логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 3.angeli.so.truba

Не сакав во двете претходни колумни да пишувам за вирусот. Знам дека сите мисли ни се насочени кон него, па не сакав и јас да се вклучам во „културата на стравот“. Но стварноста е посилна од нашата желба да ги држиме мислите настрана, врз нешто друго. Од целава оваа трагедија, единственото добро е што станавме свесни дека нешто може да постои и без да се гледа или допре со рака. Висока е цената за тоа освестување: многу човечки животи и крах на светската економија, по што оние што беа богати (и држави и поединци) ќе станат средноимотни, а средноимотните – сиромашни.

На сиромашните – ќе им остане борбата за гол живот. Како некоја невидлива сила (доколку не станува повторно за некој светски заговор, во што не сакам да верувам, верувајќи дека уште постои човечност) да решила да го запре неолибералниот капитализам и да го врати во некоја порана фаза на развој. Која најверојатно ќе биде посурова од досегашната, зашто богатите ќе се трудат со сите сили да го надоместат она што невидливото им го одзеде. Како и да е, не може а да не се каже: вирусот, особено на оние што живеат оковани во материјата, со доминантната филозофија дека човекот е центар на космосот и дека си ја држи судбината во свои раце, им покажа дека има и за нас невидливи сили што сериозно влијаат врз нашите животи. Нека бидат тоа и најнаивните претстави за Бог или за ѓаволот (ни едниот ни другиот не се видливи и затоа немаат лична карта), сепак – има нешто зад видливиот свет. И вирусот дојде од „таму“ – од невидливото.

Но во видливиот свет мене повторно ме интересира човекот, наспроти невидливото – вирусот. Деновиве постојано слушаме дека лекарите и медицинското знаење не се доволни да се справиме со вирусот. Најчестата поплака е дека колективно немаме доволно СВЕСТ за ситуацијата. Кога пропаѓаше комунизмот, се тврдеше дека тоа се случува затоа што работничката класа нема револуционерна СВЕСТ. Кога зборуваме за тоа зошто не сме имале држава во деветнаесеттиот век, се споменува отсуство на национална СВЕСТ. Кога имаме проблеми со загадувањето, се слуша дека немаме еколошка СВЕСТ. Но знае ли некој од нас, воопшто, да објасни што е тоа свест?

Во поттекстот на сите тие поплаки за отсуство на свеста стои едно убедување дека мислењето е предуслов за свеста. Се смета дека свеста е логична последица на мислењето. Затоа и се верува дека со покачување на степенот на образованието (просветата) ќе се стекне таа толку посакувана човечка свест. За жал, работите, како и многупати досега, се поставени на глава наместо на нозе. Никакво образование, никаква просвета не гарантира свест. Просветеноста не значи по дефиниција и ПРОСВЕТЛЕНОСТ на човекот. Јас лично сум убеден дека не е свеста последица на способноста за мислење, туку мислењето е последица на свеста; мислење може да се случи само кај претходно веќе освестен човек. Значи: прво свест, потоа мисла. И тоа здрава.

Но, ако е така, како што јас тврдам (наспроти здравиот разум, им се чини на повеќемина од вас), што е предуслов да се јави свеста? Чувството, односно доживувањето. Само чувството може да роди свест. Чувството (доживувањето) дека не сум сам, дека сум дел од еден организам во кој сите нешта се поврзани со невидливи врски. Чувството дека не сум центар на светот, дека имам ближни, браќа и сестри, дека со нив се наоѓам во космичка поврзаност и хармонија. Дека и јас, иако имам две-три дипломи и докажани општествени вештини (да речеме, управувам со авион), сум поврзан во истата органска целина на вселената и со оној неписмен питач на улицата, но и со водата, билките, каменот, небото. Во последно време екологијата инсистира на оваа сестрана поврзаност, без да знае дека пред неа тоа го проповедаа пантеизмот, мистицизмот, симболистите. Ни недостига чувството за припадност кон полнотијата на битието, чувството дека сме дел од Едното.

Вирусот треба да нè научи дека и да ја заклучам вратата, и да ги затворам прозорците, и да се самокарантинирам, јас не престанувам да бидам дел од светот, од неговата трагедија што се случува по болниците, улиците, парковите: секаде каде што се шири заразата.
Според тоа, без прималното ЧУВСТВО (ДОЖИВУВАЊЕ) дека сум дел од повисок поредок, нема ни свест. Егоизмот, егоцентризмот и антропоцентризмот се најголеми непријатели на чувството за сродност (афилијација) со целината (во религијата таа целина е Бог, во човековите заедници тоа се нацијата или/и државата). А без чувството дека не си припаѓам само себеси туку и на другите, нема да се роди ни свеста дека покрај мене има и – други што заслужуваат исто што и јас.
Не треба многу докази за тоа дека човекот без чувства нема свест, иако може, со помош на мислењето, да создаде илузија дека е свесен човек. Еве пример од соседството: една млада девојка, уште студентка, на која тато ѝ купил „ауди“ и стан (нејзин е), за да студира во „големиот град“, постојано прави нешто со што ги доведува сите станари на зградата до нервен слом: бидејќи редовно нема место на паркингот пред зградата, таа паркира користејќи некој „мртов агол“ на паркингот, со што не загрозува ниедно од паркираните возила. Но заборава дека со тоа свое „решение“ го затвора влезот во заедничката гаража на зградата.

И иако е опомената најмалку петпати, тоа го прави и натаму. Како знак на „свест“, остава под бришачот на ветробранот лист со својот мобилен број. Така, ја викаме по телефон секогаш кога треба да излеземе од гаражата. Последниот пат еден сосед, кому двегодишното дете му паднало дома и ја повредило аркадата, требало итно да излезе од гаражата; додека се јавил и додека таа слегла од својот стан, детето крвавело. Кога се врати од хирургија, сакаше да ја убие. Тропаше на нејзината врата и сакаше да ја искрши, а таа му повика полиција, па го приведоа. Соседите знаат дека станува збор за сосема спокоен, мирен човек, кој на мравка не гази.

И, кога го прашав што му стана толку да избувне и зошто не ми свирнал под прозорец да му ги фрлам клучевите од мојот автомобил (беше на паркингот), тој рече: „Ти не разбираш. Не е решение ти да ми дадеш автомобил. Она што ме извади од чевли не беше ни тоа што ми го затворила преминот, туку идејата дека така како што се однесува со паркирањето, и покрај сите опомени, ќе се однесува и со вирусот. За неа не постои туѓ живот, само нејзиниот. Ќе нè зарази сите.“
Што значи тоа? Студентката ЗНАЕ дека некому би можела да му пречи. Но не ЧУВСТВУВА (НЕ ДОЖИВУВА) дека некому му пречи, дека ја нарушува ЦЕЛИНАТА. За неа задоволувањето на нејзината потреба не смее да чека и нема цена; тоа задоволување е над целината и над чувството за срам што таа целина се нарушува поради неа. Тоа значи дека нема СВЕСТ, штом нема ЧУВСТВА за другиот. Таа, иако е словесна (има способност да мисли и говори), е бесчувствителна. Попросто од ова за разбирање – нема.

Затоа, бесчувствителноста е многу потажна од бессловесноста: кога ќе видите хендикепиран човек што не може да зборува, ама се растажува, се смее и чувствува, вие сепак гледате човек. Кога ќе видите рамнодушно, мермерно лице, кое дури и за меленото месо купено во месарницата ви говори со научна апаратура карактеристична за докторат – ве обзема тага. Ако ве обзема, бидете спокојни: имате свест, зашто имате чувства.
Но како до чувства, ќе праша некој? Кажав во првата колумна: читајте, слушајте музика, спортувајте, гледајте во небото наместо на земјата. Гарантирано ќе остварите синергија со невидливото. Да не излезе дека вирусот има повеќе чувства и свест од нас, обдарени со разум, срце и ум.

 

Извор:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/%d0%b2%d0%b8%d1%80%d1%83%d1%81%d0%be%d1%82-%d0%b5-%d0%b8%d0%bd%d1%82%d0%b5%d0%bb%d0%b8%d0%b3%d0%b5%d0%bd%d1%82%d0%b5%d0%bd-%d1%87%d0%be%d0%b2%d0%b5%d0%ba%d0%be%d1%82-%d0%b1%d0%b5%d1%81%d1%87%d1%83/

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 651
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Св. Климент Охридски: Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Св. Климент Охридски: Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поради тоа, браќа, бидејќи нè очекува бесконечна мака, да се потрудиме преку подвиг да ја избегнеме, со милостина да го пречекаме бедниот и да го угостиме, примајќи го туѓинецот, гладниот...

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепиот (23.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепиот (23.05.2020)

Бог е праведен. Сепак, на оние кои се одрекле од светот и световните работи им ветил стократно повеќе уште во овој живот, а плус и Царство Небесно: „Вистина ви велам:...

Храмот е срце

Храмот е срце

До тој Ден, којшто ние сме собрани данеска да го празнуваме. До денот, во којшто светлото Сонце на Правдата дошло да го осветли овој свет и да изгрее од гробот...

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Но, бидејќи над вистинската вера, низ вековите, незабележливо се наталожиле и одомаќиниле уште неколку темнини, денес, оној што ќе поверува, ќе треба да се пробие и низ овие темнини; а...

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Откако ја стекнува нејзината доверба, Богочовекот Христос ѝ ја покажува и вистинската вера: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате...

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

Телото ја прима онаа храна, која во суштина е еднаква со телото. Телото е од земјата и храната за телото е од земјата. Затоа телото во овој свет се чувствува...

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

Слoвoтo Бoжјo e какo oган на кoјштo сe радува правeдникoт прeмрзнат вo студeнилoтo на oвoј свeт; и слoвoтo Бoжјo e какo oган кoј гo изгoрува нeправeдникoт, кoгo oвoј матeријалeн свeт...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Да го фрлиме фенерот на Диоген, да се откажаме од потрагата по човек во темнината на овој свет и во сеопштата расчовеченост. Таа потрага за нас заврши во оној миг...

„Мрзливитe рацe брзo ги врабoтува ѓавoлoт а врeднитe - ангeлoт“

„Мрзливитe рацe брзo ги врабoтува ѓавoлoт а врeднитe - ангeлoт“

Вo oвoј свeт на нeпрeстајнo движeњe и нeпрeстајни прoмeни, чoвeкoт, сакал или нe, мoра да бидe врабoтeн, билo сo дoбрo, билo сo злo дeлувањe. Мрзливиoт чoвeк, всушнoст, нe e врабoтeн:...

« »