логоFacebookTwitterYouTubeeMail


 

 

ТРИ АПОЛОГЕТСКИ СЛОВА ПРОТИВ ОНИЕ
КОИШТО СЕ ПРОТИВ СВЕТИТЕ ИКОНИ

 

СЛОВО ПРВО


1. Ние, коишто сме свесни за својата недостојност, би требало секогаш да молчиме и да ги исповедаме пред Бога своите гревови; но, бидејќи сè е прекрасно во свое време, и бидејќи гледам како Црквата, којашто Бог ја основал врз темелите поставени од Апостолите и од Пророците, имајќи Го како аголен камен на темелот (Ефесјаните 2:20) Својот Син, страда од морска бура, издигнувајќи се премногу високо од брановите што наидуваат еден по друг, се доведува во безредие и бива потресувана од неподносливото дување на злите ветришта; [гледам] како се раскинува безшевната облека Христова, којашто синовите на нечестивите упорно настојувале да ја искинат, како се раздвојува на различни делови телото Негово, коешто е Слово Божјо, а истото се случува и со преданието на Црквата, цврсто запазувано од искона  сметам дека не е разумно да се молчи и да се зауздува јазикот, плашејќи се од предупредувањето, искажано со закана: а ако отстапи, нема да Ми биде по волјата Моја (Римјаните 10:38), како и: ако го видиш мечот што иде и не го предупредиш брата си, крвта негова ќе ја барам од раката твоја (Језекиил 33:6, 8). Затоа, погоден од неподносливиот страв, одлучив да зборувам, не ставајќи го величието на царeвите над вистината. Зашто, слушав како Богоотецот Давид вели: Ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам (Псалм 118:46)  напротив, тоа уште посилно ме поттикнува да зборувам. А нели царевиот збор има голема сила да ги приведе поданиците на негова страна. Зашто, уште од древноста, само малкумина од оние коишто знаеле дека земниот цар ì е потчинет на повисоката власт и дека и над царевите владеат закони, се осмелувале да ги игнорираат царските заповеди.

2. И така, откако прво како потпора или основа за размислување си го поставив запазувањето на црковното законодавство, преку кое обично доаѓа спасението, ја тргнав оградата пред моето слово и го пуштив на слобода, како да е добро зауздан коњ. Зашто, сметав дека е страшно, дури и повеќе од страшно Црквата, којашто блеска со големи вредности и којашто од искона е украсена со преданија на побожни мажи, повторно да се врати кон слабите и лоши стихии (Галатјаните 4:9) и да трепери од страв и таму каде што страв нема (Псалм 52:5) и, како некој што не го знае вистинскиот Бог, да падне во идолопоклонство и да се лиши од совршенството, па макар и во најмала можна мера  како среде перкрасно лице да има некоја неотстранлива лузна, којашто со својата несвидност ја нагрдува сета убавина. Зашто малото, кога води кон нешто големо, не е мало, зашто дополнителната црта: да се пројави недоумение во преданието на Црквата, коешто својата сила ја добило во древноста, не е за потценување, бидејќи со тоа ги осудуваме нашите поранешни наставници, чијашто вера  гледајќи го образот на нивниот живот  треба да ја подражаваме (Евреите 13:7).


3. И така, со сето срце го молам, како прво, Господа Седржителот, за Кого сите нешта се откриени и познати, и Кој знае дека мојата смирена намера во овој случај е без траги на што-годе лошо и дека целта ми е чиста, да ми даде слово кога ќе ја отворам устата  а словото мое е упатено до вас , и со своите Сопствени раце да ги земе уздите од мојот ум и да го привлече кон Себе, за да може, пред лицето [Негово], да се движи брзо и по права линија, не скршнувајќи кон она што му изгледа како десно, ниту кон она што го знае како лево. Потоа го молам сиот народ Божји, народ свет и царско свештенство (Исход 23:22), заедно со прекрасниот пастир на словесното Христово стадо кој во самиот себе го отсликува првосвештенството на Христос, благонаклонето да го прими моето слово, не обрнувајќи внимание на безначајноста на моето достоинство и не барајќи искуство во моите зборови, зашто јас, бедниот, во тоа не сум доволно опитен, туку да ја измери силата на моите мисли. Зашто Царството небесно не е во словото, туку во силата (1 Коринтјаните 2:5). Зашто, мојата цел не е да победам, туку да ја испружам раката, изложена на нападите врз вистината, зашто добрата волја ја протега раката на силата. Затоа, повикувајќи ја на помош ипостасната Вистина, тука го започнувам моето слово.

4. Го знам Оној кој нелажливо рекол: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ; и бој се од Господа, твојот Бог, и само Нему служи Му (Повторени закони 6:4, 13); и немој да имаш други богови (Исход 20:3); и не прави [за себе] идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, и што е долу, на земјата (Исход 20:4); и нека се засрамат сите кои се клањаат на кипови (Псалм 96:7); и боговите што не ги направиле небото и земјата ќе исчезнат (Јеремија 10:11); и [друго] слично на ова, дека Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на отците наши преку пророците, во последниве дни ни зборува преку Неговиот Единороден Син, преку Кого ги создаде и вековите (Евреите 1:1-2). Го знам Оној Кој рекол: Живот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Едниот вистински Бог, и испратениот од тебе Исуса Христа (Јован 1:3). Верувам во еден Бог, едно Начало на сите нешта, беспочетен, несоздаден, непропадлив и бесмртен, вечен и постојан, непојмлив, бестелесен, невидлив, неискажлив, без облик. Верувам во една натсуштинска суштина, во надбожествено Божество во три Лица: Отецот, Синот и Светиот Дух  и единствено Нему Му богослужам и само Нему Му принесувам богослужебно поклонување. На еден Бог Му се поклонувам, на едно Божество, но и на три Ипостаси им богослужам: на Бога Отецот и на воплотениот Бога Син, и на Бога Светиот Дух  на еден Бог. Не му се поклонувам на созданието повеќе одошто на Создателот, туку се поклонувам на Создателот Кој станал сличен на мене, создадениот, без да го понижи Своето достоинство и без да претрпи каква било делба, Кој слегол во тварта за да ја прослави мојата природа и да ме направи учесник во божествената природа. Поклонувајќи му се на Царот и Бог, му се поклонувам истовремено и на порфирот на телото (Негово), но не како на облека и не како на четврто Лице (не!), туку како на она што станало причасно на истото тоа Божество, не претрпувајќи промена; Божеството се поистоветило со на што е осветено. Зашто, не станала Божество природата на телото (Христово), туку, како што Словото, останувајќи и понатаму тоа што било, без промена станало тело, така и телото станало Слово, без да го изгуби тоа што е, или, подобро кажано: станало едно со Словото по ипостас. Затоа и смело го претставувам невидливиот Бог, но не како невидлив, туку како Оној Кој заради нас станал видлив, преку учество во плотат и во крвта. Не ја претставувам, значи, сликата на невидливото Божество, туку со посредство на образ ја претставувам плотта Божја, којашто станала видлива. Зашто, ако е невозможно да се наслика душата, колку е поневозможно да се наслика самиот Бог, Кој и на душата ì ја дал нетварноста.

5. Но, велат, Бог преку законодавецот Мојсеј рекол: Бој се од Господа, твојот Бог, и само Нему служи Му (Повторени закони 6:4, 13); и немој да имаш други богови (Исход 20:3); и не прави [за себе] идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, и што е долу, на земјата (Исход 20:4).
Браќа! Навистина се во заблуда оние што не го знаат напишаното: буквата убива, а Духот оживотворува  зашто не го бараат она што е сокриено зад духот на буквата. Нив со право можам да им кажам: оној, што ве научил на тоа, нека ве научи и на она што следува. Треба да разбереш како законодавецот го толкува тоа, како што, на пример, говори во Повторените закони: И Господ ви говореше на планината од средината на огнот; гласот на зборовите Негови го чувте, но образ не видовте, туку чувте само глас. И малку понатаму: Бидете цврсто убедени во душите свои, бидејќи не видовте никакво лице во оној ден, кога Господ ви говореше, во гората Хорив од средината на огнот: никогаш не вршете беззаконија, правејќи си ликови вајани, секаков вид ликови на маж или жена; лик на некое животно што е на земјата, лик на некоја перната птица итн. (Повторени закони 4:12, 15, 17). И малку потоа: и да не се соблазниш ти, кога ќе погледнеш кон небото и го видиш сонцето, месечината и ѕвездите и сета убавина небеска, та да им се поклониш и да им послужиш (Повторени закони 4:19).

6. Гледаш дека има една цел: да не му служиме на созданието повеќе отколку на Создателот (Римјаните 1:25), и освен на Творецот, на друг да не му укажуваме богослужебно поклонение? Затоа со поклонението Бог секаде го соединува и служењето. Зашто, повторно вели: Не прави идоли и никакви ликови, не им се клањај и не им служи; зашто, Јас сум Господ, Бог твој. И повторно: разурнете ги жртвениците нивни и скршете ги столбовите нивни, и горичките нивни исечете ги, и излеаните богови нивни во оган изгорете ги и не клањајте се на друг Бог. И повторно вели не прави за себе лиени богови (Повторени закони 5:8; 12:3; Исход 34:13, 14, 17)

7. Гледаш дека Мојсеј, заради [избегнување на] идолослужењето, забранува сликање ликови, и дека е невозможно да се претстави бесколичествениот, неописливиот и невидливиот Бог? Зашто, образ Негов, вели тој, не видовте. Затоа и Павле, стоејќи среде Ареопагот, исто така вели: Бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица (Повторени закони 4:12; Дела 17:29).

8. Ова им било наредено на Евреите поради нивната наклонетост спрема идолопоклонство. Ние, пак (да кажеме заедно со богословот)  на коишто ни е дадено, избегнувајќи ја суеверната заблуда и спознавајќи ја вистината, да живееме во заедница со Бога и единствено Нему да му служиме, да изобилуваме со совршенството на богопознанието и, надраснувајќи ја детската возраст, да ја достигнеме состојбата на совршен маж (Ефесјаните, 4:13, 14) – веќе не сме под раководство на воспитувач (Галатјаните, 3:25), бидејќи од Бога сме ја добиле способноста да разликуваме, и знаеме што може а што не може да биде претставено со икона. Зашто, образот Негов, вели [Писмото], не сте го виделе (Повторени закони 4:12, 15). О, мудрост на законодавецот! Како да се претстави она што е невидливо? Како да се спореди неспоредливото? Како да се нацрта она што нема мера и големина и што е неограничено? Како да му се даде квалитет на она што е безоблично? Како да се нацрта со бои она што е бестелесно? И така, што е покажано таинствено [на тие места]? Јасно е дека, кога ќе го видиш бестелесниот Кој заради тебе станал човек, можеш да го насликаш Неговиот човечки изглед. Кога невидливиот, облекувајќи се во плот, ќе стане видлив, тогаш претставувај го подобието на Јавениот. Кога Оној Кој, поради возвишеноста на Својата природа, е лишен од тело и форма, и количесто и квалитет и големина, Кој иако беше во обличје Божјо, зеде обличје на слуга (Филипјаните 2:6, 7), и преку тоа стана ограничен во количествен и квалитативен однос, и се облече во телесен образ, тогаш исцртувај Го на даска и овозможи да се созерцува Оној Кој посакал да се покаже. Сликај го, значи, Неговото неискажливо снисходење, раѓањето од Дева, крштевањето во Јордан, преобразувањето на Тавор, страдањата преку кои сме ослободени од страстите, смртта, чудата  знаците на Неговата божествена природа и извршени со божествената сила преку телото, спасителниот крст, погребувањето, воскресението, вознесувањето на небото. Сето тоа претставувај го и со збор и со бои. Не бој се и не плаши се! Јас ја знам разликата меѓу поклоненијата. Некогаш Авраам им се поклонил на синовите Хетеови, безбожни луѓе коишто страдале од болеста на непознавањето на Бога, кога ја купил пештера за гробница (Битие 23:7; Дела 7:16). Се поклонил и Јаков на Исава, братот свој, и на фараонот, Египтјанин, и тоа врз перницата на постелата (Битие 47:31). Се поклонил, но не им служел. Се поклониле и Исус, синот Навинов, и Данлиил на ангелот Божји, но не му служеле. Зашто, едно е служебно поклонување а друго е поклонување заради почест спрема оние коишто се одликуваат со некое достоинство.

9. Но, бидејќи зборуваме за сликање и за поклонување, да објасниме внимателно, во што се состојат тие. И така, иконата е подобие со карактеристични својства на првообразот, но коешто има и одредени разлики во однос на него. Зашто иконата не е во сè подобна на првообразот. Но Синот е жив, природен и во сè сходен образ на невидливиот Бог, и Кој во Себе Самиот го носи целиот Отец, по сè е истоветен со Него, разликувајќи се единствено во едно: во происходењето [од Него како] од причина. Зашто, Отецот е природна причина; а она што происходи од Другиот, како од Причината, е Син. Зашто, не е Отецот од Синот, туку Синот е од Отецот. Зашто, Синот од Него – но не и после Него – го има постоењето какво што го има и Отецот, Кој го родил.

10. Во Бога, исто така, постојат слики и обрасци на оние ствари што од Него го имаат своето постоење, т.е. Неговиот предвечен и вечно непроменлив совет. Зашто, Божеството е сосема непроменливо и во Него нема промени ни сенка од измена (Јаков 1;17). Св. Дионисиј, искусен во божествените работи, кој со Божја помош расудувал за она што се однесува на Бога, овие слики и обрасци ги нарекол предодредености. Зашто, на Божјиот совет сè е предодредено, и она што неизоставно ќе се случи во иднината, е точно утврдено пред своето настанување, како што секој што сака да си изгради дом, прво во умот ја црта и ја претставува неговата форма.
 
11. Потоа, во свое време, како слики се јавуваат видливи ствари коишто телесно ги претставуваат оние предмети коишто се невидливи и без облик, за тие макар и нејасно да станат достапни на умот. Зашто и божественото Писмо ги облекува Бога и Ангелите во некакви образи, а причината за тоа ни ја кажува истиот тој божествен маж. Зашто, како причина дека природно се дадени образи на она што нема образ, и форми на она што е без форма, може да послужи умесната аналогија во однос на нас: дека ние не сме во состојба да се издигнеме до созерцување на духовните предмети без [какво и да е] посредство, и заради тоа што ние, за да се издигнеме во висините, имаме потреба од она што ни е сродно. Затоа, ако божественото Слово, имајќи ја предвид нашата способност за восприемање, од сите страни ни го дава она што е во состојба да нè издигне во висините, облекувајќи ги во одредени образи како простите предмети, така и оние што немаат изглед, тогаш зошто да не го сликаме она што по својата сопствена природа има изглед и што ние страсно го посакуваме, но коешто, бидејќи не е присутно, не може да биде видливо? Зашто, по сетилен пат во предниот дел од мозокот се создава некаква претстава, којашто потоа, обработена преку расудувањето, се зачувува во ризницата на паметењето. Навистина, и Григориј Богослов вели дека умот, настојувајќи силно да го види она што е надвор од границите на телесното, секогаш се покажува бессилен. Но, и она што е во Него невидливо, се гледа уште од создавањето на светот (Римјаните, 1:20). Зашто, во созданијата забележуваме образи коишто, прикриени, ни ги доловуваат божествените одблесоци, така што, кога говориме за света Троица, Којашто е повисока од секое начало, ја претставуваме со посредство на Сонце, светлината и зрак, или  со посредство на извор, на вода што извира и на течење на водата, или  со нашиот ум и збор и здив, или со стебло на роза, цвет и миризба.

12. Образ на иднината се нарекува она што, под велот на загатка, ја отсликува иднината, како што, на пр., кивотот на Заветот и жезлото и садот ја навестувале светата Дева и Богородица; и како што змијата го навестувала Оној Кој преку крстот ја уништил силата на каснувањето на виновникот на сите зла  змијата; и како што морето и водата и облакот го навестувале Духот на крштевањето (1 Коринтјаните 10:1–4).

13. Од друга страна, образ на минатото е оној, кога се споменува за некакво чудо или почест, или срам, или добродетел, или порок, а за полза на оние коишто подоцна ќе го разгледуваат тоа, за да ги избегнуваат пороците и да се натпреваруваат во добродетели. Ова [претставување на образот], пак, е двојако: како преку словото напишано во книгите, слично како што Бог го напишал Законот на камени плочи и како што заповедал да се запишува животот на богољубивите луѓе, така и преку сетилното созерцување, слично како што Тој заповедал садот и жезлото да бидат положени во ковчегот на Заветот за сеќавање (Исход 34:28; Евреите 9:4). Така ние и денес ги запишуваме и образите на минатото и добродетелите. Затоа или отстрани ја секоја претстава и воведи закон против Оној Кој ни наредил да го правиме тоа, или прифати ја секоја претстава според она поимање и оној карактер што ì се соодветни. И така, откако напоменавме за видовите на претставување, да кажеме нешто и за поклонувањето.

14. Поклонувањето е знак на смирение и на почитување. Нам ни се познати различни начини на поклонување. Првото поклонување е  богослужебно, и него го извршуваме спрема Бога Кој единствениот, според Својата природа, е достоен да Му се поклонуваме. Заради Бога, Кој по Своја природа е достоен да Му се поклонуваме, им се поклонуваме и на Неговите пријатели и слуги, како што Исус, синот Навинов, и Даниил му се поклониле на Ангелот; или на Божјите места, според зборовите Давидови: да се поклониме пред местата каде што стојат нозете негови (Псалм 131:7); и на предметите што Му се посветени, слично како што сиот Израил ì се поклонувал на скинијата на Заветот, и како што и ден-денес му се поклонуваат [Евреите], стоејќи околу Ерусалимскиот храм и гледајќи на него од сите страни; или на началниците поставени од Него, како што Јаков му се поклонил на Исав (Битие 33:3), како на постар брат, по Божја волја, и на Фараонот, кого што Бог го поставил за управител; и, исто така, како што на Јосифа му се поклониле неговите браќа (Битие 47). Знам и за поклонување како израз на заемно почитување, како што Авраам им се поклонил на синовите Хетеови (Битие 20:7). Затоа, или укини го секое поклонување, или дозволи го секое поклонување коешто има соодветна смисла и карактер.

15. Одговори ми на прашањето: Дали Бог е  еден Бог? Да, ќе кажеш, има само еден законодавец. Па, како тогаш Тој издава противречни закони? Нели Херувимите се вбројуваат во создадени битија. Следствено, зошто Тој заповедал изработените со човечка рака Херувими да го осенуваат очистилиштето (Исход 25:18-20)? Или ова можеби значи дека не може да се прави икона на Бог, како неопислив и неспоредлив, или да се слика некој друг како да е Бог, за на созданието да не му се укаже подеднакво служење и поклонување како на Бога? Тој, пак, заповедал да се претставуваат Херувимите, како ограничени битија коишто, служејќи, стојат околу божествениот престол, за тие, во става на служење, да го осенуваат очистилиштето. Зашто, соодветно било образот на божествените тајни да се осенува со претставување на небесните слуги Божји. А што ќе кажеш за ковчегот на Заветот, за садот, за очистилиштето? Зарем тие не се направени со рака? Нели се тоа дела на човечки раце? Нели тие биле направени, како што велиш ти, од „презрената“ материја? А што претставувала целата Скинија? Нели и таа била образ? Нели била сенка и образец? Затоа и божествениот Апостол, кога зборува за старозаветните свештеници, вели: и им служат на образот и на сенката на небесните работи како што му беше речено на Мојсеја, кога сакаше да ја доврши Скинијата: „Гледај, рече, да направиш сè според образецот, што ти беше даден на планината“ (Евреите 8:5). Но, ни Законот не бил образ, туку само [како] преден ѕид за прикривање на образот. Затоа истиот Аспостол вели: Законот, имајќи ја сенката на идните добра, а не самиот образ на работите (Евреите 10:1). И така, ако Законот забранува сликање, а самиот е [како некој] преден ѕид за заклонување на образот, што да кажеме на тоа? Ако Скинијата е  сенка и образ на образот, зошто тогаш Законот не заповеда да се сликаат икони? Но, не  тоа не е така. Туку, секоја работа има свое време (Еклизијаст 3:1).

16. Бестелесниот и безобличниот Бог никогаш и на никаков начин не бил изобразуван. Но сега, откако Бог се јавил во тело и живеел меѓу луѓето (Варух 3:38; 1 Тимотеј 3:16), јас ја прикажувам видливата страна на Бога. Не ì се поклонувам на материјата, туку Му се поклонувам на Творецот на материјата, Кој станал материја заради мене, и Кој благоволил да се насели во материјата и преку материјата да го изврши моето спасение, и нема да престанам да ја почитувам материјата преку која е извршено моето спасение. Но, не ја почитувам како да е Бог  не!  зашто, како може да биде Бог она што го добило своето постоење од ништо? И макар што, поради соединувањето на Божеството и на човештвото во едно Лице, телото Божјо е  Бог, зашто тоа, не менувајќи се, станало тоа што е и се осветило, тоа [сепак] останало такво какво што било по своја природа: плот, одушевена со словесна и разумна душа  не несоздадена, туку [плот] што добила свој почеток. Ја почитувам и побожно треперам и пред останатата материја, преку која е извршено моето спасение, зашто е исполнето со божествена сила и благодат. Зарем крсното дрво, трипати среќно и преблажено, не е материја? И нели светата Гора е материја достојна за почитување? И Местото на черепи (Матеј 27:33)? И нели е материја благодатната и животоносна карпа, светиот гроб, изворот на нашето воскресение? И зарем не е материја мастилото и пресветата книга на Евангелието? И нели е материја животоносната трпеза која ни го дава лебот на животот? И нели е материја златото и среброто, од кои се прават крстовите, дискусите и путирите? Или, превасходно пред сето ова, не ли е материја телото и крвта на нашиот Господ? Затоа, или отфрли го почитувањето и поклонувањето на сето тоа, или, почитувајќи го црковното предание, дозволи го поклонувањето на иконите осветени со името Божјо и со имињата на Божјите пријатели, и од таа причина осенети од благодатта на божествениот Дух. Не негирај ја материјата, зашто таа не заслужува презир. Од она што произлегло од Бога, ништо не е за презир. Тоа [т.е., презирањето на материјата] е став на Манихејците. Единствено треба да се презира она коешто својата причина ја нема од Бога, туку е наша измислица како резултат на своеволното отклонување на волјата и нејзино пренасочување од она што ì е сообразно на нејзината природата, кон она што ì е спротивно  т.е., гревот. Ако ги презираш иконите и го забрануваш нивното сликање поради [одредбите од] Законот, како нешта коишто се направени од материја, погледни што вели Писмото: И му рече Господ на Мојсеја, велејќи: Ете, го определив по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино; и го исполнив преку Духот Божји, Кој му даде умешност, како и знаења да разбира од секакви работи, да гради, да изработува од злато, сребро и бакар; и сина, и црвена и темноцрвена волна  ткаени изработки и висон ткаен; да реже камења, да прави дрвени изработки, за секакви потреби. И, ете, го дадов Елијав, синот на Ахисамах, од племето Даново; и на сите способни луѓе им дадов разум да се потврдат да направат сè, како што ти заповедав. (Исход 31:1-6). И повторно: Му рече Мојсеј на целото општество на синовите Израилеви: „Еве што заповеда Господ: соберете помеѓу вас принос на Господа, секој што од срце дава, нека донесе принос, доброволно нека принесе принос на Господа; злато, сребро и бакар; сина, црвена и темноцрвена ткаенина, двојно предена, висон ткаен и козина; и кожи овнешки, црвени, кожи сини и дрво ситим; масло за светење, и мириси за елеј за помазание и мирисно кадило; и камен сардиски, и камења за украсување на ефодот и за наградникот. И сите, кои се меѓу вас мудри по срце, нека дојдат да направат сè што заповедал Господ: Скинијата, ... (Исход 35:4-11). Ете, навистина, скапоцена материја, макар што вие сметате дека заслужува презир. Зашто, има ли нешто побезначајно од козјото крзно или од боите? И зарем црвеното, и темноцрвеното и синото не се бои? А тука се и делата на човечките раце, и претставите на Херувимите. И така, зошто во името на Законот го забрануваш она што Законот го заповеда? Ако поради Законот ги забрануваш иконите, тогаш си обврзан и саботата да ја празнуваш и да се обрезуваш. Но знај дека, ако го запазувате Законот, Христос ништо нема да ви помогне. Вие, што посакавте да се оправдате со Законот, отпаднавте од благодатта. (Галатјаните 5:2, 4). Стариот Израил не го видел Бога, а ние, пак, сите со откриено лице, ја гледаме славата Господова (2 Коринтјаните 3:18).

17. Ние иконите Господови ги поставуваме на видливи места, осветувајќи го [преку тоа] првото [од нашите сетила]; зашто првото меѓу сетилата е  видот; слично како што преку зборовите го осветуваме слухот; иконата служи како потсетување: она што е книгата за тие што го знаат читањето и пишувањето, тоа е иконата за неписмените; и што е зборот за слухот, тоа е иконата за видот; со помош на умот, пак, ние стапуваме во единство со иконата. Затоа Бог и заповедал ковчегот на Заветот да се направи од негнилежно дрво, и да биде позлатен однатре и однадвор, за во него да се положат плочите со Законот, жезалот (Аронов) и златниот сад со мана, за потсетување на она што се случило и за укажување на претстојното. И кој не би рекол дека тоа биле образи и силни предвесници? А сите тие предмети не стоеле некаде на страна во Скинијата, туку пред лицето на целиот народ кој, гледајќи на нив, Му принесувал поклонување и служење на Бога, Кој дејствувал преку предметите. Се разбира, тие не им служеле на предметите заради самите нив, туку преку нив се потсетувале на чудата и му се поклонувале на Причинителот на чудата  на Бога. Тие образи биле поставени заради; не како богови, туку како ствари коишто потсетуваат на божественото дејствување.

18. Бог, исто така, заповедил да се земат дванаесет камења од Јордан; Тој ја кажува и причината за тоа, зашто вели: Кога ќе те праша во подоцнежно време синот твој и ќе рече: „зошто се овие камења кај вас?“ а ти ќе му речеш дека, по заповед Божја,  реката Јордан престана да тече и премина ковчегот на заветот и целиот народ (Исус Навин, 4:6, 8, 11, 21...). Како тогаш ние да не ги претставуваме на иконите спасителните страдања и чудесата на Христа Бога за, кога ќе ме праша синот мој: што е ова? да можам да му одговорам дека Бог Словото стана човек и преку Него не само Израил го премина Јордан, туку и сета природа се врати во древното блаженство. Преку Него природата, од најниските делови на земјата, се издигна над секое начело и седна на самиот престол на Отецот.

 19. Ќе кажете пак: добро, насликај го ликот Христов и задоволи се со тоа; или  ликот на Мајката Негова  Богородица. О, колку е тоа неумесно! Со тоа отворено признаваш дека си непријател на светиите! Зашто, ако го претставуваш само ликот на Христа, но не и на светиите, тогаш е јасно дека ти не го забрануваш сликањето икони, туку почитувањето на светиите. Зашто, ти го претставуваш ликот на Христос, како Оној што е украсен со слава, но претставувањето на светиите, како да се без слава, го отфрлаш и со тоа вистината ја нарекуваш лага. Зашто, жив да Сум Јас  вели Господ  и ќе ги прославам оние, кои Мене ме прославуваат (1 Царства 2:30; Језекиил, 17:16); и божествениот Апостол: Зашто не си веќе роб, туку син; ако си, пак, син, тогаш си и наследник Божји преку Исуса Христа (Галатјаните 4:7), и уште: ако со Него страдаме, со Него и да се прославиме (Римјаните 8:17). Ти не водиш војна против иконите, туку против светиите. Зашто, Јован Богослов, кој ја приклонил главата на градите Христови, вели: ќе бидеме слични на Него (1 Јован 3:2). Како што она што се соединува со огнот станува оган, но не по своја природа, туку поради силата на соединувањето, усвитувањето и учествувањето, така, велам, е и со плотта на воплотениот Син Божји. Зашто таа, преку ипостасното учество во божествената природа, не менувајќи се, се обожила, осветена не преку Божјата енергија, како [што бил осветен] секој од пророците, туку со самото присуство на Оној Кој сè осветува. А дека и светителите се богови, вели [Писмото]: Бог застана во собранието на боговите (Псалм 81:1), и  дека Бог стои среде боговите, распределувајќи [секому] според заслугите, како што вели божествениот Григориј толкувајќи го ова место. Зашто, светите уште во текот на својот живот биле исполнети со Светиот Дух, а и по нивната смрт благодатта на Светиот Дух непресушно пребива и во душите, и во телата што лежат во гробовите, и во нивните ликови, и во нивните свети икони, но не поради нивната природа, туку поради благодатта и божествената енергија.

20. А каков храм, во Своја чест, му ветил Бог на Давид дека ќе создаде преку неговиот син Соломон и ќе подготви во него место за спокој? Соломон [го изградил храмот и] направил Херувими, како што вели книгата Царства (3 Царства 6:23), и ги обложил со злато; и по сите ѕидови на храмот наоколу издлаби ликови на Херувими, палми и расцутени цветови, однатре и однадвор (3 Царства 6:29) (не вели: од страна, туку наоколу), а исто така и волови и лавови и разгранети јаболкници. И зарем не е многу повредно ѕидовите на домот Господов да се украсат со ликови (икони) на светии, отколку на бесловесни животни и дрвја? Каде е Законот што заповеда: не прави за себе слика? Но Соломон, врз кого се излеала мудрост, претставувајќи го небото, направил Херувими и подобија на лавови и на волови. Законот, пак, го забранува тоа. А ако ние, претставувајќи го Христа, ги претставуваме, исто така, и ликовите на светиите, зарем не е тоа, во секој случај, многу попобожно, зашто и тие се исполнети со Светиот Дух? Зашто, како што тогаш и народот и храмот се очистувале со крвта и со пепел од јунци, така и сега  со крвта на Христос, Кој го прифатил мачењето во времето на Пилат Понтиски, станувајќи така прв меѓу мачениците, и со крвта на светиите, врз кои е соѕидана Црквата. И тогаш храмот Божји се украсувал како со фигури, така и со ликови на бесловесни животни, а сега, пак, со ликови на светии коишто станаа словесни и духовни храмови  Божји живеалишта.

21. И така, го претставуваме (со бои) Христос  Царот Господ, не лишувајќи ја од таа чест Неговата војска. Зашто, војската Господова се  светиите. Нека се лиши земниот цар од својата војска, и нека дури тогаш од неа го лиши својот Цар и Господ. Нека прво ја соблече од себе царската наметка, па дури тогаш нека го направи тоа со оние коишто заслужено ја добиле [во борбата] со тиранинот; нека се обиде од оние, коишто ги скротиле своите страсти, да го одземе заслуженото почитување. Зашто, ако тие се наследници Божји и сонаследници Христови (Римјаните 8:17), тогаш, секако, се и учесници во божествената слава и во царството. Како пријателите Христови, коишто учествувале во Неговите страдања, да не се наречат и соучесници на Неговата слава на земјата? Не ве наречувам веќе слуги, вели Бог, вие сте Ми пријатели (Јован 15: 14, 15). И така, ако нив им е дадена честа од страна на Црквата, ние ли ќе им ја одземаме? О, каква дрска рака! О, каков неразумно смел ум, кој се спори со Бога и се противи на Неговите заповеди! Ако не ì се поклонуваш на иконата, не му се поклонувај ниту на Синот Божји, Кој е жива икона на невидливиот Бог и непроменлив образ (Колосјаните 1:15; Евреите 1:3). Се поклонувам на иконата на Христос, како на воплотен Бог; на иконата на Владичица на сите  Богородица, како на Мајката на Синот Божји; на иконите на светиите, како на пријатели Божји, коишто до крв му се спротивставувале на гревот и ја пролевале  подражавајќи Го  за Христа, Кој пред тоа ја пролеал Својата крв за нив; и ги ставам [пред себе] сликите на подвизите и на страдањата на светиите, коишто во животот чекореле по Неговите стапки, зашто преку нив и јас се осветувам и се распламтувам со ревност за нивно подражавање. Зашто, божествениот Василиј вели: „Честа што ì се укажува на иконата, се пренесува на првообразот“. Ако издигаш храм во чест на Божјите светии, тогаш издигај ги, исто така, и нивните трофеи. Некогаш не граделе храм во чест на името на некој од луѓето, не ја прославувале смртта на праведниците туку ја оплакувале. Оној што би се допрел до мртовец, па дури и до [починатиот] Мојсеј, бил сметан за нечист (Броеви 19:11). Денес се празнува споменот на светиите. Трупот на Јаков го оплакувале (Битие 50:1-3), а смртта на Стефан се празнува сенародно. Затоа, или отфрли го сенародното празнување во спомен на светиите, [како нешто] што се извршува спротивно на стариот Закон, или прифати ги иконите коишто постојат, како што ти велиш, спротивно на Законот. Но, невозможно е да не се празнува споменот на светиите. Зашто, тоа ни го заповеда соборот на светите Апостоли и на богоносните отци. Од оној миг, кога Бог Словото станал тело, уподобувајќи ни се по сè, освен по гревот, откако неслеано се соединил со нашата природа и, не менувајќи се, ја обожил плотта преку взаемно неслеано соединување на Неговото Божество и на Неговата плот, ние вистински станавме осветени. И откако Синот Божји и Бог, нестрадален по божествена природа, пострадал примајќи [ја плотта] и го исплатил нашиот долг, пролевајќи го за нас скапоцениот откуп, достоен како за внимание, така и за восхит, ние вистински станавме слободни, зашто крвта на Синот е доволна за измолување пред Отецот, и е достојна за стравопочит. И од она време кога, симнувајќи се во адот, на окованите души, како на вековни заробеници, им благовестил ослободување, како на слепи да им благовестува прогледување, и, врзувајќи го силниот (Исаија 61:2; Матеј 12:29), соодветно на превасходството на Својата сила, воскреснал дарувајќи му непропадливост на телото што го примил од нас, ние навистина станавме непропадливи. И од она време кога се родивме со вода и со Дух, навистина се восиновивме и станавме Божји наследници. Затоа Павле и ги нарекува верните свети (1 Коринтјаните 1:2). Затоа ние веќе не ја оплакуваме смртта на светиите, туку ја прославуваме. Затоа веќе не сме под Законот, туку под благодатта, оправдани преку верата, и знаеме само за еден вистински Бог. Праведникот не е под Законот. Ние не сме потчинети на стихиите на Законот, поробени, како деца, туку, откако стигнавме до состојба на совршен маж (Ефесјаните 4:13), се храниме со тврда храна, којашто не води во идолопоклонство. Законот е добар, како светило што свети на темно место, но само дотогаш додека не осамне ден. А сега веќе Деницата засвети во срцата наши (2 Петар 1:19), живата вода на богопознанието прекри море народ, и сите ние го познавме Господа. Старото помина; ете сè стана ново (2 Коринтјаните 5:17). Затоа и му вели божествениот Апостол Павле на Петра, највозвишената глава на Апостолите: кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да живеат јудејски? (Галтјаните 2:14). И на Галатјаните им пишува: А му сведочам, пак, на секој човек, кој што се обрезува, дека тој е должен да го извршува целиот Закон (Галтјаните 5:3).

22. Се разбира, некогаш, кога не Го познавале Бога, им служеле на богови кои по своја природа не се богови (Галатјаните 4:8). А сега, откако го познавме Бога, или, подобро кажано, откако Бог нè позна, како тоа пак да се враќаме кон слабите и лоши стихии (Галатјаните 4:9)? Човечкиот лик Божји го видов, и душата моја се спаси (Битие 32:30). Го гледам ликот Божји, како што го гледал Јаков, но на друг и поинаков начин. Зашто, тој со нематеријалните очи на умот го видел нематеријалниот образ, што ја навестувал иднината, а јас, пак, она што ги распламтува спомените за Оној Кој се јавил во плот. Сенка од Апостолите, шамија и облека исцелувале од болести, изгонувале демони. Како тогаш да не се прославуваат сенките и иконите на светиите? Затоа, или забрани го поклонувањето на сета твар, или не воведувај нови работи и не преместувај стари меѓи, кои твоите татковци ги поставиле (Изреки, 22:28).

23. Тие не ги пренеле црковните прописи само преку книгите, туку и преку непишани преданија. Навистина, божествениот Василиј во дваесет и седмата глава, од триесетте, напишани на Амфилохиј за Светиот Дух, буквално вели: Некои од догмите и од учењата зачувани во Црквата ги имаме во запишани преданија, другите, пак, ги примивме тајно, пренесени од апостолското предание. Но, и едните и другите ја имаат истата сила во однос на побожноста. Ова не може да го порекне никој, па дури ни оној со скудни знаења за црковните одредби; зашто, ако се осмелиме да се откажеме од непишаните обичаи, како да се безначајни, би можеле, без да забележиме, да му нанесеме штета на Евангелието на најчувствителното место. Тоа се зборовите на големиот Василиј. Зашто, од каде знаеме за светото место на черепи? За гробот на животот? Не ли на тој начин како што децата примиле од отецот, ненапишано? Зашто, тоа дека Господ бил распнат на крстот на местото на черепи и погребан во гроб што го беше издлабил Јосиф во карпа (Матеј 27:60), е напишано, а дека местата на кои денес им се поклонуваме се токму тие, знаеме од непишано предание  и многу други слични работи. Од каде [ни е познато] трикратното потопување? Од каде  молитвата [со лицето свртено] кон исток? Од каде  пренесеното учење за таинствата? Затоа божествениот Апостол Павле вели: И така, браќа, стојте и држете ги преданијата, што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание (2 Солунјаните 2:15). Бидејќи толку многу такви големи работи ì се предадени незапишани на Црквата, и коишто се зачувани до денешен ден, зошто клеветиш против иконите?

24. Местата од Светото Писмо, коишто ти ги наведуваш, не учат дека треба да ни биде одвратно поклонувањето на оние икони што ние ги имаме, туку поклонувањето на оние ликови коишто ги обоготворуваат Елините. Затоа не треба, поради грдиот обичај на Елините, да се укинува и нашиот, кој е побожен. Гатачите и бајачите заколнуваат, и Црквата ги заколнува огласените. Но, првите ги повикуваат кон себе демоните, а Црквата  Бога против демоните. Елините им посветуваат статуи на демони и ги нарекуваат богови, ние, пак, иконите ги посветуваме на вистинскиот Бог, Кој се воплотил, и на слугите и пријателите Божји, коишто изгонуваат легиони демони.

25. Ако, пак, ти велиш дека божествениот и достоен за почит Епифаниј отворено ги забранил [иконите], знај дека, како прво, таа книга можеби е лажно потпишана со негово име, и подметната: како дело на еден, таа го носи името на друг, нешто што многумина научиле да го прават. Како второ, знаеме дека блажениот Атанасиј, забранувајќи останките од светиите да се положуваат во гробови, односно: заповедајќи да се сокриваат под земја, сакал да го отфрли грдиот обичај на Египтјаните, коишто своите мртовци не ги сокривале под земја, туку ги положувале на одри и на кревети. Можеби и големиот Епифаниј (секако, ако се согласиме дека тој ја напишал таа книга), наложил да не се прават икони, сакајќи да исправи нешто слично на претходното. А дека негова намера не била да го потценува односот спрема нив [т.е., иконите], сведочи Црквата на истиот тој божествен Епифаниј, која, до наши дни останала украсена наоколу со слики. Како трето, тоа што ретко се случува, не претставува закон за Црквата, зашто една ластовичка не ја прави пролетта, како што му се чини и на Григориј Богослов, и како што е во стварноста. И едно мислење не е во состојба да го побие преданието на сета Црква, којашто се протега од едниот крај на земјата до другиот.

26. И така [во таа смисла] прифати ги многубројните места во Писмото и кај oтците, затоа што, макар во Писмото и да се зборува дека идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на човечки раце (Псалм 113:12), тоа, сепак, не го забранува поклонувањето на делата  без душа  на човечките раце, туку на ликовите на демоните.

27. Дека пророците навистина им се поклонувале на Ангелите и на луѓето, и на царевите, дури и на оние безочните, па и на жезлото, веќе е кажано. И Давид вели: поклонувајте Му се во подножјето на нозете Негови (Псалм 98:5). Исаија, пак, во Божјо име вели: небото е Мој престол, а земјата  подножје на нозете Мои (Исаија 66:1). И сметам дека секому му е јасно дека небото и земјата се  творби. И Мојсеј, а исто така и Арон, со сиот народ му се поклонувале на ракотвореното. А Павле, златниот штурец на Црквата, во посланието до Евреите вели: Но Христос, кога стана Првосвештеник на идните блага, со поголема и со посовршена скинија, неракотворна, односно не онаква, каква што се прави на земјата (Евреите 9:11). И пак: Зашто Христос влезе не во ракотворно светилиште, кое е само образ на вистинското, туку во самото небо (Евреите 9:24). И, на тој начин, она што порано било свето: како скинијата, така и сето она што се наоѓало во неа, било ракотворено. И дека на сето тоа му се поклонувале, никој не може да противречи.

 

 

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1127
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1067
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…