логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Клајв Стејпл Луис


 


hristos.lik.jpg„Се восхитувам на смелоста со која некои луѓе се нафаќаат да зборуваат за Бога. Упатувајќи ги своите зборовите кон оние што не веруваат во Бога, нивната прва грижа е да го докажат постоењето на Бог врз основа на природни појави... Вообразувајќи си дека, со такви зборови, на читателите целосно им го докажуваме нашето тврдење, всушност им даваме повод да сметаат дека доказите во нашата религија се мошне слаби... Чудно е што ниту еден од светите отци не ја користел природата како доказ за постоењето на Бога.

Б. Паскал, Мисли,  IV 242, 243.

Ако до пред неколку години, кога сè уште бев атеист, некој ме прашаше: „Зошто не веруваш во Бога?“, мојот одговор ќе гласеше приближно вака: „Погледнете ја Вселената во која живееме. Во најголем дел таа се состои од празен простор, потонат во темнина и незамисливо студен. Телата што се движат во тој простор се толку малубројни и мали во споредба со самиот простор што би било тешко, дури и во случај некое од тие тела да е густо населено со совршено среќни суштества, да се поверува дека животот и среќата се нешто повеќе од случаен резултат на силата којашто ја создала Вселената. Всушност, научниците сметаат дека мошне мал број сонца во Вселената – а, можеби, ниту едно друго освен нашето – имаат планети. Се чини дека дури и во нашиот Сончев систем само на Земјата има услови за живот. Самата Земја милиони години постоела без живот и, можеби, ќе постои уште милиони години откако животот на неа ќе исчезне. А и додека го има  што претставува животот? Тој е организиран на таков начин што сите негови форми можат да егзистираат единствено ако се јадат едни со други. Кај пониските форми на живот тој процес води просто до смрт, но кај повисоките се јавува нов квалитет, наречен сознание. Како резултат на сознанието, кај повисоките форми животот може да биде проследен и со болка. Човекот предизвикува болка додека се раѓа, живее предизвикувајќи болка и најчесто умира во болка. Кај него, најсложениот од сите созданија, се појавува уште еден квалитет, којшто го нарекуваме разум. Разумот му овозможува да ја предвиди сопствената болка, поради што на неа ì претходи силни душевни страдања, да ја предвиди, исто така, и својата смрт, макар што истовремено силно ја посакува бесмртноста. Разумот, исто така, им овозможува на луѓето, со помош на стотици остроумни пронајдоци, да предизвикуваат неспоредливо повеќе болка, одошто инаку би можеле да предизвикаат како еден на друг, така и на бесловесните суштества. Таа своја способност тие ја развиле до совршенство. Нивната историја во најголем дел е хроника на злосторства, војни, болести и терор, со само толкава доза среќа меѓу нив, доволна да почувствуваат (додека таа трае) измачувачки страв дека ќе ја изгубат, а кога веќе ќе ја изгубат – да продолжат да живеат со горчлива рана од спомените. Одвреме-навреме тие малку ќе ја подобрат својата состојба, и тогаш велиме дека се појавува нешто што го нарекуваме цивилизација. Сите цивилизации престанале или ќе престанат да постојат, но додека постојат, самите си предизвикуваат некакви свои особени страдања, коишто се доволни да се елиминираат сите оние олеснувања коишто подобрената состојба, можеби, во почетокот им ги донела на секојдневните болки на луѓето. Никој не би го оспорил фактот дека нашата цивилизација постапува на таков начин, и никој не се сомнева дека и таа, како и оние што ì претходеле, веројатно ќе престане да постои. Но, дури и да не е така, каква полза од тоа? Човечкиот род е проколнат. Проколнат е и секој род, којшто се јавува во кој било дел од Вселената, зашто, како што нè учат, таа кога и да е ќе се претвори во еднообразен бескрај на еднородна материја со ниска температура. Сите истории ќе завршат во небитие за да, на крајот, се покаже дека сиот живот претставувал само минлива и бесмислена гримаса на идиотското лице на вечната материја. Ако ме повикувате да поверувам дека сето тоа е дело на рацете на еден милостив и семоќен дух, можам да ви одговорам дека сите факти укажуваат токму на сротивното. Или зад Вселената не стои никаков дух, или тој дух не прави разлика меѓу доброто и злото, или, пак, самиот тој дух е зол“. 
Никогаш, дури ни на сон, не ми паднало на ум да си поставам едно прашање. Јас воопшто не забележував дека самата сила и леснотијата на песимистичките аргументи нè става пред безизлез. Ако Вселената е толку лоша, или, макар, само наполу толку лоша, зошто луѓето нејзиното создавање сепак Му го припишале на еден мудар и добар Создател? Навистина, луѓето се глупави, но сигурно не до тој степен. Директното преминување од црно кон бело, од лош цвет кон добар корен, од бесмислено дело кон безгранично мудар Творец, ја поразува нашата вообразба. Гледиштето за Вселената, таква каква што ни се открива преку искуството, никогаш не би можело да послужи како основа за каква било религија. Значи, за сето време мора да постоело нешто поради што постоела религијата, добиена од друг извор.
Би било погрешно да одговориме дека нашите предци биле прости и дека поради тоа имале пријатни илузии за природата, коишто, пак, со развојот на науката постепено се распрснувале. Во текот на вековите, кога било нормално да се верува, веќе биле познати и кошмарниот бескрај и страшната празнотија на Вселената. Во некои книги може да се прочита дека во средниот век луѓето имале претстава дека Земјата е рамна, и дека ѕвездите се релативно блиску до неа, но тоа е измислица. Уште Птоломеј рекол дека Земјата е бездимензионална математичка точка во однос на растојанието до неподвижните ѕвезди – растојание коешто еден популарен средновековен текст го проценува на сто осумдесет милиони километри. А во уште постари времиња, всушност од самиот почеток, кај луѓето постоело истото чувство на застрашувачка огромност, коешто произлегувало од очигледни примери. За предисторискиот човек блиската планина сигурно била доволно неопфатна, а непознатото и страшното – коешто ние денес треба да го извлекуваме од мислите за космичките зраци и за сонцата што се ладат – секоја ноќ, душкајќи и завивајќи, се приближувало до вратата од неговиот дом. Несомнено дека болката и загубата на човечки животи биле подеднакво очигледни во сите времиња. Нашата сопствена религија потекнува од Евреите – народ стиснат меѓу големите воинствени империи, кој постојано претрпувал погром и поробување, запознат  како Полска или Арменија  со трагичната судбина на победениот. Чиста глупост е болката да се поврзува со откритијата на науката. Оставете ја за миг оваа книга и размислете неколку минути за фактот дека сите големи религии прво се проповедале и долго време биле практикувани во светот во кој не бил познат хлороформот.
Произлегува дека изведувањето на заклучокот за добрината и за мудроста на Творецот од текот на светските настани било подеднакво бесмислено во сите епохи, и нокогаш не било прифатено. (Односно, никогаш не се постапувало на тој начин при создавањето на религиите. Дури откако била оформена верата во Бога, природно се појавувале и различни „теодицеи“ коишто ги објаснувале или се обидувале да ги оправдаат животните несреќи). Потеклото на религијата е поинакво. Во она што следува, треба да се разбере дека јас, пред сè, не се обидувам да ја докажам вистинитоста на христијанството, туку да го опишам неговото потекло – нешто што, според мене, е неопходно ако сакаме да го поставиме проблемот на болката во правилен контекст.
Во сите развиени религии наоѓаме три елементи или основни линии на развојот, при што во христијанството има еден повеќе. Првиот елемент, како што го нарекува професорот Ото, е средбата со Натприродното (Numionous). На оние на коишто овој термин не им е доволно јасен, можеме да им го појасниме на следниов начин. Да претпоставиме дека некој ви вели дека во соседната соба се наоѓа тигар. Вие ќе почувствувате дека сте во опасност и веројатно ќе почувствувате страв. Но, ако ви кажат: „Во соседната соба има дух“, и ако поверувате во тоа, исто така ќе почувствувате страв, но од поинаков вид. Тој страв не е предизвикан од сознание за опасност, зашто никој не се плаши толку од самата помисла за тоа што може да му направи еден духот, колку од самиот факт дека се работи за дух. Тој дух попрво е таинствен, одошто опасен, и особениот вид страв што го предизвикува, може да се нарече Стравопочит. Со таинственото човекот се доближил до периферијата на Натприродното. Претпоставете си сега дека ви велат: „Во собата има страшен дух“, и дека сте поверувале во тоа. Вашите чувства во тој случај уште помалку ќе наликуваат на обичен страв од опасност, но шокот ќе биде посилен. Ќе почувствувате восхит, некаков трепет  чувство на неспособност да се справите со таков посетител, како и чувство на сопствена безначајност пред него – со еден збор, чувство што би можело да се искаже со зборовите на Шекспир: „Пред него мојот гениј се смирува“. Таквото чувство може да се опише како побожност, а објектот што го предизвикува  како трансцендентален, Натприроден.
Ништо не е посигурно од фактот дека човекот уште од најстари времиња почнал да верува дека во Вселената живеат духови. Професорот Ото веројатно премногу лесно претпоставува дека луѓето уште од самиот почеток кон таквите духови се однесувале со натприродна побожност. Тоа не може да се докаже од проста причина што при искажувањето на натприродната побожност и при искажувањето на елементарниот страв пред некаква опасност се користат исти зборови - ние и денес во подеднаква мера можеме да кажеме дека се „плашиме“ од духови и дека се „плашиме“ од покачувањето на цените. Затоа, теориски, е можно дека постоело време кога на човекот овие духови едноставно му изгледале опасни, и дека тој спрема нив се однесувал на ист начин како што се однесувал и спрема тигрите. Во крајна линија, денес е сигурно дека постои чувство за нешто натприродно, и дека можеме да го следиме тоа чувство далеку во минатото.
...
Ние не знаеме колку длабоко во човечката историја се родило тоа чувство. Првите луѓе речиси сигурно верувал во нешта коишто би го предизвикале истото чувсто и во нас, доколку би поверувале во нив, и затоа е мошне веројатно дека побожниот трепет пред натприродното е стар колку што е старо и самото човештво. Но нашиот основен интерес не е датирањето на тоа чувство. Важно е дека на еден или на друг начин се пројавило, дека е широко распространето и дека не исчезнува од сознанието со развојот на знаењето и со напредокот на цивилизацијата.
 Значи, тој побожен трепет не се појавил како резултат на создавањето гледиште за видливата Вселена. Не постои начин од обична опасност по логичен пат да се дојде до таинственото, а уште помалку до Натприродното. Вие можете да кажете дека е сосема природно првобитниот човек, опкружен со реални опасности и заплашен од нив, да го измислил таинственото и Натприродното. Во извесна смисла е така, но да се обидеме да појасниме што имаме предвид кога го велиме тоа. Вие тоа го сметате појмливо и природно, затоа што  имајќи ја истата човечка природа како и вашите далечни предци  можете да си ја вообразите аналогната реакција од ваша страна на осаменоста, обременета со опасности. Таа реакција навистина ќе биде природна во смисла што ќе соодветствува на човечката природа. Но таа ни најмалку не е „природна“ во смисла дека претставата за таинственото или Натприродното веќе се содржи во претставата за опасноста, или дека какво и да е чувство на опасност и на одвратност спрема раните и смртта, што произлегуваат од таа опасност, може да му даде макар и најблага претстава за ужас од призраци или за побожност спрема нанатприродното на човек кој не ги познавал пред тоа. Кога човекот преминува од физички страв кон стравопочит и побожност, тој очигледно прави голем скок и постигнува нешто коешто никогаш не би можело да „следи“, како што опасноста од физичката реалност води до логички заклучоци поврзани со таа опасност. Повеќето обиди да се објасни Натприродното претпоставуваат дека е тоа веќе објаснето  така антрополозите го пронаоѓаат во стравот од мртвите, без да објаснат зошто мртвите (несомнено, најбезопасните луѓе) треба да побудуваат толку чудно чувство. Во однос на сите такви обиди, треба да се каже дека стравопочитта и побожноста се чувства коишто мошне многу се разликуваат од стравот. Тие се присутни во интерпертацијата којашто човекот ја дава за Вселената или за впечатоците коишто ги добива од неа; слично како што простото набројување на физичките квалитети на еден убав предмет не може да ни ја пренесе неговата убавина, ниту, пак, на суштество без естетско искуство може да му даде макар и најслаба претстава за нешто што ние го нарекуваме „убаво“, така ни какво и да е фактолошко опишување на средината во која живее човекот нема да ја долови суштината на таинственото и на побожното, или макар само да ја навести. Се чини дека постојат само две можни гледишта коишто можеме да ги споделиме во врска со побожноста. Или се работи за искривување во човековото сознание, коешто не соодветствува на нешто објективно и коешто нема никаква биолошка функција, но не покажува ни најмала тенденција да изсчезне од тоа сознание, развивајќи се до своја полнота кај поетите, философите и светиите; или, пак, се работи за непосредно доживување на Натприродното, доживување коешто со право може да се нарече Откровение.   
Натприродното не се „покрива“ со моралното добро, и човек, обземен со побожност, може (доколку тоа зависи само од него) да го смета натприродниот објект за нешто што е „отаде доброто и злото“. Тоа нè води до вториот елемент на религијата. Сите историски познати личности признавале дека постои некаква моралност  односно, имале некаков однос спрема определени дејствија, искажуван со зборовите „морам...“ и „не морам...“. Таквиот однос само во една смисла наликува на побожност  имено, него не можеме да ги изведеме логички од светот што нè опкружува и од физичкото искуство на човекот што го доживува. Можете да го комбинирате со „сакам“, или „принуден сум“, или „би било подобро“, или „не смеам“, без да добиете ни најмало навестување на „морам“ и „не морам“. Обидите да се сведат моралните искуства кон нешто друго секогаш прво го претпоставуваат самото тоа што се обидуваат да го објаснат  така, еден познат психоаналитичар го изведува моралното искуство од преисториското таткоубиство. Ако таткоубиството предизвикало чувство на вина, тоа е затоа што луѓето разбрале дека не треба да го прават тоа  зашто, доколку не го разбирале во таа смисла, таткоубиството немаше да предизвика чувство на вина кај нив. Моралноста, слично на натприродната побожност, е скок, и како како резултат на тој скок човекот излегува надвор од сето она што може да е дадено во фактите на животното искуство. Моралноста има една карактеристика којашто е премногу лесно воочлива, за да може да се пренебрегне. Сите се еднодушни дека моралноста пропишува однесување коешто нејзините приврзаници во практика не успеваат да го исполнат. Сите луѓе подеднакво се осудувани не од некаков туѓ, туку од својот сопствен морал, и затоа сите го имаат чувството на вина. Вториот елемент на религијата е сознанието за моралениот закон, и тоа не обичен, туку таков морален закон кој истовремено е и одобруван и нарушуван. Таквото сознание не е ниту логичен, ниту нелогичен заклучок од фактите изведени од животното искуството. Ако не сме го внеле претходно во нашето сопствено искуство, нема да можеме да го најдеме таму. Тоа е или некаква необјаснива заблуда, или  Откровение.  
Моралното искуство е мошне различно од натприродното доживување, и тие може да постојат мошне долго време без да воспостават взаемна врска. Во голем број форми на паганство, почитувањето на боговите и философските расправи за моралноста немаат речиси ништо заедничко едно со друго. Третиот стадиум во развојот на религијата се јавува тогаш кога луѓето ќе почнат да ги поистоветуваат  односно, кога Натприродната Сила, пред која треперат побожно, ќе се претвори во стражар на моралноста, пред која се чувствуваат должни. Тоа, повторно, може да ви изгледа „најприродно“. Што може да биде поприродно за еден дивјак   обземен истовремено и со чувство на вина, и со чувство на побожност  од помислата дека силата, којашто во него предизвикува побожно чувство, исто така е и сила којашто го осудува како виновен? И навистина, за човештвото тоа е сосема природно. Но, во никаков случај не е и  очигледно. Вистинското однесување на светот во кој е присутно Натприродното по ништо не наликува на однесувањето коешто од нас го бара моралноста. Првото изгледа опустошувачко, жестоко и неправедно; второто ни налага спротивни квалитети. Поистоветувањето на овие категории не може да се објасни ниту со исполнувањето на нечија желба, зашто тоа никој не го посакува. Најмалку од сè посакуваме да видиме еден таков Закон, чиј чист авторитет и без тоа е неподнослив, вооружен со безбројни претензии на Натприродното. Од сите скокови, коишто човештвото ги направило во својата религиозна историја, тој чекор сигурно е најизненадувачкиот. Затоа и не е чудно што голем дел од човечкиот род го отфрлиле  неморалната религија и нерелигиозниот морал секогаш постоеле и ќе постојат. Навистина, еден единствен народ, како целина, со целосна решителност се одважил на овој чекор  ги имам предвид Евреите  но насекаде и во сите епохи имало големи личности коишто го правеле тој чекор, и само оние што го направиле, се слободни од ѕверствата и варварството на верата лишена од морал, или од студеното и жалното фарисејство на чистиот морализам. Ако судиме според плодовите, тој чекор е чекор кон подобрено здравје. И макар што логиката не нè обврзува на тој чекор, мошне е тешко да му се спротиставуваме  моралноста секогаш се пробива, дури и во паганизмот и во пантеизмот, па дури и стоицизмот неволно ја наведнува главата пред Бога. Ќе повториме  тоа, можеби, е лудост, вродена во човекот и необично успешна како резултат, но можеби се работи и за Откровение. Но, ако е Откровение, тогаш е најверојатно и најправедно дека сите народи се благословени во Авраама, зашто Евреите се тие коишто целосно и недвосмислено ги поистоветиле страшното Присуство, кое живее на црните планински височини и во темните облаци, со „праведниот Бог“ којшто ја сака „правдтата“ (Псалм 10:7).
Четвртиот елемент или линија во развојот на религијата е еден историски настан. Среде Евреите се родил Човек Кој тврдел дека е самото тоа Нешто коешто истовремено е и страшна појава во природата и извор на морален закон, односно дека е Негов син, или дека е „Едно со Него“. Таквата изјава е до тој степен шокантна (еден парадокс, дури и ужас, за кој лесно можеме да се прелажеме ако го прифатиме површно), што дозволува само две гледишта за Тој Човек. Или бил умоболен човек од крајно гнасен вид, опседнат со бладање, или, пак, навистина бил Она за што Самиот тврдел дека е. Не постои средна можност. Ако напишаното за Него ја прави првата претпоставка неприфатлива, ќе мора да ја прифатиме втората. А ако постапиме така, тогаш сето она што се тврди во христијанството станува веродостојно  дека Тој Човек, откако бил убиен, повторно оживеал; дека Неговата смрт, на начин недостапен за човековото разбирање, предизвикала вистинска промена во нашите односи со „страшниот“ и „праведниот“ Бог, и дека таа промена е  во наша полза.
Ако прашаме дали Вселената, таква каква што ја гледаме, изгледа како творба на еден мудар и добар Творец, или, пак, е плод на случајност, на рамнодушност или на зла волја  значи дека не ги земаме пердвид, од самиот почеток, сите можни фактори коишто имаат некаква врска со религиозниот проблем. Христијанството не претставува некаков завршеток на философска расправа за потеклото на Вселената; тоа е огромен историски настан кој се случил по долга духовна подготовка на човештвото. Тоа не е обичен систем во кој треба да се смести непријатниот факт за постоењето на болката  тоа само по себе е еден од оние непријатни факти кој мора да биде вклучен во секој наш систем. Во извесна смисла христијанството попрво го создава, одошто го разрешува проблемот на болката, зашто болката не би била проблем, ако не добивавме  преку нашето секојдневно искуство во овој свет полн со болка  добра потврда за тоа дека апсолутната реалност, всушност, е праведна и полна со љубов.
Јас, повеќе или помалку, веќе објаснив зошто тоа потврдување ми изгледа добро. Тоа не располага со убедлива сила на логиката. На секој стадиум од религиозниот развој, човекот може да се побуни, ако не на сила, тогаш во секој случај бесмислено, против својата сопствена природа. Тој може да ги затвора своите духовни очи за Натприродното, доколку е подготвен да се откаже од половината од големите поети и пророци на сопствениот род, од своето детство, од богатството и од длабочината на непристрасното искуство. Тој може да го смета моралниот закон за заблуда и со тоа да се одвои од општата основа на човештвото. Тој може да се откаже од поистоветувањето на Натприродното со праведното и да остане варварин, којшто се поклонува на сексуалноста, или на мртвите, или на животната сила, или на иднината. Но, цената што ќе ја плати за тоа е висока. А кога ќе стасаме до тој последен чекор, до историското Воплотување, уверувањето е посилно од кога и да е. Тој настан чудно наликува на митовите коишто биле присутни во религијата од самиот нејзин почеток, но истовремено се разликува од нив. Тој е непрониклив за разумот  не е можно самите да сме го смислиле. Тој е лишен од сомнителната a priori јаснотија на пантеизмот или на физиката на Њутн. За него е карактеристична привидна произволност и идиосинкратичен карактер со кој современата наука постепено нè учи да се помируваме со каприциозната Вселена во која од мали делови на просторот извираат непретсказливо големи количества енергија; во која брзината не може да биде неограничена и во која иреверзибилната ентропија му ја дава на времето реалната насока, а космосот, кој веќе не е ниту статичен ниту цикличен, се движи, слично на некоја драма, од еден вистински почеток кон еден вистински крај. А ако до нас воопшто и стасала некоја вест од суштината на реалноста, би било природно во неа да ја откриеме истата таква непретсказливост, истата своеволна, драматична заплетканост, какви што наоѓаме во христијанската вера. Таа го има грубиот, мажествен вкус на реалноста којашто не е создадена од нас, ниту, пак, е создаден за нас, но сепак ни боде очи.
Ако при таква состојба, или при уште подобра, го следиме курсот по кој е водено човештвото, и станеме христијани, пред нас се исправа „проблемот“ на болката. 

Подготви: д- р Драган Михајловиќ


(Извадок од книгата The problem of pain, од C.S. Lewis)

Посети:{moshits}



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Октомври 23, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Поезија од Стефан Марковски застапена во меѓународна антологија на шпански јазик

„Преминот на поетските гласови бара прекугранични и меѓугенерациски средби и точки на дијалог. Тематските определби на песните почиваат врз различните емоционални, општествени, политички и интерперсонални набои на авторите; човечкото дистанцирање и поезијата…
Септември 28, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Познат научник тврди дека Бог постои

Според него, оваа теорија би можела да го докаже постоењето на Бог. Изјавите ги разгориле дебатите околу оваа тематика меѓу научниците токму затоа што Каку се смета за еден од најважните научници на 21 век. Тој е еден од креаторите на револуционерната Теорија…

Беседи

 БEСEДА  за тoа какo ангeлитe вoјуваат за правeдницитe

БEСEДА за тoа какo ангeлитe вoјуваат за правeдницитe

Ангeл Гoспoдoв ќe вoјува за oниe кoи сe бoјат oд Бoга. Тoа сe пoкажалo јаснo мнoгупати, штo e запишанo, и бeзбрoј пати штo нe e запишанo. Архангeлoт Михаил гo oдбранил...

Митрополит Струмички Наум:   Жената Хананејка (16.10.2021)

Митрополит Струмички Наум: Жената Хананејка (16.10.2021)

 Послушанието не е лесен подвиг и не е без искушенија. Затоа, до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва тоа е аскетски подвиг, подвиг на кој се принудуваме. Духовниот отец може...

Митрополит Пимен: ЗА Воскресението, гневот и пандемијата - „ЗБОРНИК НА КАРАНТИНСКИ БЕСЕДИ“

Митрополит Пимен: ЗА Воскресението, гневот и пандемијата - „ЗБОРНИК НА КАРАНТИНСКИ БЕСЕДИ“

Та Христос не воскресна само во Ерусалим, та Христос не воскресна само во храмовите. Христос воскресна за сите, за секој и секаде. Христос воскреснува во срцето на секој еден од...

Митрополит Струмички Наум: Сега... сакаш да имаш или да немаш?

Митрополит Струмички Наум: Сега... сакаш да имаш или да немаш?

Значи, наместо судење и осудување и самооправдување, Христос ни го покажува патот на самоукорување и самоосудување, патот напуштен од речиси сите денес; патот на смирението.Прашање е дали воопшто и можеме...

Митрополит Струмички Наум: Потсетник (06.10.2021)

Митрополит Струмички Наум: Потсетник (06.10.2021)

Денешното апостолско четиво (Гал. 6, 3) ме потсети на малиот број „христијани“, кои поради својата внатрешна душевна расцепеност и меѓусебната поврзаност по таа основа, се однесуваат како отцепени, не само...

Митрополит Струмички Наум: Двоедна заповед (03.10.2021 08:43)

Митрополит Струмички Наум: Двоедна заповед (03.10.2021 08:43)

Да не се лажеме себеси... Оној што ја има љубовта како дар на благодатта на Светиот Дух не може истовремено и да мрази. Нема тука место за обичните човечки чувства,...

Митрополит Струмички Наум: Љубовта ќе олади (01.10.2021)

Митрополит Струмички Наум: Љубовта ќе олади (01.10.2021)

Љубовта ќе олади кај тие што ја добиваат како дар Божји во Црквата, а не ја негуваат и не ја развиваат. Љубовта ќе олади кај христијаните, кај православните. Божествена љубов...

 Митрополит Стумички Наум: Тајната на личниот крст (29.09.2021)

Митрополит Стумички Наум: Тајната на личниот крст (29.09.2021)

Често луѓето имаат желба да се на местото на некој друг. Сакаат да ја имаат видливата власт и славата на другиот, сакаат да ги имаат видливите пари и имот на...

 архим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

архим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

« »