логоFacebookTwitterYouTubeeMail

КРСТОТ ВО БУТЕЛ Е СИМБОЛ НА СОЖИТЕЛСТВО!
 
Осветувањето на темелите на крстот во Бутел ќе се изврши на 27 февруари 2016 година (сабота) во 11.00 часот. Поканети се сите верници и добронамерници, сите граѓани на Македонија
 
25 февруари 2016 година, Скопје, Македонија - Светскиот Македонски Конгрес на 18 февруари 2016 година поднесе иницијатива до Советот и градоначалникот на општина Бутел со предлог одлука за поставување на крст на вкрстувањето на улица “Боца Иванова“ и улица “Александар Урдаревски“, на микролокацијата до кружницата кон Градските гробишта.
 
Советот на општина Бутел врз основа на барањето на Светскиот Македонски Конгрес на 23 февруари 2016 година, со мнозинство гласови донесе одлука во согласност со Закон. Градоначалникот на општината на 25 февруари 2016 година издаде Одобрение за негово поставување.
 
Осветувањето на темелите на Крстот во Бутел ќе се изврши на 27 февруари 2016 година (сабота) во 11.00 часот. Чинот на осветувањето ќе го изврши поглаварот на Македонската Православна Црква Неговото Блаженство г.г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, со свештеници од Скопската епархија. Светскиот Македонски Конгрес на чинот на осветувањето на Крстот ги кани сите верници и добронамерници, сите граѓани на Македонија.
 
Крстот е реплика на оној од општината Аеродром, ќе биде монтажен, висок 51 метар, широк 4 метри, со распон на краците од 34 метри, врз постамент од 5,5 метри и фрески на дванаесетте свети апостоли. На Крстот ќе биде изведена инсталација за енергетска самоодржливост, а местото околу крстот ќе биде хортикултурно уредено. Крстот треба да биде изграден најдоцна за два месеци од одобрението.
 
Изработката на проектната документација, како и трошоците за поставување и изведување на Крстот е донација од правни и физички лица од земјата. Воопшто не се користат буџетски средства од општината, Градот или Републиката. По изградбата, Крстот ќе биде предаден во сопственост на општината Бутел.
 
Одлуката во Советот на општина Бутел е донесена со мнозинство гласови во согласност со Закон. Поставувањето на урбана опрема и крст не е прашање по кое се решава и со мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината.
 
Крстот не е симбол на етничките заедници туку на верските заедници. Крстот е универзален верски симбол и на Македонците и на Албанците христијани.
 
Крстот во Бутел, ниту било каде, воопшто не претставува порака на Македонците против сожителство со Албанците, напротив Крстот во Бутел е симбол на сожителство, бидејќи Крстот колку е македонски толку е и албански, им припаѓа на сите христијани во светот и во Македонија.
 
Споменикот на ОНА во Чаир воопшто не е повод за Крст во Бутел. Крстот во Бутел не е дивоградба! Светскиот Македонски Конгрес при поставувањето на Крстот во Аеродром во 2013 година, најави ист крст на неколку локации во Скопје. Сега се обезбедени донатори за Крст во Бутел и во согласност со Закон и одлука на Советот на општината Бутел, тоа се реализира.
 
Патем, се’ уште е актуелно барањето за Албанска Православна Црква во Македонија. Во Република Албанија постои Албанска Православна Црква. Во Република Албанија постои Католичка Црква. Албанци христијани има и на Косово и во Македонија. Крстовите и црквите во Македонија не се антиалбанска конспирација и провокација! Впрочем, 70% од жителите на Бутел се Македонци, 30% од чаирчани се Македонци.
 
Крстот на локацијата каде што ќе се изгради е патоказ кон вечните почивалишта на упокоените, следејќи го Крстот во Бутел преку Центар и Чаир лесно ќе се стигне до најголемите градски гробишта во Македонија. Крстот во Бутел е благодарност кон упокоените кои не се со нас, но вечно бдеат над нас живите.
 
Крстот во Бутел е симбол на љубовта и верата во Бога!



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie