логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 Hristos.Cvetnici3

ЦВЕТНИЦИ


Великиот Пост во Црквата се завршува со два лачезарни, празнични денови, подобро е да се каже - со еден вид на двоединствен, дводневен празник. Тоа е Лазаревата сабота - денот кога си спомнуваме за умрениот пријател Лазар, кого Христос го воскресна, и - Цветници, кога го празнуваме торжественото влегување во Ерусалим, кое Христос го направил шест дена пред страдањето и крсната смрт. Токму пред да настапи тагата и темнината на оние страстни денови, пред, уште еднаш, да стане сведок на старадањата Христови, Црквата ни ја покажува вистинската смисла на доброволната Христова жртва, Неговата спасителна смрт.


Христос бил далеку од Ерусалим, кога умрел Лазар, и по само четири дена оттогаш Тој дошол во Витанија и се сретнал со сестрите на Лазар Марта и Марија и со пријателите негови кои плачеле и тагувале. И ете во Евангелието по Јован подробно се раскажува за таа средба. На почеток е разговорот со Марта и Марија. Обете му говорат на Христа: “Господи! Ако Ти беше овде, не ќе умреше братот мој...” Христос одговара: “Твојот брат ќе воскресне!” И без разлика на овој одговор, кога Тој ги видел сестрите како плачат и Јудејците кои дошле со нив расплакани, Тој “Самиот - пишува евангелистот Јован - се возмутил во духот и просолзил...” И ете, тој му приоѓа на гробот и самиот плаче, и оние околу него говорат: види колку го љубеше. Христос наредува да го тргнат каменот кој лежел на гробот. И кога го тргнале каменот, Тој, според зборовите на евангелистот, “извикал со силен глас: Лазаре, стани! И станал умрениот, по рацете и нозете обвиткан со погребни завоји...”


Во што е смислата на овој настан, кого толку светло, толку радосно, толку победоносно го празнува Црквата во Лазаревата сабота? Како да се спојат тагата, солзите на Христа, и таа сила која го воскреснува умрениот? Со целото свое празнување Црквата одговара на ова прашање: Христос плаче затоа што во оваа смрт на својот пријател Тој го созерцува торжеството на смртта во светот, која Бог не ја создал, но која се зацарила и царува во светот, која го труе животот, целиот претворајќи го во бесмислена смена на деновите, кои неумоливо се стремат кон пропаст.
И ете ја таа заповед: “Лазаре, стани!” Тоа чудо на љубов, кое торжествува над смртта, тоа е предизвик на смртта тоа е - објавување на војна на смртта од страна на Христа, тоа е утврдување дека самата смрт треба да биде уништена, усмртена. И за да се уништи смртта и нејзината темнина, самиот Христос - и тоа значи самиот Бог, самата љубов, самиот живот - ќе слезе во гробот да се сретне со смртта лице во лице, и ќе ја уништи, и ќе ни дарува вечен живот, за кој Бог не создал. И следниот ден Христос влегува во Ерусалим. Не влегува така како што често влегувал и порано: непрепознаен, непознат, непризнаен. Не, сега Тој Кој никогаш не сакал ни власт, ни слава, како Самиот да го подготвува Своето торжество. Тој им наредува на учениците да му донесат младо осле. Тој седнува на него и влегува во градот, пречекан од толпата, од децата со палмови гранчиња во рацете. И оваа толпа и овие деца Го поздравуваат со древниот поздрав, со кој му се обрнувале само на царот: “Осана! Благословен е оној кој доаѓа во името Господово! Осана во височините! И целиот град силно се возбуди...” - пишува евангелистот. Оваа толпа, овие палмови гранчиња, овој громок царски поздрав, оваа ликувачка радост - што значи се тоа? И зошто секоја година ние си спомнуваме за овој настан со таква радост, небаре самите стоиме на улицата на светиот град и чекаме, и Го пресретнуваме, и ликуваме, и ги повторуваме истите зборови, истото вечно “Осана”? Тоа значи дека, макар во еден далечен за нас град - но таму Христос бил цар, царувал, од народот бил признат како цар! Да, Тој учел за царството Божјо, за Своето идно царување. Но ете во тој ден, шест дена пред Велигден, Тој го покажал своето царство на земјата, им го открил на луѓето, ги повикал, а со нив и сите нас, да станат граѓани на ова царство Христово, поданици на овој смирен цар, цар без земна власт и без земна моќ, но со сесилна љубов.
Ние живееме во свет, во држави, кои се одрекле од Бога, кои се зафатени сами со себе, кои треперат за својата власт, сила, моќ, победа. И речиси да нема во овој свет место за Божјата љубов, Божјата светлина, Божјата радост. И ете, во овој единствен ден во годината, кога ние стоиме во преполнетите храмови, земаме гранчиња од врба, и повторно одекнува она царско Осана - ние си говориме себе, и му говориме на светот, и му сведочиме: не умрело, не изгинало, не исчезнало од лицето на земјата царството Христово, кое толку силно засветлило оној ден во Ерусалим. Ние Му говориме на Бога: Ти си единствен Господ, Ти си наш единствен цар, и ние знаеме и веруваме и тврдиме, дека ќе победи тоа царство на Твојата љубов, Твојата победа над гревот, над злото и над смртта, и дека радоста на оваа вера никој не ќе ни ја одземе. Нека луѓето сите свои надежи ги полагаат на силата и насилството, нека веруваат само во пушките, затворите и стравот. Нека ги мачат другите луѓе. Не, не ќе се одржи тоа царство на насилство, зло и лага. Ќе се урне, како што се урнале сите претходни царства, како што исчезнале сите претходни господари. А твоето царство, Господи, ќе остане. И ќе настане време, кога со љубовта Своја Ти ќе ја избришеш секоја солза од очите наши, во Својата радост ќе ја раствориш секоја тага, ќе го проникнеш со светлината на вечноста светот од Тебе создаден.
На Цветници ние знаеме дека, по ова Свое торжество Христос го започнува искачувањето кон страдањето и кон смртта. Но светлината, која се запалува во овој ден, ќе ја осветли и таа темнина без дно. По крстот и смртта ќе се роди зората на неискажливата велигденска радост. Ете ја смислата и силата на овие необични денови, кога, завршувајќи го постот, ние се подготвуваме да Го следиме Христа во Неговото доброволно страдање, во неговото победоносно слегување во смртта, во неговото преславно воскресение во третиот ден.


ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

hristos.voskresenie.jpg


Во велигденската ноќ, кога крстниот вход, обиколувајќи ја Црквата, се запира пред нејзината затворена врата и настапува една, последна минута на молчење пред избликот на велигденската радост, во нашето срце, свесно или несвесно, се појавува истото она прашање, кое, според евангелскиот расказ, се појавило во срцето на жените, кои рано наутро, “пред да изгрее сонцето”, дошле при гробот на Христа. Ова прашање е: “Кој ќе го помести каменот од гробот?” Ќе се случи ли уште еднаш тоа чудо? Ќе стане ли уште еднаш ноќта посветла од денот? Ќе не исполни ли уште еднаш таа радост необјаснива и од светот независна, која цела ноќ и уште многу денови ќе прозвучува во онаа размена на велигденскиот поздрав: Христос воскресе! Навистина воскресе!
Тој миг секогаш доаѓа. Вратата се отвора. Ние влегуваме во храмот облеан со светлина. Ние стапуваме во ликувачката велигденска утрена. Но некаде во душата останува прашањето. Што значи се ова? Што значи да се празнува Велигден во овој свет, исполнет со страдање, омраза, ситничавост, војни, што значи да се пее “со смртта смртта ја победи” и да се слуша за тоа дека “нема ни еден мртов во гробовите”, кога смртта се уште останува, без разлика на целата животна суета, единствена апсолутна земна веродостојност... Зарем Велигден, оваа светла ноќ, ова ликување е - само магновено излегување од реалноста, можност за некоја духовна опиеност, по која, порано или подоцна, но настапува истата еднолична, истата сива, реалност, истиот след на деновите, месеците, годините, кои неумоливо поминуваат - таа брзаница кон смртта и небитието? Бидејќи веќе одамна ни тврдат дека религијата - тоа е самоизмама, тоа е опиум, тоа е измислица, која на човекот му помага во неговата тешка судбина, тоа е илузија која цело време се распрснува. И не е ли помажествено, не е ли подостојно за човекот од оваа илузија да се откаже и лице во лице да се сретне со едноставната и трезвена реалност?
Што да се одговори на се ова? Првиот приближен одговор би можел да биде ваков: Не може да биде, се тоа да е едноставно измислица! Не може да биде, толку вера, толку радост, толку светлина - ете веќе речиси две илјади години - да биде само бегство, илузија. Може ли илузијата да трае со векови? Овој одговор, се разбира, е убедлив, но не е краен. И треба директно да се каже дека краен, општо задолжителен одговор, таков кој би можел да се испечати во облик на научно објаснување на велигденската вера - таков одговор нема. Секој овде може да сведочи само за својот сопствен и жив опит и да говори за себе.
Во живиот и личен опит, кога се загледуваш и замислуваш во него, одеднаш го наоѓаш она на што се останато се гради, што одеднаш се осветлува со толку заслепувачка светлина во која навистина, како восок од лицето на огнот, се топат сомнежите и прашањата. Каков е тој опит? Јас не можам поинаку да го опишам и определам, освен како опит на живиот Христос. Не верувам во Христа затоа што еднаш во годината, и од најраните години ми е дадено да учествувам во велигденското торжество, а Велигден, таа единствена ноќ исполнета со светлина и радост, победната сила со која прозвучува поздравот: Христос воскресе! Навистина воскресе! - е можен затоа што мојата вера се родила од опитот на живиот Христос.
Како и кога се родила таа? Не знам, не се сеќавам. Знам дека секој пат кога го отворам Евангелието и читам за Него, ги читам Неговите зборови, Неговото умеење, јас мислено, со цело срце и со цела природа, го велам тоа што го кажале испратените од фарисеите, за да го заробат Христос, а кои се вратиле, не заробувајќи го. Тие рекле: “Никогаш човек не говорел така како што говори овој!” На тој начин, прво нешто кое јас го знам е тоа, дека учењето на Христа е живо, и нема ништо во светот што би можело да се спореди со него. Но ова учење е за Него, за вечниот живот, за победата на смртта, за љубовта која ја победува и совладува смртта. И јас дури знам дека во животот, во кој се се чини толку тешко и еднолично, единственото што никогаш не се менува, никогаш не се заборава - тоа е ова внатрешно сознание дека Христос е со мене. “Не ќе ве оставам сироти, ќе дојдам кај вас”. И ете доаѓа и дава да го почувствуваме. Во молитвата, во оној трепет на душата, во несфатливата, но толку жива радост, во таинственото, но повторно толку несомнено Негово присуство во храмот за време на богослужбата, во тајните; цело време расте овој жив опит, ова знаење, оваа очигледност: Христос е тука, Неговите зборови се исполниле - оној кој Ме љуби, со него ќе пребивам - “И ќе дојдеме кај него и пребивалиште ќе направиме”. И во радоста и во тагата, и во толпата и во осаменоста, е несомненоста на Неговото присуство, таа сила на Неговото слово, таа радост од верата во Него. 
Ете го единствениот одговор и единствениот доказ: “Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Зошто го оплакувате нераспадливиот како распадлив?”
И затоа цело христијанство не е ништо друго освен ново и ново преживување на верата - нејзино воплотување во обредите, зборовите, во звуците, во боите. На неверниот таа навистина може да му изгледа како илузија. Тој ги слуша само зборовите, ги гледа само несфатливите церемонии. И ги објаснува однадвор. Но за верните се светли одвнатре: не како доказ на неговата вера, а како нејзин резултат, како нејзин живот во светот, во душата, во историјата. Затоа реален, жив, современ ни е Велик Петок: неговата темнина и тага, затоа можеме да плачеме под крстот и да го преживуваме се она што тогаш се случило, во денот на торжеството на злото, предавството, плашливоста и подмолноста. Затоа можеме со трепет и надеж да го созерцуваме живоносниот гроб на Велика Сабота, затоа можеме секоја година да го празнуваме Велигден. Бидејќи Велигден - тоа не е спомен за настан кој се случил во минатото. Тоа е - реална средба, во радост и среќа, со Оној, во Кој нашето срце одамна го узнало и сретнало животот и светлината над секоја светлина.
Велигденската ноќ - таа е сведоштво за тоа дека Христос е жив и со нас, и ние сме живи со Него. Целата таа ноќ е - повик во светот и животот да се увиди зората на таинствениот ден на Царството на светлината. “Денес пролетта благоуха - пее Црквата - и новата творба ликува...” Таа ликува во верата, во љубовта, во надежта. “Ден на воскресението е, и да се просветиме со торжеството, и еден со друг да се прегрнеме, и да си речеме: браќа! и на оние кои не мразат да им простиме се воскресението ради, и така да воскликнеме, Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи и на оние во гробовите живот им даде”. Христос воскресе!

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 651
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Митрополит Струмички Наум: Повторување (30.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Повторување (30.05.2020)

За неделата на Светите отци од Првиот Вселенски Собор имав намера да пишувам за молитвата што ги опфаќа сите луѓе и секој човек што конкретно страда, ама за кого... Денешните...

Св. Климент Охридски: Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Св. Климент Охридски: Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поради тоа, браќа, бидејќи нè очекува бесконечна мака, да се потрудиме преку подвиг да ја избегнеме, со милостина да го пречекаме бедниот и да го угостиме, примајќи го туѓинецот, гладниот...

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепиот (23.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепиот (23.05.2020)

Бог е праведен. Сепак, на оние кои се одрекле од светот и световните работи им ветил стократно повеќе уште во овој живот, а плус и Царство Небесно: „Вистина ви велам:...

Храмот е срце

Храмот е срце

До тој Ден, којшто ние сме собрани данеска да го празнуваме. До денот, во којшто светлото Сонце на Правдата дошло да го осветли овој свет и да изгрее од гробот...

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Но, бидејќи над вистинската вера, низ вековите, незабележливо се наталожиле и одомаќиниле уште неколку темнини, денес, оној што ќе поверува, ќе треба да се пробие и низ овие темнини; а...

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Откако ја стекнува нејзината доверба, Богочовекот Христос ѝ ја покажува и вистинската вера: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате...

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

Телото ја прима онаа храна, која во суштина е еднаква со телото. Телото е од земјата и храната за телото е од земјата. Затоа телото во овој свет се чувствува...

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

Слoвoтo Бoжјo e какo oган на кoјштo сe радува правeдникoт прeмрзнат вo студeнилoтo на oвoј свeт; и слoвoтo Бoжјo e какo oган кoј гo изгoрува нeправeдникoт, кoгo oвoј матeријалeн свeт...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Да го фрлиме фенерот на Диоген, да се откажаме од потрагата по човек во темнината на овој свет и во сеопштата расчовеченост. Таа потрага за нас заврши во оној миг...

« »