикнувате Вашиот син да стане свештеник, зашто мислите дека така ќе го направите среќен, мислев дека е добро да Ви напишам неколку работи во врска со ова. Како духовен отец, бидејќи уште од мало дете се занимавав со учењето и со Законот Божји, познавам што вели законот на Црквата и каноните за свештениците и архиереите и за сите клирици и лаици. Ве советувам, ако го сакате своето дете и себеси и сакате спасение и среќа за Вашето дете и за себеси, престанете да го советувате и поттикнувате да стане свештеник. Зашто, ако продолжите така, тоа е како да му велите: чедо, сакам и ти и јас да не се спасиме, но да одиме во пеколот, да не одиме со Христа, но кај ѓаволот.

Не гледајте го сегашното, но идното. На Второто пришествие, вели еден светител, мнозина патријарси, митрополити, свештеници и ѓакони ќе бидат осудени, оти недостојно станале клирици и така ќе го украсат пеколот. Од денешните архиереи и свештеници што ги гледате, колку малку се достојни… Ако ги гледате да носат свилени и златни одежди или скапоцености, утре ќе умрат и нема да земат ништо од тоа, но ќе го добијат само вечниот пекол.

Пред неколку години, во Атина, еден благочестив, словесен и мудар младич, сите роднини, пријатели, па и архиереи, јереи, министри, пратеници, го поттикнуваа да стане свештеник, а потоа и митрополит. Овој на почетокот не сакаше, но бидејќи многу го притискаа, прифати. Во навечерието на ракополагањето, додека мнозина чекаа со радост да дојдат и да викнат „достоен!“, тој беше нажален зашто совеста му велеше да не станува. Бидејќи се беше ветил и сè беше подготвено, во своето недоумие прибегна кон молитва да му се јави Бог, дали му е душеполезно да се ракоположи или не. Вечерта на молитва заспа и виде како два ангела го зедоа и го однесоа на место непознато, каде течеше една страшна река, не од вода, но од оган и во неа имаше мноштво луѓе кои со диви и силни гласови плачеа и викаа. Ги запраша ангелите што е тоа, а тие му рекоа: ова е огнената река и тие што се внатре и плачат се патријарси, архиереи и јереи кои станале недостојно. Внимавај – му рекоа – не станувај архиереј, зашто во оваа река ќе бидеш осуден за веки.

Разбудувајќи се избега тајно на незнајно место и не наоѓајќи го, ракоположија друг. Овој пак, по 3-4 месеци се врати и го објасни видението.

Значи, ако сакате да Ви се спаси детето и Вие, не го подготвувајте за свештенство, подобро да остане мирјанин или да го посветите, од срце, на Богородица, да стане монах, ќе се спаси и тој, и Вие, и многу други…

 

За лошите духовни пастири

17.II.1953

 

…Високопреосветениот пред неколку години ми рече: „што правиш, та исповедаш? Зар ти ќе го спасиш светот?“

- „Нема да го спасам светот“, – му реков, – „но  и една единствена душа, со благодатта Божја, да спасам, таа душа вреди повеќе од целиот свет. Колку вистинити и погодни за повеќето денешни пастири се зборовите на светиот Исидор Пелусиот, ученик на светиот Златоуст: ,Порано пастирите умираа за овците, сега тие ги носат овците. Тогаш со пост го целомудреа телото, сега уживаат во наслади. Тогаш на сиромашните им раздаваа, сега од сиромашните приграбуваат. Тогаш беа добродетелни, сега добродетелните ги гонат. Тогаш благочеснољупците стануваа свештеници, сега среброљупците. Тогаш чесните, сега тие што се во подобра можност. Тогаш пред очи Судот го имаа, сега на ум не им паѓа. Тогаш удираните, сега подготвените да удрат‘. Овие се битките и борбите, болките и трудовите на денешните, за среќа не сите, пастири – ова е нивното огледало…“

Духовен отец,

Филотеј Архимандрит

 

Во последните денови избраните борци ќе бидат ретки

 

…Во тие лукави последни денови, во кои лошите, диви волци однадвор и други во волчја кожа однатре ќе влезат во словесното и духовно Трло Христово, Црквата на Православните, ќе ги растураат и распрснуваат словесните овци, надлежните пастири кои се наемници, гледајќи ги волците, ќе бегаат, зашто „не им е грижа за овците…“

Но, колку пати Црквата и да била во опасност од напади, Господ покажувал мажи полни со вера, сила, ревност, љубов, ревнители, борци, поборници, војводи, чиновници, војници, добри пастири што бдеат, епископи чувари на Црквата и словесните овци, победници – ова ќе се покажува и сега и до крајот на вековите. Во последните денови борците, избраните, ќе бидат малцина, ретки, тешко ќе се наоѓаат, но целосно нема да исчезнат. Не само мажи борци ќе покаже Господ, но и жени мажествени, чесни, избрани, поборнички, страстотрпци, не со човечка мудрост, но со мудрост и благодат Божја…

Повеќето луѓе во изопачениот наш род, но и во секој род, говорат изопачено. Но, овој род го надминува злото на секој род. Затоа треба да се молиме за сите наши браќа кои се наоѓаат во темнина и заблуда, да се бориме да ги просветиме со дела, со слово и повеќе ние да останеме утврдени во православната вера и да не приклониме колено пред Ваал…

Христос ќе победи и православната вера ќе триумфира. Да бидеме подготвени.

Со татковска љубов и срдечни молитви,

Архим. Филотеј Зервакос

 

Стојте цврсти во вистинската вера и жешки во љубовта Христова

 

…Се плашам дека многу брзо ќе дојде погибел на човечкиот род, зашто повеќето од началниците и потчинетите, клирици и лаици, одат по широкиот пат, кој води во уништување. На тој пат ги поучуваат со својот пример и сите оние кои ги последуваат… Ние да го следиме тесниот и плодоносен пат и со трпение да чекориме кон претстојната борба, гледајќи оддалеку кон Началникот на нашата вера, секогаш мислејќи смирено, за Христа да Го придобиеме…

Стојте, ве молам, цврсти во вистинската вера и во отечките преданија, а повеќе стојте жешки во љубовта Христова, та кога ќе дојде во Својата слава, да најдеме покој со сите Свети…

…Во денешново време, во кое Црквата на многу начини се бори со многу различни непријатели, вашиот обид за војување и застанување против ќе биде засилен од Божјата помош, за да се спасат повеќемина од денешниот потоп на гревот…

Ви се радувам на вашата ревност кон преданието на христијанските вистини и помош на христијаните. Треба да знаеме дека, сходно на трудот и усрдноста со која некој работи, ќе се дадат и плати од наградодателот Христос. Ако има време, да дејствуваме духовно, да сееме со труд, за да жнееме со радост…

…Преданијата на светите апостоли и на светите отци на Православната наша Црква денешните млади ги пренебрегнуваат, а ги следат оние на антихристот папа и на новотарците лутеро-калвинисти…

 

Се плашам од праведниот гнев Господов

 

…Се плашам од праведното негодување и гнев Господов кон денешниот лукав и изопачен род, кој Го напушти Бога и го следи својот непријател и предавник – ѓаволот, и трча брзо и незауздано кон паѓањето во грев и гибел. Во тие лукави денови, гневот Божји кон нас грешните ќе го задржат, од една страна бесконечната штедрост Негова, Кој не ја сака смртта на грешникот, туку покајанието, враќањето и спасението наше, на неблагодарните луѓе; а од друга страна, посредништвото на Пречистата Негова Мајка и на сите свети кои се молат за нас, како и молитвите на малцината избрани во целата земја, кои се молат за спасение на целиот свет и соединување на сите. Но, до кога? Се плашам да не се исполнат зборовите на Богочовекот, Господ наш Исус Христос, кога вели: „Ако не се покаете, сите ќе изгинете“ (Лука 13, 3).

Кога пророкот Исаија го праша Бога: „до кога луѓето ќе продолжат како слепи и глуви да трчаат по патот на гревот и погибелта“, Бог Му одговори: „додека не опустошат градовите од ненаселеност на луѓе и додека земјата не стане пустина!“

Богопроповедникот, апостол Павле, вели: „Ако секој престап и секоја непослушност прими праведна отплата, како тогаш ќе избегнеме, ако занемариме такво големо спасение?“ (Евр. 2, 2-3). „Жал и загриженост на секоја душа човечка, која прави зло… оние што грешеле без Закон, без Закон ќе загинат“ (Рим. 2, 9-10)…

Читај го моето писмо на сите браќа и ве молам сите да се молите, да ја продолжи Господ милоста своја кон нас и кон сите грешници на земјата, да не нè стигне Неговиот гнев, ниту Неговата лутина да нè поучува, но бесконечната милост, долготрпение и штедрост Негова, да нè помилува и спаси нас и сите, како добар и човекољубец и милостив Бог. Амин.

Со благослов,

вашиот духовен отец,

Архим. Филотеј

 

Превод од новогрчки јазик:

Антонио Лазески, студент на Теологија

Текстот на посланијата на старец Филотеј

е од бројот 14 на списанието

„Преподобен Филотеј од Парос“

Православна светлина бр. 22.

 

Извор: ОРТОДОКСИЈА ОРТОПРАКСИЈА



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 730
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Митрополит Струмички Наум:  Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020)

Теологија без умно-срдечна молитва е повеќе технологија, т.е. умешност, односно техника на составување и вообликување на мислата и на зборот, отколку богословие, отколку Божјо слово; повеќе знаење што произлегува од...

 Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Митрополит Методиј Златанов: огромна е човечката жед за љубов

Во духовната пустина на овој суетен свет, на ова место на нашето исконско туѓинување, огромна е човечката жед за љубов. Дури и се навикнуваме да живееме без внимание кон себе...

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме...

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот; затоа што Христос е...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

« »