логоFacebookTwitterYouTubeeMail

sv.Nikola.sajt.jpg
 

     Кондак 1.
     Бранителу, чудотворче, и  светол  Христов угодниче, светителу Никола, со љубов те славам ; Ти на целиот свет му излеваш скапоцено миро на милост и неисцрпно море на чудеса. Имајќи голема слобода пред Господа, избави ме од секакви опасности, за да ти воскликнувам :
     Радувај се , Николае, голем чудотворче !

     Икос 1.
     Творецот на семногуте созданија, провидувајќи ја плодоносната доброта на твојата душа, себлажен Николае, те покажа тебе -- земно создание, како Ангел, и ги научи сите вака да ти воскликнуваат :
     Радувај се, уште во мајчината утроба  очистен  !
     Радувај се, сестрано осветен !
     Радувај се, ти со своето раѓање ги воодушеви родителите свои !
     Радувај се, ти веднаш по своето раѓање душевна сила  покажа   !
     Радувај се, градино на ветената земја !
     Радувај се, цвету на божествениот  расадник  !
     Радувај се, добродетелна лозо на Христовото лозје !
     Радувај се, чудотворно дрво на Исусовиот Рај !
     Радувај се, крине кој во Рајот си процветал !
     Радувај се, миро на Христовиот благо-пријатен мирис!
     Радувај се, зашто со тебе се отстранува ридањето !
     Радувај се, зашто со тебе се донесува радување !
     Радувај се, Николае -- голем чудотворче !

     Кондак 2.
     Гледајќи го изливањето на твоето миро, богомудри Николае, душите и телата наши се просветуваат, и ние препознаваме во тебе чудесен живоносен  мироточител ; зашто со чудесата кои по благодатта Божја се изливаат како вода, ти ги напојуваш оние кои со вера воскликнуваат кон Бога : Алилуја !

     Икос 2.
     Правејќи го разбирливо неразбирливото знаење за Светата Троица, светителу оче Никола , ти заедно со светите Оци во Никеја си бил поборник за исповедувањето на Православната вера, зашто си исповедал дека Синот е еднаков, совечен и сопрестолен на Отецот, а безумниот Арија си го изобличил. Затоа верните се научија да ти воскликнуваат :
     Радувај се, голем столбу на побожноста !
     Радувај се,  засолнички  граду на верните !
     Радувај се, јака тврдино на Православието !
     Радувај се, чесен носителу и пофалбо на Пресветата Троица !
     Радувај се, зашто си проповедал дека Синот е со исто достоинство како и Отецот !
     Радувај се, зашто поулавениот Арија од соборот на Светите си го истерал !
     Радувај се, оче, славна красото на Оците !
     Радувај се, премудра убавино на сите Богомудри !
     Радувај се, говорнику со огнени зборови !
     Радувај се, зашто со тебе се утврдува верата !
     Радувај се, зашто со тебе се уништува секаква ерес !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 3.
     Со силата што ти беше дадена од небото, богоносен оче Никола, ти си  ја бришел  секоја солза од лицата на тешките страдалници ; на гладните си им бил хранител, на оние што патуваат по море -- прекрасен кормилар, на болните -- исцеление, и  сестран  помошник на сите оние кои кон Бога воскликнуваат : Алилуја !

     Икос 3.
     Навистина, свети оче Никола, тебе треба да ти се пее песна од небото, а не од земјата, зашто кој од луѓето е способен да ја искаже големината на твојата светост ? Но ние од љубовта твоја победени, вака ти воскликнуваме :
     Радувај се, зашто си пример за овците и пастирите !
     Радувај се, свето очистување на карактерот  !
     Радувај се, зашто си сместувалиште на големи добродетели !
     Радувај се, зашто си чисто и чесно живеалиште на Светоста !
     Радувај се, сесветол и семил светилнику !
     Радувај се, зашто си златозрачна и безпрекорна светлост !
     Радувај се, достоен соговорнику на Ангелите !
     Радувај се, добар наставнику на луѓето !
     Радувај се, правило на побожната вера !
     Радувај се, образу на духовната крепост !
     Радувај се, зашто со тебе од телесни страсти се избавуваме !
     Радувај се, зашто со тебе со духовни сладости се исполнуваме !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 4.
     Бура на несигурност ми го заматува умот : на кој начин достојно да ги опеам твоите чудеса, блажен Николае ? Зашто никој не може да ги наброи, дури и да има многу јазици со кои би зборувал. Но ние, на Бога кој во тебе прекрасно се прославува, се осмелуваме да Му воскликнуваме : Алилуја !
   
     Икос 4.

     И ближните и далечните, Богомудар Николае, слушнаа за големината на твоите чуда ; зашто како на лесни, благодатни крилја им долетуваш на оние кои се во неволја и брзо ги избавуваш оние кои вака ти извикуваат :
     Радувај се, од тагата избавување !
     Радувај се, дарителу на благодатта !
     Радувај се, прогонителу на неочекувани зла !
     Радувај се, засадителу на посакувани добра !
     Радувај се, брз утешителу на оние кои се во опасност !
     Радувај се, страшен укорителу на оние кои вршат  неправда !
     Радувај се, пространо море на чудеса, од Бога излиени !
     Радувај се, таблице на Христовиот закон, од Бога напишана !
     Радувај се, крепко подигнување на оние што паѓаат !
     Радувај се, вистинска цврстино на оние што стојат !
     Радувај се, зашто со тебе се обелоденува секаква измама !
     Радувај се, зашто со тебе секоја вистина се јавува !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 5. 
     Се јави, свети чудотворче Николае, како од Бога водена ѕвезда која им го покажуваше патот на оние кои некогаш, за време на пловидбата, се наоѓаа сред море во опасност, и да не им дојдеше ти напомош кога те повикуваа, нив брзо ке ги снајдеше смрт. Ти тогаш си им запретил на демоните кои бессрамно летале сакајќи да го потопат бродот, и си ги изгонил, а верните спасени од тебе, си ги научил да воскликнуваат кон Бога : Алилуја !

     Икос 5.
     Девојките кои заради сиромаштија беа приморани да се подготвуваат за недостојно мажење, го видоа твоето големо милосрдие кон сиромашните, оче Николае, кога ти, тајно во ноќта, на нивниот стар татко му остави три кесиња злато, избавувајќи го на тој начин и него, и неговите ќерки од паѓање во грев.Заради тоа, од сите ги слушаш овие зборови :
     Радувај се, ризницо на преголеми милости !
     Радувај се, саду исполнет со промисли за луѓето  !
     Радувај се, храно и опоравување на оние кои кон тебе прибегнуваат !
     Радувај се, недојадлив лебу на гладните !
     Радувај се, од Бога дарувано богатство на оние што бедно живеат на земјата !
     Радувај се, брзо подигнување на сиромасите !
     Радувај се, миговно услишување на бедните !
     Радувај се, пријатно закрилување на тажните !
     Радувај се, непорочен удомителу на трите девојки !
     Радувај се, усрден чувару на чистотата !
     Радувај се, надеж на безнадежните !
     Радувај се, насладо на целиот свет !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 6.
     Преблажен Николае, целиот свет те проповеда како брз помошник во бедите : зашто многу пати за миг доаѓаш и им помагаш на оние кои на суво или по вода патуваат, спасувајќи ги од зла сите кои кон Бога воскликнуваат : Алилуја !

     Икос 6.
     Имајќи животна светлост, добар пастиру Николае, ти си им донел избавување на неправедно осудените на смрт војводи кои те повикувале ; зашто набрзо си му се јавил на царот во сон, си го исплашил и си му наредил да ги пушти војводите неповредени. Затоа ние, заедно со нив благодарно ти воскликнуваме :
     Радувај се, помошнику на оние кои усрдно те призиваат !
     Радувај се, избавителу од неправедни убиства !
     Радувај се, ти кој чуваш од лажни клетви !
     Радувај се, разрушителу на неправедни намери !
     Радувај се, ти кој ги кинеш лагите како пајажина !
     Радувај се, ти кој славно ја воздигнуваш вистината !
     Радувај се, ослободување на невините од окови !
     Радувај се, оживување на мртовците !
     Радувај се, затворенику на правдата !
     Радувај се, помрачителу на неправдата !
     Радувај се, зашто со тебе невините се избавуваат од меч !
     Радувај се, зашто со тебе се насладуваат на светлината !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 7.
     Сакајќи да го растераш одвратниот мирис на богохулната ерес, ти, Николае, си се јавил како миро, навистина благомиризливо и таинствено : луѓето Мирликиски си ги напасил, и целиот свет со благодатно миро си го исполнил; затоа истерај го и од нас одвратниот мирис на против-божниот грев, за да можеме благопријатно да Му воскликнуваме на Бога : Алилуија !

     Икос 7.
     Свети оче Никола, ние те сметаме за нов Ное, кормилар на спасоносниот ковчег, кој со своето управување ја прогонуваш бурата на сите тешкотии и им носиш божествена тишина на оние кои вака ти воскликнуваат :
     Радувај се, тивко пристаниште на завеаните од бура !
     Радувај се, познато спасение на давениците !
     Радувај се, добар кормилару на оние што пловат по водните пространства !
     Радувај се, ти кој ги запираш морските бури !
     Радувај се, избавителу на оние што се во невреме !
     Радувај се, загревање на оние што се наоѓаат во мразеви !
     Радувај се, зашто си блесок што мракот на тагата го изгонува !
     Радувај се, зашто си светло кое сите краеви на земјата ги просветува !
     Радувај се, избавителу на луѓето од бездната на гревот !
     Радувај се, ти кој го фрли сатаната во длабочините на пеколот !
     Радувај се, зашто со тебе смело ја повикуваме бездната на милоста Божја !
     Радувај се, зашто со тебе избавени од потопот на гневот, ние наоѓаме мир со Бога !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 8.
     Твојот свет храм, блажен Николае, се покажа како необично чудо на оние кои прибегнуваат кон тебе, зашто принесувајќи во него и мала молитва, добиваме исцеление од големи рани, само ако по Бога својата надеж на тебе ја положиме, со вера воскликнувајќи : Алилуја !

     Икос 8.
     Навистина си сестран помошник на сите, богоносен Николае, и си ги собрал во едно сите кои прибегнуваат кон тебе како кон ослободител, хранител и брз лекар на сите земнородни, поттикнувајќи ги сите на пофалба, вака да ти воскликнуваат :
     Радувај се, изворе на сите исцеленија !
     Радувај се, помошнику на оние што горко страдаат !
     Радувај се, светлосен зраку што им сјаеш на оние кои лутаат во ноќта на гревот !
     Радувај се, од небото подарена росо на оние што се распламтени во трудови !
     Радувај се, зашто им даруваш благосостојба на оние на кои им е потребна !
     Радувај се, зашто подготвуваш изобилство за оние кои го бараат !
     Радувај се, ти кој многу пати го претекнуваш молитвеното барање !
     Радувај се, ти што на старците им ја обновуваш снагата !
     Радувај се, зашто ги изобличуваш многуте скршнувања од патот на вистината !
     Радувај се, верен служителу на Божјите тајни !
     Радувај се, зашто со тебе ја сотруваме зависта !
     Радувај се, зашто со тебе остваруваме добро живеење !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 9.
     Сите наши болести скроти ги, голем наш помошнику Николае, дарувајќи ни благодатни лекови кои ги ублажуваат нашите души и ги веселат срцата на сите кои усрдно прибегнуваат кон твојата помош, а на Бога Му воскликнуваат : Алилуја !

     Икос 9.
     Празноумните слаткоречиви безбожници ги гледаме посрамени од тебе, богомудар оче Никола, зашто ти си го победил Арија богохулникот, кој го разделувал Божеството, и Савелија кој ја помешувал Светата Троица, а нас си не утврдил во Православието. Затоа вака ти воскликнуваме :
     Радувај се, штиту на благочестието !
     Радувај се, мечу кој ја посекуваш злобата !
     Радувај се, учителу на Божјите заповеди !
     Радувај се, погубувачу на богопротивните учења !
     Радувај се, од Бога одредена лествица, преку која се качуваме на небото !
     Радувај се, од Бога даден покрове, со кој мнозина се покриваат !
     Радувај се, ти кој со своите зборови ги умудри немудрите !
     Радувај се, ти кој со својите поуки ги подигна мрзливите !
     Радувај се, неугаслива светлино на Божјите заповеди !
     Радувај се, пресветол  зраку на Господовите повелби !
     Радувај се, зашто со твоето учење се разбиваат главите на еретиците !
     Радувај се, зашто со тебе верните се удостојуваат со слава !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 10.
     Сакајќи душата да ја спасиш, оче наш Никола, ти телото свое навистина си го покорил на духот, зашто на молчењето, борбата со помислите и останатите трудови си го додал и Богомислието, а со Богомислието си стекнал совршен разум, кој ти помогна неустрашиво да разговараш со Бога и Ангелите, непрестано воскликнувајќи : Алилуја !

     Икос 10.
     Преблажен оче, ти си тврдина на оние кои ги слават твоите чудеса и на сите кои прибегнуваат кон твојата заштита. Затоа ослободи не од сиромаштија, напади, рани и разни невољи и нас, сиромашните во добри особини, кои со љубов ти воскликнуваме :
     Радувај се, ти кој избавуваш од вечното сиромаштво !
     Радувај се, ти кој даваш непропадливо богатство !
     Радувај се, нерасиплива храно на гладните за правда !
     Радувај се, неисцрпно питие на жедните за живот !
     Радувај се, ти кој не чуваш од метежи и војни !
     Радувај се, ти кој од окови и робство избавуваш !
     Радувај се, преславен заштитнику во бедите !
     Радувај се, преголем покровителу во искушенијата !
     Радувај се, избавителу на мнозина од пропаст !
     Радувај се, ти кој безброј луѓе си зачувал неповредени !
     Радувај се, зашто со тебе грешниците избегнуваат лута смрт !
     Радувај се, зашто со тебе покајаните вечен живот добиваат !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 11.
     Преблажен Николае, ти со ум, зборови и дела си Ја славел Пресветата Троица повеќе отколку другите, зашто со многу внимателно проучување си ги објаснил православните догмати, учејки не со вера, надеж и љубов да Му воскликнуваме на Единиот Бог во Троица : Алилуја !

     Икос 11.
     Во мракот на животот те гледаме тебе, од Бога избран оче Никола, како неугаслив светлозрачен факел, зашто со невештествените Ангелски светила разговараш за несоздадената Троична Светлост, а душите на верните ги просветуваш и тие ти воскликнуваат :
     Радувај се, сјају на Трисолнечната светлина !
     Радувај се, ѕвездо денице на сонцето што не заоѓа !
     Радувај се, свеќо, со божествен пламен запалена !
     Радувај се, зашто си го изгаснал демонскиот пламен на безбожноста !
     Радувај се, зашто си светла проповед на правата вера !
     Радувај се, зашто си блескав сјај на евангелската светлина !
     Радувај се, молњо која ги изгоруваш ересите !
     Радувај се, громе кој ги плашиш соблазнителите !
     Радувај се, учителу на вистинскиот разум !
     Радувај се, изразувачу на таинствениот ум !
     Радувај се, зашто со тебе се уништи  идолопоклонството !
     Радувај се, зашто со тебе се научивме да Му се поклонуваме на Творецот во Троица !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 12.
     Свесни за дадената ти од Бога благодат, ние радосно го празнуваме твојот спомен, преславен оче Никола, и со своите души прибегнуваме кон твојата чудесна заштита, а неможејќи да ги изброиме твоите преславни дела, зашто се многу како морскиот песок и ѕвездите на небото, ние во недоумие  воскликнуваме : Алилуја !

     Икос 12.
     Опевајќи ги твоите чудеса, ние те славиме сеславен Николае, зашто во тебе прекрасно се прослави прославениот во Троица Бог. Но, иако, свет чудотворче, од душите ти принесуваме многубројни песни и пофалби, сепак тоа не е ништо во споредба со дарот на твоите чуда, на кои им се восхитуваме, воскликнувајќи ти :
     Радувај се, служителу на Царот над царевите и Господарот на господарите !
     Радувај се, сожителу на Небесните служители Негови !
     Радувај се, помош на верните цареви !
     Радувај се, гордост на Христијанскиот род !
     Радувај се, зашто си истоименик на победата !
     Радувај се, зашто си знаменит носител на чесниот венец !
     Радувај се, зашто си огледало на сите добродетели !
     Радувај се, цврст штиту на сите кои кон тебе прибегнуваат !
     Радувај се, зашто си сета наша надеж по Бога и Богородица !
     Радувај се, здравје на нашите тела и спасение на нашите души !
     Радувај се, зашто преку тебе се ослобудуваме од вечната смрт !
     Радувај се, зашто со тебе се удостојуваме со живот вечен !
     Радувај се, Николае, голем чудотворче !

     Кондак 13.
     ( овој кондак се чита  3 пати )
     О, пресвет и пречуден оче Николае, утехо на сите кои се во неволја, прими го овој наш молитвен принос, и помоли го Господа , со твоето благопријатно посредување да не избави од пеколот, за да можеме заедно со тебе да пееме : Алилуја !
     ( и одново се чита Икос 1. и Кондак 1. )

3.angeli.so.truba
 
     Молитва прва кон Свети Никола
     О, сеславен и сечесен архиереју, голем чудотворче, светителу Христов оче Никола, Божји човеку и верен слуго, сакано создание, избран саду, цврст столбе на Црквата, пресјаен светилнику, ѕвездо која ја огреваш и осветлуваш сета вселена. Ти си праведник, кој израсна како палма посадена во дворот на својот Господ, си живеел во градот Мир, со миро си замирисал и изливаш непресушно миро на Божји благодати. Со своето патување, пресвети оче, морето го освети, кога многучудотворните твои мошти патуваа во градот Бари, за од исток до запад да го прославуваат името Господово. О, прекрасен и преславен чудотворче, брз помошнику, усрден заштитнику, предобар пастиру кој своето духовно стадо го спасуваш од разни опасности, тебе те прославуваме и те величаме како надеж на сите Христијани, извор на чуда, покровител на верните, премудар учител, хранител на гладните, радост на расплаканите, облека на голите, лекар на болните, кормилар на морепловците, ослободител на заробените, старател и заштитник на вдовиците и сирачињата, чувар на целомудрието, кроток воспитувач на децата, поткрепа на старците, наставник на испосниците, одмор на работниците, изобилно богатство на бедните и сиромашните.
     Услиши не нас, кои ти се молиме и под твојот покрив прибегнуваме; застапи се за нас пред Севишниот и со своите благопријатни молитви измоли ни се што е корисно за спасение на нашите души и тела. Со твојата помош, зачувај го од секаква опасност ова свето семејство, секој град и село и секоја Христијанска земја, и луѓето што во нив живеат, зашто знаеме, знаеме дека молитвата на праведникот може многу да помогне на добро, а после Преблагословената Дева Марија, ние тебе, праведниот, те имаме како заштитник пред Семилостивиот Бог и кон твоето усрдно застапништво смирено прибегнуваме.
     Преблаг оче, ти како буден и добар пастир, зачувај не од сите непријатели, загинувања, земјотреси, од град, глад, поплави, пожари, меч, уништување, напади на туѓинци. И во сите наши опасности и неволји подавај ни рака на помош и отвори ни ја вратата на Божјата милост, зашто заради многуте наши неправди не сме достојни да ја гледаме небесната висина; оковани со синџирите на гревот, никогаш не ја извршувавме волјата на нашиот Создател, ниту ги одржавме Неговите заповеди. Затоа ги приклонуваме пред нашиот Творец колената на нашето скрушено и смирено срце и го просиме твоето татковско посредување пред Него. Помогни ни, угоднику Божји, да не загинеме со нашите безаконија; избави не од секакво зло и напаст, упати го нашиот ум и утврди го нашето срце во вистинската вера, за да можеме преку твоето посредување и заштита да останеме неподложени ниту на рани, ниту на опасности, ниту на помор, ниту било каков гнев на нашиот Создател. И така во мир да го проживееме овдешниот живот, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух, Единиот во Троица славен и обожаван Бог, сега и секогаш и во  вечни векови. Амин.

3.angeli.so.truba
    
     Молитва втора
     О, Сесвет оче Николае, прекрасен угоднику Господов, наш усрден застапнику и во сите неволји брз помошнику, помогни ми мене грешниот и потиштениот во овој сегашен живот. Помоли го Господа да ми ги прости сите мои гревови кои сум ги направил од младоста своја и во текот на целиот живот, со дела, зборови, мисли и со сите мои сетила, а при исходот на мојата душа, помогни ми мене, јадниот -- помоли го Господа, Создателот на сите творенија, да ме избави од воздушните митарства и вечните маки, за да би можел секогаш да го прославувам Отецот и Синот и Светиот Дух, и твоето милостиво посредување, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

     Молитва трета
     О, себлаги оче Никола, пастиру и учителу на сите кои со вера прибегнуваат кон твоето застапништво, и усрдно со молитва те повикуваат, побрзај и избави го Христовото стадо од волците кои го растргнуваат и со своите свети молитви огради ја и сочувај секоја христијанска земја од буни, земјотреси, напади на туѓинци и меѓусебни војни, од глад, поплави, пожар, меч, уништување и изненадна смрт, и како што се смилува над тројцата мажи што беа во темница и ги избави од царевиот гнев и посекувањето со меч, така смилувај се и на мене кој и сам се наоѓам во темнината на гревот со ум, зборови и дела, и избави ме од Божијот гнев и вечната казна, па заради твоето посредување и помош, како и заради Своето милосрдие и помош, да ми подари Христос Бог тивок и безгрешен живот во овој свет, и да ме спаси од стоењето од левата страна, а да ме удостои да стојам од десната страна со сите светии. Амин.

 

Извор:

Македонска Православна Црква „Св. Параскева - Петка“

2056 N Kedzie Ave, Chicago, IL 60647

 

 3.angeli.so.truba

Друго:

ЧУДОТО НА СВЕТИ НИКОЛА, КОЕ СЕ СЛУЧИЛО 1956 ГОДИНА

1956 Година во времето на Советскиот диктатор Хрушчов, во градот Самара се случило чудо познато како “Зоиното стоење”, што го потресе целиот православен свет.
Во време кога, диктаторскиот режим сакал да го одвои народот од Бога,Бог допуштил да се случи ова чудо кое кај многумина ја вратило вербата и богобојажливоста.
Кај младите во тоа време се проширил голем атеизам и било срамно ако дома имаш икони. Па така и Зоја, која решила со пријателите да ја пречекуваат Нова Година во нејзиниот дом, се расправала со нејзината мајка која била верничка и била против веселби за време на Божикните пости. Најпрво сакала да ги отстрани и иконите од домашниот иконостас, но мајка и’ се побунила па тргнале само некои икони, а некои останале. Зоја не ја послушала својата мајка и ги повикала пријателите. Сите дошле, но вереникот на Зоја, Николај закаснил. Свирела музика, младите танцувале, а само Зоја немала партнер за танцување. Гневна на нејзиниот вереник, таа ја откачила од домашниот иконостас, иконата на свети Никола, и рекла: – “Штом го нема мојот Николај, ќе танцувам со свети Николај”.
Една од пријателките пробала да ја одварти од намерата,а таа дрско одговорила: – “Ако има Бог, нека ме казни!”


Со овие зборови, таа затанцувала во круг со иконата во раце, и на третиот круг, во собата одеднаш се слушнал силен шум,се кренал виор, засветлила заслепувачка светлина, и сите уплашени избегале. Само Зоја застанала на место, со притисната кон градите иконата на светителот, се скаменила, и станала ладна како мермер.
Не можеле да ја помрднат од место, зашто нозете, како да биле срастнати со подот.
И иако надворешно немала знаци на живот, Зоја била жива и срцето и чукало.
Од тој момент, таа не можела ниту да пие, ниту да јаде. Лекарите ги вложувале сите напори, но не можеле да ја освестат, ниту да ја поместат.
Веста за чудото брзо се раширила низ градот, и многумина доаѓале да го видат “Зоиното стоење”. Но по некое време градските власти го забраниле пристапот, и одред полицајци биле распоредени околу домот. А на љубопитните граѓани кои доаѓале одговарале дека нема никакво чудо и ништо не се случило.
Дежурните полицајци, ноќе слушнале како Зоја вика: – “Мамо, моли се! Гинеме во гревови! Моли се! “
Медицинското истражување потврдило дека чукање на срцето на девојката не застанало и покрај скаменетите ткива. Не можеле дури да и стават инекција, зашто иглите се кршеле. Повикале и свештеници, читале молитви, не можеле да ја земат ни иконата од нејзините раце.

На Божиќ (6 јануари) дошол отец Серафим Тјапочкин, отслужил водосвет и ја осветил целата соба. По што ја зел иконата од рацете на Зоја и рекол: “Сега треба да чекаме знак на Велигден”.
Пред празникот Благовештение, некој благообразен старец го молел обезбедувањето да го пушти, но бил одбиен. Доаѓал и следниот ден, но пак го вратиле, и дури на третиот ден, на самиот ден, Благовештение, стражарите го пуштиле. Дежурните слушнале, како старецот зборувал на Зоја: – “Па, како е, се измори ли се да стоиш?” Поминало извесно време, но старецот не излегувал. Кога погледнале во собата, таму го немало. Сите сведоци на настанот се убедени дека се појавил самиот свети Никола.


Зоја престојала 4 месеци (128 дена), до самиот Велигден, кој таа година била на 23 април.
Во ноќта на Христовото Воскресение Зоја гласно повикувала: – “Молете се! Страшно е, земјата гори! Целиот свет гине во гревови! Молете се! “
Од тогаш почнала да оживува, во мускулите и се појавила мекост и виталност. Ја ставиле на креветот, но таа продолжуваат да повикува и да ги моли сите да се молат за светот кој гине во гревови, и за земјата, која гори во беззаконија.
– Како живееше, кој те хранеше “- ја прашале.
– Гулаби, гулаби ме хранат, – одговорила Зоја.
Со своите молитви свети Никола ја помилувал и го прифатил покајанието нејзино, и и’ ги простил гревовите.
Сето ова толку многу ги погодило жителите на Куйбишев (како што тогаш се викал градот) и неговата околина, та многу народ се свртел кон верата. Брзале со покајание во црквата, некрстените се крштевале, оние кои не носеле крст, почнале да носат, и дури почнало да снемува крстчиња.
Кога после неколку години, протоереј Анатолиј Литвиненко го прашал архимандрит Серафим, тој ли ја зел иконата од рацете на Зоја, тој само смирено ја наведнал главата. Но, по молчењето станало јасно дека тој сака да го скрие овој факт,поради неговото големо смирение. А, и властите можело пак да започнат гонења против него, поради големиот прилив на верници кои ќе сакаат да се допрат до иконата на свети Никола, која секогаш била во храмот, каде што служел отец Серафим.


По некое време,сепак властите наредиле да се прибере иконата и да се скрие од народот, и таа била пренесена во олтарот.
“Тие денови два пати одев околу домот на Зоја”, – вели пензионерката Ана Федотов. Одев од далеку, зашто куќата беше опколена од полиција. Тогаш решив да се распрашам за се’ кај некого од полицајците, од стражарите. Наскоро еден од нив, сосема млад, излезе од киоскот. Јас тргнав по него и го запрев:
– Кажете, дали е вистина дека Зоја стои? А тој одговори: “Ти ме прашуваш, исто како жена ми. Но, ништо нема да ти кажам, а по добро види сама … “
Тој ја тргна капата и се покажа неговата целосно побелена коса: – “Гледаш ли?! Тоа кажува повеќе од зборовите. Бидејќи ние сме се потпишале и ни е забрането да раскажуваме. Но да можеше да знаеш колку страшно беше да ја гледам таа скаменета девојка! “
Неодамна се најде човек да раскаже нешто ново за самарското чудо. Тоа беше почитуваниот во Самара настојател на црквата св. Софија, отец Виталиј Калашников: “Ана Павлова Калашников е тетка на мајка ми. 1956 година таа била лекар во Кујбишев, во” брза помош “. Во тој ден, таа дојде утрото дома и рече: -” Вие тука спиете, а градот веќе одамна е на нозе! “И раскажа за скаменетата девојка. А и призна, иако се потпишала, дека штотуку била во тој дом, по повик. Ја видела застанатата Зоја со иконата на свети Никола во рацете. Се обиделе да и стават инекција, но не успеале. Сите бевме шокирани од тоа што го раскажа.

Ана Павлова Калашников работеше во “брза помош” уште многу години потоа. Почина 1996 година. Сеуште се живи многу луѓе на кои таа раскажала што се случило, во оној истиот, прв ден од новата година.
Духовна ќерка на о. Серафим го запрашала: – “Оче, вие ли ја зедовте иконата од рацете на Зоја и направивте чудото? А старецот одговорил: – “Ќерко, чудата ги прави Бог, а ние недостојните, по молитвите ги добиваме”.


Од спомените на Александра Иванова:
Во Кујбишев живееја мои роднини, на истата улица, каде и Зоја. Кога се случи тоа, имав 14 години. За да не се собира народ околу куќата, навечер ги исклучуваа светлата. Но повиците на Зоја ги доведоа сите во ужас. Млад полицаец, стоејќи на стража, побеле во косата од тоа. Моите роднини, очевидци на случајот, станаа верници. Чудото на “Зоиното стоење” длабоко се запечати во мојот ум.
“На петтата недела од Великиот пост 1982 пристигнав во Ракитно и осмели да прашам:” Оче, а каде е иконата на свети Никола, која ја зедовте од рацете на Зоја? Тој строго ме погледна. Настапи молчење. ..
Зошто го прашав за иконата ли замолче?
По строгиот поглед на отец Серафим, си реков: “Леле, зошто го прашав”! Но одеднаш отецот рече: – “Иконата беше во храмот на аналојот, а сега е во олтарот. Такви времиња беа, и ми наредија да ја приберам “. И додаде: – “Вие сте првата на која кажувам”. – “И по две недели отец Серафим почина”


Чудото со Зоја беше лекција за мнозина. Бидејќи кон светињите треба да се однесуваме со почит. Тоа е лекција за неверниците. Ти може да не веруваш, но не потценувај ја светињата, бидејќи ќе следи казна!
Да, во оние времиња имаше голема потреба од чуда, за луѓето. Но чуда се јавуваат кога треба, и кога Господ одлучи.
По земањето на иконата од рацете на Зоја,го наклеветија и поднесоа тужба против отецот, а Владиката Јероним го симнаа од Кујбишевската епархија.
Еве што раскажа 1989 година игуменот Герман од Оптинската пустина (50-тите години тој служеше во катедралниот храм во Кујбишев) :”Што не сум видел, нема да зборувам за него, а што знам, тоа и ќе кажам. Улицата ја опколија, зедоа потписи за неразгласување. На настојателот на соборот повикан како овластен по религијата и побараа да објави од проповедалната уште во првата недела дека нема никакво чудо. Отецот настојател, му одговори: “дозволете прво да видам, и ќе кажам, она што сум го видел”. Овластениот размислил околу минута и вети дека наскоро ќе се јави. Заѕвони по еден час и рече дека не треба ништо да објавува (од проповедалната)…


По материјали од книгата “Белгородскиот старец архимандрит Серафим (Тјапочкин) “, (Св.-Троицка Сергиева Лавра, 1998)
(По овој настан е снимен филм)

 

 


 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Ноември 10, 2020

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна Морача. Завршил Богословија во Белград, а на Богословскиот факултет на СПЦ, во Белград, дипломирал во 1962 година. Покрај теолошките науки, студирал и класична…
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1375
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1670
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1506
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…