логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 3.angeli.so.truba

(Обновено)

свештеник Филип Парфенов

12.5.2007

Во последно време сè почесто ми доаѓа мислата дека „тајната на беззаконието“, за која зборува апостол Павле во 2 Солунјаните 2:3-8, се открива токму во Црквата, и дека антихристот ќе се јави во последното време имено во црковната средина. Ова може да се заклучи по аналогија со тоа како Христос ги разобличил Јудејците што Го беа намразиле: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко“ (Јован 8:44). А јудејската религија во тоа време претставувала највистинито верување во споредба на сите други верувања!
Со други зборови, Црквата не е само место за спасување на луѓето коишто се присоединиле кон неа, туку и арена на поларизација на силите на светлината и на темнината, во која доаѓа до погибел на оние нејзини членови коишто го избрале и го засакале патот на темнината... На крајот од краиштата, Јуда бил меѓу избраните најблиски Христови ученици. И работата не е само во тоа дека меѓу служителите на Црквата секој десетти-дванаесетти може да биде јуда! Второто искушение се состои во тоа што во практичниот живот на Црквата – не како Тело Христово, туку како организација, која во многу нешта наликува на множество други земни организации – непрестајната Христова проповед често несвесно се заменува со проповед за самата Црква, односно за црковноста како севкупност на определени правила и прописи, за што отец Александар Шмеман пишува во своите дневници:
„Црковноста“ би требало да ослободува. Но во нејзината сегашна тоналност таа не ослободува, туку поробува, стеснува, осиромашува. Човекот почнува да се интересира за „стар“ и за „нов“ стил, за епископски расправии или, пак, за различни слаткоречивости. И тој постепено почнува да ја восприема духовноста како неопходност од читање скверни книги (застрашувачки по својата бедност и реторичност) и најразлични брошури за чудесија и за чудотворни икони, од постојано дрдорење на религиозни теми и сл. Наместо Црквата да го учи човека да гледа на светот и на животот на нејзин начин, таа го учи да гледа на самата неа. Наместо на нов начин да се прифати самиот себеси и својот живот, човекот смета дека е негов долг да навлече врз себе некаква безлична наметка, исчадена и импрегнирана со мирис на посно масло, наметка на таканаречено „благочестие“. Наместо да знае (макар само толку!) што е тоа радост, светлина, смисла, вечност, тој станува раздразлив, тесноград, нетрпелив, и често просто зол, при што дури и не се кае поради тоа, зашто сето тоа, нели, е дел од „црковноста“.
Оваа мисла е присутна и кај Сергеј Фудел, кој во спомените за отец Сергиј Дурлин пишува за призракот или за двојникот на Црквата, кој паразитира на самата Црква. Тој „призрак“, или неговиот „двојник“, извршува во историјата страшно провокативно дело: создава впечаток кај луѓето дека друга Црква освен него не постои, дека на земјата веќе нема Христова правда, дека на земјата веќе го нема Телото Христово, „обвиткано со плаштеница“. Затоа поделбата на христијаните на различни конфесии, којашто постои веќе одамна, не исклучувајќи ги ниту самите православни, сама по себе е промисла: макар што коренот на поделбата е во човечките гревови, во оваа поделба повеќе се претпочитаат разликите во гревовите, отколку единството во гревот, како што, впрочем, се случило и при градењето на Вавилонската кула! Протестантизмот живее и ќе продолжи да живее токму поради таа причина, зашто не сака обичната „црковност“ да го заклони Христа. Зашто, антихристот започнува со тоа што се претставува како Христос, и тој, фактички, е подготвен заради „црковноста“ да го заборави Христа. Кулминација на тие состојби е прекрасно опишана во „Големиот инквизитор“ од Достоевски, преку зборовите на самиот инквизитор:
„Јас многу добро знам што ќе кажеш Ти. Дека Ти немаш основа ниту право да додадеш што и да е кон она што си Го кажал порано. Зошто тогаш дојде да ни пречиш? Зашто, Ти дојде да ни пречиш, и Самиот го знаеш тоа... Јас не знам кој си Ти, и не сакам да знам: без оглед дали си Ти тоа, или само некакво Негово подобие, јас утре ќе Те осудам и ќе Те спалам на клада како најлош еретик, и самиот народ, кој сега ги целива Твоите нозе, утре на само еден мој знак ќе се нафрли да го закопа јагленот од кладата на која те спалив, го знаеш ли Ти тоа?...“  

Низ сите овие соблазни христијаните допрва ќе треба да поминат, веројатно, низ нови свијоци, кога поларизацијата на христоцентричните и „црковноцентричните“ сили ќе се манифестира сè посилно и појасно. Како што претпоставил, на пр., Владимир Соловјев, во „Повеста за антихристот“, преку зборовите на централниот јунак на повеста:

„Сакани браќа! Знам дека меѓу вас има и такви за кои во христијанството најскапо од сè е неговото свето предание, старите символи, старите песни и молитви, икони и чинот на богослужење. И навистина, што може да биде поскапоцено од тоа за една религиозна душа? Но, знајте, возљубени, дека денес потпишав указ, и дека се доделени  големи средства за Сесветскиот музеј на христијанската археологија во нашиот славен императорски град Константинопол со цел собирање, изучување и зачувување на сите споменици на црковната древност, главно источната, а вас ве молам утре да изберете комисија од вашата средина за разгледување, заедно со мене, на оне мерки коишто треба да се преземат со цел можно приближување на современата секојдневност, морал и обичаи кон преданието и кон светата православна црква! Браќа православни! На кого му е по срце оваа моја волја, кој според чувството во своето срце може да ме нарече свој вистински водач и владика, нека дојде при мене...“.

Општо земено, кога човекот е глув за верата, не е надарен за мистично чувство или, пак, е скептички настроен спрема религиозно-филозофската проблематика, тој може да биде подеднакво оддалечен и од Христа и од Неговиот антипод. Кога човекот е религиозен, па дури и кога е религиозно надарен и образован, него од Христа до антихриста, со тек на времето, може да го дели само еден чекор, доколку самиот е исполнет со гордост, желба за слава и властољубие.
И современата секојдневна „црковност“ ни најмалку не го попречува појавувањето во својата средина на таквите луѓе, меѓу кои се и оние со свештенички чин (да го споменеме проблемот со „младостарчеството“ меѓу духовниците). Но бидејќи Христос и испратениот од Него Свет Дух не ги оставаат верните овци, коишто го слушаат гласот на својот Пастир, во Црквата оваа лукава замена порано или подоцна ќе се пројави и ќе се разобличи, додека, пак, надвор од неа таа не созрева до крај, останувајќи најчесто во состојба на недооформеност или како зародиш. Затоа, имено, внатре во Црквата станува јасно забележлива бездната што ги дели оние што го исповедаат Христа со срце и со дела на љубов, и оние коишто само празнословат, повикувајќи го формално Неговото име... И кога и да е ќе настапи миг на решавачко и дефинитивно одвојување на таа плевел на црковноста од пченицата Божја, созреана за жетва. Црквата, којашто во другите мигови на историјата, би се рекло, е победувана, понижувана и уништувана, меѓу другото, и со духот на антрихристот, ќе стане арена на дефинитивна победа на силите на светлината над силите на темнината. „Тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого што Господ Исус ќе го убие со здивот на устата Своја, и преку блесокот на Своето доаѓање ќе го истреби“ (2 Солунјаните 2:8). „Да, дојди, Господи Исусе!“ (Откровение 22:20).
 
 
Подготви: д-р Драган Михајловиќ
Посети: {moshits}
 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Јуни 30, 2021
3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

СКОК ПРЕКУ ЈАЖЕТО НА НЕСОГЛАСУВАЊЕТО

Затоа, секогаш кога можеш прескокни го јажето на несогласувањето и фати се за оној дел од приказната кој ветува радост, насмевки и љубов. Горчината плисни ја со бран од морето, измиј го отровот на искажаните зборови и погледни кон залезот на сонцето. Тоа ќе…

Се упокои во Господ Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј (30.10.2020)

Митрополитот Амфилохиј е роден на Божик, 7 јануари 1938 година, во Бари Радовиќ, во Долна…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 2765
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 1942
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…