логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Штип, 22.10.2016 г.
Вчера во Штип започна третата фаза од Фестивалот за современи уметности АКТО. Во присуство на медиумски претставници, работници во текстилната и кожарската индустрија, како и останати заинтересирани граѓани, фестивалската програма во Штип започна со сликање на панели во рамките на изложбата „Колективна одлука – уметноста и работата.“ Овој процес се одвива во КУЦ „Текстил“; а во него учествуваат десетици студенти од Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип во соработка со професорката Јана Јакимовска.
Во текот на денот, Фестивалот постави свои содржини во неколку кафулиња во центарот на Штип. Имено, DJ Pete, DJ LUQ, DJ Vac и DJ Ninno Mancini имаа свои настапи во кафулињата Карма, Арт, Конект и Даблин.
Како дел од програмата на АКТО беше и работилницата „Човековите права на текстилните работници“ водена од Уранија Пировска од Хелсиншки комитет за човекови права на РМ. На работилницата учестваа голем број работнички од текстилните фабрики во Штип и околните градови, кои разговараа за проблемите со коишто се соочуваат на нивните работни места. Се дискутираше за тоа што може да се направи за на текстилните работници и работнички им биде обезбедена благосостојба, соодветни услови за работа, како и соодветна плата за нивниот труд.
Салата на Народен театар Штип беше преполна со гледачи за претставата „Будење на пролетта“ во режија на Софија Ристевска, а во којашто, покрај режисерката, настапуваат и Стефанија Милевска и Здравко Стојмиров. Во оваа претстава се разгледуваат проблемите на жената во нашето општество, како сегрегацијата и етикетирањето врз различни основи. Публиката со особено задоволство ја проследи претставата во која прецизно е насликана нетрпеливоста помеѓу силната жена и сексистички настроената средина. Присутните ја наградија актерската екипа со громогласен аплауз.
Првиот ден програмата на АКТО беше заокружена со настапи на диџеите Трајкофф и Дејан Декс во кафулето Арт.
Програмата на АКТО продолжува и денес во Штип, почнувајќи во десет часот со работилница за деца, во соработка со Христијан Томаноски од ИНКА, Дримон Фестивал и Кристина Ампева од ГЛАСНО од Штип.
Во текот на целиот ден, односно од 10 до 19 часот во просториите на КУЦ „Текстил“ ќе има еднодневен саем на книги од издавачите Темплум, Антолог, Или-или, Готен, изданија на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Во 12 ч. ќе се одржи настан насловен како „Паркот не го даваме“ во паркот 8 ноември и детското игралиште над стариот градски пазар, при што ќе биде промовиран весникот „Активни заедници“ на Плоштад Слобода од Скопје.
Во 13 ч. во КУЦ „Текстил“ ќе започне јавна дискусија на тема „Уметност за промени - Одговорноста на уметникот во време на политичка и општествена криза.“
Во 18 ч. во КУЦ „Текстил“ ќе се одржи работилница „Како до синдикално здружување“ со Милан Живковиќ, експерт за работнички права.
Во 20 ч. на истата локација ќе биде отворена изложбата Колективна одлука – уметноста и работата.
Вечерва во 22 часот ќе започне музичката програма во Радио Кафе Канал 77, каде ќе настапат музичките групи THE GOVЕRNMENT, ПОКЛОН и Сашко Костов.



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie