(Галикул, 2010)
„Портретот на сликата (книжевна и визуелна семиотика)“ од Софија Грандаковска е најновото издание на издавачката куќа „Галикул“, во рамките на едицијата: теорија. Како што истакнува проф. Елизабета Димитрова во својата рецензија, авторката Софија Грандаковска во „Портретот на сликата“ обединува дванаесет истражувања на различни, но меѓусебно блиски теми, поврзани со интерпретацијата на книжевните феномени, со формите на ликовната изразност, со процесот на креативната манифестација на индивидуата во сферите на канонски зададените референци, со духовната екпресија на книжевните и визуелните творечки модели од средновековната и од современата епоха и со социо-културолошкото значење на сакралната уметничка практика за разбирањето на македонската ризница на културно наследство. Припаѓајќи на сферата на интердисциплинарните културолошки студии и третирајќи различни и провокативни аспекти во истражувањето на книжевните дела и рефлексијата на нивните структурални референци во разновидните сфери на визуелното творештво, дванаесетте есеја претставуваат живописен и возбудлив придонес кон развојот на семиотичките методи во проучувањето на уметничката креација. Воедно, тие претставуваат автентично и несекојдневно патешествие низ раскошните хоризонти на културната стратиграфија на Македонија, напластена низ вековите на творечкиот непрегор и огреана од жарот на богословите, поетите, фрескописците и иконописните мајстори.
Во „Портретот на сликата“ од Софија Грандаковска се поместени следниве дванаесет студии: „Слика, текст или говор“, „Визуелната семиотика на расказот: фрескосказ“, „Умножена книжевна приказна: библиски текст, нерешки мајстор, италијанска ренесанса и македонска современа поезија“, „Mеморија и молитва“, „Библиските мотиви во македонската книжевност“, „Анонимното творештво во движниот археолошки материјал на територијата на Македонија“, „Карневалот во Струмица и неговата семиотика на универзалност“, „Народниот вез како глобален семиотички знак“, „Триптих: Нови сознанија за историскиот континуитет и идентитет на женското монаштво во Македонија (XIV-XVIII век)“, „Свештенството на жената – именител на духовното мајчинство“, „Митокритичко читање на визуелниот имагинарен симболизам на Владимир Георгиевски“ и „Муњоз и Сампајо. Стрип. Кортасар“. (Единство омаѓосано од сопствената доволност)
Софија Грандаковска, доктор по општа и компаративна книжевност, се занимава со интердисциплинарни истражувања во областа на компаративната книжевност, византиските студии и визуелната семиотика. Таа е автор на научната книга „Говорот на молитвата“ (Премин, 2008), на двете поетски книги „Осмиот ден“ (The Eighth Day (Ikona, 2005) и „Препечено сонце“ (The Burning Sun (Templum, 2009), и ко-приредувач на book-zine изданието ДОМА (HOME, Kino oko, 2010). Д-р Грандаковска работи како асистент професор во Инстиутот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, каде предава современи теории на културата.


























